Властите во Даблин, Ирска привремено ќе го затворат „видео порталот“ со Њујорк, поради „непослушно однесување“. Градскиот совет вчера соопшти дека ќе ја исклучи интерактивната веб-камера додека техничарите ќе се обидат да го изменат или цензурираат проектот, јави Гардијан.

„Тимот зад уметничката скулптура ‘Портал’ истражуваше можни технички решенија за несоодветното однесување на мало малцинство луѓе. Градскиот совет на Даблин се надеваше дека ќе има решение денес, но, за жал, претпочитаното решение, кое би вклучило замаглување на снимката, не беше задоволително“, се вели во соопштението на советот на ирскиот главен град, од каде најавија дека подоцна неделава „порталот“ повторно ќе биде вклучен.

Дизајнирани од литванскиот уметник Бенедиктас Гилис, порталите, всушност, претставуваат големи кружни екрани, на кои се прикачени и камери што постојано емитуваат снимки во живо од двата града. Њујоршкиот „портал“ е поставен на раскрсницата меѓу Бродвеј, Петтата авенија и 23-тата улица, додека оној во Даблин се наоѓа на крстосницата меѓу улиците Северен Ерл и О’Конел во центарот на градот.

Уметничката инсталација стана глобален феномен и извор на контроверзии откако беше промовирана на 8 мај. Лица од ирската страна фрлаа јајца, се соблекуваа и прикажуваа слики од кукасти крстови и кулите близначки кои горат на 11 септември 2001 година, поради што Њујорк Пост го нарече проектот „портал до пеколот“.

Повеќето луѓе што го комуницираат со порталот се однесуваат пристојно, вели даблинскиот градски совет. Меѓутоа, оние кои фрлаа предмети или покажуваа провокативни фотографии станаа вирални сензации на интернет.

Со ист ваков уметнички „портал“ поставен од истата организација, од 2021 година се поврзани и градовите Вилниус во Литванија и Љублин во Полска.