Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Се проценува дека имало од 300 до 500 демонстранти во кампот, додека уште околу 2.000 се собрале надвор од барикадите во знак на поддршка за студентите

Кампот со шатори на Универзитетот Колумбија во Њујорк, 23 април 2024 г. | фото: ProudFarmerScholar, CC0, via Wikimedia Commons

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан.

Се проценува дека имало од 300 до 500 демонстранти во кампот, додека уште околу 2.000 се собрале надвор од барикадите во знак на поддршка за студентите.

Полиција стоела на периферијата на шаторите со часови пред конечно да почне насилно да влегува на местото на протестот за да ги уапси оние кои одбиле да го напуштат кампот.

Протестот е од скоро задушен, а повеќе од 100 луѓе се уапсени.

Според новинските агенции, демонстрантите имале импровизирани штитови и чадори додека се обидувале да го блокираат движењето на полицајците.

„Њујорк тајмс“ објавува дека полицијата ги пробивала барикадите на едната страна од кампот пред Ројс Хол во УКЛА.

Некои од демонстрантите носеле капи, очила и маски во пресрет на опсадата еден ден откако универзитетот го прогласи протестот за незаконски.

Помала група демонстранти која веела израелски знамиња ја повикала полицијата да го задуши протестот.

Пред да пристапат, полицијата побарала од демонстрантите во повеќе наврати да се оддалечат од зоната на протестот.

Вакви протести се случуваат и на други Универзитети низ САД поради израелската воена операција во Газа. Најмалку 17 студенти вчера биле уапсени на Универзитетот во Тексас, а стотици демонстранти биле уапсени на универзитетот Колумбија во Њујорк.

Големи полициски сили во кампусот на УКЛА по судирот меѓу пропалестинските и произраелските демонстранти