Студентските правобранители апелираат студентите да се охрабрат и да го пријават сексуалното вознемирување на универзитетите

Фото: Арбнора Мемети

Во март минатата година, со изречени пресуди заврши корупциската афера „Еразмус“ од Економскиот факултет, каде тројца професори и еден демонстратор беа обвинети за примање мито или барање сексуални услуги од студентки за да добијат преодни оцени. Професорите Ристевски, Јанев и Шуклев добија затворски казни до две и пол години, а демонстраторот Денковски заработи условна казна од две години.

Речиси една година по завршницата на „Еразмус“, случувањата со групата на Телеграм, „Јавна соба“, уште еднаш ги отворија горливите прашања за сексуално вознемирување на жени и девојки. По актуелизирањето на случајот, Универзитетското студентско собрание на УКИМ реагираше дека универзитетите мора да бидат безбедна зона за сите студенти и дека не смее да има простор за сексуално вознемирување.

„Јавна тајна се случаите кога одредени професори се однесуваат предаторски кон своите студентки, злоупотребувајќи ја својата позиција на авторитет. Овие професори не само што треба да бидат етички осудени, туку против нив треба да бидат покренати дисциплински постапки и истите да го загубат своето место во академската заедница“, стои во известувањето на Универзитетското собрание од 1-ви февруари.

Вознемирување има, но нема докази и храброст да се пријави

Дека постои вознемиреност помеѓу студентите се согласува и студентската правобранителка на УКИМ, Теа Мицевска. Но, таа додава дека засега тоа се само гласини, бидејќи до неа не пристигнало ниту едно барање поткрепено со докази врз основа на кои може да се постапува.

„Во моментов не се пристигнати директни пријави врз основа на кои официјално може да се постапува. Генерално пристигнуваат пријави од другар или другарка на односниот студент кој смета дека е вознемируван. Тоа е до одредена мера разбирливо со оглед на фактот дека се работи за многу чувствително прашање и разбираме зошто би претставувало проблем да се пријави такво однесување, доколку постои“, вели Мицевска.

Студентската правобранителка објаснува и дека студентите сè уште не се охрабрени да пријавуваат, делумно поради тоа што органот студентски правобранител допрва се актуелизира на УКИМ, но и поради тоа што се работи за чувствително прашање.

Tea Micevska
Теа Мицевска, студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ / фото: лична архива

Тајноста и доверливоста на податоците од студентите е загарантирана

Сепак, Мицевска смета дека овој проблем мора да се надмине и ги охрабрува студентите да ги пријавуваат вознемирувањата. Вели дека студентите и нивните идентитети ќе бидат заштитени за време на целата постапка, зашто доверливоста е едно од основните начела кои студентските правобранители се дожни да ги почитуваат.

„Нема да бидат објавени било какви информации кои се поврзани со комуникацијата меѓу студентот кој пријавува и студентскиот правобранител. Тајноста и доверливоста на податоците е загарантирана“, тврди Мицевска.

Како можат студентите да пријават вознемирување?

Мицевска го објаснува процесот на пријавување и покренување на постапка доколку некој од студентите се соочи со вознемирување или друг проблем.

„Постапката започнува со поднесување писмено барање до мене како студентски правобранител. Секако, студентот може да ме исконтактира и да договориме средба доколку така се чувствува поудобно да го објасни проблемот со кој се соочува. Таа средба се одржува во канцеларијата на студентскиот правобранител кој се наоѓа кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Центар“, објаснува Мицевска.

Доколку студентите пријават вознемирување или некој друг проблем, за да се постапува потребно е барањето да биде поткрепено со докази, како би можело конкретно да се утврди повредата на правото на студентот.

Во писменото барање треба да биде објаснета ситуацијата, вели Мицевска, односно да бидат наведени сите релевантни факти и околности врз основа на кои може да се заклучи дека постои прекршување на правото на студентите. Доколку се утврди дека постои повреда, постапката се состои од неколку чекори. Прво, се составува одлука со која се констатира дека е направена повреда и се поведува постапка. Потоа, студентскиот правобранител составува извештај во кој наведува за каква повреда на правата на студентот станува збор и врз основа на кои факти и докази е констатирана повредата. Последниот чекор е составување на препорака која се упатува до Деканатот на односниот факултет.

„Притоа, иманентно е да се истакне дека и во таа препорака нема да бидат наведени личните податоци поврзани со студентот кој го поднел барањето. Согласно правилата, факултетот има обврска да соработува со студентскиот правобранител во врска со проблемите за кои е воспоставен контакт. Целта е да се дојде до заедничко решение и во ниеден случај постапувањето не треба да се разбере како создавање антагонизам, напротив“, објаснува студентската правобранителка на УКИМ.

Студентските правобранители имаат должност веднаш да реагираат по пријавите

Пријави за сексуално вознемирување нема ниту на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Студентскиот правобранител на УКЛО, Бојан Петровски, вели дека доколку има некакви сознанија за таков случај, должност на студентскиот правобранител е веднаш да реагира.

„Сексуалното вознемирување е многу низок, многу мизерен потег и веројатно барањето на сексуални услуги е најодвратниот тип на корупција, онаму каде што истото постои. Немам сознанија дека постои сексуално вознемирување на УКЛО, а кога би имал, веднаш би реагирал со сите средства кои ми стојат на располагање. Јас лично, врз основа на моите ставови, но и професионално, како студентски правобранител, бескомпромисно треба да се борам против оваа девијација и во неколку наврати, на неколку јавни дискусии за корупцијата во високото образование, сум ги охрабрувал студентите веднаш да реагираат доколку се соочат со такво нешто, без никаков срам или страв дека ќе бидат повредени или нападнати, или дека ќе им се наштети на било кој начин“, вели Петровски.

Бојан Петровски, студентски правобранител на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ / фото: лична архива

Студентските правобранители апелираат секој што се соочува со сексуално вознемирување во високото образование да не молчи и веднаш да го пријави, затоа што сите заедно треба да се борат против ова зло.

Студентите на УКИМ кои се соочуваат со сексуално вознемирување или друга повреда на нивните права, тоа можат да го пријават на електронската адреса на студентската правобранителка Теа Мицевска: [email protected]

Студентите на УКЛО, случаите можат да ги пријавуваат кај студентскиот правобранител Бојан Петровски преку е-адресата [email protected] или телефонскиот број  075 267 837