fbpx

Автопатот Скопје – Блаце заглави на првите два километра

Владата предводена од СДСМ и во овој мандат не успеа да го изгради ветениот автопат Скопје – Блаце. Иако беше најавено дека до крајот на март ќе биде пуштена во употреба првата делница – од граничниот премин „Блаце“ до селото Блаце во должина од 2 километра, сепак тоа досега не се случи

-

Владата предводена од СДСМ и во овој мандат не успеа да го изгради ветениот автопат Скопје – Блаце. Иако беше најавено дека до крајот на март ќе биде пуштена во употреба првата делница – од граничниот премин „Блаце“ до селото Блаце во должина од 2 километра, сепак тоа досега не се случи. За втората делница, пак, од селото Блаце до клучката Стенковец долга 10,5 километри, беше распишан тендер, но сè уште не е избран изведувач, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

ВетувањеИзградба на автопат Скопје – Блаце

[Извор: Програма на СДСМпарламентарни избори 2020 година, стр. 51; датум – јули 2020]

 

Образложение:

Во програмата за парламентарните избори 2020 година, СДСМ вети дека ќе изградат 260 километри автопатишта низ државата, меѓу кои и автопат до граничниот премин Блаце. Изградбата на автопатот Скопје-Блаце во вкупна должина од 12,5 километри, е започната пред четири години – во мај 2020 година (два месеца пред тогашните парламентарни избори), но досега (25.04.2024) не е завршена. На терен се одвиваат активности за првата делница – од граничниот премин Блаце до селото Блаце во должина од 2 километра, која е во завршна фаза и се најавуваше дека ќе биде пуштена во употреба до крајот на март, ама тоа не се случи. Изградбата, пак, на втората делница од селото Блаце до клучката Стенковец долга 10,5 километри, воопшто не е започната. Така што, ова изборно ветување не е исполнето.

 

Автопатот од косовска страна готов, од македонска тргни-застани две децении

На 29 мај 2019 година се отвори автопатот „Арбен Џафери“ од косовската страна, којшто нашите соседи го изградија само за пет години. На свечениот настан присуствуваше тогашниот македонски премиер Зоран Заев, кој тогаш изјави дека отворањето на косовскиот автопат дава поголем мотив да се забрза постапката околу изградбата и на автопатот од македонска страна. Овој инфраструктурен проект, инаку, е старо-ново ветување на социјалдемократите, дадено уште за предвремените парламентарни избори во 2016 година, во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“(стр.74 и 190).

Два месеца по пуштањето во употреба на косовскиот автопат, на 29 јули 2019 година, беше објавен тендерот за изградба на првата фаза од автопатот Скопје-Блаце. Но, ЈП за државни патишта го поништи овој тендер за избор на изведувач, бидејќи била поднесена само една понуда и таа била прескапа, го надминувала буџетот предвиден за изградба на делницата. Следеше втор тендер на којшто се пријавиле три изведувачи, од кои на почетокот на 2020 година беше избран „Гранит“, како најповолен понудувач за изведбата на првите два километра од автопатот Скопје – Блаце.

Во тој период „букна“ ковид-19 пандемијата и изградбата на автопатот беше во мирување, но во меѓувреме се вршеше експропријација на земјиштето каде што поминува трасата.

Потоа, беше најавено  дека завршувањето на првата делница ќе биде летото 2021 година, но тоа не се случи.

Извор на фотографија: ЈП за државни патишта

Лани во јули јавното претпријатие „Државни патишта“ го објави тендерот за изработка на втората делница од автопатот долга 10,5 километри, во износ од 186,7 милиони евра. Постапката се развлече и на крајот на јануари оваа година вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека компанијата наскоро ќе биде избрана.

Мислам дека на барање на тие што аплицираа беше одложен крајниот рок неколку пати на тендерската постапка. Мислам дека наскоро ќе биде избрана и компанијата за 10-те километриЗа двата километра е истата судбина како и секаде низ државата. За жал, јас сум кажал во неколку наврати дека во нашата земја недостигаат проектантски капацитети. Не навлегувам во тоа дали проектантските капацитети се такви затоа што има какви било намери, но имаше сериозни отстапувања од реалната состојба наспроти тоа што беше на хартија. И затоа заглави, изјави вицепремиерот  Битиќи (26.01.2024).

Чекајќи го автопатот, се обнови стариот пат

Во меѓувреме – во јануари годинава, заврши реконструкцијата на постојниот пат кон граничниот премин со Косово ( Скопје – ГП Блаце) во должина од 10 километри, што ја чинеше државата 3,8 милиони евра.

На свечениот настан кај кружниот тек пред ГП „Блаце“ (25.01.2024), на кој присуствуваа министерот за транспорт, врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заменик на претседателот на Владата Артан Груби, беше спомената и изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Притоа Груби, меѓу другото, изјави 

При крај е фамозната двокилометарска делница од автопатот Скопје – Блацекоја исто така треба да биде завршена во текот на следните месеци, по што ќе следи најава за претстојната делница во должина од 10 километри…

И министерот за транспорт и врски, Бочварски тогаш најави дека:

Зависно од временските услови се очекува на крајот на март да бидат пуштени првите два километри од автопатот во изградба.

Бочварски, Груби, Рустеми | Фото: Министерство за транспорт и врски

Но, ваквите предвидувања не се остварија.

Имајќи ја предвид горенаведената аргументација, ветувањето на СДСМ дека ќе го изградат автопатот до границата со Косово, го оценуваме како неисполнето. Првата делница од автопатот Скопје-Блаце сè уште не е завршена, а за втората делница долга 10,5 км е распишан тендерот за изградбата, но досега не е избран изведувач.

                                                            ********

Вистиномер во повеќе наврати има пишувано за автопатот Скопје – Блаце, којшто низ годините го ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Уште пред 13 години ВМРО-ДПМНЕ го вети овој проект во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.64)со која  излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа го предложи и за предвремените избори во 2014 година во програмата „Проверено“ (стр.50).

Идејата за автопат до границата со Косово е стара повеќе од 20 години. Од Јавното претпријатие за државни патишта во февруари 2020 година за „Мета.мк“ изјавија дека од претходната власт (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) во 2017 година наследиле единствено физибилити студија со финансиски варијанти за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Проектната документација за оваа делница била изработена уште во 2002 година, но на трасата изготвена во 2002 година во меѓувреме никнале нови објекти, а се појавила и потребата од прифаќање на европските стандарди и норми за проектирање на тунели, мостови и други сегменти од автопатот. Токму поради тоа, било неопходно повторното проектирање на автопатот.

 

Извори:

 

Оцени: Матеј Тројачанец

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До 13 часот за претседател гласале 23.95 отсто а за пратеници 25.84 отсто од гласачите

До 13 часот на Претседателските избори гласале 302.158 граѓани, односно 23.95 отсто од гласачите, додека, пак, на Парламентарните избори гласале 312.070 граѓани, или 25.84 отсто. Според податоците од Државната изборна...