fbpx

(РЕПОРТАЖА) Надежите на СДСМ испарија во сауната на ВМРО-ДПМНЕ

Луѓето кои дојдоа да ја изразат својата поддршка за ВМРО-ДПМНЕ беа подготвени за нешто ново. Но, како што рекоа и Мицкоски и Сиљановска, останува да се види каква ќе биде политиката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

-

„Овде е стравотно топло, како во сауна е“, рече професорката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи марамче да се избрише, пред да ја прогласи победата на претседателските избори, како прва жена претседател во Македонија.

Како што победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ стануваше сè поизвесна, и на претседателските и на парламентарните избори, атмосферата во штабот на партијата навистина стануваше сè потопла. При влезот на Сиљановска Давкова во прес салата, присутните активисти и симпатизери веќе наголемо си ја честитаа победата.

Фото: Мета.мк

Пред штабот, пак, на голем екран се пуштаа изведби на македонски народни песни. Се собираа сè повеќе и повеќе луѓе – се сликаа со пријателите, дел завеани со македонски знамиња околу себе. Слободно може да се каже дека владееше опуштена атмосфера – резултат на сигурноста во победата, која беше извесна два часа по затворањето на гласачките места.

„Не се согласувам дека го добив гласот поради национализмот“, рече Сиљановска Давкова. Истакна дека за неа нацијата е секогаш демосот и ги вклучува Албанците, Ромите, Србите и сите други малцинства во државата.

Фото: Мета.мк

Еден од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кој беше дојден пред главниот штаб беше бездомник со физичка попреченост. Тој беше незадоволен од досегашниот систем за поддршка на лица со попреченост и се надеваше на подобра иднина. Секој со своите лични причини и надежи се најде пред штабот на опозициската партија која сега повторно доаѓа на власт, по 7 години.

„Има ли поголема промена од тоа во оваа државичка жена да стане претседател“, рече Сиљановска Давкова, која коментираше дека сè уште не ѝ е јасно што направила за да ја заслужи оваа чест.

По прес-конференцијата на идната претседателка, веќе немаше веќе потреба од снимена музика бидејќи надвор веќе се собраа музичари. Пристигнуваа првичните резултати од ДИК и стануваше очигледно дека победата за ВМРО-ДПМНЕ е сигурна. Истото бездомно лице со физичка попреченост беше со рацете во воздухот и велеше дека е 100 % сигурен дека следува подобра иднина.

Внатре во штабот, пак, се чекаше да започне прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Салата се полнеше, а сè уште немаше знак од Мицкоски, ниту пак од венитлација. По триесет минути, влезе лидерот на партијата, придружен од скандирање: „Македонија“, „ВМРО-ДПМНЕ“, „Христијан! Христијан!“.

Идниот премиер речиси и не можеше да стигне до збор од навивањето на публиката, која започна да ја пее „Има само една Македонија“ и да плеска во ритам. Се приклучија и неговите сопартијци кои стоеја покрај него, но не и тој, одбирајќи да изгледа сталожено додека си го бришеше челото од потта во салата.

„Успеавме“, кратко кажа Мицкоски пред публиката повторно да еруптира во прослава.

Фото: Мета.мк

Мицкоски најави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде влада за сите – Македонци Албанци, Роми, Срби, Турци, Бошњаци, како и за христијани, муслимани и атеисти.

Тој го прослави паѓањето на владата, како и „фактот што не успеал бојкотот на ДУИ“.

„Да го цитирам Јунг: ‘Вие не сте тоа што кажувате, туку тоа што правите’“, претходно кажа Сиљановска Давкова.

Ова го подвлече и Мицкоски, кој истакна дека треба претпазливо да се слави, бидејќи треба да се види што всушност ќе направи владата кога ќе стигне на власт. Ова го изјави кратко откако најави нов голем економски инвестициски пакет, кој не сакал да го најави за време на кампањата, за да не се „политизира“.

Ако претходно се чинеше дека има многу луѓе, по говорот на Мицкоски стана практично невозможно да се излезе од штабот. Надвор имаше уште повеќе пеење и развеани знамиња.

Фото: Мета.мк

Патот кон скопскиот плоштад беше поплочен со петарди и огномет. Толпата луѓе на плоштадот беше пречекана од гласовите на Наум Петрески и Андријана Јаневска, која ја пееше „Заветна“, песна оригинално отпеана од Пепи Бафтировски, која стана „неофицијална химна на Македонците“.

Луѓето кои дојдоа да ја изразат својата поддршка за ВМРО-ДПМНЕ беа подготвени за нешто ново. Но, како што рекоа и Мицкоски и Сиљановска, останува да се види каква ќе биде политиката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Мицкоски најави дека уште од следниот ден ќе започне со преговори за коалицирање.

Фото: Мета.мк

Покрај со албанската коалиција „Вреди“, Мицкоски најави разговори и со останатите опозициски партии. Но, како што рече, тоа не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада.

Лидерот на партијата Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој е дел од коалицијата „Вреди“, пак, најави дека уште денеска ќе ги почнат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК), ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ со речиси 400.000 гласа, во идниот парламентарен состав ќе имаат 58 пратенички мандати. За да формира влада и да ја предводи државата, на една партија ѝ е потребно мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 во македонското Собрание.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Словенечкиот премиер е надовор од животна опасност но останува на интензивна нега

Словачкиот премиер Роберт Фицо веќе не е во животна опасност, но останува на интензивна нега четири дена откако беше застрелан од вооружен маж, изјави заменик-премиерот на земјата, а пишува...