Субвенциониран оброк и покачени стипендии за студентите, незадоволен академски кадар на факултетите – високото образование во 2021

Студентски дом Гоце Делчев
Студентите го чекаат својот ред за вселување, Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк (септември 2021)

Во годината што измина, и која повторно ја одбележа ковид-кризата, беа донесени неколку нови мерки за финансиска поддршка и помош на студентите. Исплатата на средствата наиде на неколку проблеми, исто како и дигитализацијата на процесот на аплицирање.

Студентите во 2021 година добија покачени стипендии и субвенции за здрави оброци, а побараа неколку нови мерки и поддршка од низа институции. Академскиот кадар, пак, и понатаму се соочува со несоодветни услови и преоптовареност со работа поради недоволниот кадар.

„Мета.мк“ потсетува на најзначајните теми и настани што ја одбележаа изминатата 2021 година за студентите.

На почетокот на годината, покрај случувањата со групата „Јавна соба“ на Телеграм, се отвори темата за сексуално вознемирување на универзитетите. Студентската правобранителка на УКИМ, Теа Мицевска, за „Мета.мк“ кажа дека помеѓу студентите постои вознемиреност за ова прашање, но дека се нема доволно храброст и докази да се пријави за да може да се постапува.

Во меѓувреме, првиот универзитет во земјава, УКИМ, падна за 27 места на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот која секоја година ја издава Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). И годинава УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата, со вкупно 65,9 бодови од можни 100, со што се најде на 1.944 место.

Ковид – условите ја ставија на тест подготвеноста на образовниот систем и сите вклучени актери во него за вонредни и непредвидливи ситуации. Наставата и проверката на знаењата преку колоквиуми и испити во новите околности на студирање ги изнесоа на виделина и проблемите со кои студентите и нивните наставници се соочуваа и пред појавата на ковид-19. Секој универзитет различно одговори на кризата, но генералниот впечаток на крајот од академската 2020/2021 година беше дека факултетите успешно ги премостија незавидните околности во кои се најде високото образование.

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Враќање на правото на студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина од школарината

Студентите од самохрани и еднородителски семејства реагираа дека се изоставени од сегментот на специјални околности при упис на некои факултети на дел од универзитетите, со што им е одземена можноста да плаќаат пониска партиципација. Ова го утврдиле од организацијата „Младите на Една Може“, а по нивните реакции, како и објавата на „Мета.мк“, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) соопштија дека студентите од оваа категорија повторно ќе ги имаат поволностите на намалување на партиципацијата.

Но, УКИМ засега е единствениот државен универзитет кој го врати правото на студентите од оваа категорија. Претходно, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола за „Мета.мк“ рекоа дека не можат да најдат правна основа за намалување на школарината на студентите со еден родител. Најава за промени немаше ниту од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Студентски оброк послужен со грешки и опомени пред тужба

Највпечатлива државна мерка која ги опфати студентите годинава несомнено беше Субвенционираниот студентски оброк, со што студентите месечно добиваат околу 2.400 денари, пари наменети за здрави оброци. Измените на овој закон беа донесени по скратена постапка во јули и според нив правото за субвенциониран студентски оброк студентите ќе можат да го остварат во периодот од 15 септември до 30 јуни во годината во која се стекнале со ова право, а нема да можат да го користат за време на државни, верски празници и неработни денови.

Наместо законот да се реализира во неговата оригинална форма, односно секој студент да добива 120 денари дневно за оброк, како што беше првично претставен, во тековната академска 2021/22 година вкупната месечна сума се исплаќа на почетокот на секој месец, без ограничување во начинот на трошење. Овие измени ќе важат само оваа академска година, по што законот ќе продолжи да се применува во неговата изворна форма, односно веќе од наредната година, студентите ќе добиваат по 120 денари дневно и ќе можат да ги користат исклучиво за здрави оброци.

Постапката за аплицирање за популарниот субвенциониран студентски оброк беше дигитализирана, но дигитализацијата на улусгите за студентите се покажа само делумно успешна, со повремени проблеми и системски грешки.

Студентскиот оброк на студентите им беше сервиран со грешки, па така, вториот месец од воведувањето на мерката, стотици студенти без оправдани причини добија известување дека оброкот им се укинува. МОН ја призна грешката, а како причина за непријатностите го посочи аплицирањето на повеќе студенти од една корисничка сметка.

Други студенти пак, добија и опомени пред тужба од МОН, затоа што на нивните сметки Министерството по грешка уплатило средства за оброк, и покрај тоа што мерката не им следувала.

Студентите што ги примија опомените реагираа на начинот на кој МОН, без да им најави и да ги извести за својата грешка, веднаш им се заканува со тужба. Дел од засегнатите студенти рекоа дека случајот го пријавиле и во Државниот просветен инспекторат.

Илустрација: Мета.мк

Покачени стипендии, но не за сите студенти

Од годинава студените добиваат и повисоки стипендии. Социјалните стипендии се зголемија речиси двојно и сега, заедно со оние од втора и трета група изнесуваат 6.050 денари месечно. Студентите на природните науки – хемија, физика и математика, пак, од октомври добиваат стипендии во висина од 18.000 денари, поради тоа што МОН смета дека овие кадри се дефицитарни.

По десет години, повторно се стипендираат и студентите кои се запишани на магистерски и докторски студии на факултетите во земјава.

Но, со објавата на конкурсот стана јасно дека покачените стипендиите нема да важат за сите студенти, односно зголемени стипендии ќе добиваат само оние студенти кои ќе аплицираат првпат. Студентите кои правото на стипендија го оствариле во претходните години, продолжија да ги земаат старите, пониски суми.

Своето незадоволство студентите го искажаа преку онлајн петицијата „Покачени стипендии за сите студенти – сите заслужуваме еднаков третман“ која собра над 8.000 потписи. Во петицијата потпишаните лица обвинија за дискриминација и вршење поделба на студентите од страна на МОН и побараа да се изнајде соодветно решение со кое ниту еден студент нема да биде оштетен.

Министерството никогаш не одговори на барањата упатени преку петицијата, но за „Мета.мк“ потврдија дека корисниците на стипендии ќе продолжат да ги земаат сумите согласно договорите кои ги имаат потпишано.

Годинава пишувавме и за онлајн петицијата на дипломираните семејнолози кои побараа да бидат вметнати во Законот за социјална заштита, затоа што при вработување не се наведени како категорија во описот на работните места на државните институции, како што е случај со нивните колеги – психолози, педагози и дефектолози.

Зимскиот семестар во тековната 2021/22 академска година започна со комбиниран модел од онлајн и настава со физичко присуство, а од септември и студентските домови повторно работат со полни капацитети, откако претходната година бројот на вселени студенти беше преполовен.

Приближување на работата на студентските собранија до студентите

Кога станува збор за формалните студентски претставници, и покрај тоа што универзитетските и факултетските студентски собранија постојат веќе две години, поголемиот дел од студентите не знаат кои им се студентски лидери и не запознаени со работата на собранијата, покажа анкетата што „Мета.мк“ ја спроведе во соработка со „Студентарија“ на Инстаграм.

На прашањето како би ја оцениле работата на ФСС и УСС на матичниот факултет, односно универзитет, најголем дел од студентите рекле дека немаат одговор, додека резултатот од оние што ја оцениле работата на собранијата покажува средна оцена 2,7 за работата на Факултетските студентски собранија, додека оцената на работата на собранијата на ниво на универзитет е уште пониска – 2,5.

Мнозинството студенти (речиси 70 отсто) досега не гласале на студентски избори, а ситуацијата не беше различна ниту минатата 2021 година, па на изборите што во ноември се одржаа на Економскиот факултет на УКИМ, гласале само 42 од вкупно 2.486 студенти, што претставува помалку од 2 отсто од вкупниот број студенти на Економски.

Слични резултати претходно покажа и истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ), според кое речиси половина од студентите не се задоволни со работата на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и сметаат дека нивните студентски претставници не работат квалитетно и транспарентно.

Студентските лидери истакнаа дека е потребно приближување и промоција на работата и активностите на овие тела до самите студенти.

Универзитетските собранија се зафатија за работа, барем оние на УКИМ. УСС УКИМ на крајот на 2021 година објави повик за ангажирање студенти што ќе бидат дел од новиот Студентски сервис кој ќе има за цел да ги разрешува дилемите и да одговара на прашањата кои студентите ги имаат во текот на студирањето. За својата работа студентите ќе добиваат месечен надомест од околу 3.000 денари.

Претседателката на УСС УКИМ, Ева Цветковска, за „Мета.мк“ најави дека во новата година ќе биде пуштена и новата веб страница на ова студентско тело.

Незадоволен академски кадар

Независниот академски синдикат (НАкС) годинава ги објави резултатите од своите истражувања во рамки на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“. Истражувањата покажаа дека студентите сметаат оти значително треба да се унапреди застапеноста на практичната настава во студиските и наставните програми.

Според другото истражување, незадоволство постои и помеѓу академскиот кадар, а тоа во главно се должи на несоодветните услови за работа, недостатокот од вработување на нов млад наставен и научен кадар и згаснувањето на работното место со заминување на еден професор во пензија. НАкС реагираше и дека МОН подолго време издвојува големи буџети за стипендирање студенти во странство, а притоа воопшто не се стипендира домашното образование. Апелираа да се воведат стипендии за втор и трет циклус на студии за талентираните студенти во сите области.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) го започна процесот на меѓународна акредитација на своите студиски програми.

ФЕИТ
ФЕИТ, УКИМ / фото: Мета.мк

Новогодишни барања од институциите

Студентите сè уште го чекаат враќањето на бесплатните студентски билети за воз, кои беа укинати во 2020 година. Претседателката на УСС УКИМ, Ева Цветковска, изјави дека студентите се наоѓаат во незавидна финансиска состојба, па затоа тие предлагаат со повторното воведување на бесплатните билети со воз, четирите бесплатни четвртоци во текот на еден месец да се распределат во 2 дополнителни викенди кои до сега не биле бесплатни, односно студентите да добијат право на бесплатен превоз со воз секој викенд во месецот. За студентските лидери е неразумно и апсурдно да се отворени дискотеките во земјава, додека студентите да не можат да го остварат правото на бесплатен превоз со воз, под изговор на корона вирусот.

Повеќе институции, почнувајќи од Владата, Град Скопје, Државниот студентски дом „Скопје“, како и Министерствата за образование и наука, транспорт и врски, и здравство, еден ден пред завршувањето на 2021 година на свотие адреси добија низа барања од страна на УСС УКИМ.

Студентите, меѓу другото, бараат Град Скопје да овозможи продолжување на работното место на библиотеката „Браќа Миладиновци“ за да можат студентите да учат за време на испитната сесија во јануари.

Од Влада и МОН побараа и нов модел на финансирање на високото образование, затоа што постојниот „се покажува како нефункционален и неодржлив, а неговата неефикасност најмногу се одразува на квалитетот на образованието и стандардот на студентите“.

Со цел зачувување на менталното здравје на студентите, бараат вработување на психолози во студентските домови, нешто што ќе треба да помине „одобрувања“ од Владата, МОН и Државниот студентски дом.

УСС УКИМ побара и покачените стипендии од следната академска година да важат за сите студенти, како и соработка од Министерството за здравство во однос на одржување на наставата со физичко присуство.