Доколку се погледнат официјалните резултати од изборите спроведени во дипломатско-конзуларните претставништва во странство објавени на веб-страницата на ДИК, ќе се види дека на Малта воопшто не било спроведено гласање, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека на гласањето во Малта на првиот круг од претседателските избори кои се одржаа на 24 април, победила кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова.
Малта резултати од гласањето
Гордана Давкова 659 гласаБилјана Ванковска 58Стевчо Јакимовски 36Максим Димитриевски 12Стево Пендаровски 2Повеќе од јасна е победата и газењето на СДСМ,стои во објавата во која не е наведен никаков извор за податоците од наводните резултати од гласањето.
Тврдењето дека на Малта се спровело гласање за претседателските избори е погрешно. Имено, во Малта воопшто немаше гласање, ниту, пак, имаше пријавено наши граѓани за гласање, а тоа може да се потврди доколку се видат официјалните изјави од Државната изборна комисија (ДИК) и, секако, доколку се видат официјалните резултати од гласањето на изборите во дијаспората објавени на официјалната веб страница на ДИК.
Имено, како што информираа од ДИК на 20 март, за гласање во странство биле пријавени 2.954 иселеници. Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај, врз основа на прифатените пријави, треба да се организира во 24 земји.
Најмногу прифатени барања за гласање имало во Германија – 578, потоа во Словенија – 327, во САД – 241, во Швајцарија – 182, во Канада – 122, во Австрија – 116, во Италија – 101, во Австралија – 97, во Белгија – 91. Меѓу земјите каде што има најмалку пријавени е Кина каде има 12 наши државјани што сакаат да гласаат на изборите.
Доколку се погледнат официјалните резултати од изборите спроведени во дипломатско-конзуларните претставништва во странство објавени на веб страницата на ДИК, ќе се види дека гласање во Малта воопшто не било спроведено.
Резултатите во дијаспората, според 100 отсто обработени избирачи и избирачки места, покажуваат дека победила кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова со освоени вкупно 369 гласа. Тоа е речиси двојно помалку од наводно освоените 659 гласа во Малта.
Кандидатот на ДУИ Бујар Османи е втор со 182 гласа, а кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски има освоено 175 гласа. Потоа следат кандидатката на Левица, Билјана Ванковска – 158 гласа, кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 66 гласа, кандидатот на „Вреди“ Арбен Таравари со 37 гласа и кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски со 18 гласа.
Гласањето во дијаспората се спроведе ден порано, на 23 април, но ДИК дента не ги објави резултатите, бидејќи се чекаа официјалните резултати од севкупното гласање. Така што, очигледно е дека наводните резултати од наводното гласање на Малта се лажни.
Дека на Малта воопшто немало гласање потврдува и новинарот Игор Филевски – Филе, кој живее на Малта. Во видеото објавено на 24 април – кога се одржа првиот круг од претседателските избори, тој кажува дека македонските граѓани можеле да гласат, но во Рим, што е за нив комплицирано поради тоа што ќе им треба слободен ден, а секако претставува и дополнителен трошок..
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.