fbpx

Ковачевски повика на внатрепартиски избори: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв од прекумерната моќ која ја има партија која е позната по злоупотреба на моќта. СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна и државничка опозиција, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз

-

Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар – не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата, истакна вечерва на прес-конференција претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски.

Во својот говор по објавата на првичните резултати од парламентарните и претседателските избори, на кои актуелната владејачка партија губи со голема разлика од својот опонент ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски повика на нови внатрешни избори во СДСМ.

„СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните четири или седум години. И уште поважно, што е тоа што треба да го направиме за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Затоа, повиквуам на нови внатрешни избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, сѐ до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата“, изјави лидерот на СДСМ.

Ковачевски рече дека СДСМ и коалицијата сега треба и мора да бидат одговорна и силна опозиција.

Најави дека на отчетен конгрес на партијата ќе се разгледуваат причините за изборниот исход, додавајќи дека на СДСМ му е потребно обновување на идеолошката и вредносна матрица, длабока кадровска промена и реформи во организациската поставеност.

„Клучно во овие промени ќе биде целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничката патека. Но, додека се случува овој процес, не смееме и не можеме да ја занемариме нашата одговорност кон државата и граѓаните. Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв од прекумерната моќ која ја има партија која е позната по злоупотреба на моќта. СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна и државничка опозиција“, порача Ковачевски.

Тој ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и изборот на Гордана Сиљановска Давкова за претседател на државата, порачувајќи дека иднината и европскиот пат на државата „сега се во рацете на новата влада предводена од Христијан Мицкоски“.

„Ги предупредувам сите оние кои мислат дека денешното гласање било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до ЕУ. Блокирањето на тој пат кон Европа не само што ќе донесе голем пад на животниот стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии и ќе нѐ изложи на безбедносен ризик кој никој од нас не може да разбере колку може да биде голем“, изјави Димитар Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хеликоптер во кој патувал иранскиот претседател претрпи „тешко слетување“

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиши претрпел „тешко слетување“, пишува Би-би-си. Министерот за внатрешни работи кажува дека спасувачите сé уште се обидуваат да стигнат до местото на несреќата поради тешките...