fbpx

Објава погрешно тврди дека на Кина не ѝ е гајле за Западот

Доколку се погледнат фактите и бројките, ќе се види дека Кинезите „ќе ги за*оли“ за Западот, ако дојде до ситуација да има санкции и да трпи нивниот извоз. Со оглед на тоа што Кина е зависна од извоз, а најмногу извезува во западните земји

-

На Кина и тоа како и се важни западните земји, бидејќи тие се нејзини најголеми трговски партнери. Доказ за тоа е и најавата за посетата на кинескиот претседател на Франција, Србија и Унгарија, за подобрување на односите со ЕУ. Ако Кина не извезува во САД и ЕУ, економијата значително ќе ѝ ослабне. Затоа Кина не дава оружје директно на Русија, туку само мал број фирми даваат опрема како делови за радари и тие сега се погодени од секундарни санкции. Кина зависи од Западот затоа и не зазема страна во спорот меѓу Русија и Украина, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека на Кина не ѝ е гајле за Западот.

Од денешните смешки на денот. Ги заболе Кинезите за Западот, стои во објавата.

Објавата содржи и фотографија од напис во кој генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ѝ испраќа порака на Кина дека ќе ги изгуби односите со Западот, ако не престане да ја поддржува Русија.

Според Столтенберг, како што пренесува написот на Фокус повикувајќи се на Ројтерс, Кина најмногу ѝ помогнала на Русија со тоа што на Москва ѝ обезбедила врвна технологија, како што се полупроводници.

Од вкупното количество електроника што Русија ги увезе минатата година, 90% доаѓаат од Кина и се користат за производство на ракети, тенкови и авиони. Кина исто така работи на тоа да и обезбеди на Русија подобрени сателитски способности и снимање, рече Столтенберг.

Објавата што ја анализираме, тргнувајќи од предупредувањето на Столтенберг, ја манипулира јавноста дека „ги за*оле Кинезите за Западот“.

Но, доколку се погледнат фактите и бројките, ќе се види дека Кинезите „ќе ги за*оли“ за Западот, ако дојде до ситуација да има санкции и да трпи нивниот извоз. Со оглед на тоа што Кина е зависна од извоз, а најмногу извезува во западните земји.

Според податоците на Статиста, објавени на 1 март 2024 година, Кина во 2023 година извезла стоки во вредност од приближно 3,38 трилиони американски долари. Во однос на претходната 2022 година, е забележано намалување на вредноста на извозот за околу 4,6 отсто. Во 2022 година Кина извезла стоки во вредност од околу 3,54 билиони (илјади милијарди) американски долари, а во 2021 година 3,31 билиони (илјади милијарди) американски долари.

Извозот на Кина постојано расте во текот на изминатата деценија, со исклучок на 2009 година кога финансиската криза и глобалниот економски пад ја забавија глобалната трговија и 2016 година кога имаше ново намалување на глобалната побарувачка. Освен што е најнаселена земја, Кина стана и најголемата производствена економија и најголемиот извозник во светот. Соединетите Американски Држави, АСЕАН и Европската Унија беа водечки извозни партнери на Кина во 2022 година, пишува Статиста.

Во 2023 година, АСЕАН била најголемата извозна дестинација за Кина. Вредноста на извозот на Кина во статистиката на членките на АСЕАН надмина 3,68 трилиони јуани, според податоците на Статиста.

Втори на листата се Европската Унија каде вредноста на извозот изнесувал 3,52 билиони јуани, а трети на листата се САД каде вредноста на извозот изнесувал 3,51 билиони јуани.

 

Во 2023 година, кинескиот извоз на трговски стоки во САД изнесувал околу 427,23 милијарди американски долари, објавува Статиста.

Освен што извезува во САД, Кина исто така и увезува од Соединетите држави.

Споредено со американскиот увоз од Кина, вредноста на американскиот извоз во Кина во 2020 година изнесува 427,23 милијарди американски долари. Кина е најголемиот трговски партнер на Соединетите држави, додека Кина беше трет по големина пазар за извоз на стоки на САД. Некои од водечките извозни производи во Кина во земјоделскиот сектор вклучуваа соја, памук и производи од свинско месо. Тексас беше водечка држава што извезуваше во Кина во 2020 година врз основа на вкупната вредност на извозот на стоки, од 16,9 милијарди американски долари, забележува Статиста.

Во 2023 година, Кина беше најголемиот партнер за увоз на стоки од ЕУ (20,5% од вкупниот увоз надвор од ЕУ) и беше трет најголем партнер за извоз на стоки од ЕУ (8,8% од вкупниот извоз надвор од ЕУ), забележува Евростат.

ЕУ од Кина најмногу увезува телекомуникациска опрема, електрични машини и апарати, автомобили и т.н.

Годишниот увоз и извоз со ЕУ и САД достигна 5,5 билиони јуани (771,5 милијарди американски долари) и 4,67 билиони јуани (655 милијарди американски долари), што претставува 13,2 отсто и 11,2 отсто соодветно. Во меѓувреме, билатералната трговија со Латинска Америка и Африка се зголеми за 6,8 отсто, односно 7,1 отсто на годишно ниво, пишува Чајна брифинг.

Од овие бројки, станува јасно дека на Кина и тоа како и е гајле за Западот, бидејќи западните земји, пред сè ЕУ и САД, се најголеми трговски партнери на Кина, после земјите од АСЕАН.

САД и ЕУ најавија можни санкции кон Кина доколку Кина продолжи да ѝ помага на Русија во војната во Украина. Како што објави Си-ен-би-си на на 20 февруари 2024 година, Кина има многу повеќе од Русија да загуби доколку САД ѝ воведат санкции.

Американските санкции би можеле сериозно да ѝ наштетат на кинеската економија која веќе е во застој, по побавното од очекуваното закрепнување по ковид-19 и турбуленцијата во нејзиниот сектор за недвижнини. Но, таквиот чекор може да им наштети и на САД, со оглед на трговската меѓусебна зависност на земјите и ова размислување поттикна претпазливост од Вашингтон во минатото, пишува Си-ен-би-си во својата анализа.

Доколку се применат широки санкции кон Кина, тоа навистина би нè погодило дома. И нивните економски перформанси во моментов се веќе слаби. Така, се надевам дека Кина внимателно ќе пресмета дека ќе има последици од поддршка на насилството и развратот на Русија во Украина, вели демократскиот конгресмен Џералд Коноли за Си-ен-би-си.

Истрагата на CNBC во септември покажа дека кинеските фирми играат клучна улога во зајакнувањето на руските воени капацитети, вклучително и преку трговијата со стоки за употреба на бојното поле во Украина. Посебен извештај од јануари покажа дека Кина стана клучен канал за пренесување на критичната западна технологија во Русија.

Политико на 13 февруари објави дека ЕУ предлага санкции за кинеските фирми кои ѝ помагаат на Русија.

Со цел зајакнување на врските со ЕУ, кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе ги посети Франција, Србија и Унгарија од 5 до 10 мај, што е негово прво патување во Европа во последните пет години.

Време е да се подигне сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Франција на ново ниво и да се даде нов импулс на здравиот развој на односите меѓу Кина и ЕУ, да се даде нов придонес за светскиот мир, стабилност, развој и напредок. Кина со нетрпение очекува да работи со Франција за дополнително зајакнување на политичката меѓусебна доверба, солидарност и соработка, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан на редовниот брифинг за новинарите, пренесе Гласот на Америка.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека на Кина и тоа како ѝ се важни западните земји, бидејќи тие се нејзини најголеми трговски партнери. Доказ за тоа е и најавата за посетата на кинескиот претседател на Франција, Србија и Унгарија за подобрување на односите со ЕУ. Ако Кина не извезува во САД и ЕУ, економијата значително ќе ѝ ослабне. Затоа Кина не дава оружје директно на Русија, само мал број фирми даваат опрема како делови за радари и тие сега се погодени од секундарни санкции. Кина зависи од Западот затоа и не зазема страна во спорот меѓу Русија и Украина. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Лажна реклама за чај ги злоупотребува аналитичарот Петар Арсовки и доктор Драган Даниловски

Објавата шири морбидна лага дека починал политичкиот аналитичар Петар Арсовски, чијашто фотографија е злоупотребена. Кога ќе го отворите линкот за да ја дознаете вистината, тој ве води на страница...