Македонскиот главен град го делат околу 20 километри пат до границата со Косово. Јадранската магистрала денес е преполна со дупки и нерамнини има застарена сообраќајна сигнализација и заштитни огради на патот, како и неосветлен тунел што се наоѓа на трасата. Максималната брзина на движење на возилата е од 60 до 80 километри на час, па требаат 30 минути да се минат тие 20 километри до граничниот премин „Блаце“. Од спротивната страна на границата, во Косово, за идентичен временски период се стигнува до Приштина по новиот автопат „Арбен Џафери“.
За разлика од Косово, коешто успеа за помалку од пет години да го изгради целиот автопат долг 65,5 километри од Приштина до косовско – македонската граница, македонските власти веќе две децении ја планираат изградбата на автопат од 12,5 километри од граничниот премин „Блаце“ до скопската обиколница, но никако да почнат да го градат на терен.
Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ посочуваат дека од претходната власт во 2017 година наследиле единствено физибилити студија со финансиски варијанти за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Проектна документација за оваа делница била изработена во 2002 година. Сепак, на трасата изготвена во 2002 година во меѓувреме никнале нови објекти, а се појавила и потребата од прифаќање на европските стандарди и норми за проектирање на тунели, мостови и други сегменти од автопатот. Токму поради тоа, велат од ЈП за државни патишта, првата работа што морала да се направи е повторното проектирање на автопатот.
Од 2017 година до денес, започнале со ново проектирање, делејќи го автопатот во две фази. Конзорциумот „ИПф7“ е избран да ја изготви целокупната документација за обете етапи. Актуелната власт во јануари годинава го потпиша договорот вреден 10,16 милиони евра за изградба на првите два километри од автопатот, на потегот од граничниот премин „Блаце“ до клучката „Блаце“. Градежните машини за изведба на овој дел од трасата ќе почнат да работат во март.
Експропријацијата на земјиштето по кое минува трасата за првата фаза веќе е започната, документацијата е доставена до Државното правобранителство, додека предлозите за експропријација од нивна страна се испратени до Управата за имотно – правни работи и веќе се закажани расправи со сопствениците по поднесените предлози.
За преостанатите 10 километри од автопатот Скопје – Блаце досега е подготвено идејното решение, додека основниот проект за втората фаза би бил готов во првиот квартал од 2021 година. Од ЈП за државни патишта велат дека неопходните средства за изградба на втората етапа веќе се обезбедени, додека градежните работи би отпочнале веќе во есента 2021 година.
Експертите воздржани за повторното проектирање
И додека државните власти се задоволни од изборот за повторно проектирање на трасата, за експертите е несфатлива одлуката да се врши изработка на нова, втора по ред проектна документација за целата автопатска делница. Професорката по сообраќајно проектирање Јасмина Буневска – Талевска од Техничкиот факултет во Битола, вели дека можело да се направат измени во постојниот проект и верува дека немало потреба да се врши целосно препроектирање на целата траса.
За потребите на овој текст, професорката изврши и анкета на експерти – професори во пензија и од земјава и од регионот за тоа дали и кој од нив бил консултиран во однос на проектната документација за автопатот Скопје – Блаце.
– Никој од нас не е вклучен во изработката на новата проектна документација, па не би можела со сигурност да одговорам на тоа кои се во моментот главните причини за изработка на проектна документација на целата автопатска делница – истакнува Буневска – Талевска.
И во меѓувреме да се осознале подобри решенија на трасата за идниот автопат, посочува таа, тогаш можело да се изврши препроектирање, но само на оние делови за кои е констатирана потреба од тоа.
Таа додава дека основа за положување на една траса е изработката на елаборати за инжинерско – геолошки и геотехнички карактеристики со анализа на употребениот материјал. Доколку ваквите елаборати и проекти се изработени, ревидирани и прифатени, и доколку во изминатиов период немало сознанија за геолошки пореметувања, тогаш со комплетирана проектна документација би можело да се започне со изградба на терен.
Бизнисмените бараат кратење на роковите за градење
Идентично како и експертите, стопанствениците негодуваат за одолговлекувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
– Времето е единствениот ресурс кој не можете да го купите ама баш никаде – вели универзитетскиот професор Таип Јакупи, кој воедно е и претставник на Здружението на стопанственици на индустриската зона „Визбегово“.
Тој потенцира дека изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе трае предолго, но и дека токму оваа патна врска ќе биде уште една можност за економска пенетрација на македонските производи на косовскиот пазар. Според актуелните податоци, Косово е единствената држава во регионов на чија територија повеќе извезуваме наши производи отколку што увезуваме од оваа земја.
Јадранската магистрала, посочува тој, треба да прерасне во Паневропски Коридор 6, но и да овозможи поедноставен пристап кај патниот транспорт до пристаништата во Бар и Драч.
– Ова артерија ќе овозможи уште еден битен прозорец кон светот, освен солунското пристаниште, која за волја на вистината, нуди многу поскапи услуги на истата, без да се земе во предвид намалената дистанца од Драч и Бар до неколку градови во државата во северниот како и северозападниот дел – посочува професорот Јакупи од Здружението на стопанственици на индустриската зона „Визбегово“.
Актуелните бројки покажуваат дека фреквенцијата на возила на постојниот пат Скопје – Блаце во континуитет расте низ годините. Ако во 2010 година, на овој патен правец бил регистриран просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) од 3.659 возила, веќе во 2019 година по оваа делница минувале речиси двојно повеќе, односно 6.959 возила дневно, покажуваат бројките на ЈП за државни патишта, Македонија-пат и Државниот завод за статистика.
Овие бројки се просечната фреквенција на возила што се однесуваат на трасата од скопската обиколница до граничниот премин „Блаце“. Токму на овој потег е предвидено и да се гради новиот автопат Скопје – Блаце, за чија должина од 12,5 километри е предвидено да се издвојат над 110 милиони евра.
Автопат што ќе завршува во индустриска зона
Никој од властите не го споменува фактот дека автопатот Скопје – Блаце ќе треба да се надоврзе на дополнителна сообраќајница, која што допрва ќе треба да ја гради Градот Скопје, на потегот од скопската обиколница до Момин Поток.
Оваа идна сообраќајница треба да биде долга над 4 километри, а со неа ќе треба да се реши сообраќајниот метеж што секојдневно е присутен на патот Скопје – Блаце кај раскрсниците со булеварот „Словенија“ и со „Никола Карев“. Градот Скопје во ноември 2018 година јавно ја презентираше изработената физибилити студија и идеен проект за изградба на новата сообраќајна магистрала со четири коловозни ленти.
Сепак, градските власти велат дека изведбата на оваа сообраќајница ќе почека, бидејќи приоритет е решавањето на проблемот со раскрсниците на булеварот „8-ми Септември“ со улица „Скупи“ и со булевар „Никола Карев“, како и раскрсницата на булевар „Никола Карев“ со булевар „Словенија“. Проектната документација за овие градежни зафати е во фаза на изработка и таа ќе биде готова до септември годинава.
– Градот приоритетно е ангажиран во изградба на инфраструктурата до раскрсницата кај булеварот „Словенија“ односно проширување на булеварот „Никола Карев“ и раскрсницата кај Момин Поток која се предвидува да биде во форма на кружен тек на спрат за брз проток на возилата – велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.
Дури по завршувањето на овие зафати, градските власти ќе отпочнат со изградба на новата сообраќајница до обиколницата, со која би се остварило поврзување со идниот автопат Скопје – Блаце. Од Градот велат дека не знаат колку ќе чини изведбата на сообраќајницата, бидејќи допрва ќе се изготвува основен проект за неа. Додаваат дека со идејниот проект веќе е избрана трасата по која ќе се гради сообраќајницата, која што има најмалку потреби за експропријација на земјиште.
Од Здружението на стопанственици на индустриската зона „Визбегово“ потенцираат дека имаат мали несогласувања со Градот Скопје во однос на можноста за поврзување на индустриските објекти од зоната со идната сообраќајница.
– Очекуваме дека градските власти ќе смогнат сили да ги инкорпорираат нашите потреби да се изградат три сообраќајни јазли (кружни текови) на кои ќе можат сервисните улици кои ги користат компаниите од зоната да комуницираат со главната артерија – булеварот „Никола Карев“ – истакнуваат стопанствениците од оваа индустриска зона.
И додека автопатот Скопје – Блаце се наоѓа пред самиот почеток на неговата изградба, сите страни се свесни дека до конечната реализација на проектот има уште многу работа. Од Јавното претпријатие за државни патишта потенцираат дека 12 – те километри автопат од граничниот премин „Блаце“ до обиколницата ќе бидат пуштени во функција до крајот на 2024 година. Дополнително, градските власти во соработка со државата, ќе треба да пронајдат средства за преостанатите 4 километри наменети за изведба на сообраќајницата од обиколницата до влезот во Скопје кај Момин Поток.
Доколку не се забрза постапката за изградба на двата проекта од државните власти и локалната самоуправа, штети од спорото работење ќе трпи економијата, но и граѓаните кои секојдневно ги уништуваат своите возила по лошиот пат.
Предупредувањето од експертите е дека паралелно треба да се работи и на автопатот и на новата сообраќајница, за да не ни се случи слично сценарио со кое во моментов се соочува косовскиот главен град – патувањето меѓу Скопје и Приштина по автопат да е временски пократко од самиот влез од периферијата до центарот на градот.
Автор: Бојан Блажевски