недела, 11 октомври, 2026
Meta.mk

ДЗР: Слабости во управувањето, ИТ-безбедноста и заштитата на податоците во „Мој Термин“

Националниот здравствен информатички систем има важна улога во дигитализацијата на здравствените услуги, но неговото функционирање е проследено со кадровски, управувачки и безбедносни ризици, укажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.

За одржување на системот и поврзаните информациски системи во ЈЗУ се склучени договори во вредност од 333,3 милиони денари односно 5.418.887 евра. Истовремено, Управата за електронско здравство има само 29 отсто пополнетост на предвидените работни места, а со ревизијата се утврдени и слабости во ИТ-безбедноста, заштитата на личните и медицинските податоци и обезбедувањето континуитет и стабилност на системот.

Во делот на институционалното управување, со ревизијата е утврдено дека Управата за електронско здравство, иако е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“. Исто така, поимот „Мој Термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот.

Ова значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој Термин“.

Ревизорите утврдиле и дека овластените лица за регистрите немаат потпишано Изјави за заштита на лични податоци, а работат со сензитивни лични податоци. Утврдено е дека не се донесени ажурни политики и процедури за пристап до медицинските и личните податоци, а при тоа не се ажурирани и изјавите за доверливост и не се назначени офицери за заштита на лични податоци. Овие состојби создаваат висок ризик од неовластен пристап и злоупотреба, што е потврдено и од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци.

„Отсуството на јасно дефинирани надлежности и уреденото управување со здравствените регистри, неусогласеноста на техничките решенија и слабите контроли за пристап и заштита на податоците може да доведат до намалена сигурност и доверливост на податоците во регистрите, зголемен ризик од неовластен пристап и злоупотреба на чувствителни лични и медицински податоци, неефикасно користење на податоците поради рачна обработка и ограничени функционалности на системите, отежнато донесување навремени одлуки во здравствениот систем, како и намалена транспарентност и отчетност на институциите надлежни за здравствените евиденции“, констатира ревизијата.

Дополнително, во период од 2021 до 2026 година, од вкупно 1.945 дена, системот Мој Термин 737 дена бил без договор за превентивно и адаптивно одржување, односно 37,9 отсто од периодот.

Преку посета на лице место, било утврдено и отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи.  Според ревизорите, ваквите постапки овозможуваат ризик лица без закажани термини за преглед, користејќи ги приоритетните упати без термин и итните упати, да бидат услужени пред пациентите кои имаат уредно закажани термини и за кои чекаат подолг временски период.

Извештајот на ДЗР покажува дека постојниот капацитет на Мој Tермин и Мое Здравје не можат во целост да го поддржат растечкиот обем на услуги и бројот на корисници. При зголемено оптоварување, особено во периоди на масовен внес на рецепти за хронична терапија на почеток на месецот, доаѓа до забавување на системот и технички испади.

„Ваквите состојби со децентрализирана и неунифицирана ИТ инфраструктура, базирана на застарени мрежни решенија, недоволна редундантност и нееднаква обезбеденост на интернет и решенија за правење на резервна копија, влијае на стабилност во функционирањето на системот „Мој Термин“, и можните прекини во пристапот и достапност на здравствените услуги. Воедно уреденост и начинот на примена на упатите ја ограничува можноста системот „Мој Термин“ целосно да ја оправда својата цел како алатка за еднакво, транспарентно и ефикасно управување со пристапот до здравствените услуги“, пишува во ревизијата.

За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки со цел надлежните институции да преземат мерки и активности за унапредување на управувањето со системот, обезбедување на континуирано одржување, зајакнување на ИТбезбедноста и заштитата на личните податоци, како и воспоставување на интегрирани и ефикасни контролни механизми, со цел подобрување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на здравствените услуги.

Жените се во политиката, но не на раководни позиции

Жените се мнозинство меѓу вработените во јавниот сектор, но не и на позициите на кои се носат одлуките. Иако со 39,2 отсто учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15 отсто, а од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.

Ревизијата покажува дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт a податоците укажуваат на мала вклученост на жените на позиции (министер, заменик министер и државен секретар) во Владите во период од 10 години.

Учеството на жените во Владата како министерки е во интервал од 14 до 31 отсто, заменик министерки од 7 до 25 отсто а државни секретари од 6 до 31 отсто. При тоа, има Влади во кои ниту една жена не е именувана за заменик министерка
или државен секретар.

Во сегашниот состав на Владата, од вкупно 20 министри со ресор само 3 се жени, што претставува 15 отсто.

ДЗР нагласува дека државата има Стратегија за родова еднаквост 2022–2027, во која е утврдена целта за еднакво учество на жените во носењето одлуки, а во документот е наведена специфичната цел 2.4: „Еднакво учество на жените во донесување одлуки на сите нивоа во политичкиот и јавниот живот“.

Проблемот, според ревизорите, е во спроведувањето. Иако стратегијата поставува јасна цел не се дефинирани ниту конкретни мерки и механизми за следење и отчетност на највисоките нивоа на управување и во политичките партии.

„Иако стратегијата поставува јасна насока и приоритет за унапредување на женското лидерство, постои јаз помеѓу стратешките определби и нивната практична имплементација, што влијае за ефективноста во постигнувањето на родова еднаквост на највисоките нивоа на одлучување“, констатира Државниот завод за ревизија.

Во извештаите за спроведување на Стратегијата и Националниот акциски план за родова еднаквост 2022–2024, дополнително е наведено дека дел од планираните активности, меѓу кои и оние што се однесуваат на измени на изборното законодавство, не биле реализирани. Дополнително, Владата нема назначено координатор и заменик координатор за еднакви можности.

„Утврдивме дека Владата нема назначено координатор и заменик координатор за еднакви можности што создава ризик за координативно настапување и водење грижа за родовата еднаквост и влијае врз целокупниот процес на воспоставување на родова еднаквост во институциите во државата и ја ограничува ефикасната имплементација на политиките за родова еднаквост во државата. Исто така, Владата, нема воспоставен систем за собирање на родово разделени податоци за членовите во работните тела, делегациите, консултативните и координативните тела како и членовите на управните одбори на јавните претпријатија и установи и трговски друштва во доминантна сопственост на државата“, пишува во ревизијата.

Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високи раководни функции ревизијата го издвојува говорот на омраза , особено во онлајн просторот.

ДЗР констатира дека говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција.

Со цел отстранување на утврдените слабости и создавање услови за поголемо учество на жените во политиката и на високите раководни позиции, дадени се препораки до Собранието, Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и политичките партии.

„Европските институции потенцираат дека насилството и вознемирувањето кон жените активни во политиката се сериозна пречка за учество и бара институционални правила против сексистички и говор на омраза, механизми за справување со вознемирување и мерки насочени кон онлајн просторот. Во таа смисла, „сигурна средина“ не се сведува само на отсуство на физичка закана, туку подразбира средина без страв, без понижување и без системски притисоци, во која жените можат рамноправно да дебатираат, одлучуваат и напредуваат“, пишува во извештајот.

Државниот завод за ревизија дал вкупно 20 препораки до институциите и политичките партии. Меѓу нив се и спроведување на Планот за унапредување на родовата сензитивност на Собранието, обезбедување соодветна застапеност на пратениците од различен пол во собраниските работни тела и донесување на Законот за високи раководители.

Од Владата се бара анализа за можностите за зголемување на учеството на жените, назначување координатор и заменик координатор за еднакви можности и подобрување на спроведувањето на заклучоците и препораките на собраниската Комисија за еднакви можности. Министерството за социјална политика, демографија и млади, меѓу другото, треба да обезбеди во Стратегијата за родова еднаквост да има „посебни мерки со јасни, конкретни и мерливи индикатори“, како и преку Ресурсниот центар да обезбеди едукација и институционална поддршка за жените кои сакаат поголемо учество во лидерски, управувачки и политички функции.

Уличните кучиња го чинат градот 46 милиони денари, Лајка во рок од 6 месеци добива над 700 пријави за заловување

Речиси 46 милиони денари, односно околу 750 илјади евра, исплатиле градските власти во изминатата година, како оштета на граѓани каснати од бездомни кучиња. Само до 24 јуни годинава, јавното претпријатие Лајка, кое располага со 140 места за кучиња, примило 710 пријави од граѓани за заловување на бездомни кучиња. Стационарот иако располага со 140 места, моментално е дом на околу 180 кучиња благодарение на надворешни боксови кои се дополнително обезбедени за групно чување кучиња.

И покрај милионските исплати и напорите на ЈП Лајка, граѓаните и понатаму се жалат од групи бездомни кучиња во повеќе скопски населби.

Според процедурата на ЈП Лајка, граѓаните кои ќе забележат улично или агресивно куче треба да поднесат пријава преку веб-страницата на претпријатието, каде што е достапна посебна алатка за пријавување. По заловувањето, кучињата се носат во стационар, каде што поминуваат низ ветеринарен третман односно стерилизација, вакцинација против беснило, микрочипирање и обележување со ушна маркичка.

По завршување на третманот и проценката на однесувањето, тие повторно се враќаат на локацијата од која биле заловени. Исклучок се случаите кога има пријавено каснување поткрепено со медицинска документација. Во тие ситуации, кучето по заловувањето не се враќа на истата локација.

Од ЈП Лајка проблемот со големиот број улични кучиња го припишуваат и на неодговорното сопствеништво и неконтролирано размножување на домашните кучиња.

„Градот Скопје, како и секоја општина во државата, има обврска да спроведува мониторинг на уличната популација на кучињата. Последниот мониторинг беше спроведен во 2023 година, а во моментов се спроведува нов со методологија развиена од ICAM, кој е дел од WOAH. Мониторингот во 2023 година покажа дека на територијата на Град Скопје циркулираат околу 4.000 улични кучиња, од кои околу 48 отсто се стерилизирани. Истовремено, околу 18 отсто од кучињата затекнати на улица биле сопственички, но оставени без надзор. За споредба, во Скопје има околу 40.000 регистрирани сопственички кучиња, а само 9 отсто од нив се стерилизирани“, велат од ЈП Лајка.

До редакцијата на Мета.мк пристигнаа поплаки од граѓани за групи бездомни кучиња во различни делови на Скопје. Една од нив е од жителка на Тафталиџе, која тврди дека група кучиња со месеци престојува во нивната населба.

„Групата кучиња се појави минатата есен преку ноќ. Јасно беше дека се донесени од друга локација. Ниту едно од нив не ни беше познато, ниту имаше ушна маркичка. Меѓу нив имаше и мајки со малечки. Оставени беа на многу небезбедна локација, веднаш покрај фреквентна улица, поради што секој ден слушаме кочење на возила што се обидуваат да ги избегнат. Не е безбедно ниту за возачите ниту за кучињата“, вели таа.

Фото: Мета.мк, улични кучиња

Според неа, кучињата се агресивни кон минувачи кои шетаат домашни миленици, но и кон велосипедисти и луѓе на тротинети.

„Многупати се пријавени во Лајка и во Општина Карпош, но и понатаму се на истата локација. Одговорот што го добивме е дека ќе ги земат за да го поминат хуманиот третман, но дека не можат да ги задржат бидејќи капацитетите им се исполнети. Тоа не го решава проблемот, ниту за кучињата, ниту за граѓаните кои не можат да излезат од дома без страв“, додава таа.

Од ЈП „Лајка“ велат дека токму оваа група кучиња е идентификувана како приоритет за интервенција и дека според нивните теренски согледувања станува збор за кучиња кои не се автохтони за тоа подрачје.

Фото: Мета.мк, улични кучиња

„Нивното истовремено појавување како оформена група, како и фактот што ниту едно од нив претходно не било третирано, упатува на основано сомнение дека се дислоцирани од друга општина надвор од Град Скопје“, велат од претпријатието.

Со слично искуство се соочил и граѓанин од Ѓорче Петров, кој студира во странство и моментално води постапка за надомест на штета поради каснување од куче.

„Неколку дена пред Нова година се враќав дома и пред влезот на зградата ме пречекаа шест кучиња. И претходно повеќепати ми се имаат пуштено и лаеле по мене, па очекував дека, како и другите пати, само ќе лаат. Но овојпат ми се стрчаа, ме заобиколија и почнаа да рипаат по мене. Обично имам точак или ранец за да се одбранам, ама тогаш бев без ништо. Најголемото куче, кое и претходно повеќепати ме има нападнато, ме касна за ногата. Инстинктивно го удрив и успеав да се пробијам и да влезам во зградата“, раскажува тој.

Истата вечер заминал во Државна болница на преглед.

„Во последните неколку години доаѓам во Скопје на пократки периоди и секојпат кога се враќам има се повеќе кучиња и речиси секојпат сум нападнат. Секоја вечер кога се враќам дома морам психички да се подготвам и да очекувам дека повторно ќе бидам нападнат од кучиња,“ вели тој.

Од ЈП Лајка, во текот на минатата година биле заловени околу 1.000 кучиња, од кои 850 биле стерилизирани. Останатите биле сопственички кучиња, случаи на откажано сопствеништво или кучиња повторно заловени поради загубена ушна маркичка.

Град Скопје не одговори на нашите прашања поврзани со темата.

На почетокот на оваа година беше најавено дека Град Скопје ќе инвестира 30 милиони денари за  проширување на капацитетите на ЈП Лајка, „со цел трајно и системско решавање“ на проблемот со бездомните кучиња но до тогаш, Град Скопје продолжува да исплаќа милионски суми за надомест на штета поради напади од бездомни кучиња.

Ревизија: Министерството за здравство му должи 35 милиони евра на Фондот за здравство

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) работи со сериозни системски слабости како недостиг на ИТ кадар и нефункционални информатички решенија, неефикасно следење на лекувањето во странство и недоволна контрола врз евиденцијата на имотот, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Фондот во 2024 година.

Ревизијата констатира дека дел од истите слабости се повторуваат со години, и покрај препораките што ДЗР континуирано ги дава во претходните извештаи.

Ревизорите нагласуваат дека ненавремената уплата на средства по основ на придонеси од надлежните институции влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските на здравствените установи во рамки на договорените надоместоци.

Исто така, поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство по основ на придонес за не осигурените лица на крајот на 2024 година изнесува 2.136.300 илјади денари (приближно 35 милиони евра).

Друг проблем кој го посочуваат ревизорите е функционирањето на информатичкиот систем на ФЗОМ, преку кој се обработуваат податоците за осигурениците, здравствените установи и правата од здравственото осигурување.

Според извештајот, во Секторот за информатика во текот на 2024 година работеле само 17 лица, иако систематизацијата предвидува 42 работни места. Поради недостигот на кадар, одржувањето и развојот на системот во најголем дел ги вршат надворешни ИТ компании, иако Фондот располага со изворниот код на сопствениот информациски систем.

Ревизорите утврдиле и дека Фондот сè уште нема усвоено ИТ стратегија за развој и план за континуитет на работењето во случај на катастрофи, додека политиките за информациска безбедност не се ажурирани уште од 2014 година и не се усогласени со актуелната инфраструктура.

„Не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем и обезбедување континуитет во работењето во услови на евентуални катастрофи, согласно стандардите за информациска безбедност. Постоечките ИТ политики и процедури за безбедност, донесени во 2014 година, не се ажурирани и не се усогласени со тековната состојба на ИТ системот, вклучително и користењето на облак инфраструктура“ стои во извештајот.

Дополнително, дел од веќе набавените софтверски решенија не се користат или се користат само делумно. Меѓу нив е модулот за лекување во странство.

„Иако во рамките на ИТ системот на Фондот е воспоставен модул за евидентирање и следење на постапките за лекување во странство, истиот, поради незавршени функционални прилагодувања, не се користи во текот на постапката. Податоците се внесуваат дополнително, односно по нејзино завршување, при што не се комплетни и не содржат финансиски информации. Поради тоа, постапката се спроведува преку хартиени
предмети, што го отежнува и забавува процесот на одлучување и оневозможува следливост, системско поврзување на предметите и изготвување збирни прегледи,“ наведуваат ревизорите.

Ревизијата утврдила дека заклучно со крајот на 2024 година ФЗОМ во деловните книги евидентирал побарувања од странски здравствени установи во износ од 296 милиони денари, по основ на авансно исплатени средства за лекување на осигуреници во странство.

„Истакнуваме дека ревизијата повеќе години наназад известува за овие состојби и можните ризици од отсуството на контрола и следење во процесот на лекување во странство, за чие надминување не се преземени ефикасни мерки од страна на Фондот, што довело до континуирано зголемување на побарувањата за дадени аванси,“ велат ревизорите.

Според ревизијата, Фондот не воспоставил ефикасен механизам за контрола на медицинската документација и фактурите по завршување на лекувањето.

Иако Фондот со години испраќа дописи до странските болници за доставување фактури или враќање на средствата, ревизорите констатираат дека овие активности не дале резултат, а износот на отворените аванси постојано расте.

Освен финансискиот дел, ревизијата утврдила и слабости во постапката за лекување во странство.

Во текот на 2024 година биле поднесени 362 барања, а позитивно биле решени 301. Сепак, кај 39 предмети бил надминат законскиот рок од 45 дена за одлучување. Дел од решенијата биле донесени дури по повеќе од 100 дена од поднесувањето на барањето.

Ревизорите утврдиле дека модулот за електронско следење на овие предмети практично не се користи во текот на постапката, туку податоците се внесуваат дури по нејзиното завршување. Поради тоа, целиот процес се води преку хартиена документација.  Дополнително, Фондот не располага со анализа за успешноста на лекувањето во странство, ниту со листа на странски здравствени установи според резултатите од лекувањето, што според ревизијата,може да влијае врз изборот на болница и врз еднаквиот третман на пациентите.

„Не е воспоставен соодветен систем на следење и анализа на ефектите и успешноста на лекувањето во странство. Имено, не се применуваат одредбите од членовите 31 и 32 од Правилникот, согласно кои осигуреното лице најдоцна во рок од 7 дена по завршување на лекувањето треба да достави писмен извештај со потребната и друга документација, лекарот – координатор да изготви медицински извештај за успешноста на лекувањето, а овластени лица во Фондот да ги разгледуваат, анализираат и следат овие извештаи,“ пишува во извештајот.

ДЗР констатира дека Фондот нема целосна евиденција за сопствениот недвижен имот, ниту за имотот стекнат во стечајни постапки.

Во моментот се водат 194 активни стечајни постапки со пријавени побарувања од над 619 милиони денари. Од признаените побарувања, наплатени се само околу 10 милиони денари. Истовремено, за недвижниот и движниот имот стекнат во овие постапки не е извршена проценка, ниту е обезбедено целосно сметководствено евидентирање. Ревизорите предупредуваат дека Фондот нема целосни информации за статусот на овој имот, а дел од објектите ги користат други физички и правни лица.

„Имајќи го предвид начинот на спроведување на стечајните постапки, при кои како косопственици се јавуваат повеќе субјекти, постои ризик од отуѓување или противправно користење на стекнатиот имот и влијае на тоа Фондот да не располага со целосни и точни информации за неговиот статус и користење. Наведеното влијае врз реалноста на искажаните информации во финансиските извештаи и не е во согласност со одредбите на членовите 2 и 4 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници и членовите 6 и 12 од Правилникот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, со кои е уредено точно и вистинито евидентирање на средствата и поединечно искажување на билансните позиции врз основа на веродостојни и вистинити сметководствени документи,“ велат ревизорите.

ДЗР исто така алармира дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги.

„Имено, Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок,“ пишува во ревизијата.

Дополнително, ревизијата ја нагласува неизвесноста во однос на исходот од започнатите судски постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна, како и потребата од ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, кои во најголем дел се утврдени пред повеќе од 10 години и не ги одразуваат реалните трошоци.

ЦГК: Повеќе од половина од општините три години немаат тендер за обележување пешачки премини

Избледените и речиси невидливи пешачки премини низ земјава не се случајност туку се последица на начинот на кој општините ги спроведуваат набавките за нивно обележување, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Анализата на тендерите спроведена од ЦГК покажува дека поголем дел од општините воопшто немале набавки за т.н. хоризонтална сигнализација на улиците во последните три години, а во многу случаи каде ваквите набавки се реализираат не се поставуваат јасни критериуми за квалитетот и за трајноста на бојата со која се бележат пешачките премини.

Поради тоа, дури и таму каде што се трошат јавни средства за обележување на улиците, резултатите не секогаш се видливи и безбедни пешачки премини.

„Анализата на тендерските документации открива дека само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта“, без никакви мерливи критериуми за квалитетот. Како поризични во однос на квалитетот на бележењето на улиците се покажуваат тендерите што се однесуваат на „набавка на услугата за обележување на улиците“. Во нив, најчесто, квалитетот на бојата која треба да се користи не е јасно дефиниран“, пишува во истражувањето.

Од ЦГК појаснуваат дека јавните пари се трошат без очекуваниот ефект со повици во кои има минимални технички барања за бојата и без механизам за проверка колку време ќе трае набавената боја.

Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем нема ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година. Тоа значи дека, според системот, во текот на три последователни години немале тендери за бележење на пешачки премини, велосипедски патеки и други ознаки на улиците.

„Во овие општини без ниту еден тендер за бележење на улиците живеат 560 илјади жители. Оваа пракса не е ограничена само на мали рурални општини, меѓу нив се и густо населените скопски општини Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај, каде што интензивниот сообраќај ја прави хоризонталната сигнализација директно поврзана со безбедноста на пешаците и на другите учесници во сообраќајот“, стои во анализата.

Во групата општини кои во анализираниот период немаат спроведено ниту една јавна набавка за обележување улици доминираат помали општини.

Мал дел од општините кои во изминатите три години немале вакви набавки, меѓу кои и скопски Чаир, спровеле тендер за оваа намена во тековната година.

Во анализираниот период, односно во 2023, 2024 и 2025 година, општините вкупно спровеле 128 тендерски постапки за обележување на улиците, од кои 33 биле поништени.

Истражувањето покажа дека во 46 општини, односно во 57 отсто од општините, немало ваков вид набавка, дека 21 општина имала една или две вакви набавки во период од 3 години, а 14 општини имале набавки за обележување на улиците во секоја поединечна година.

„Ова говори за значителна нерамномерност меѓу општините во спроведувањето на јавните набавки за обележување на улиците. Набавките се концентрирани во ограничен број општини и јавни претпријатија, што укажува дека континуитет постои кај дел од субјектите, наспроти целосно отсуство кај други“, пишува во анализата.

Освен во однос на фреквенцијата на обележувањето, општините немаат воедначен пристап и тогаш кога спроведуваат јавни набавки за хоризонтална сигнализација.

Анализата на единечните цени исто така открива ценовни разлики и до 4 пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за 1 килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за м2.

ДЗР: Неправилности во исплати, јавни набавки и прекувремена работа во Академијата за судии и јавни обвинители

Низа пропусти во финансиското работење и во почитувањето на законските процедури констатирал Државниот завод за ревизија во Академијата за судии и јавни обвинители. Ревизорите утврдиле неправилности поврзани со исплата на надоместоци, ангажирање на кадар, прекувремена работа, користење службени ресурси и јавни набавки.

Според извештајот, исплатите на надоместоци на членовите на Управниот одбор и на Програмскиот совет се вршеле месечно и во целост, а не пропорционално од присуство на седница за месеци кога е одржана седница.

„Исплатите се вршат во целост, а не пропорционално од присуство на седници и при тоа во одредени месеци средствата се исплатени во тековен месец пред одржување на седница. Утврдивме дека исплатени се средства и на членови кои воопшто не присуствувале на одржаните седници. Ваквата состојба не е во согласност со член 13 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители и има за ефект повеќе исплатени средства за оваа намена во вкупен износ од 211 илјади денари“, пишува во извештајот.

Наведено е дека законски утврдениот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци. Практичната настава, која согласно законските одредби требало да заврши заклучно со 31 јули 2024 година, траела до октомври 2024 година. Според ревизорите, ова довело до исплата на дополнителни финансиски средства.

Ревизијата утврдила и дека дел од договорите за изведување на практична настава како менторирање биле склучени по изминување на периодот на менторство.

Посебен наод се однесува на координаторите вклучени во почетната обука. Во извештајот е наведено дека статусот, правата и обврските на координаторите се утврдени со Правилникот за практична настава во почетна обука, но не и со Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Ревизорите утврдиле дека за 111 координатори во 2024 година биле исплатени вкупно 970 илјади денари. Според извештајот, утврдување статуси и надоместоци со интерни акти кои не се предвидени со закон влијае на наменското трошење на буџетските средства.

„Со увид во документацијата утврдивме дека за 111 координатори во 2024 година исплатени се вкупно 970 илјади денари. Утврдување на статуси и надоместоци со интерни акти кои не се предвидени со закон, влијае на наменско трошење на буџетските средства,“ пишува во извештајот.

Државниот завод за ревизија констатирал и дека на членови на комисии за оценување на практичната настава им биле исплатени надоместоци иако правото и исплатата на вакви надоместоци не е утврдена во Законот за Академија за судии и јавни обвинители.

Во делот за прекувремената работа, ревизијата утврдила надминување на законски утврдениот максимум и непочитување на обврската за претходно писмено известување до подрачниот државен инспектор на труд.

Ревизорите утврдиле и исплати на додаток на плата за прекувремена работа за вработено лице во денови кога му било изготвено решение за службено патување во странство и за истото му биле исплатени дневници, како и за присуство на седница на Управен одбор која се одржала во текот на полното работно време.

Дополнително, Академијата немала донесен Стратешки план, иако според Законот за Академија за судии и јавни обвинители Управниот одбор е должен да донесе ваков документ во кој се дефинираат стратешките цели. Во извештајот се наведува дека отсуството на овој стратешки документ не дава можност за следење и оценување на успешноста на работењето и создава ризик за ефикасно користење на средствата.

„Отсуството на овој стратешки документ во кој се дефинираат јасни цели и индикатори, влијае на работењето на Академијата, не дава можност за следење и оценување на успешноста на нејзиното работење и создава ризик за ефикасно користење на средствата“ оценуваат од ДЗР.

Констатирано е и дека во текот на 2024 година биле набавени стоки и услуги во вкупен износ од 418 илјади денари со ДДВ без спроведена постапка за јавна набавка.

„Во текот на 2024 година без спроведена постапка за ЈН набавени се стоки и услуги за вкупен износ од 418 илјади денари со ДДВ (Прилог бр.1), што не е во согласност со членот 40 став 1 од ЗЈН во кој е уредено дека за набавка на стоки и услуги чија проценета вредност без ДДВ е еднаква или поголема од 1.000 евра
во денарска противвредност, се спроведува јавна набавка“, пишува во извештајот.

Ревозорите потенцираат дека ваквото постапување не обезбедува почитување на начелата за обезбедување конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет во процесот на доделување договори за јавни набавки, како и рационално и ефикасно искористување на средствата.

Државата знае, но не одлучува – семејство на воен инвалид 15 години чека одлука за домување

Македонски бранител од конфликтот во 2001 година со воен инвалидитет, корисник на право на постојана нега и помош, со две малолетни деца повеќе од 15 години чека одлука од надлежните институции за станбено решение.  Во 2003 година, на бранителот му бил доделен привремен монтажен објект кој бил уништен по поплава во 2008 година, а од тогаш на семејството не му е доделено нов објект за вселување.

И покрај уставно загарантираните права, извршените инспекциски надзори и укажувањата од Народниот правобранител, институциите сè уште немаат донесено одлука, ниту дале образложение зошто лице со ваков статус и неговото семејство се оставени без решение.

„Во 2003 година ни беше даден привремен монтажен објект, барака. По поплавата во 2008 година, таа барака стана руинирана, небезбедна и невселива. И самото АДССДП (Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор) во своите одговори потврди дека објектот е во многу лоша состојба, руиниран, запуштен, со искршени врати и прозорци, обраснат со трева и без услови за живеење, а дека не носи одлуки за доделување станови, туку тоа е надлежност на Комисијата за станбени прашања. Тоа значи дека АДССДП знае дека објектот не е за живеење, а Комисијата знае дека мора да одлучи. И сепак решение нема“, објаснува за Мета И.М, сопругата на воениот инвалид.

Фото: Привремен монтажен објект, лична архива (се користи со дозвола)
Фото: Привремен монтажен објект, лична архива на И.М (се користи со дозвола)

Случајот е наведен во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2025 година. Таму се објаснува случај на лице со 100 отсто воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца, кое повеќе од 15 години чека одговор од Комисијата за да му се обезбеди соодветно, безбедно и трајно сместување. Во истиот извештај се наведува дека и покрај интервенциите и ветувањата дека предметот ќе биде разгледан, до крајот на 2025 година тоа не било сторено. Народниот правобранител изречно укажува и дека Комисијата во вакви случаи најчесто дава формални одговори наместо вистинско решавање.

„Имено, ова лице при настанатата поплава во село Стајковци во 2008 година каде државата му доделила времена монтажна барака останал без домот и оттогаш иако е изминат подолг временски период сé уште не може да си го реши станбеното прашање по што се наметнува дилемата како државата се грижи за оваа категорија на лица кои спаѓаат во таканаречената ранлива категорија за која треба посебно да се води сметка“, стои во извештајот од Народниот правобранител.

За овој проблем, од страна на Народниот правобранител бил доставен и посебен извештај до претседателот на односната комисија, но и покрај одговорот дека прашањето ќе се разгледа на првата наредна седница, сепак до крајот на годината тоа не беше сторено.

Недоследности биле утврдени и од Државниот управен инспекторат. Од таму посочуваат дека и по барање доставено на 16.12.2024, дополнето со сите докази до 14.02.2025, Комисијата не постапила и дека предметот не бил ставен на дневен ред.

„Тоа значи дека не само што нема одлука туку службено е утврдено дека по предметот не било ни одлучувано. И по овој инспекциски наод, наместо конечно решение добиве само ново известување за статус. Најтешкиот дел е што паралелно со овој молк, државата дозволила или одржувала и извршни постапки за закуп за нешто што не е дом, туку руинирана барака. За нас тоа не беше само постапка. Тоа беше понижување“, посочува И.М.

Таа објаснува дека тие извршувања не оделе врз споредна сметка туку врз нејзината единствена сметка на која прима воена инвалиднина и сродни примања.

„Откако ќе укажеме дека станува збор за примања по основ на воена инвалидност, сметката била деблокирана но претходно сме плаќале и трошоци за блокада и деблокада без своја вина. Тоа е удар врз достоинството на човек кому државата по Устав треба да му даде заштита, а не да му ја одзема и последната сигурност“, вели И.М.

Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили предвидува дека воените инвалиди имаат право на приоритет при добивање стан под закуп, на неопределено време и со повластена закупнина.

Фамилијата има добиено писмен одговор од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје во 2015 година дека слободни станови во државата нема.

Според сопругата на воениот инвалид, АДССДП има евиденција за залиха на станови, но тоа го негираат од претпријатието.

Фото: Лична архива на И.С

Од акционерското друштво за Мета.мк велат дека нема јавно достапен регистар каде може да се види колку станови се достапни.

„Оваа евиденција не претставува јавно достапен регистар, туку по потреба и по барање се доставува до надлежните институции, кои во рамки на своите законски надлежности одлучуваат за распределба на становите. АДИССДП стопанисува со станбен фонд во државна сопственост, при што намената на конкретните станови не е однапред фиксно утврдена, туку врз основа на одлуки и решенија донесени од комисијата за станбени прашања при Влада на РМ. Во тој контекст, становите можат да бидат доделени на различни приоритетни категории, во зависност од важечките политики, донесените одлуки и конкретните постапки за распределба“, велат оттаму.

Објаснуваат и дека евиденцијата на станбениот фонд не претставува фиксна категорија, туку систем кој континуирано се менува во зависност од правните, фактичките и социјалните околности.

Поради тоа не може да издвојат периоди во кои Друштвото во целост не располагало со станови.

Во меѓувреме, од Владата за Мета.мк изјавија дека постапката е во завршна фаза и дека се чека одржување на наредна седница на Комисијата за станбени прашања.

„Постапката е во завршна фаза. Информирани се сите институции и од нивна страна се доставени сите неопходни документи. Во моментов се очекува одржување на седница на Комисијата за станбени прашања на која ќе се разгледа предметот и ќе се донесе конечна одлука. Постапката се водеше согласно законските процедури, со вклучување на сите надлежни институции и разгледување на сите релевантни аспекти, со цел да се донесе издржана и правична одлука.“ одговорија од Влада.

И.М вели дека не бара привилегија ни политика, тука конечна одлука.

„Барам само тоа што ми следува по Устав и по закон: конечна, писмена и образложена одлука, донесена итно, законито и достоинствено“, вели таа.

Не по врат туку по шија: УЈП бара студентите да платат данок на заработката од Work & Travel

Студентите од Македонија кои работеле сезонска работа во Германија деновиве се изреволтирани поради непланирани даночни обврски откако добиле известувања од Управа за јавни приходи (УЈП) да поднесат електронска пресметка за данок на личен доход (Е-ПДД) и да ги пријават приходите остварени во странство.

Иако станува збор за законска обврска која според институциите, постои со години, ситуацијата со денови е главна дискусија меѓу студентите поради различните информации што ги добиваат од институциите и поради неодржувањето на оваа пракса во претходни години.

Студенти кои се обратиле до студентската платформа Студентарија.мк посочиле дека добивале различни информации од УЈП за тоа што треба да платат. Откако првично им било кажано дека треба да платат данок на повратот на данок кој им е вратен од Германија, вчера од УЈП за Мета изјавија дека се плаќа данок на вкупниот доход што го заработиле студентите.

„Во една подрачна единица на Управата, на студентите им велат дека не должат ништо. Во друга, им кажуваат дека треба да платат данок само на повратениот данок. Официјалниот став на одржавната УЈП пак сурово пресекува: се оданочува целата заработка во Германија“, објави Студентарија на инстаграм.

Од УЈП објаснуваат дека не станува збор за нова обврска, туку за примена на постојните закони.

Оттаму посочуваат дека платата која студентите ја оствариле во Германија се смета за оданочлив доход во Македонија. Притоа, предмет на оданочување е вкупниот доход, односно бруто износот на заработката, што ја вклучува нето платата и данокот кој првично бил задржан во Германија, а подоцна евентуално им бил вратен на студентите.

„Соодветно, доходот кој студентите-македонски даночни резиденти, го имаат остварено од времена/сезонска работа во Германија (плата остварена од странство), претставува доход кој подлежи на оданочување во Македонија. На оданочување подлежи вкупниот доход, односно бруто платата остварена со работа во Германија што претставува остварената нето плата и данокот кој првично бил платен во Германија (задржан од страна на исплатувачот), а потоа вратен на студентот од страна на даночната администрација на Германија“ велат од УЈП за Мета.мк

Договор за одбегнување на двојно оданочување меѓу Северна Македонија и Германија предвидува правила за тоа каде се оданочува доходот.

Според УЈП, доколку студентите престојувале во Германија помалку од 183 дена (или половина година) во текот на една година, доходот од работа се оданочува во Македонија. Во тие случаи, според нив, токму затоа германските власти вршат поврат на претходно задржаниот данок.

Откако студентите ќе го добијат повратот од Германија, данокот се смета за неплатен во Македонија.

Доколку престојот бил подолг од 183 дена, тогаш доходот се оданочува во Германија. Во таков случај, веќе платениот данок во Германија може да се признае како даночен кредит доколку се достави соодветна документација. Но, важно е да се напомене дека сите студенти кои патуваат преку програмата за Work&Travel престојуваат и работат во други држави помалку од 183 дена.

„Имајќи во предвид дека работата која студентите ја извршувале во Германија е од времен или сезонски карактер, доколку студентите престојувале во Германија во период кој не надминува 183 дена во период од дванаесет месеци, кој период започнува или завршува во односната фискална година, доходот кој студентите го имаат остварено од работа во Германија треба да го пријават во УЈП и да платат данок на личен доход. Токму гороенаведеното е причина поради која даночната администрација на Германија врши враќање на данокот платен во Германија на студентите“, објаснуваат од УЈП за Мета.мк. 

Според Управата, студентите треба да го пријават доходот преку системот за е-даночни услуги на УЈП со поднесување електронска пресметка најдоцна до 10-ти во месецот за приходот остварен во претходниот месец.

„Во пресметката износот на платата од странство се искажува како Вид на доход Т1. Доход од работа и Подвид на доход Ѕ1.2. – Плати остварени во странство, при што како држава во која е резидент исплатувачот се избира СР Германија. Задолжително кон пресметката се приложува доказ за остварениот доход од странство, како на пример пресметка-исплатно ливче од работодавачот/исплатувачот на платата во Германија. Во случај кога данокот е платен во Германија (кога не е направен проврат на данокот платен во Германија), покрај пресметката од работодавачот, задолжително се доставува и доказ за платениот данок издаден од даночната администрација на Германија,“ објаснуваат од УЈП.

Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“, која посредува за студентски работни програми во странство, смета дека има недоследности во пренесувањето и известувањето за овој проблем. Според Кочовски, на студентите им е побарано да платат данок на вратениот износ за платен данок во Германија.

„Ако барате поврат на данок а ние веќе претендираме како држава да бидеме членка на ЕУ, вие бирате каде ќе го платите данокот, во државата каде што сте работеле или во сопствената држава“, изјави тој за Мета.мк

Кочовски дополнува дека во пракса, приходите најчесто остануваат на сметки во странство, а не се директно видливи за домашните институции освен ако самите граѓани не ги пријават.

„Вие сте го оствариле приходот во Германија, ако германската фирма ви ги пратила парите во Македонија што не е случај затоа што студентите заработуваат на сметка во Германија, УЈП таа сметка ја нема освен ако вие не направите даночна пријава кога ќе се вратите во Македонија и речете заработив 10.000 евра, ги донесов во Македонија и пријавувам дека ќе платам данок на 10000 евра. Тогаш ќе платите данок од 11 отсто“, изјави тој.

По реакциите од засегнатите студенти, следеа реакции и од повеќе студентски организации, меѓу кои Универзитетско студентско собрание при УКИМ, Универзитетско студентско собрание при УКЛО и Универзитетско студентско собрание АУЕ-ФОН, кои изразија поддршка и побараа институционални појаснувања.

Од Универзитетско студентско собрание на УКИМ, решија да не коментираат пред да се одржи утрешната средба со претставници на Управата за јавни приходи. 

Во меѓувреме, од Универзитетско студентско собрание УКЛО бараат УЈП јасно да одговори за кој временски период наназад важи обврската за пријавување на приходите, дали студентите може да се соочат со казни или камати за ненавремено пријавување, како и зошто ваквата пракса започнува да се применува токму сега.

Претставниците на Универзитетско студентско собрание АУЕ-ФОН во објава на социјалните мрежи реагираат дека наместо поддршка, младите се соочуваат со неправедно оданочување и го осудуваат ваквиот пристап.

Промовиран водич за истражувачко новинарство за новинари и студенти

Истражувачкото новинарство постојано напредува, се менува и се приспособува на новите технолошки алатки, но во услови на информативен неред и намален простор за темелни истражувања во мејнстрим медиумите, потребата од јасни методи, принципи и професионални стандарди станува сè поизразена. Токму во овој контекст е преведен водичот „Вовед во истражувачкото новинарство“, издание на Глобална мрежа за истражувачко новинарство, преведен на македонски и на албански јазик од Центар за развој на медиуми.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми посочи дека преводот произлегува од реална потреба за подобро разбирање на основите на оваа професија.

„Овој прирачник е преведен затоа што се чуствува потреба, а таа е лоцирана и во самиот прирачник, за познавање на истражувачко новинарство. Нема доволно познавање што е истражувачко новинарство, кои се основни методи и принципи. Потребата посебно се чувствува кај традиционалните медиуми кои во голема мера се откажаа од истражувачко новинарство, а во главно со ваквиот вид истражување се занимаваат невладините и граѓанските организации“, рече Георгиевски, додавајќи дека една од целите е прирачникот да биде корисен и за студентите.

Николија Апостолу од Глобалната мрежа за истражувачко новинарство нагласи дека алатките и контекстот во кој работат новинарите постојано се менуваат.

„Интернет-безбедноста се менува, се развива и вештачката интелигенција, има нови бази на податоци за следење на парите. Секако, има поглавја за основите на новинарството, но има и делови за проверка на факти, бидејќи никој не нè учи како да го правиме тоа“, рече Апостолу, посочувајќи дека има интерес прирачникот да биде вклучен во студиските програми по новинарство.

Д-р Јасна Бачовска – Недиќ од Факултетот за новинарство и односи со јавност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ истакна дека е потребна повеќе литература за истражувачко новинарство на македонски јазик.

„После многу години, истражувачкото новинарство повторно е задолжителен предмет на факултетот, откако долго време беше изборен. Како општество имаме проблем со овој вид новинарство, сведоци сме дека Македонија падна на сите извештаи во однос на демократскиот капацитет“, рече таа.

Недиќ додаде дека прирачникот може да им биде корисен и на студентите по политички науки, правни студии и односи со јавност, а не само на студентите по новинарство.

Џелал Незири од Балканскиот институт за регионална соработка БИРЦ оцени дека е потребно на неколку години да се објавуваат унапредени прирачници.

„Новинарство се менува на дневна основа, па треба барем на неколку години да се објавуваат унапредени прирачници, кои се добри не само за новите новинари и студенти, туку за сите нас“, рече Незири, посочувајќи дека во прирачникот има познати новинари кои раскажуваат како ги изработиле ствоите стории.

Тамара Чаусидис од БИРН Македонија во своето обраќање изјави дека често постои нејасна перцепција за тоа што претставува истражувачко новинарство.

„Тоа не е етикета. Многу поретко говориме за истражувачкото новинарство како процес со јасни чекори, ограничувања и одговорности. Храброста не е само кого ќе истражуваме, туку и како ќе истражуваме. Храброста е да чекаме да добиеме доказ повеќе, работите да се потврдат со документ. Храброста е во тоа да чекаме да добиеме доказ повеќе, да чекаме работоите да се потврдат со документ, и тоа звучи досадно, но често дисциплината на умот потфрла, губи пред нестрпливоста, ароганцијата“, рече Чаусидис.

Таа додаде дека истражувачкиот новинар мора да тргне од претпоставката дека постои документ или доказ што може да ја потврди или негира одредена состојба.

„Многу често под истражување подразбираме протечени документи и дојавени информации. Ако нешто се открие, тоа не значи дека е истражување“, истакна Чаусидис.

Преводите, како и панел-дискусијата на која беше претставен водичот, се дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативен неред“, финансиран од Европска Унија. Публикацијата е наменета за да придонесе кон подобрувањето на квалитетот и на одржливоста на истражувачкото новинарство во Северна Македонија, преку размена на знаења и вештини што ќе им помогнат на истражувачките новинари полесно да се справат со предизвиците што ги носи новото хаотични информативно опкружување, како и со идентификација на нови политики за поддршка на истражувачкото новинарство, вклучително и во мејнстрим медиумите.

Трендафилов: Пратениците дошле порано на работа за да не се соочат со работниците

„Добро утро на сите освен пратениците“, порачаа утрово од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на почетокот на блокадата пред Собранието, со која стартуваа најавените протестни активности што ќе продолжат и во наредните денови.

Работниците во 9 часот утрово го блокираа влезот на собранието со барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека ова можеби е прв пат кога пратениците дошле на своите работни места пред 8 часот во нивната пратеничка кариера. Во околината на Собранието можед да се забележат многу возила на народните претставници, кои очигледно на работа пристигнале пред да бидат блокирани приодите преку улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ во центарот на Скопје.

„Како што ветивме, денеска со по 21 човек, колку што е потребно за да има блокада, на двете локации ги блокираме пратениците да не можат да дојдат со сопствените возила на работа, да не може да наплатат тошоци за превоз и да мора да дојдат пешки или со јавен превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем број од нив станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата,“ изјави Трендафилов на почетокот на блокадата.

Тој кажа дека денешниот протест е за да им покаже на пратениците дека нечовечки се однесуваат кон работниците, особено по изјави на пратениците каде жестоко ги бранат своите плати изминатите денови. Токму поради тоа била избрана локацијата на денешната блокада.

Трендафилов најави дека доколку условите не бидат исполнети, ќе соберат 10.000 потписи и на тој начин работниците ќе станат овластен предлагач со што ќе ги намалат пратеничките и функционерските плати, а дополнитело пратениците денес нема да смеат да наплатат патни трошоци како што наплаќале досега.

„Ќе побараме од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник денеска ќе наплати 100, 150 или 200 евра само за доаѓање на работа“, истакна Трендафилов.

Според најавите, Сојузот на синдикати на Македонија во четврток ќе го блокира приодот до Стопанската комора, а наредниот вторник, кога се одржуваат редовните владини седници, ќе бидат блокирани улиците околу Владата.

„ТикТок“ воведува нова технологија за проверка на возраст на корисниците во ЕУ

„ТикТок“ ќе воведува нова технологија за проверка на возраста на корисниците низ ЕУ во наредните недели, објави Гардијан.

„ТикТок“ и други големи платформи популарни кај младите луѓе, како “Јутјуб“, се соочуваат со зголемен притисок за подобро идентификување и отстранување на сметки што им припаѓаат на деца.

Системот, кој тивко беше пилотиран од ЕУ во текот на изминатата година, анализира информации за профили, објавени видеа и сигнали на однесување за да предвиди дали некоја сметка може да му припаѓа на корисник помлад од 13 години.

„ТикТок“ соопшти дека сметките означени од системот ќе бидат прегледани од специјализирани модератори наместо да се избришат автоматски, а потоа може да бидат отстранети. Пилот-проектот во Велика Британија доведе до отстранување на илјадници профили.

„Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, ја користи компанијата за верификација „Јоти“ за да ја потврди возраста на корисниците на „Фејсбук“.

Во декември, Австралија воведе забрана за социјални мрежи за лица под 16 години. Комесарот за е-безбедност на земјата откри дека повеќе од 4,7 милиони сметки се отстранети низ 10 платформи – вклучувајќи ги „Јуутјуб“, „ТикТок“, „Инстраграм“, „Фејсбук“ и „Снепчет“ откако забраната стапи на сила во декември.

Европскиот парламент се залага за ограничувања на возраста на корисниците на социјалните медиуми, додека Данска сака да ги забрани социјалните мрежи за лица под 15 години.

Од „ТикТок“ за „Ројтерс“ изјавија дека новата технологија е изградена специјално за да се усогласи со регулаторните барања на ЕУ. Компанијата соработувала со Комисијата за заштита на податоци на Ирска кој е водечки регулатор за приватност на ЕУ, додека го развивала системот.

Минатата 2025 година на студентите им донесе повисоки трошоци, многу ветувања и малку видливи промени

Иако новата влада говореше за реформи, зголемени буџети и „враќање на достоинството“ на образованието, секојдневието на студентите и состојбата на универзитетите покажуваат дека промените се бавни и недоволно видливи. Изминатата година го истакна контрастот меѓу официјалните најави и реалното искуство на студентите. Во  Извештај за напредокот на Македонија кој го објави Европската комисија во 2025 година, земјата е оценета како умерено подготвена во областа на образованието и културата.

Во академската 2024/2025 година, бројот на запишани студенти изнесува 53.535, што претставува раст од 2,33 отсто во споредба со претходната година. Од вкупниот број студенти, 59,3 проценти се жени. Најголемиот дел од студентите, односно 76,8 проценти, студираат на државните универзитети, додека останатите се запишани на приватни високообразовни установи.

Според Европската комисија, и покрај благото зголемување на бројот на студенти, еден од клучните предизвици и натаму останува унапредувањето на квалитетот на високото образование, како и зајакнувањето на системот за акредитација и обезбедување квалитет.

Студентскиот оброк, проширен опсег наместо покачување од 10 денари

Прашањето за субвенционираниот студентски оброк во 2025 година остана една од главните теми. И покрај барањата на студентите, износот од 140 денари по оброк остана непроменет. Годинава наместо да се покачи сумата на оброкот, беше донесена одлука да се прошири опсегот на студенти кои ги добиваат овие средства.

Во април беа донесени законските измени со кои се прошири опфатот на студенти кои имаат право на субвенциониран студентски оброк, а согласно законските измени, право на субвенциониран оброк сега имаат редовни студенти запишани на прв и втор циклус на студии, како и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава, кои се македонски државјани и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.

Со други зборови, повеќе не е услов студентите да не се во редовен работен однос и да не се регистрирани како индивидуални земјоделци.

Националното студентско тело, кое е претставничко на сите студенти во државата во септември преку писмено соопштение побара сумата за субвенционираниот оброк да се искачи од 140 на 150 денари.

„Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, износот се усогласува во согласност со инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на републичкиот Буџет за следната година. Последен пат, висината на сумата за субвенционираниот оброк се промени во 2023 година од 120 на 140 денари“, пишуваше во соопштението од Националното студентско тело.

Покрај плаќање на партиципација, во 2025 факултетите воведоа дополнителни трошоци за студирање кои на одредени факултети изнесуваа до 5000 денари. Овие трошоци беа оправдани како финансии што им се потребни на факултетите за да продолжат да работат, а на студентите им беа претставени како ,,онлајн ресурси“ и „материјални трошоци“.

Студентските собранија предупредија дека ваквата пракса го прави високото образование помалку достапно за студентите од послаби економски средини.

Форумот за образовни промени исто така ја осуди одлуката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) за воведување дополнителни трошоци за студентите.

Од  форумот изјавија дека заедно со дополнителните трошоци и другите давачки кои се воведени за „финансиска експлоатација на студентите“, една академска година на овој универзитет достигнува сума блиска до 500 евра.

„Сè што е задолжително за студентите треба да им се обезбеди без да се бараат дополнителни средства од нив. Дополнително, кај повеќето предмети не се користат никакви материјали за практична настава, бидејќи повеќето лаборатории немаат услови, а практичната настава се претвора во предавања, со што на студентите им се ускратува правото на развој на практични вештини“, реагираа од Форумот.

И покрај реакциите, повеќето од факултетите продолжија да ги наплаќаат дополнителните суми.

Македонија нема претставник меѓу најдобрите универзитети во светот

По многу најави за напредок и унапредување на видокото образование, во 2025-та година УКИМ испадна од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот според Центарот за рангирање светски универзитети (CWUR).

УКИМ во 2024 година беше на 1.990-то место на листата, но во 2025 година Македонија остана без претставник меѓу најдобрите, за првпат по повеќе години.

Центарот за рангирање светски универзитети ги рангира универзитетите според образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Ова рангирање е едно од најголемите и најобјективните, бидејќи не користи анкети и не бара апликации.

Универзитетот во Белград беше позициониран на 387-мо место на табелата, додека Бугарија и Словенија имаат по 2 факултети на листата.

Македонски универзитет во 2025 година немаше ни на Шангајската листа исто како што нема со години наназад.

Како дел од мерките за подобрување на студентскиот стандард, по најавување кое траеше година дена, на 17 ноември 2025 година започна аплицирањето за електронски ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди. Студентите на додипломски студии до 30 декември имаа шанса да набават комјутери, таблети или лаптопи од одредени продавници низ земјата.

Уште пред да започне доделувањето на ваучери, студентите на мастер студии се пожалија дека мерката е дискриминаторна и дека и они би требало да земат ваучер бидејќи се студенти.

Иако мерката не беше наменета на за нив, одреден број студенти на мастер јавија дека успеале преку платформата uslugi.gov да добијат ваучер. Кратко после тоа, добиле известување дека ваучерот им е поништен.

Од Владата уверија дека вуачери не добиле студенти на мастер, туку станувало збор за системска грешка и дека нема да фали ваучер за ниеден студент кој ги исполнува условите.

2025 година покажа дека македонското високо образование се наоѓа во фаза на постојан дијалог, но малку дејствување. Иако темите се отворени, проблемите именувани, а буџетите зголемени, студентите немаат осетено подобрени околности.

Прашањето што останува отворено е дали 2026 година конечно ќе донесе системски промени или образованието ќе продолжи да преживува на ентузијазмот на студентите.

Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ од Метаморфозис

Убавка Јаневска и Весна Коловска се добитнички на наградата „Илија Жупаноски“ за Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци, што Фондацијата Метаморфозис по втор пат ја додели на конференцијата е-Општество.мк. Нивниот труд „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“ ја освои наградата во вредност од 2.000 евра во денарска противвредност.

Наградата за едукативна мултимедијална содржина подготвена за млади од 18 до 28 години, во вредност од 1.000 евра во денарска противвредност, им беше доделена на Игор Стојанов и Тони Михаилов за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злупотреби името на доктор Никола Пановски?“.

Убавка Јаневска, која инаку доаѓа од Велес, им се заблагодари на членовите на Комисијата и на фондациајта Метаморфозис која е една од ретките организации која ја препознава работата на новинарите од внатрешноста од државата.

„Темата на наградената истражувачка сторија е всушност приказна градена токму на разобличување на дезинформации поврзани со пирамидата Конти и влегувањето на илјадници граѓани не само од Велес, туку и од Неготино, Штип, Радовиш и Скопје кои што ги откривме во повеќе Телеграм групи, од кои една само имаше повеќе од 14.200 членови“, рече Јаневска.

Како што додаде таа, всушност станувало збор за игра и поголемиот дел од граѓаните биле во заблуда дека учествуваат во билдање на рејтинг на холивудска филмска продукција, а биле дел од пирамида во која само првите стануваат добитници а останатите ги губат своите пари.

„Истражувањето не однесе преку Словенија во Велика Британија каде Конти имаше објавено дека е нивното седиште, па и до луѓето во Кина, Обединетите Арапски Емирати и Камбоџа кои стоеа зад компанијата“, рече Јаневска.

Таа потоа зборуваше за самиот Илија Жупаноски, за кого рече дека го запознала како успешен младински активист на Младинскиот образовен форум (МОФ) кој бспрекорно добро ја извршуваше функцијата директор на МОФ.

„Се сеќавам на сите средби што ги имавме, но сакам да кажам дека ми претставува особена чест што еве сум една од добинитчките на оваа награда и посакувам таа да продолжи да се доделува и името на Илија Жупаноски да влезе во многу домови на новинари во нашата држава“, рече Јаневска.

Игор Стојанов и Тони Михаилов од Гоце.мк ја добија втората награда | Фото: Ванчо Џамбаски

Игор Стојанов од Гоце.мк исто така изрази благодарност до Метаморфозис, додавајќи оти му е чест што ја добива оваа награда.

„Со оглед на тоа дека Гоце.мк е портал за млади, ова е една сторија од која произлегоа 25 продукти, кратки видеа, карусели, инфографици, па и водич за безбедноста на интернет. Ние двајца сами не можеме толку да направиме, тоа е дело на целиот тим на Гоце.мк, благодарност до сите“, рече Стојанов. Тој додаде дека сторијата за Д-р. Пановски е исклучително значајна затоа што станува збор за човековото здравје и ваквите манипулации можат драстично да влијаат на животот на граѓаните.

Елида Зилбеари, проектен менаџер во Фондацијата Метаморфозис, истакна дека наградите се посветени на оние кои секојдневно работат на разобличување на манипулациите и ширење точни информации.

„Ова се луѓето кои остануваат верни на вистината кога општествените принципи се доведуваат во прашање од различни актери кои не и мислат добро на нашата земја. Во име на Комисијата, составена од еминентни професионалци од медиумската и јавната сфера: Катерина Блажевска, Дејан Донев, Арта Тахири, Билјана Георгиевска и Петрит Сарачини, како и во име на Фондацијата Метаморфозис, сакам да им се заблагодарам на сите кои аплицираа на конкурсот. Нивната работа им го дава на граѓаните неотуѓивото право да бидат информирани правилно, јасно и точно, неопходна потреба во време кога информациската несигурност цели да го замени разумот“, изјави Зилбеари.

Статуетките од наградата „Илија Жупаноски“ | Фото: Ванчо Џамбаски

Наградата се доделува на новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата, односно се посветени на оваа исклучително важна мисија. За доделување на наградите одлучуваше независна омисијата, составена од еминетни лица од медиумската и јавната сфера.

На второрангираните кандидати во двете категории, Боби Бадаревски и Мартина Лозаноска Најдовска, како и Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска – Скопје им беа доделени признанија за посебен придонес. Тие се однесуваа на креираните чет-ботови и прирачник од кои младите добиваат директна, брза и интерактивна поддршка за препознавање и спротивставување на дезинформации oд областа на родовите прашања, што ја јакне нивната дигитална писменост, критичко размислување и способност да бидат отпорни на манипулации.

„Во услови кога во земјата сериозно недостасува широка национална сратегија за јакнење на отпорноста на целото општство од манипулативни злонамерни содржини што се шират со голема брзина и се впиваат како сунѓер, останува да се поддржуваме и да се помагаме ние во граѓанскиот сектор и да се држиме како чадор се додека изградиме покрив кој ќе не заштитува од дезинформациите“, рече членката на комисијата, Билјана Ѓорѓиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

Наградата го носи името на Илија Жупаноски, активист од граѓанскиот сектор кој значаен дел од својот живот го посвети на борбата против дезинформациите и хибридните закани врз демократијата.

Жупаноски посвети значаен дел од својот живот во согледување на ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија. Тој беше општествен активист за демократија и владин советник за дигитални комуникации и борец против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и меѓународно ниво. Иако, за жал, нè напушти прерано, неговата неуморна работа остави неизбришлив белег во општеството, a неговите заложби ќе живеат преку сите нас, кои продолжуваме да се бориме против дезинформациите во одбрана на вистината, односно да градиме општество во кое слободата на говорот е неприкосновена.

Владата се пофали со студентските ваучери, за проблемот со постдипломците велат дека е „технички предизвик“

Долгонајавуваните ваучери за електронски уреди конечно станаа достапни за студентите, но нивното распределување не помина без серија проблеми уште во првиот ден. Студентите, како што самите посочуваат коментирајќи на објави на социјалните мрежи, се соочиле со технички и административни пречки, нејасни правила и пад на системот. Од друга страна, портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција се пофали дека организацијата на постапката била брза, критериумите биле јасни, системот за доделување и реализација на ваучерите бил технички усогласен, а процесот бил транспарентен.

Според дел од студентите, пак, првата пречка се појавила веднаш по отворањето на системот за аплицирање. Платформата за дел од нив велат дека била недостапна со часови, а некои велат дека целиот ден немале пристап. Поради тоа, како што посочуваат, не можеле да се најават и навреме да поднесат апликација.

Но, најголемата забуна се случила со студентите на постдипломски студии, кои како што велат, најпрво добиле пораки дека нивното барање е прифатено, а потоа уште една порака во која се вели дека немаат право на ваучер затоа што се студенти на втор циклус студии.

Фото: принтскрин на социјални мрежи, објава на Студентарија.мк

Иако Законот за ваучери јасно наведува дека право имаат само студентите на додипломски студии, во јавниот повик за аплицирање таков услов не бил наведен. Како последица, студентите на мастер аплицирале бидејќи немало никаква официјална индикација дека се исклучени од мерката.

Фото: Принтскин, јавен повик

Од Владата тврдат дека целата ситуација произлегла од техничка грешка, а не од неправилна обработка на податоците или промена на критериумите.

„Во врска со Вашите прашања Ве информираме дека не се доделени ваучери на студенти на мастер студии. Стануваше збор за технички предизвик кој беше надминат во брзо време. Законот е јасен, во членот 1 е предвидено дека право на ваучер имаат само студентите на додипломски студии. Процесот го водиме максимално транспарентно, како Влада сме исклучително задоволни од искористеноста на мерката што само по себе е потврда за успешноста на мерката“, велат од Владата за Мета.мк.

Студентите се обратиле до Инстаграм страницата Студентарија за да ги споделат нивните нивните искуства и се прашуваат што ќе се случи со студентите на мастер доколку добиле ваучер и веќе го искористиле.

Фото: принтскрин, објава на Студентарија

Според портаролката на Владата, Марија Митева, заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и веќе подигнале нов електронски уред.

 

Слободен печат, заклучен Инстаграм: Ботовски напад на еден од највлијателните медиуми на социјалните мрежи

Еден од најпрофесионалните медиуми во Македонија, Слободен печат, кој покрај тоа што сè уште печати и продава дневен весник, стои зад, слободно може да се рече, еден од најчитаните онлајн медиуми, но и следените Инстаграм профили во државата со речиси 70.000 следбеници. Но, за жал последната седмица, нивниот профил е заклучен. А, тоа значи не може да се види јавно, освен ако не го следите.

Тоа не е по избор на уредниците или на оние што го водат профилот, туку поради тоа што се принудени на тоа. Имено, повеќе од една недела, Слободен печат е мета на координиран ботовски напад на Инстаграм. Нападот е исклучително софистициран, не е едноставен, вклучува повеќе слоеви, и се менува како поминува времето. Целта, како што велат од медиумот за Мета.мк, е тие да станат помалку видливи, со тоа што напаѓачите би предизвикале т.н. „шадоу бен“.

Цензура од сенка

Од редакцијата објаснуваат дека тоа всушност значи невидлива „санкција“ на Мета (Фејсбук и Инстаграм) поради која се ограничени сите интеракции и досегот на профилот. Велат, тоа се случува поради ненадејна зголемена активност на нивната инстаграм сметка од страна на сомнителни профили. Тоа значи дека одеднаш многу луѓе едноставно повеќе не можат да ги видат вашите објави.

„Во вакви случаи, профилот не е официјално блокиран, но неговата видливост е значително ограничена, без корисникот да добие какво било известување. Иако профилот може нормално да објавува и комуницира, објавите престануваат да се појавуваат во „фидот“, не се прикажуваат на „експлор“ страницата, а нови следбеници потешко го пронаоѓаат профилот, што доведува до нагло намалување на прегледите и интеракциите“, велат од редакцијата на Слободен печат за Мета.мк.

Како што понатаму објаснуваат, оваа појава често се случува кога платформите автоматски регистрираат голем број на одредена невообичаена активност во краток временски период. Во случајот на Слободен Печат, најпрво, станувало збор за многубројни коментари од сомнителни инстраграм профили, што системите на Мета го толкуваат како потенцијална злоупотреба. Потоа, нападот се трансформирал во нешто поинакво што значи дека целата акција е координирана и добро осмислена, со јасна цел, да се замолчи Слободен Печат на Инстаграм.

Армија ботови велат Like

Нападот започнал на 6 ноември околу пладне. Првичната активност на напаѓачите била да остават стотици коментари од сомнителни т.н. ботовски профили под нивните објави. Сите коментари биле идентични и го содржеле само зборчето „Like“.  Како што посочуваат од Слободен печат, неколку дена претходно тие забележале дека имало други сомнителни профили кои коментирале на нивните содржини.

Корисничките имиња на сите овие профили што коментирале во огромен број случаи се генерички, звучат необично и содржат нелогични бројки. Овие карактеристики значат дека станува збор за автоматизирана активност, поточно тоа не се реални личности туку се користи софтвер преку кој се оставаат коментари.

Фото: Принтскирин, објава на Слободен Печат

Додека траел нападот, читателите почнале да забележуваат дека се случува нешто чудно бидејќи на објавите се прикажувале стотици коментари, а видливи биле само неколку. Еден од следбениците дури прашал „дали некој тестира ботови во коментари?“. По неколку часови на детекција и анализа, редакцијата заклучила дека станува збор за координирана акција, поточно напад на нивниот профил. Коментарите воопшто немале врска со темата за која што се однесувал постот на Инстаграм профилот. Тие биле оставани после која било објава, без разлика на содржината.

„Објавите беа на различни теми, всушност така и сфативме дека е координиран ботски напад, зашто зачестија и почнаа да се појавуваат на секоја следна објава“, велат од „Слободен печат“.

Фото: Принтскин, објава на Слободен Печат

Иако редакцијата во моментот нема конкретни сознанија за тоа кој стои зад нападите, тие сметаат дека целта е да се намали довербата во медиумот и неговата видливост во јавниот простор.

„Во овој момент немаме точни сознанија, но целта е јасна: да се намали видливоста на Слободен печат и да се поткопа довербата во медиумот“, додаваат од редакцијата.

Случајот е веќе пријавен во одделението за сајбер-криминал во Министерството за внатрешни работи.

Помош од публиката

Но, тоа не го сопрело нападот. Во тој момент нападот влегува во следната фаза, односно ботовите прават масовен и неочекуван број на допаѓања на објавите на Слободен печат на Инстаграм. А, оние што професионално се занимаваат со Инстаграм знаат дека тие не можат ниту да се контролираат ниту да се избришат, како што тоа може да се направи со коментарите. Единствено решение е профилот да „се заклучи“. Тоа значи дека ако некој сака да ве заследи треба да добие одобрение од вас за такво нешто.

Со цел да се заштитат од нападот, од Слободен печат велат дека било неопходно за прв пат да го заклучат својот официјален профил на Инстаграм.

„Првпат во сите овие години, главниот профил на Слободен печат е заклучен. Тоа донекаде ни ја олеснува работата, но е далеку од идеално решение, зашто сега имаме лимитиран опсег само до луѓето кои не следат, па нашите објави не може да се споделуваат на „стори“, а во понудите за пријателства имаме над 999 понуди од сомнителни профили, затоа што ботскиот напад не заврши, само е „миниран“, односно им ја затворивме вратата“, велат оттаму.

Иако оваа мерка привремено ја стабилизира ситуацијата, медиумот останува ограничен во комуникацијата со пошироката публика.

Во обид да ја надмине ограниченоста што ја предизвика „шадоу бенот“, редакцијата на Слободен печат решила транспарентно да ја информира својата публика и да ја вклучи во решението. Тие ги повикаа читателите да помогнат со интеракцииа на конкретна објава и тоа вроди со резултат. Велат дека иако ботовите привремено го забавиле алгоритмот, со помош на читателите се засилил гласот на медиумот.

„Тоа што требаше да биде напад се претвори во доказ дека зад Слободен печат стои заедница што верува во вистината, слободата и во независното новинарство. И така, ние се справивме со „герила“, но што е со медиумите кои имаат лојални читатели, а не така силно влијаније на социјалните мрежи? Како тие евентуално би се справиле со вакви малициозни напади?“, прашуваат од Слободен Печат.

Ботовите како нова пропагандна машина

Божидар Спировски, експерт за сајбербезбедност и основач на платформата BeyondMachines, вели дека одбраната од ботови на социјалните мрежи денес е речиси невозможна поради брзиот развој на технологијата и лесната достапност на сервиси за нивно креирање.

„Скоро е невозможно да се одбраните од ботови. Ова е платен сервис, има такви безброј на светот. Алгоритмот прави шедоубен мислејќи дека сопственикот се самопромовира преку ботови, и токму затоа некој може лесно да го злоупореби“, вели Спировски додавајќи дека суштинското прашање е зошто нападот се случува токму во тој момент.

„Главното прашање е зошто се случува ова? Јас би се запрашал која била објавата која била предмет на напад? Зошто баш тогаш? Имало некоја објава која била за некого доволно болна?“, прашува Спировски.

Според она што може да се види од сега достапните објави од 6 ноември на профилот на Слободен печат, првичните коментари од ботовите се оставени на пост за средбата на новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и старата градоначалничка Данела Арсовска.

Принтскрин, Слободен печат на Инстаграм

Спировски истакнува дека профилот на „Слободен печат“ има доволно „reach“ за да добие поддршка од заедницата, но техничко решение од нивна страна практично не постои, сè зависи од самата платформа.

„Нема технички начин за да се справи профил со ботови. Останува во рацете на социјалната мрежа. Но, прашање е дали платформата сака да направи нешто за тоа“, вели Спировски.

Како што објаснува тој, ботовите најчесто се создаваат со цел да генерираат приход, да промовираат одредена содржина или, или пак да задушат одредена содржина.

„Ботовите се направени да ја автоматизираат целта на тој што ги продава. Направени се за да направат пари, промоција на некој сајт или пак во овој случај за загушување на содржината. Ова се најосновните механизми. Но ботовите може да бидат многу комплексни, може да ставаат вистински содржини, да ставаат конструирани содржини со некоја специфична цел, сами меѓусебе да разговараат и да создаваат илузија дека некоја тема дека е интересна, тоа е веќе моќна пропаганда“, потенцира експертот за сајбер безбедност.

Овој напис е изработен во рамки проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.

„Ништо Ново“ ги поттикнува граѓаните да реупотребуваат и да создаваат помалку отпад

Со цел да се поттикне реупотреба, размена и одржливост, здружението АРНО го отвори првиот Центар за поправки „Ништо Ново“ во Скопје. Лоциран во општина Кисела Вода, овој простор им овозможува на граѓаните сами да извршуваат различни поправки и да учат нови вештини. Центарот претставува нов чекор во насока на поттикнување одговорна потрошувачка, нудејќи алат, опрема и можности за учење.

Антонио Даниловски од АРНО за Мета.мк вели дека во „Ништо Ново“ граѓаните ќе можат да поправаат најразлични предмети со алатите што ги имаат во центарот. Освен тоа, организираат и работилници со ескперти, мајстори и шивачки кои ги учат присутните на нови вештини.

Тој објаснува дека уште од почетокот на функционирањето, центарот има одржано повеќе од 40 работилници од различни области.

„Од отварањето имаме одржано повеќе од 40 работилници. Имавме работилници за текстил, реупотреба на текстил и отворени денови за текстил. На отворените денови имаме шивачка која им помага на граѓаните, а на работилниците учат како да шијат. Разликата меѓу двете е што на отворените денови доаѓаат граѓани кои веќе учествувале на работилниците што сме ги одржиле. Сме имале машинско шиење, рачно шиење, работилници за везење. Па имавме работилници за поправање на накит, за пренамена на стари блузони во легла за домашни миленици и работилница за поправка на велосипеди, каде граѓаните си носеа велосипеди, а мајстор им покажуваше како да ги поправаат“, објаснува тој.

Ништо Ново, Фото: Мета.мк

Како што вели Даниловски, целта на центарот не е граѓаните да ги остават предметите за поправка, туку да научат сами да ги поправат.

„Целта на Ништо Ново не е да оставиш нешто и да си заминеш, па ние да го поправиме, туку граѓаните да стекнат вештини“, потенцира тој.

Друг вид на активност е разменотека, која поттикнува повторна употреба на предмети кои веќе не им се потребни на граѓаните.

„Имавме и разменотека каде луѓе си носат предмети кои не ги користат и си ги менуваат. Имаше синтисајзер, кафемат, табла, книги, накит-секакви предмети“, раскажува Даниловски.

Во наредниот период, центарот планира нови активности и теми за поправки.
Од ноември сакаат да организираат повеќе работилници кои ќе бидат фокусирани на  поправка на куфери, работилница за електроника, за чистење на тастатури и компјутери како и за поправка на накит.

Ништо Нови, Фото: Mета.мк

Работилниците се објавуваат на социјалните мрежи на „Ништо Ново“ и на АРНО, каде што заинтересираните лица пополнуваат формулар и потоа присуствуваат на работилниците.

Со својата работа, ценатарот цели да ја промовира идејата за намалување на конзумеризмот и одговорна потрошувачка.

„Сакаме да се поттикне намалувањето на конзумеризмот и намалувањето на купувањето. Моментално има облека за наредните 100 години, и да не произведуваме имаме облека за толку долго време. Затоа ние пробуваме да ги охрабриме луѓето да реупотребуваат облека, да дадат на друг“, објаснува Даниловски.

Во центарот сите алати се достапни за користење. Пример, граѓаните можат да дојдат и искористат една од машините за шиење што се наоѓаат во центарот.

„Ништо Ново“ е прилично иновативен концепт за Македонија, додека низ Европа веќе има многу вакви центри.

На располагање на граѓаните им е и библиотека на алати кои може да се изнајмат.

„Пример, за да не купувате бормашина ако ја користите еднаш во две години, да не правите трошок, имаме бормашина која ја изнајмуваме за симболична цена. Имаме повеќе такви алатки“, додава Даниловски.

Покрај тоа, центарот располага и со различна друга опрема која може да се користи или изнајмува. Таму може да се најдат перачи под висок притисок, вертикална пегла, компресор за воздух и слично.

Даниловски нагласува дека центарот се одржува и со мали донации од граѓаните.
„Ги охрабруваме граѓаните кога ќе дојдат да остават донација, дури и да е 10 денари, бидејќи сепак купуваме материјали како конци, игли и слично. Кога станува збор за донации од текстил, во моментот имаме текстил кој го користиме на работилници. Текстил може да оставите тука, а ние го даваме за работилници во затворот Идризово, на ‘Копче’ или Црвен крст. Примаме донации и за алати“, додава тој.

Бидејќи просторот е ограничен, моментално не можат да ги примат сите донации на облека, но им помагаат на граѓаните да најдат соодветни места за донирање.

„Оние што ќе ни пишат на социјалните мрежи, обично ги упатуваме до каде е најлесно да се донира. Да имавме поголем простор, ќе можевме да примаме и мебел и поголеми работи кои ќе можеме да ги поправиме и донираме. Сега за сега, примаме донации од типот на алати, а за текстил граѓаните може да ни пишат па ќе им кажеме каде може да донираат“, објаснува Даниловски.

Со ваквиот концепт, „Ништо Ново“ претставува прв обид во земјава да се поттикнат граѓаните да поправаат наместо да фрлаат, модел што веќе успешно функционира во многу европски земји и кој може да ја приближи Македонија кон поодржлива иднина.

Постапка против осомничени за организација на борби со кучиња во битолско

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник кој во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец подготвил заграден ринг каде се организирале борбите.

Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин кои во моментот се во бегство. Сите заедно, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие, грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата „пит бул”, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата „американски  стафорд“, сопственост на осомничениот косовски државјанин.

Во борбата кучето од расата „пит бул” се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организација на забранетите борби. Сепак, Судот донесе решение со кое им определи мерка куќен притвор. Битолското обвинителство ќе вложи жалба на одлуката.

Трка за младите гласачи, партиите ветуваат училишта, младински центри и платенo практикантство

Во пресрет на локалните избори 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица ги презентираа своите програми за идниот развој на Скопје, во кои се најавуваат низа проекти насочени и кон подобрување на секојдневието на младите. Партиите најавуваат инвестиции во образованието, културата и менталното здравје на младите. Дел од плановите вклучуваат реновирање на училишта, платена пракса за студенти и создавање мрежа на младински центри во повеќе општини. Преку овие мерки, партиите најавуваат различни пристапи за тоа како младите да добијат повеќе можности за образование, работа и култура во главниот град, со цел да ги придобијат младите гласачи.

ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „За нашето Скопје“ го претставува Скопје како град на младите и науката.

Партијата најавува целосно ослободување од комуналии за млади брачни парови при изградба на куќа за домување во општините во градот Скопје кои имаат донесено одлука за ослободување од комуналии на млади брачни парови.

Дополнително ќе се воведува и урбанистичко правило со кое инвеститори ќе мора дел од становите да ги продаваат по регулирани, поволни цени за млади лица и семејства.

Програмата предвидува и дигитални станбени хабови со ко-креативни простори, зелени зони и можности за стартапи.

Во културната и образовната сфера, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најавува поддршка за млади уметници, воведување културен ваучер и програма „Година на младите автори“, како и активно вклучување на младите во процесите на урбанистичко планирање преку младински форуми и јавни консултации.

Во делот за образование се спомнува и Вештачката интелигенција, која според програмата, ќе биде вклучена во образованието и ќе биде воведен „AI личен тутор за ученици“, кој ќе служи како образовен асистент достапен преку компјутер или телефон кој одговара на прашања и објаснува лекции.

Во програмата на Орце Ѓорѓиевски, се ветени нови библиотеки како и подобрување на условите во веќе постоечките библиотеки низ градот.

За средношколците, преку „CityGo“ картичките, се ветуваат средства за „младински оброк“, а за првенците на генерација ќе има патување низ Европа како награда за постигнатите резултати.

Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во својата програма „Скопје за сите“ нагласува дека инвестицијата во младите е инвестиција во иднината на градот. Нејзината визија предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на животот и создавање повеќе можности за младите во главниот град.

Меѓу проектите што, според Шукова, може да се реализираат во краток рок или во период од една година, се најавува зголемување на финансиската поддршка за младински проекти и активности за 300 проценти, како и реновирање на училишната инфраструктура и набавка на современа опрема за наставата.

На среден рок (од една до три години), СДСМ планира создавање мрежа на младински центри низ градот, развој на партнерства меѓу училиштата и локалниот бизнис сектор, како и воведување програми за менторство и кариерно насочување со цел младите полесно да се ориентираат кон својата професионална иднина.

На долг рок (повеќе од три години), партијата предвидува изградба на нови современи училишта во брзорастечките населби, дигитализација на наставата и воведување иновативни методи на предавање. Во овој период се планира и спроведување на програмата „Млад граѓанин“, преку која младите ќе можат активно да учествуваат во процесите на донесување одлуки во градот.

Програмата на Шукова најавува и поголема поддршка за културни настани и засилување на соработката меѓу училиштата, универзитетите и приватниот сектор.

Левица со својот кандидат за градоначалник Амар Мециновиќ во програмата „Скопје сега!“ ветува Младински дом во општина Чаир инспириран од моделот на поранешните пионерски домови, како домот „Ибе Паликуќа“. Домот ќе служи како центар за неформално образование, културни активности, младинско организирање и развој на креативни и технолошки вештини.

Во програмата како инвестиција за младите е наведен и технолошки парк кој ќе биде интегриран простор за стручно образование, иновации и практична настава за ученици од средни стручни училишта.

Бесплатен или намален влез во театри, музеи, галерии, фестивали, креативни летни школи со писателски работилници, филмски кампови, џез школи, во соработка со локални ментори се исто така дел од програмата на партијата.

Програма ветува и „вклучување на граѓаните и младите“ преку Граѓански културни совети во секоја општина каде жители предлагаат и гласаат за културни настани што ќе се организираат во нивната околина, програма „Млад куратор“ преку која млади од средни училишта и факултети курираат изложби, концерти и настани како и „Училишна културна недела“ секоја година во мај кога сите училишта ќе организираат театар, музика, ликовни изложби и настани отворени за јавност

Во мандатот од 2025 до 2029 година Левица ветува овозможување на платена пракса за студенти. Во програмата велат дека јавните претпријатија ќе овозможат
стручна пракса и соработка со средните стручни училишта на ниво на Град Скопје.

Најавуваат и иницијатива за соработка со Министерството за локална самоуправа за
изградба на „Младински куќи“ кои ќе служат како простори за проби, настапи, изложби и литературни промоции.

Со објавувањето на програмите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица, започна трката за довербата на граѓаните во Скопје. Дел од мерките се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на младите, но останува да се види колку од овие најави ќе се преточат во реални политики по изборите.

Една година откако премиерот помпезно ги најави, ваучерите за електронски уреди одложени за по изборите

Речиси една година по големата владина најава дека секој студент ќе добие ваучер за набавка на електронски уред во вредност од 250 евра, младите во земјава сè уште чекаат на практична реализација. Наместо лаптопи или таблети, студентите досега добија само нови изјави и уверувања дека процесот за аплицирање за ваучерите ќе започне „наскоро“.

Во последната ваква изјава, од Владата за Мета.мк велат дека издавањето на ваучерите е одложено заради локалните избори. Но, малку е познато дека предвидениот законски рок за искористување на ваучерите е крајот на 2025 година. Па така, ако се знае дека изборите ќе завршат кон средината на ноември, изгледа дека повеќе од 50.000 студенти ќе треба да набавуват електронски уреди во рок од месец и половина. Тоа значи дека во просек ќе треба да се набавуват по 1.000 електронски уреди дневно, секој ден, до крајот на годината.

Ваучерите за студентите не беа предвидени во ниту една од програмите за работа на партиите на последните парламентарни избори. Во октомври 2024 година, премиерот Христијан Мицкоски за прв пат ја најави оваа мерка на 33-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

„Обзнанувам дека Владата ќе поддржи во наредните месец дена, преку јасни критериуми и јасен систем, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди, за сите, повторувам, за сите студенти во државава, за сите до еден“, рече премиерот Мицкоски во своето обраќање.

Мерката беше истакната и во повеќе интервјуа и прес-конференции како еден од клучните проекти со кои Владата ќе покаже дека младите се приоритет. Сепак, скоро година дена подоцна, резултатите на терен се речиси никакви.

„По финализирањето на преговорите со ИТ компаниите, кон крајот на оваа година ќе обезбедиме повеќе детали за процесот, како и насоки за тоа како младите ќе можат да ги максимизираат придобивките од овие ваучери“, потенцираше владината портпарка Марија Митева лани во октомври.

Владата во декември 2024 г. соопшти дека во Буџетот се обезбедени средствата за ваучерите и дека сите студенти ќе бидат опфатени. До денес, студентите ги знаат критериумите за пријавување, начинот на кој ќе се извршува истото, но помалку познато им е дека законот за издавање на вредносните ваучери предвидува дека тие мора да се искористат до 1 јануари 2026 година. Неполни 3 месеци од сега.

Корисниците на ваучери за набавка на електронски уред од членот 1 од овој закон, можат да го искористат издадениот ваучер најдоцна до 1 јануари 2026 година кај економските оператори, кои врз основа на објавен јавен повик се избрани и запишани во Листата на економски оператори за реализација на ваучерите за набавка на електронски уреди и имаат склучено договор со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија за реализација на ваучерите за набавка на електронските уреди, стои во член 8 од Законот за издавање на вредносни ваучери.

Иако правната рамка постои се чини дека практичната имплементација цела година тапка во место. Последниот изговор за неисполнување на ветувањето се локалните избори.

На прашањата на Мета.мк, од Владата одговорија дека процесот на аплицирање и распределба на ваучерите сè уште не е започнат бидејќи во моментов се распишани локалните избори.

„Распределбата ќе започне по завршувањето на изборниот процес, за што јавноста ќе биде навремено информирана. Владата е решена целосно да обезбеди фер и демократски избори, без простор за сомнежи или погрешни толкувања. Затоа практичната реализација ќе се случи по изборите, со цел целосна транспарентност и почитување на демократските принципи“, стои во нивниот одговор.

Од Владата велат дека остануваат „партнер на младите“ и работата да ги задржат во државата. Тие уверуваат дека мерката ќе биде спроведена до крајниот рок предвиден во законот.

„Владата е партнер на младите, затоа преку различна поддршка, мерки и проекти работиме да ги задржиме младите во државата, бидејќи токму младите се иднината на општественото. Посветено и одговорно работиме и придонесуваме за подобар живот за сите, иднина и просперитет,“ велат во одговорот за Мета.мк.

Слично како и Владата, и од Универзитетското студенско собрание при УКИМ (УСС УКИМ) очекуваат процесот за аплицирање за ваучерите за електронски уреди во вредност од 250 евра да почне по изборите.

Претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски, посочува дека било очекувано процесот за доделување на ваучерите да стагнира.

„Очекувавме да трае процесот затоа што мерката беше најавена лани, немаше никаква информација до летово. Меѓувремено ние притискавме оваа мерка да биде пренаменета за други неопходни трошоци поврзани со реконструкција на студентски домови, зградите на ДИВ и ФИНКИ и така натаму, но од Владата решија дека ќе го продолжат овој процес. Според законот би требало до грај на годинава да се заврши процесот“, изјави Николовски.

Останува да се види кога точно ќе започне аплицирањето и распределбата на ваучерите.

Јутјуберот „SideQuestMerchant“: Македонија е совршено место за реализирање на креативни идеи

Кога пред четири години за првпат стапнал во Македонија за време на Ковид-19 пандемијата, Ричард немал намера оваа земја да стане негов дом. Британецот тогаш пристигнал со пријател, во потрага по нови искуства и малку слобода во време кога правилата во неговата татковина биле особено строги. Сепак, шесте недели поминати овде оставиле доволен силен впечаток за тој 14 пати да се враќа во земјава, а на крајот и трајно да се пресели. Денес Ричард кој е познат како „SideQuestMerchant“, живее во Македонија и гради Јутјуб канал.

Од имперсонирање на стереотипни Македонски карактери, до обид за пловење долж реката Вардар, Ричард собира илијадници прегледи на неговите видеа, а Мета.мк поразговара со него за досегашното искуство и виралното видео за реката Вардар.

Ричард и неговиот пријател Џорџ во водите на реката Вардар | Фото: SideQuestMerchant

Kога прво ја посети Македонија и кога реши дека сакаш да живееш тука? 

Ричард: Прво дојдов во Македонија во 2020 година за време на Ковид пандемијата, во Велика Британија имаше многу строги правила па со другар одлучивме дека сакаме да отпатуваме некаде а имаше само неколку опции за тоа. Одлучивме да дојдеме во Македонија. Бевме тука 6 недели и сметавме дека ова е прекрасна и пречудна земја, постојано имаше некое случување. Низ минатите 2 години патував во Македонија многу пати, кога завршив со студирање решив да започнам Јутјуб канал, а Македонија ми личеше на совршено место за тоа бидејќи моите идеи можев да ги претворам во реалност.

На почетокот правеше забавни видеа на Инстаграм рилс, но јавноста најдобро те знае по виралното видео во кое се обидуваш да пловиш по Вардар. Како дојде до идејата за тоа видео?

Ричард: Видеото за Вардар, ни беше едно од најпопуларните видеа. Очекувавме да ни требаат неколку дена за да пловиме по реката. Оригиналниот план ни беше сами да си изградиме сплав со кој ќе пловиме но така немаше да можеме да го пренесеме до локацијата од каде сакавме да започнеме, па земавме сплав на надување. На почеток тоа беше супер пошто се движеше брзо но тоа беше и крајот на авантурата бидејќи се дупна па потонувавме. Искрено единствено нешто што не предвидовме беше огромната количина ѓубре низ реката, во Скопје има но до не толку, кога стигнавме до Желино, се изненадивме од тоа што го видовме. Никогаш немам видено нешто такво. Беше цел ѕид од ѓубре, си викавме дека има ледени брегови од ѓубре.

Како се подготвувавте за оваа авантура и со какви предизвици се соочивте на терен?

Ричард: Имавме спремено шатори во кои планиравме да кампуваме покрај реката и земавме залиха храна и вода, зборувавме со луѓе за длабочината на реката, разгледувавме мапи за да видиме дали ќе налетаме на некакви проблеми. Информациите беа ограничени, но се обидевме да се припремиме најдобро што можеме. Ама не олекувавме да има толку отпад.

На социјалните мрежи имаше бурни реакции на видеото, а следеа и голем број медиумски објави. Дали очекувавте такви реакции од јавноста?

Ричард: Првото видео што беше вирално беше од мене на пловка во Вардар, имаше 200.000 прегледи на инстаграм во рок од една недела, сите во коментари се шегуваа дека сега сум радиоактивен и кажуваа дека не било безбедно да се седи во реката. Од друга страна, концептот на нашите видеа е невозможните идеи да ги претвориме во возможни. За скоро време ќе излезе видео во кое живееме во пештера во Гостивар без сончева светлина, седевме таму цела недела. Едноставно ќе си речеме „што ако пробаме да го направиме ова“ и ја претвараме идејата во реалност, па правам видеа од искуствата. Македонски медиум направи објава каде велат дека маж од Белгија се заглавил во Вардар, па тоа стана хит на инстаграм. Не сум сигурен како им текнало дека сум од Белгија, бидејќи очигледно не сум, но тоа беше прва медиумска објава за нас. Во Македонија искрено нашите видеа собираат голем број прегледи во кратко време, првото видео го објавивме беше  во Јули а од тогаш гледаноста ни е голема. Претпоставувам бидејќи си мислат „што прави странец во Македонија“ но и бидејќи, според мене, имаме видеа со добра продукција и висок квалитет. Мислам дека претходно немало нешто вакво а планираме да продолжиме.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ‘SQM’ (@therealsqm)

Во видеото имате 3 обиди за пловење по Вардар, од кои ни еден не беше успешен од разни причини, дали бевте спремни на такви потешкотии?

Ричард: Искрено знаев дека реката ќе е плитка на некои делови, но Џорџ, со кој што пловевме веќе имаше претходно искуство бидејќи го пловевме Охридското езеро. Пловевме до Радожда и бевме на водата 22 саати. Кога станува збор за планирање, има многу работа околу тоа. Ги планираме видеата 5 месеца однапред бидејќи е долг процес, треба да видиме дали ни требаат некакви дозволи, транспорт на опрема и случно. Вардар не беше претешко бидејќи сметавме дека ќе ни се потребни 5 дена, планиравме и да заставуваме за храна но не успеавме да го направиме тоа бидејќи сплавот потона прилично брзо.

По видеото за Вардар испративте повик за чистење на реката. Зошто се пренасочивте на активистички содржини?

Ричард: Рилс е прилично голема работа во Македонија, има многу голем број на корисници, започнав серијал видеа на Рилс каде глумам стереотипични македонски ликови и видеата собираа многу прегледи. Сега малку се поместивме накај активистички содржини, снимав прилично луди видеа, и тоа ќе продолжам да го правам, но она што го видовме низ Врадар беше неверојатно.

Не треба реката да изгледа така, Ако луѓето тргнат сами од себе и преземат одговорност ситуацијата може да се подобри. Јасно е дека има проблеми со горење отпад и фрлање отпад, но сакам да ја кренеме свеста и да им покажеме на луѓето преку видеата каква природа има низ земјава. Да покажеме дека може да биде испочитувана, но да ја претставиме и реалноста. За скоро време ќе излезат и нови видеа што се посмешни, ќе се вратам и комедичните видеа. Активистичките акции и видеа се одговор на тоа што го видов во Вардар.

Гледам дека има неколку акции за чистење на реката, повикував и луѓе да се вклучат во чистење на реката. Кога прашав зошто не може да чистиме и внатре во водата ми беше кажано дека треба да имам примено некаков вид вакцини за да влезам во реката, но тоа ми беше кажано откако чистев во вода до колена.

Се надевам луѓето ќе се вклучат во акциите за чистење и сите ќе преземат одговорост.

Спомна и дека имаш започнато фирма во Македонија, што може да очекуваме од нејзе? 

Ричард: Основање на фирма е тешко, а основање на фирма како Британец во Македонија е уште потешко, но имам добра екипа која работи напорно, а за сега имаме и 8 вработени. Сега се занимавам само со Јутјуб и објавуваме видеа на секои 2 недели. Започнав компанија тука во февруари и вработив еден човек кој ќе работи на логистиката на видеата, имам и асистентка која на пример доколку имаме планирано видео поврзано со пештера, таа ќе најде пештера соодветна за видеото што го имаме замислено. Снимаме многу видови видеа и посветени сме на правење интересна и квалитетна содржина.