Студентите од самохрани и еднородителски семејства изоставени како категорија при упис на дел од факултетите

Фото: Бјанка Станковиќ

Студентите од самохрани и еднородителски семејства се изоставени од сегментот на специјални околности при упис на некои факултети на дел од македонските универзитети, со што им е одземена можноста да плаќаат пониска партиципација.  Ова го утврдиле од „Младите на Една може“ (One Can – Youth), за што реагираа на социјалните мрежи.

Од таму забележуваат дека при упис на универзитетите во претстојната академска година, на дел од факултетите во делот наменет за специјални околности недостасува називот „Кандидат чие родителско право го врши само еден родител“.

Со ова, студентите се изоставени според „Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“.

Со овој правилник, меѓу другото, се пропишуваат посебните критериуми за остварување на правото на плаќање на половина од износот на уписнината во рамки на државните квоти, односно во рамките на квотите со кофинансирање на студиите.

За ова прашање од „Младите на Една може“ се обратиле и до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и до тамошниот студентски правобранител, од каде, како што информираат, сѐ уште не добиле одговор.

Тие сега бараат од универзитетите внимателно да ги разгледаат пријавите за упис и да споделат информации со цел студентите од самохрани и еднородителски семејства да ги остварат своите права.

„Со оглед на ранливоста на нивната финансиска состојба, се замолуваат надлежните институции внимателно и прецизно да им укажат на сите поволности што им ги нуди нашата држава“, реагираат од „Младите на Една може“.