Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година

Признанието се доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија

фото: Кинотека на Северна Македонија

Столе Стојан Попов е овогодишниот добитник на наградата „Златен објектив“ која се доделува секоја година на 29 април по повод роденденот на Кинотека на Северна Македонија.

Признанието „Златен објектив“ се доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Столе Попов е режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност.

Низ неговата кариера снима бројни рекламни филмови, но и долгометражни филмови како „СРЕЌНА НОВА ‘49“ (1986), „ТЕТОВИРАЊЕ“ (1991), „ЏИПСКИ МЕЏИК“ (1997) и „ДО БАЛЧАК“ (2014).

Речиси сите негови филмови се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив како „ТЕТОВИРАЊЕ“ и „СРЕЌНА НОВА ’49“ се здобиваат и со култен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика.

Свеченото доделување на „Златниот објектив“ ќе се одржи кон крајот на мај, во просториите на Кинотека.