Истражување на МОФ: Половина од студентите на УКИМ не се задоволни од своите претставници

Фото: Арбнора Мемети

Младински образовен форум (МОФ) спроведе истражување за работата на Универзитетското и факултетските студентски собранија, насловено „Една година студентски претставници – Анализа на работата на студентските собранија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), кое покажуа дека 2/3 од испитаните студенти на УКИМ не знаат кој е претседател на Универзитетското студентско собрание, а само половина знаат кој е претседател на нивното матично Факултетско студентско собрание.

Резултатите од истражувањето беа презентирани на онлајн настан што се одржа вчера.

Анкетата на студентите е за периодот ноември 2019-ноември 2020, односно првата година по официјалното составување на првото универзитетско и факултетските собранија на УКИМ по воспоставувањето на новиот модел на организирање, согласно новиот Закон за високото образование.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека студентите се информирани и запознаени со работата на нивните факултетски и универзитетски студентски собранија, но речиси половина од нив не се задоволни со работата на универзитетското студентско собрание и сметаат дека нивните студентски претставници не работат квалитетно и транспарентно.

„Постои значително поместување во транспарентноста и квалитетот на работа меѓу старото претставничко тело и новите студентски и универзитетски студентски собранија, но потребна е дополнителна работа. Јас лично не сум целосно задоволен од работата на собранијата и мислам дека нашата работа можеше да биде подобрена особено во поглед на транспарентноста, внатрешната организација и координација меѓу телата и начинот на кој беа искористени финансиите на овие тела“, вели Борјан Ефтимов, поранешен Претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.