Методологија

Новинската агенција Мета е информативен сервис и јавен ресурс, кој ги анализира:

  • вистинитоста на изјавите дадени во јавноста од страна на избрани и именувани функционери, но и други јавни личности кои имаат влијание врз креирањето врз јавните политики и јавниот дискурс;
  • предизборните програми на политичките партии, со цел проверка на нивната исполнетост во зададениот рок или до крајот на нивниот мандат;

преку кои граѓаните се здобиваат со можност да дојдат до информации за теми кои се однесуваат на младите, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, заштита на животната средина и образованието, а кои се поврзани со активностите и резултатите што биле постигнати од чинителите на локалната и централната власт.

Новинската агенција Мета е дел од непартиската и невладината организација Фондација Метаморфозис, која, меѓу останатото, има за цел и да ја одржува својата независност и нема да биде поврзувана или припојувана кон било која политичка партија. Новинската агенција Мета, како составен дел од Метаморфозис ги застапува истите ставови по ова прашање и во рамките на својата работа ќе цели кон почитување и следење на сите новинарски стандарди на националните и меѓународните организации во кои членува.

Новинската агенција Мета ќе се стреми секогаш да биде што е можно пообјективна во своите ставови, а безусловно да ги следи фактите каде и да водат во своите проверки на факти.

При изборот на материјалите за рецензирање новинската агенција Мета секогаш се води од критериуми какви што се:

  • нивната важност во однос на јавниот интерес;
  • нивната виралност на социјалните мрежи и во другите медиуми;
  • нивниот интерес за младите како целна група на редакцијата;
  • интеграциите на земјава во Европската Унија и клучните реформи што треба да ги преземе на евроинтегративниот пат.

Новинската агенција Мета никогаш нема да бира материјали за рецензирање врз партиско-политички критериуми, ниту, пак, ќе креира непријатели меѓу политичарите, политичките партии, бизнисите, државните институции и слично, со цел да ги претвори во постојана мета на своите написи, ниту, пак, ќе бира фаворити кои би добивале преференцијален третман.

(ПРОВЕРКА НА ФАКТИ) Изјави на избрани и именувани функционери 

Новинската агенција Мета.мк ги анализира изјавите на политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и креатори на јавното мислење и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма.

Основна намена на Мета.мк е да го зголеми познавањето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и другите чинители во македонското општество за темите за кои смета дека се од извонреден интерес за младите лица во земјава, но и за сите останати субјекти кои со внимание ги следат темите од областа на заштитата на животната средина, интеграциите на Македонија во ЕУ, образованието и активности кои овозможуваат унапредување на статусот на младите во земјава.

Оценки 

Изјавите од политичари, јавни функционери или други носители на одлуки и креатори на јавното мислење, дадени во медиумите или, пак, на јавни настани се анализираат според истите критериуми и во рокот имплициран во самата изјава, по што се оценуваат со:

  • Невистина: изјавата е невистинита;
  • Полувистина: изјавата е точна, но недостигаат важни детали или е извадена од контекст;
  • Вистина: изјавата е вистинита.

Критериуми за избор на изјави за проверка 

Основните критериуми кои се земаат предвид при избор на изјава за проверка на нејзината вистинитост се следниве:

  • Дали проверката има капацитет да отвори дебата во јавноста на темата за која станува збор;
  • Која е позицијата и влијанието на политичарот чија изјава се разгледува за проверка;
  • Каква е важноста на изјавата во однос на нејзиното влијание и дали засега голем број граѓани;
  • Колку често се проверуваат изјави на конкретниот функционер;
  • Каква е и колкава е покриеноста на изјавата во медиумите (дали е пренесена од поголем број медиуми, дали е претходно анализирана од некој друг и дали анализата допрела до широка публика или не);
  • Колку Мета.мк може да придонесе со нови информации и аргументи со вршењето на проверката;
  • Дали изјавата која треба да се анализира е пренесена во јавноста од повеќе медиуми, дали предизвикала интерес и дали е на тема која има капацитет да стигне до поширока публика.

Оригиналноста на изјавите 

Мета.мк секогаш се стреми да анализира оригинални изјави, односно оние кои се достапни во видео формат, додека на второ место е користењето на изјави кои се достапни во аудио формат. Ова помага изјавата која се анализира да биде точна и да не содржи евентуални грешки при нејзината текстуална транскрипција. Доколку изјавата не е достапна во видео или аудио формат, дури тогаш се користат транскрибирани изјави. Ваквите изјави се проверуваат од што повеќе извори со цел да се употреби најточната транскрипција. Мета.мк понекогаш анализира и изјави на политичките партии пренесени во партиски соопштенија и во текстуална форма. Во овој случај, таквите партиски соопштенија се преземаат директно од веб сајтот на политичката партија.

Наведување на изворите 

Сите извори кои се употребени во проверката секогаш се наведени под секоја наша анализа. Ова им дава можност на читателите брзо да ги осознаат изворите кои се користени и да ги употребат ако сакаат да ги реплицираат нашите проверки. Покрај наведувањето на изворите, вклучен е и датумот на пристап кон секој од овие извори за читателите да знаат кога е пристапено до нив.

Покрај тоа што ги наведуваме изворите на крајот од секој наш текст, исто така вклучуваме и линкови внатре во самиот текст, кои читателите може да ги отворат во текот на самото читање доколку сметаат за потребно.

Сите цитати се различно означени од остатокот од текстот со болдирани букви за да бидат веднаш препознатливи. Ова важи и за изјавите, но и за цитирани документи. Овие делови од нашата проверка се многу важни и затоа нашата намера е тие да бидат лесно забележливи од страна на читателите.

Во случаи кога изворите сакаат да останат неименувани, ние правиме сè што можеме за да дадеме што поблиско појаснување за провиниенцијата на изворот. Но, генерално гледано, многу ретко користиме неименувани извори и никогаш таквите извори не се единствени во анализата. Покрај нив, секогаш мора да има и јасно именувани извори.

Конфликт на интереси 

Секој случај на конфликт на интереси е јасно наведен на лице место, во момент кога ќе се наиде на таков.

Начин на пренесување на изјавите 

Анализираните изјави, преземени од пишани извори во анализите на Мета.мк, се објавуваат во оригинал, без интервенции во јазикот, граматиката и смислата. Остатокот од написите е, се разбира, лекториран. Изјавите се објавуваат во нивната оригинална форма, заедно со сите можни грешки и специфики за читателите да стекнат вистинска слика за тоа како изгледаат, како звучат, како се објавени и што содржат во нивната оригинална форма.

 

(ПРОВЕРКА НА ФАКТИ) Ветувања 

Ветувањата дадени во предизборните програми се издвојуваат како посебни ентитети, кои се поставуваат на сајтот Мета.мк. За да добие ваков статус ветувањето од политичката програма мора да содржи:

  • конкретни цели – резултати кои партијата има намера да ги постигне по доаѓањето/останувањето на власт, како и
  • мерки – активности кои ќе бидат преземени за постигнување на целта.

Конкретни цели имаат ветувањата кај кои со сигурност може да се утврди кој резултат се сака да се постигне и кога тој резултат е постигнат. Тоа подразбира очекуваниот резултат да биде опишан на јасен, прецизен и недвосмислен начин, со јасно одредени параметри, т.е. индикатори врз основа на кои може да се мери исполнетоста на ветувањето. Прецизни параметри се оние елементи на ветувањето со кои поподробно се утврдуваат суштинските својства (квантитет, квалитет и составни елементи) на зададената цел, кои мора да бидат задоволени за таа цел да може да се смета за исполнета. Таквите параметри зависат од природата на ветувањето и може да опфаќаат:

  • Почетни и завршни големини: ако се ветува раст во одредена област – прецизни параметри за посакуваните стапки на раст и развој во однос на тековната состојба; при ветувања од финансиската сфера, параметрите опфаќаат конкретни суми/проценти на средства;
  • Доколку се ветуваат квалитативни подобрувања во одредена област, параметрите мора да го објаснат ветениот напредок во однос на постоечката состојба. Ако ветените промени не се мерливи со бројки (пошироки политики и стратегии, општествена клима, култура, системи на вредности, меѓународна соработка) параметрите вклучуваат детални описи на очекуваните промени со конкретни краткорочни и долгорочни мерки:
  • Институционални параметри – ако ветувањата се однесуваат на законските рамки, треба да содржат прецизирање на законодавните акти од кои може да се види кои области се уредуваат, во кој обем и со кои акти. Во случај на воспоставување институции, параметрите мора да укажат на нивното ниво и надлежности;
  • Наведување механизми за следење и контрола на индикатори на спроведувањето на ветувањата, ако тоа веќе не е покриено во рамки на постоечки институционални механизми;
  • Параметри за одредување на временската рамка за исполнување на ветувањата.

Конкретните мерки претставуваат активности кои носителот на ветувањето ќе ги преземе со цел остварување на дадено ветување, преку конкретни параметри кои покажуваат дека ќе дојде до остварување на поставената цел. Во зависност од самата цел, тие може да вклучуваат:

  • Прецизна правна рамка со која ќе се уреди дадената област или проблем;
  • Најава на студии/истражувања, стратегии, планови со кои ќе се обезбеди ветениот резултат;
  • Потекло и износ на средствата со кои ќе се обезбеди исполнување на зададената цел;
  • Временски рокови за извршување на најавените мерки;
  • Идентификување на постоечките или најава на воспоставување нови надлежни институции кои ќе ги спроведат наведените активности;
  • Наведување механизми за следење на спроведувањето;
  • Други активности кои треба да се обезбедат за остварување на ветувањето.

Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето:

  • Неисполнето: доколку за даденото ветување нема никаква активност, односно ништо не е спроведено до дадениот рок;
  • Исполнето: ветувањето е исполнето во целост;
  • Во тек: започнато е да се работи на исполнување на ветувањето. направени се активности за негово исполнување, но ветувањето не е во целост исполнето.

Анализите и оценките на ветувањата се објавуваат јавно на Интернет. Носителите на ветувањата, како и целата јавност имаат можност на увид и директен одговор на сите анализи, давање деманти, замерки, сугестии и дополнителни информации и аргументи врз основа на кои може да дојде до промена на степенот на исполнетост за дадено ветување, преку коментари на веб-сајтот или други форми на директна комуникација со аналитичкиот тим.