Герила акција: Макета на јавен тоалет во Градскиот парк

Екстериерот на тоалетот има зелени ѕидови (вертикално поставени растенија) кои би служеле за разубавување на градот и истите би се наводнувале преку поставениот дождовник на кровот на тоалетот

фото: Озбек Ајван

Уметникот Озбек Ајваз кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје, денеска го претстави неговото последно дело во соработка со архитектката Натали Велеска, а кое е дел од проект за проблемот со јавните тоалети во главниот град.

Со последната акција, авторите на уметничката инсталација сакаат да прикажат, како што велат, предлог решение преку претставување на макета – конструкција со испринтан тоалет.

„Тоалетот би бил изведен од метална конструкција, обложен со дрвени панели, неговите димензии би биле минимални 150 X 250 X 250 сантиметри, за да биде поекономичен за масивно производство и за понатамошно одржување“, велат авторите.

Јавниот тоалет би нудел можност да се постават соларни панели на кровот, со што би имало извор на природна вентилација и светло.

Екстериерот на тоалетот има зелени ѕидови (вертикално поставени растенија) кои би служеле за разубавување на градот и истите би се наводнувале преку поставениот дождовник на кровот на тоалетот.

Од страната на макетата е прикажана и мапа на Градот Скопје, со означени локации кои, според авторите, би биле идеални места во градот каде јавните тоалети се најнеопходни.