Превртени кошеви и искршени седишта – институциите си префрлаат вина за руинираната спортска сала на УКИМ

Спортската сала е неопходна за одвивање на наставата по предметот „Спорт и здравје“ за студентите на сите универзитетски единици, но од 2017 кога беше изградена, не е одржан ниту еден час во салата

Сала УКИМ / Фото: Мета.мк

Уште во далечната 2006 година на студентите при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) им беше ветена најмодерна спортска сала, која дури по 11 години – во 2017, се изгради на кампусот. Седум години подоцна, изградената сала не е пуштена во употреба, нема сопственик, a за нејзината изградба од Агенцијата за млади и спорт (АМС) тврдат дека се потрошени 124.205.636 денари (околу 2 милиони евра) државни пари.

Изградбата на оваа сала е инвестиција на АМС и Владата на РСМ, која се простира на 6.000 метри квадратни со 800 седишта за публика.

Објектот нема обезбедување, вратата е заклучена, но затоа внатре може да се влезе преку многуте искршени прозори. Ова го стори и редакцијата на Мета.мк, а внатре нè пречекаа искршени стакла, ѓубре, превртени кошеви, оштетени душеци, па и разнесени седишта.

 

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, вели дека спортската сала е неопходна за одвивање на наставата по предметот „Спорт и здравје“, за студентите на сите универзитетски единици. Таа би требало да биде решение за просторниот проблем и недостоинствените услови во кои се одвива наставата по овој предмет на најголемиот универзитет во државата.

Не се знае кога студентите ќе може да ја користат салата

Иако во последните години често се даваа ветувања за наскоро отворање на салата, ректорката на УКИМ вели дека сè уште не се знае кога ќе се случи тоа.

Од универзитетот велат дека имаат направено проценка на изведбата и усогласеноста на изведените работи наспроти проектираните. Оттаму велат дека според документацијата која им била доставена од Агенцијата за млади и спорт,  објектот има недостатоци кои ги нарушуваат барањата на градбата и дека не постои писмена согласност од надлежните за прифаќање на сите измени во текот на градбата.

„Сѐ додека не се запазат законските процедури за отстранување на недостатоците и спроведување технички преглед, не можеме да претпоставиме кога ќе биде пуштена во употреба“, вели Ангелова.

Меѓутоа, од Агенцијата за млади и спорт за Мета.мк коментираат дека проценката за реконструкција од УКИМ не е доставена до нив.

„Висината на средствата за нејзино реконструирање и доуредување не е одредена. Во изминатиот период се направени низа состаноци на кои е договорено стручни лица, професори од УКИМ да направат проценка и проект за реконструкција на салата. Проектот и проценката сè уште не е доставен до нас од страна на Универзитетот за да знаеме колку средства ни се потребни за нејзино ставање во употреба“, коментираат од АМС и додаваат дека по доставување на проценката, АМС ќе ги обезбеди потребните средства.

Топката на одговорност се префрла додека спортската сала се распаѓа

Во врска со штетата врз салата, ректорката вели дека веќе со години истата е мета на вандали и крадци, но и дека оштетувањата започнале уште за време на самата изградба.

Ангелова посочува дека според Законот за градење, изведувачот е должен да спроведува мерки за заштита и сигурност на градилиштето.

„Оштетувањата се интензивирани откако изведувачот „Алкон проект“ влезе во стечајна постапка и судски спорови со Агенцијата за млади и спорт. За време на нејзината изградба имаше чуварска служба која беше обезбедена од страна на изведувачот, а со тоа имаше некаква контрола на безбедноста во салата барем преку ден. Денес, немаме информација чие е владението на спортската сала“, објаснува таа.

Од 2013 година, тендерот за изградба на салата распишан од АМС го добива фирмата „Алкон проект“. Но, за текот на изградбата, минуваат низ судски спор, а АМС беше должна да исплати 810.000 евра на Алкон проект.

Судскиот спор се отвори откако Агенцијата за млади и спорт обвини дека од Алкон проект граделе со измени кои не се одобрени од проектантите на основниот проект и инвеститорот. И основниот и второстепениот суд, сепак одлучуваат во корист на Алкон проект.

„Фирмата Алкон проект ги доби пресудите на пониските судови затоа што тврдеше дека поднела времена ситуација – попис и фактура на сѐ што е сработено во конкретна фаза од градењето на објектот, а Агенцијата не ја платила целосно. Од Агенцијата, пак, тврдат дека фирмата наместо во квадратни метри дел од материјалот го прикажала во кубни метри. Затоа побарале и платиле коригирана времена ситуација во помала сума, со која тврдат дека претходната се става надвор од сила“, пишуваа 360 степени во 2020 година за случајот.

Потоа, АМС поднесува ревизија на пресудата на гостиварскиот Апелационен суд до Врховниот суд.

Како што пишуваа од 360 степени, Врховниот суд сметал дека ревизијата е основана од причина што пресудата е нејасна, како и дека пониските судови не испитале дали предметниот договор содржи одредби како ќе се утврди конечната вредност на објектот и доколку содржи, како се однесувале договорните страни.

„Судскиот процес трае, на Врховен суд е. Чекаме пресуда да знаеме што се случува. Некаде е позитивно негде е негативно, се чека одговор од Врховниот суд“, изјави директорот на АМС, Николче Мојсовски за Мета.мк во врска со текот на судскиот процес.

За оштетата и одговорноста за чување на салата, од АМС велат дека салата е оштетена од причина што по завршување на градежните активности истата не била приклучена на водоводната и канализационата мрежа, што претставувало обврска на Универзитетот.

„Согласно Законот за градење обврска за чување и обезбедување на градилиште и објект е на изведувачот на градежните активности се до примопредавање на објектот на инвеститорот или на крајниот корисник на објектот“, кажуваат оттаму.

Очигледно е дека покажувањето со прст и префрлањето на вината не помагаат за отворањето на спортската сала за студентите на УКИМ, а останува да видиме уште колку години ќе се чека да профункционира проектот од 124 милиони денари.