fbpx

Регионална депонија во Свети Николе: Зошто да биде европска кога може да е дива

Десет години се чека да започне изградбата на мултифунцкионалната регионална депонија за управување со отпад , која е повеќекратно поеколошка од сегашното решение со десетици диви и нестандардни депонии од кои се загадува водата, почвата и воздухот

-

Шеснаесет нестандардни општински и десетици диви депонии, полни со секаков отпад, без никаква ограда или заштита, расфрлани речиси до секое населено место, во реките, покрај нивите и патиштата или во шумите, се реалната слика за Источниот и Североисточниот регион на Македонија, но и за целата земја. Овие два региони се првите кои имаат шанса да ја сменат оваа состојба и барем во делот на третман на отпадот да заличат на европските држави. Секако, тоа ќе се случи доколку наскоро започне реализацијата на првата регионална депонија по европски стандарди во земјава, која треба да се гради во зоната на селата Мечкуевци–Арбашанци во Општината Свети Николе.

Проектот за изградба на центарот за управување и третман на отпад во Свети Николе е започнат поодамна, па се очекуваше дека досега ќе биде реализиран. Сепак, и десетина години по почнувањето на процесот, изградбата сѐ уште е неизвесна. Влијанијата на политиката и центрите на моќ, кои промовираат различни интереси се присутни постојано и создаваат силна конфузија кај населението. Ширењето на антиевропска пропаганда и дезинформации, постојано го следи секој чекор од развојот на овој проект финансиран од Европската Унија, а одговор на институциите надлежни за негова реализација, на овие напади, речиси и да не постои.

Градот Свети Николе | Фото: Мета.мк

Тоа придонесува отпорот на граѓаните, особено во Свети Николе, кон овој значаен проект речиси и да не се намалува. И покрај големото значење, изградбата на првата депонија по европски стандарди е закочена по многу основи, а распишувањето на тендерот за изведувач се одложува повеќепати. Тоа воопшто не ѝ оди во прилог на земјава бидејќи средствата, обезбедени од Европската Унија, во најголемиот дел како грант, нема вечно да ни стојат на располагање.

Ако проектот не се спроведе навреме, парите ќе пропаднат

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека со овој проект управува земјата-корисничка, што значи дека постапките за набавки и склучување договори ги вршат акредитираните национални институции, Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии, додека ЕУ врши контрола пред нивното објавување. Распишувањето на тендерот, посочуваат од Делегацијата, многу зависи од навременото доставување и квалитетот на тендерското досие.

„Овој инвестициски проект е финансиран од фондовите на ЕУ доделени во рамките на Повеќегодишната програма за акција за животна средина и клима (2014-2020). Доколку ваквите големи проекти не се спроведат навреме, финансирањето од ЕУ ќе се одземе од таа програма бидејќи важат роковите за имплементација. Покрај еколошките придобивки, од големо значење е навременото спроведување на овој проект во дадените рокови“, посочуваат од Делегацијата на ЕУ.

Една од нестандардните депонии во близина на Свети Николе, каде редовно се согорува отпад | Фото: Мета.мк

Единаесет општински и 71 нелегални депонии и ѓубришта има само во Источниот регион, кои во моментов постојат без никакви стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Во Североисточниот регион постојат пет општински и 36 диви депонии покажуваат податоците од Министерството за животна средина. Какви се последиците од децениското трупање отпад за почвата и подземните води нема податоци. Дали некогаш ќе бидат измерени не се знае, но очекувано е дека се сериозни. Деновиве актуелни се и пожарите, па депониите го даваат својот придонес и за неквалитетот на воздухот.

Во моментов, во 18 општини во овие два региона се работи на затворање на повеќе од сто диви и нестандардни депонии. Од ѓубриштата на кои има помалку од 3.000 кубни метри отпад ѓубрето ќе се премести на некоја од другите депонии, онаму каде има до 10.000 кубни метри отпад планирано е затворање и покривање без систем за собирање на биогасот, додека поголемите депонии ќе се затвораат со систем за собирање на биогасот.

Проектот, вреден 10 милиони евра започна во 2021 година, се одвива во две фази и всушност ќе треба да обезбеди отстранување на отпадот, поставување на ограда и канал за атмосферски води на локациите, како и воспоставување мониторинг на подземните води и контрола на теренот за да се избегне повторно трупање на отпад.

Во рамките на овој проект ќе треба да се затвори и нестандардната општинска депонија на Свети Николе. Таа се наоѓа на само неколку километри од градот, на брдо, оставена на отворено, без никаква ограда, ниту пак заштита. До натрупаниот отпад без проблем може да пристапат и животни и луѓе и е потенцијално жариште на зарази. Иако е голем ризик за здравјето на луѓето, сепак, непосредно до депонијата се одгледува винова лоза. Како и повеќето депонии низ земјава, неодамна и на Светиниколската имаше пожари.

Винова лоза во близина на нестандардна депонија кај Свети Николе | Фото: Мета.мк

Справување со отпад по европски стандарди

Новата локација, каде што ќе треба да се гради регионалната депонија е подалеку од Свети Николе, веднаш после селото Мечкуевци, кое е одамна раселено и каде има само неколку викенд куќи. Се работи за депресија долга неколку стотини метри, каде, наместо на отворено и на повеќе од 100 локации, ѓубрето од овие два региони ќе се складира според европските стандарди за третман на отпадот, на едно место.

Според Студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и најавите од Министерството за животна средина регионалната депонија ќе се состои од системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот кој не е можно да се врати во стопанските текови како суровина.

Дополнително, предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба. Со тоа би се заокружил еден циклус на поставување основи на циркуларно стопанисување со отпадот во овој регион. Еден дел од работата на центарот за управување со отпад е и изградбата и стопанисувањето со санитарна депонија за комунален отпад.

Ана Каранфилова- Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина вели дека последиците од третманот отпад на сегашниот начин се катастрофални. Таа смета дека одложувањето на изградбата и големиот отпор од локалните власти во Свети Николе и дел од јавноста се должат на непрепознавање на важноста на проектот кој треба да донесе и еколошки и економски бенефити првенствено за Општината и нејзините жители, а потоа и на двата региони во целина.

Локацијата каде до сега требаше да се изгради регионалната депонија | Фото: Мета.мк

„Реализацијата на овој проект ќе отвори трајни работни места кои во најголем дел ќе бидат од општината Свети Николе. Во основа, новите работни места ќе бараат лица со и без вештини, во прв ред механичко сортирање, потоа во постројката за механички и биолошки третман, компостирање во редови, собирање и транспорт на отпадот, локални постројки за управување со отпад и во централната депонија. Индиректниот бенефит и ефект од проектот е исто така значаен за општината Свети Николе бидејќи дава можности за индиректно вработување на работни места во дејностите за рециклажа, одржување, добавување на добра и услуги, итн.“, вели Каранфилова- Мазневска.

Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Системот ќе се состои од шест локални постројки за управување со отпад во Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце и Куманово и една централна постројка во Свети Николе.

На локалните постројки ќе има претоварни станици од кои кумановската е со најголем капацитет од 52.000 тони отпад годишно, а со најмал е таа во Берово, со капацитет од 4.200 тони годишно, како и мали постројки за компостирање, во кои одделно ќе се собира градинарскиот отпад. Градинарскиот отпад ќе се пренесува во постројките со посебни возила, ќе се дроби и ќе се третира од осум до 20 недели пред да се добие финален производ што ќе се пакува во вреќи. На локалните постројки ќе има и собирно место за мешан и посебен отпад од граѓаните како градежен отпад и шут, кабаст отпад како душеци, мебел, теписи и слично, метални предмети, старо железо, радијатори итн., комунален опасен отпад како бои, лекови, средства за чистење, итн и електричен и електронски отпад. Металот, пластиката, хартијата, картонот и стаклото ќе се класифицираат и сортираат, а мешаниот отпад ќе се набива и ќе се транспортира на централната постројка за управување со отпад во Мечкуевци.

Табла во атарот на селото Мечкуевци | Фото: Мета.мк

На главната локација ќе има постројка за третман на отпад кој ќе вклучува механички пред-третман, сечкање, преработка на обоени метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење со капацитет од 75,100 тони годишно, постројка за рециклирање и постројка за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад со вкупен капацитет од 25,600 тони годишно, мала постројка за компостирање со капацитет од 630 тони и новата регионална санитарна депонија со вкупен капацитет од 646,000 кубни метри или со годишен капацитет од 47,100 тони отпад.

Депонијата ќе биде опремена со систем за собирање на гас проектиран согласно македонските и ЕУ стандардите и ќе содржи термичко уништување со горилник од затворен тип, како и со систем за собирање на исцедокот преку цевки и третман на лице место, во централната станица за прочистување на отпадните води, пред да се направи негово  испуштање.

Според пресметките направени во Физибилити студијата на овој проект се проценува дека сегашните емисии на јаглероден диоксид од отворените ѓубришта во регионите се движат околу 85,118 тони годишно, а доколку ништо не се смени тие количини до 2045 година ќе се зголемат на 98,390 тони. За разлика од тоа, пак, се проценува дека протокот на стакленички гасови во новата депонија ќе биде од 2.015 до 3.933 тони во 2045 година.

Градоначалникот Дејан Владев не дава изјави за оваа тема

И покрај очигледните придобивки од овој проект, искуството од деценискиот процес на планирање на регионалната депонија, што сè уште не може да се доближи до финализација, покажува дека од исклучително големо значење при поставување на системите за управување со отпадот е вклученоста на јавноста, комуникацијата со сите групи заинтересирани граѓани, работата со најмладите и одговорната работа на медиумите, кои се клучни фактори за успешноста на ваквите проекти. За да се избегнат влијанијата на центрите на моќ и ширењето на нивните интереси, јавноста и граѓаните мора своите мислења и одлуки да ги базираат на кредибилни извори.

Свети Николе | Фото: Мета.мк

Жителите на Свети Николе и денес се против регионалната депонија, а секој од нив има своја причина. Најчесто станува збор за отпор кон регионалниот пристап и стравот од носењето отпад од повеќе општини во една. Противник на изградбата на овој капитален проект е и локалната власт, заради што во април 2023 година Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на градоначалникот Дејан Владев и општината. Владев не одговори на упорните барања на Мета.мк да ја каже својата страна околу одложувањето на овој проект и рече дека за оваа тема нема да дава изјави.

Сите општини од овие два региони во 2020 година во своите Совети изгласаа одлука за за формирање на јавно меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад, процес кој се кочеше во Свети Николе. Конечно, во февруари 2021 година Советот на оваа општина ја изгласа одлуката, по што беше формирано јавното претпријатие „Еко исток-североисток“, а еден месец подоцна, во март, за првпат беше најавено дека се работи на распишување тендер за избор на изведувач на регионалната депонија. Во 2022 година во Советот на Свети Николе се бараше и распишување на референдум на кој жителите на општината ќе треба да се изјаснат дали сакаат или не да се гради регионалната депонија. Во октомври минатата година, по одземањето на ингеренциите на градоначалникот Владев, на чело на „Еко исток-североисток“, наместо претставик на Свети Николе, беше поставен претставник на локалната самоуправа од Куманово.

Загадувањето на животната средина во Источниот и Североисточниот регион на земјата од дивите депонии е исклучително високо | Фото: Мета.мк

Професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет вели дека сите успешни проекти поврзани со управување со отпад се директно поврзани со широка и длабинска вклученост на јавноста во проектите и во активностите, почнувајќи од најмладите генерации, до домаќинствата и индустријата. Тој посочува дека придобивките за Источниот и Североисточниот плански регион од изградбата на регионалната депонија во Свети Николе ќе бидат големи, со оглед на тоа дека модерните санитарни депонии работат и се градат на поволно тло, со примена на технологија и на материјали кои ќе овозможат телото на депонијата да функционира без влијанија или со минорни влијанија врз околните медиуми на животната средина.

„Овој новопоставен систем треба да ги замени постојните нерегулирани таканаречени депонии, јас би рекол, ѓубришта. Тоа се голем број локации на кои организирано или стихијно се трупа отпад со децении. Тие немаат ништо заедничко со санитарни депонии или со совесно и исправно постапување со отпадот. Не само што тука се истура целиот неселектиран комунален отпад, туку отпадот од овие ѓубришта директно ја загадува почвата, реките, потоците и подземните води, има исклучително непријатен мирис кон околината, а неретко и се пали и ја загадува пошироката околина“, вели Димитровски.

Посочува дека правилното постапување со отпадот не е евтино, но секако долготрајно е многу поевтино од непостапувањето и од создавањето ѓубришта и нерегулирани депонии.

„Во ѓубриштата и сметиштата кои денес се користат ја гледаме најгрдата слика на трупање мешан отпад, а во модерна санитарна депонија би требало да имаме процес на селекција, реупотреба на отпадот како суровина, извлекување материјали и енергенси и депонирање инертен отпад во простор кој не ја загадува околната животна средина. Можеме да се угледаме на некои од околните земји, како на пример системот на Словенија. Само шест отсто од создадениот отпад таму завршува на депонија, а останатиот се реупотребува, се рециклира, се компостира, се вадат материјали и енергија“, објаснува Димитровски.

Загадувањето на животната средина со дивите депонии е енормно

Без соодветна инфраструктура за управување со отпад, како што е случајот во речиси целата држава, со исклучок на Скопскиот регион каде што функционира депонијата „Дрисла“, постои ризик од сѐ поголемо загадување на животната средина од несоодветни практики и нелегално депонирање и отворено согорување на отпадот. Ова доведува до загадување на почвата, изворите на вода и квалитетот на воздухот, што претставува здравствен ризик за луѓето. Несоодветното управување со отпадот може да резултира со ширење на преносители на болести како што се инсекти и глодари, како и ослободување на опасни материи во животната средина. Ова може да доведе до проблеми со јавното здравје како што се ширење на заразни болести и респираторни заболувања.

„Генерално, континуираните одложувања во изградбата на регионалните депонии може да имаат далекусежни последици за животната средина, јавното здравје, економијата и социјалната благосостојба на заедниците. Од суштинско значење е да се даде приоритет на навремениот развој на инфраструктурата за одржливо управување со отпад за да се ублажат овие ризици и да се промовира поодржливо општество“, смета Блаже Јосифовски претседател на граѓанската организација „Биди зелен“.

Од друга страна, пак, тој посочува дека со имплементирање на строги еколошки регулативи и мерки за мониторинг, изградбата на депонија со европски стандард ќе го минимизира загадувањето и ќе ги заштити природните екосистеми и ќе спречи контаминација на почвата, водата и воздухот. Овие современи постројки промовираат и одржлив развој на начин што пренасочуваат вредни материјали на рециклирање и придонесуваат за обновување на ресурсите и циркуларната економија.

 

Овој напис е изработен со поддршка на Journalismfund Europe

Во Свети Николе нема да се гори ниту медицински, ниту опасен отпад

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бислимоски: Изненадување е и за мене дека ЕСМ ќе ја продава струјата за 60 евра за мегават час

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски изјави дека за него е „изненадување“ дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), почнувајќи од 1 јули, ќе ја продава струјата...