среда, 10 јуни, 2026
Meta.mk

Утре протестен собир во Скопје за солидарност со протестите во Србија

Здружението за едукативен развој „Еквалис“ најави дека утре ќе се одржи протест во 12 часот пред Амбасадата на Србија во Скопје, во солидарност со протестите кои се одвиваат во Србија, кои беа иницирани како реакција на несреќата во Железничката станица во Нови Сад во ноември, во која загинаа 15 лица откако се урна настрешницата на станицата.

„’Еквалис’ го организира овој протест за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со срушувањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин. Ги покануваме граѓан(к)ите, студент(к)ите, младите, но и воопшто сите коишто сметаат дека, иако крајот на оваа година се ближи, не смееме да ги заборавиме оние коишто и покрај тоа продолжуваат да живеат во заробена држава“, стои во најавата за протестот.

Од „Еквалис“ посочуваат дека студентските пленуми, окупациите на факултетите и прогласувањето на факултетски автономни зони се позната алатка и во нашата држава за спротивставувањето на авторитарните режими.

Со утрешниот протест, се поддржуваат следните барања од студентите од Нови САД, кои ќе бидат прочитани и пред Амбасадата на Србија во Скопје.

Барањата се:

1. Објавување на комплетната документација поврзана со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад

2. Кривично гонење и спроведување на кривични постапки против правните и физички лица одговорни за рушењето на настрешницата во Нови Сад, во согласност со законот

3. Оставки и утврдување кривична одговорност на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ

4. Кривично гонење и спроведување на кривични постапки против сите лица одговорни за напади врз учениц(чк)ите, студент(к)ите и граѓан(к)ите вклучените во мирните демонстрации

5. Кривично гонење и спроведување на кривични постапки против полициските службеници одговорни за нападите и нанесување повреди на Илија Костиќ

Во Хрватска се одржуваат претседателски избори

Денес се одржуваат осмите претседателски избори во Хрватска од нејзиното осамостојувањето, пренесува хрватскиот „Индекс“.

Државната изборна комисија на Хрватска соопшти дека утрово се отвориле повеќе од 6.500 избирачки места низ земјата и во 38 други држави. Право на глас имаат вкупно 3.762.224 граѓани.

На изборите ќе се одлучи дали сегашниот претседател Зоран Милановиќ, поддржан од Социјалдемократската партија (СДП) и нејзините сојузници, ќе добие втор мандат. Неговиот најсериозен противкандидат е Драган Приморац од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Генерално се смета дека Милановиќ ќе освои најмногу гласови во првата рунда. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вели дека Милановиќ „про-руски“ и смета дека овие избори се клучни за иднината односите на Хрватска со ЕУ и НАТО.

Другите кандидати за претседател се Ивана Кекин од зелено-левичарската партија „Моземо“, Миро Буљ од десничарската конзервативна партија „Мост“, Бранка Лозоод десничарската партија „Дом и национален собир“ (ДОМИНО), како и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.

Најмалку 167 лица загинаа во тешка авионска несреќа во Јужна Кореја

Најмалку 167 лица загинаа во авионска несреќа утрово кога авионот „Боинг“ 737-800 слетуваше во јужнокорејскиот Меѓународен аеродром Муан, соопшти Националната пожарникарска агенција, а пренесуваат Гардијан и Би-би-си.

Засега се пронајдени само двајца преживеани од вкупно 181 патник кои патувале од Бангкок, Тајланд во авионот управуван од јужнокорејската авиокомпанија „Џеџу ер“.

Сè уште не е позната причината за несреќата, но противпожарните единици на местото на инцидентот сметаат дека најверојатно станува збор за судир со птици при слетувањето, како и лоши временски услови. Претставник од „Џеџу ер“ објави извинување и рече дека ќе се работи на утврдување на причината за несреќата. „Боинг“ за Гардијан изјави дека се отворени да соработуваат со „Џеџу ер“ за да се открие причината за несреќата.

Семејствата на жртвите се собираат во аеродромот. Доколку се потврди бројот на жртви, тогаш ова би била најтешката авионска несреќа во Јужна Кореја. Дополнително, несреќата е првиот значаен инцидент поврзан со нискобуџетна авиокомпанија во државата.

Претседателот на Јужна Кореја Чои Санг Мок, кој ја презеде функцијата пред само два дена, пристигна во аеродромот. Тој мобилизираше преку 1.500 работници од итни служби.

Најмалку пет убиени во пукање во мигрантски камп во Франција

Најмалку пет лица биле убиени во пукање во мигрантски камп во близина на францускиот град Денкерк. Дваесет и двегодишен човек кој тврди дека бил напаѓачот се предал во најблиската полициска станица, пренесува Гардијан.

Осомничениот напаѓач ѝ изјавил на полицијата дека убил човек во францускиот град Вормут, а потоа убил четворица во мигрантскиот камп Лон-Плаж.

Според Ројтерс, двајца од убиените во кампот биле чувари, а двајца биле мигранти.

Француската полиција нашла уште три оружја во возилото на осомничениот. Сè уште не е јасен мотивот на убиецот.

Според француската добротворна организација „Care4Calais“, кампот постои со години и најголем дел од тие кои престојуваат таму се Курди и Авганистанци, вклучително и многу фамилии со мали деца.

На „Скомрахи“, студентскиот театар останува слободен, трансформативен и поткрепен од заедничката работа

Во текот на пет дена во ноември, посетителите на меѓународните студентски средби „Скомрахи“ трчаат од Академска сцена на Факултетот на драмски уметности (ФДУ) и Драмскиот театар до Младинскиот културен центар и Албанскиот театар за да постасаат на сите настани на богатата програма. Оваа година тие наидоа на танцови перформанси, претстави од Горан Стефановски на словенечки, филозофско-туристички тури низ Скопје, длабински разговори за креативниот процес во драмските уметности, журки во бифето на ФДУ и, секако, многу, многу претстави.

Мултимедијалната прослава на драмските уметности, која оваа година го слави својот 32-ри роденден, претставува една од најважните и највозбудливи недели за студентите на ФДУ, кои имаат прилика да се запознаат и разменат контакти со други колеги од регионот.

Посетителите чекаат да влезат Драмски театар за отворањето на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

„Скомрахи“ е организиран за студентите од студентите, кои можеби никогаш не биле толку ангажирани зад кулисите колку што беа оваа година.

„Ова беше прв Скомрахи откако јас сум на факултетот каде студентите се до таа мера вклучени во одделот за програмата. Процесот беше убав затоа што ни беше дадена многу слобода. И иако имаме различни вкусови приватно, многу лесно се согласивме кои претстави треба да ги викнеме од сите можни апликации“, вели за Мета.мк Мартина Даниловска, студентка во четврта година на наставната програма Актерска игра.

Идејата за програмата била разработена на работилница на која студентите требало, меѓу другото, да смислат во кој правец ќе се движи фестивалот. Темата до која стигнале оваа година беше „Дионизија сега“, алудирајќи на Дионизиите во античка Грција, односно фестивали во чест на Дионис, богот на виното, грозјето и екстазата.

Плакатот за овогодишното издание на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

„Не знам точно кој ја даде таа идеја за Дионис. Размислувавме како ние се ограничуваме и зошто и како уметноста може да не биде ограничена. Aма така некако тргна од тоа – ако Дионисиите би се случувале во 2024, какви би биле?“, вели Мартина.

Можеби тие би изгледале нешто како претставата на отворањето, постановката на „Кралот Иби“ од францускиот автор Алфред Жири од страна на студенти на ФДУ. Станува збор за легендарна драма која го тера гледачот да размислува за политичките системи кои владеат над нас. Но, покрај сериозната тема, претставата е позната по нејзиниот провоцирачки и вулгарен хумор, кој беше токму погоден за овогодишната тема на „Скомрахи“. Студентите ја изведоа претставата во полн дионизиски раскош – со преувеличени движења, шарени костими и громогласни извици.

„Процесот на одбирањето на костимите беше натпревар за кој од нас може најглупаво и најсмешно да изгледа“, вели еден од студентите актери.

„Глупавите“ костими од претставата „Кралот Иби“ | Фото: Скомрахи

Студентите имаа прилика да објаснат вакви детали околу својот процес на една од сесиите на „Скомрахи разговори“, кои за првпат се одржуваат годинава. Станува збор за панел-дискусии по секоја претстава, за предизвиците со кои се соочиле студентите и тоа како самите се промениле и развиле како креативци и уметници низ процесот на подготовка на претставата. Токму на овие разговори можеби и најсилно сјаеше пасијата за театарот на студентите, кои со бескрајна љубопитност го дискутираа својот занает.

На разговорот за „Кралот Иби“, студентите открија дека претставата им била предизвик бидејќи барала од нив гротескна глума, а не реалистична, како што најмногу изучувале дотогаш во своите студии. Дополнително, сценариото вклучувало и дијалог кој произлегол од импровизации, што барало дополнителна заедничка работа, без која студентите заклучија дека немало ништо да постигнат.

Меѓународните студенти, продлабочени во „Скомрахи разговори“ | Фото: Скомрахи

До сличен заклучок стигнаа и групата словенечки студенти, кои ја изведуваа претставата „Фигурае венерис хисториае“ од Горан Стефановски. Комплексноста на сценариото барало константни дискусии, анализи и соработка меѓу актерите и режисерката. Една од студентките рече дека во првите семестри на своите студии често премислувала како самата таа ќе изгледа на сцена или дали ќе биде доволно добра. Но, благодарение на високото ниво на соработка потребно за да се изведе „Фигурае венерис хисториае“, таа вистински почувствувала колку целиот процес на поставување на една претстава не е „за неа“.

„Еден од најтешките денови за еден глумец е кога ќе сфати дека светот не се врти околу него“, се пошегува модераторот на дискусијата.

„Фигурае венерис хисториае“ | Фото: Скомрахи

Колективниот дух на драмските уметности се почувствува можеби најсилно токму на затворањето на фестивалот, каде беа изведени две кореодрами, „Двојна фиеста“ и „Дионизија сега“, две претстави полни со дионизиски ексцес, совршено илустриран низ слободното, но координирано движење на глумците. Во ниедна од двете претстави немаше главен лик – сите глумци беа еден организам.

На романската претстава „Двојна фиеста“ публиката посведочи една луда „искачанка“, полна со играње, секс и пиење. Ликовите прво се однесуваа „прибрано“ и воздржано, дури и се обидуваа да не пијат. Но, полека, но сигурно, забавата стана сè подива и похедонистичка, совршено синхронизирана со хипнотизирачко електронско парче музика, специјално компонирано за перформансот.

Посветеноста и пасијата на студентите кои беа дел од претставата беа очигледни. Неслучајно перформансот дошол од воншколска програма, започната од режисерката на претставата и професорка по сценско движење Андреа Гаврилиу, за студенти кои биле заинтересирани за кореодрами. Со тек на неделите „природно“ се селектирале кои студенти ќе бидат дел од перформансот – тие што посветено ги присуствувале вежбите.

„Двојна фиеста“, актерите ги креваат своите (празни) чаши | Фото: Скомрахи

Како и со словенечката група студенти, учеството во претставата било трансформативно за младите актери. Една студентка рече дека пред „Двојна фиеста“ не танцувала воопшто, ниту приватно ни професионално. Претставата исто така ѝ помогнала да си го ослободи телото на сцена и да не премислува за тоа што прави со нејзиното тело на сцена.

Во „Дионизија сега“, другиот перформанс на затворањето, исто се истакна слободата и сензуалноста на движењата на актерите. Настапот вешто го искористи просторот на МКЦ – скалите до салата „25-ти мај“ станаа бојно поле меѓу двете толпи ликови, кои се бореа за некаква моќ. Неверојатно, перформансот беше производ на тридневната работилница која траеше за време на фестивалот.

„Музиката ја довршив во три саат наутро претходниот ден. Им реков на танчарите, ако некој дел малку подолго го отсвирам случајно, адаптирајте се, играјте малку подолго, ако нешто пократко отсвирам, сменете го така“ – со смеа и во паника се присетува Лука Јанкуловски, студент на Факултетот за музички уметности (ФМУ) кој беше одговорен за музиката на перформансот.

Резултатот на „борбата“ на скалите на Младинскиот културен центар | Фото: Скомрахи

Довербата едни во други е клучна, особено во такви критични моменти кога не е сè баш најподготвено. Враќајќи се на изведбата на „Кралот Иби“, тоа беше првпат студентите да настапуваат на толкава сцена, обично навикнати на интимноста на нивниот „домашен терен“ на Академската сцена на ФДУ. Тие првпат го испробале просторот на денот на премиерата.

„Ни беше малку предизвик дека е нов простор, а имаме премногу промени во костими и шминка. Не знаевме колкав е просторот, дали има време да се истрча до гримиорна, да се нашминкаш, да се облечеш. Беше интересно дека сите си помагаме во тоа. Мене ми е најубаво чувство кога ќе идам позади и тече сцена и еден го брише другиот, другиот облекува некој костим, третиот врзува патика“, вели Мартина.

Актерите од „Кралот Иби“ во гримиорна | Фото: Скомрахи

Стресната, но возбудлива, енергија владеела и во организацијата на фестивалот – студентите преземале многу улоги по потреба – од отворање на фестивалот и интервјуа до сместување на странските посетители и водење социјални мрежи.

„Колку и да знае да е тешка самата организација, убаво е затоа што знаеш дека си направил нешто и дека си придонел некако. И кога ќе чуеш убав збор од гости или од публика, многу значи“, вели Мартина, која истакнува дека, повеќе од сè, фестивалот е пет дена просто уживање.

Мартина на затворањето на „Скомрахи“ | Фото: Скомрахи

Овој „Скомрахи“ е особено значаен за Мартина и нејзината генерација, бидејќи се во последната година од своите студии, па за нив ова е последното издание на фестивалот додека се студенти – следните лекции од претставите ќе ги учат во Драмскиот театар и во Народниот театар, а не на Академска сцена. Но, тоа на никој начин не значи дека тие, како и сите останати љубители на театарот, би пропуштиле прилика да ги сведочат младешката енергија, тензијата, спонтаноста, дружењето и инспиративната посветеност кон свој занает кои несомнено ќе бидат присутни на сите наредни изданија на „Скомрахи“.

Фотографиите се сликани од Наташа Величковска, Симон Гегај, Павел Кардалевски

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија

Лидерот на бугарската партија ГЕРБ Бојко Борисов најави дека ја повлекува својата  кандидатура за премиер, пренесува бугарскиот медиум Медиапол.

„Со олеснување го повлекувам моето барање да бидам премиер. Нема поправка на овој хаос и оваа кал“, цинично изјави Борисов на прес-конференција.

Овие коментари доаѓаат по парламентарните избори во Бугарија во октомври. Тие беа седмите парламентарни избори во четири години. По масовните протести против корупцијата во државата во 2020 година, политичките партии во Бугарија континуирано не успеваат да формираат стабилна коалиција, поради што има толкав број на избори – во 2021 година дури се одржаа два парламентарни избори во три месеци.

На крај, коалицијата ГЕРБ-СДС освои 25,52 отсто од гласовите на парламентарните избори. На второ место беше реформистичката коалиција ПП-ДБ со 13,74 отсто од гласовите, а новоформираната ултранационалистичка и проруска партија „Вараждане“ заврши на трето место со 12,92 отсто од гласовите.

Борисов најави дека кога претседателот Румен Радев ќе го предаде првиот мандат на ГЕРБ, тој веднаш ќе биде вратен. Засега, пак, не може да се дојде до процедура за врачување на мандатите, бидејќи сè уште не е избран претседател на Собранието, а ни пратеничките групи не се официјално формирани.

Претходно, Борисов инсистираше и претседателот на парламентот и премиерот во евентуалната идна влада да бидат од ГЕРБ. Во понеделникот за прв пат одобри претседателот на Собранието да биде од друга партија, но рече дека нема да отстапи од тоа да биде премиер, поради што денешната изјава доаѓа како изненадување.

ПП-ДБ претходно велеше дека е неприфатливо Борисов да биде премиер. Побараа и лидерска средба со ГЕРБ, но Борисов одби лично да учествува на таква средба.

Герила уметничка акција: Марсовци се борат против корупција

Центарот за современи уметности (ЦСУ) организираше уште една уметничка герила акција – овој пат уметници облечени во зелени костими за да наликуваат на Марсовци пред Владата и други државни институции го „мереа“ нивото на корупција во државата со своите научно-фантастични „инструменти“.

„Ве информираме дека вчера и утрово во соработка со сојузот на уметници, активисти и волонтерски антикорупционери од планетата Марс извршивме скенирање на нивоата на корупција во РСМ односно во неколку клучни институции. Нашите почитувани гости кои го вршеа мерењето беа вчудовидени и загрижени како е можно воопшто да функционираме со толкави ниво на корупција и истакнаа дека земји со вакво ниво на корупција имаат сретнато само на сончевиот систем зулу 456 (преведено значи систем неисполнето ветување) која се наоѓа на 46.74.98 степени и 784 светлосни години од соѕвездието ZH213/dc9b727/3 или за нас познато како соѕвездие Магеланов облак“, стои во комичното соопштение на ЦСУ.

Можете да ги видите „Марсовците“ во акција во следното видео:

Од ЦСУ велат дека корупцијата е феноменот што ја придружува нашата земја од почетокот на независноста до денес и дека за тоа не е виновна ниту една влада засебно туку сите влади заедно во изминатите 30 години. Дополнително, „колегите од зелената планета“ заклучиле дека токму корупцијата е главниот проблем што го спречува градењето на правна држава и градењето на европско општество кон кое ние, но и „интергалактичкиот совет на сончевиот систем“ се стремиме.

„Марсовците“ дале и неколку препораки за како може да се нашата состојба и тие вклучуваат: „Кога влегуваме во институции гласно да ја пееме песната Мито бекријо која функционира како своевидна вакцина против мито и корупција“; „ако некој ни побара мито да го удриме по глава со третиот камен од сонцето и да го пријавиме во антикорупциска комисија и МВР“; и „на докторите да почнеме да им носиме шеќер бидејќи кафе имаат за до 2085 светлосна година“.

Фото: Центар за современи уметности

„На крајот дозволете да додадеме дека по интензивно скенирање Марсовците успеаја да пронајдат и некорумпирани или минимално корумпирани институции (НБРМ, Министерство за одбрана, Државен завод за ревизија, Природонаучен музеј…) и во знак на среќа  (како што се гледа и во видеото) го изиграа Марсовскиот танц кој на тие институции ќе им даде нова космичка енергија да продолжат професионално и совесно да си ја вршат својата работа и да служат на граѓаните“, велат од ЦСУ.

Нејасно дали ќе се постигне договор за примирје меѓу Израел и Либан

Израелската војска денес издаде наредба за евакуација на неколку згради, вклучително и две училишта, во јужните предградија на Бејрут додека се очекува израелскиот безбедносен совет денес да се состане со цел постигнување некаков договор за примирје меѓу Израел и Хезболах, пренесуваат Би-би-си и Гардијан.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) апелираат цивилите во близина на споменатите згради во главниот град на Либан, како и оние во непосредна близина до нив, да се евакуираат пред нападите, за кои велат дека ќе бидат насочени кон „објектите на Хезболах“. Нападите на Израел во Бејрут се интензивираа во последните месеци.

Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел вели дека нема причина да не се спроведе предложениот договор за прекин на огнот во Либан. Според него, договорот, направен во посредство на САД и Франција, ги има сите безбедносни гаранции кои Израел ги бара. Претставници од САД и Франција изјавија дека преговорите за примирје меѓу Израел и Либан добро напредуваат.

„Нема повеќе изговори. Нема повеќе простор за дополнителни барања. Престанете со оваа војна. Престанете со убивање луѓе“, изјави Борел.

Но, крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир изјави дека смета оти не треба да продолжат приговорите за примирје.

„Имаме историска прилика да дејствуваме решително во Газа и во Либан. Ќе биде историска пропуштена шанса ако се запреме и се вратиме назад“, изјави Бен-Гвир.

Бен-Гвир дополни дека е „можно некој да не сака да ги чуе моите ставови“, алудирајќи на тоа дека Нетанјаху е наводно подготвен да прифати договор за примирје.

Дополнително, Борел ги коментираше налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поранешниот министер за одбрана Јоав Галант и лидерот на военото крило на Хамас Мохамед Деиф, издадени од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Неколку земји, меѓу кои и Германија, изјавија дека не би го уапсиле Нетанјаху доколку тој стапне во нивната територија. Борел изјави дека се надева дека европските земји ќе го почитуваат меѓународното право. Тој вели дека европските земји не можат да ги почитуваат одлуките на судот кога станува збор кривичното гонење на Владимир Путин, а да се противат на неговите одлуки кога станува збор за Нетанјаху.

Свирка на „Conquering Lion“ во четврток во Младински центар „Матично“

Македонскиот реге состав „Conquering Lion“ ќе има свирка во четврток (28 ноември) во Младинскиот центар „Матично“ во Општина Центар, Скопје.

„Гоу Грин“ ја организира свирката, а настанот е дел од иницијативата на Фондацијата Ана Линд за одбележување на Денот на Медитеранот.

Свирката ќе започне во 18 часот, а настанот е дел од меѓународна прослава во која учествуваат повеќе земји. „Conquering Lion“ ќе биде еден од 24-те музички состави што истовремено ќе настапуваат во различни земји.

Настанот е бесплатен, но поради ограничениот капацитет, потребно е да се резервираат бесплатни влезници, што може да се стори со праќање мејл на [email protected]. Концертот исто така ќе биде пренесуван во живо на Јутјуб каналот на „Гоу грин“.

Стотици побегнаа од северна Газа по наредби за евакуација од Израел

Израелските одбранбени сили (ИДФ) повторно издадоа нови наредби за евакуација во северниот дел од Газа, предизвикувајќи нови бранови на масовно раселување, пренесува Гардијан.

ИДФ велат дека детектирале ракети кои биле лансирани од регионот Шуџаија, чии граѓани беа наредени да се евакуираат. Хамас вели дека напаѓале израелски воени бази.

Семејствата кои живеат во Шуџаија почнаа да ги напуштаат своите домови во текот на ноќта во саботата и во раните утрински часови во неделата. Фотографии на социјалните мрежи покажаа дека стотици ја напуштаат Шуџаија на колички со магариња и рикши, додека други, меѓу кои и деца, пешачат со ранци на грб.

Во последните недели, ИДФ редовно најавуваат наредби за евакуации на социјалните мрежи, апелирајќи граѓаните на густонаселените подрачја во северот на Газа да се евакуираат за нивна безбедност.

Истовремено, Газа продолжува да биде бомбардирана од израелските сили. Болница „Камал Адван“ во северна Газа беше мета на израелските воздушни напади – директорот на болницата беше меѓу повредените.

„Ова нема да не спречи во вршењето на нашата хуманитарна мисија и ќе продолжиме да ја работиме оваа работа по секоја цена. Ние сме секојдневно мета на напади. Предмалку бев јас мета на напад, но тоа нема да не одврати од нашата работа“, рече директорот на „Камал Адван“ Абу Сафија во видео-изјава снимена од болнички кревет.

Израелските сили велат дека Хамас користат цивилни згради, вклучувајќи станбени блокови, болници и училишта за воени цели. Хамас го негира ова, обвинувајќи ги израелските сили дека неселективно ги таргетираат населените области.

Хуманитарната ситуација во северниот дел на Газа беше опишана како апокалиптична од страна на хуманитарни работници – десетици илјади страдаат од акутен недостиг на вода, соодветни санитарни услови, храна и медицинска опрема.

Украина доби зелено светло да користи француски ракети со долг дострел

Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ноел Баро изјави дека Украина смее да користи француски ракети со долг дострел на руска територија, пренесува Би-би-си.

Баро дополни дека Франција нема „црвена линија“ во поддршката за Украина, сè додека користењето на француски ресурси од украинските сили е во рамките на самоодбрана.

Министерот не потврди дали досега биле искористени француски ракети во војната со Русија.

Ова соопштение доаѓа неполна недела откако САД ѝ дозволи на Русија да користи американски оружја. Кратко по таа најава, Би-би-си пренесе дека Украина искористила и британски оружја врз руска територија.

Претходно во текот на годината, францускиот претседател Емануел Макрон неколкупати изјави дека Франција би била подготвена да ѝ дозволи на Украина да користи француски оружја.

Дополнително, одговорајќи на новинарско прашање, министерот Баро изјави дека „не ја исклучува опцијата“ француски трупи да се приклучат во војната против Русија.

„Ќе ја поддржуваме Украина интензивно и онолку долго колку што е потребно. Зошто? Бидејќи нашата безбедност е во прашање. Секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува за еден квадратен километар до Европа“, изјави францускиот министер за надворешни работи.

COP29: Рекордни 300 милијарди долари за посиромашните земји во борбата против климатските промени

Побогатите земји, меѓу кои САД, Велика Британија и земји од ЕУ, ветија рекордни 300 милијарди долари (287 милијарди евра) за да им помогнат на земјите во развој во борбата против климатските промени, пренесува Би-би-си.

Ова беше заклучокот на разговорите на климатскиот самит на ОН COP29 во Азербејџан. Донесувањето на конечната одлука доцнеше 33 часа, а самата конференција, според Би-би-си, беше на „неколку сантиметри од колапс“.

Дополнително, буџетот на постигнатиот договор беше критикуван за време на конференцијата – многу од земјите во развој сметаа дека не е ни блиску доволно висок за да помогне во борбата против климатските промени.

Претставници од земјите во развој и земјите кои се особено ранливи на климатските промени драматично ги напуштија разговорите во саботата попладне.

„Не претерувам кога велам дека нашите острови тонат! Како можете да очекувате да се вратиме кај жените, мажите и децата од нашите земји со лош договор?“ рече Седрик Шустер, претседавачот на Алијансата на мали островски држави.

Сепак, во 3 часот наутро, се постигна договор. Но, говорот на претставникот од Индија индицираше дека сè уште постојат големи фрустрации кај посиромашните земји.

„Не можеме да го прифатиме. Предложениот договор нема ништо да реши. Не е соодветен за да се финансира тоа што е неопходно да се направи за опстанокот на нашата земја“, рече Лиела Нандан, претставникот на Индија.

Сепак, заложбата за повеќе пари за посиромашните нации е признание дека тие носат непропорционално повеќе се погодени од климатските промени, а истовремено најмалку придонесуваат за влошување на климатската криза.

Дополнително, конференцијата беше исто така критикувана поради тоа што не беше директно адресирана една од клучните заложби на ланската конференција – оддалечувањето од фосилните горива. Држави Швајцарија, Малдиви, Канада и Австралија рекоа оти јазикот за намалување на глобалната употреба на фосилни горива е премногу слаб. Сепак, одлуката за конкретизирање на барањата во врска со фосилните горива беше одложена до 2025 година.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Конференција на командантите на Јужното крило на НАТО

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваше на Конференцијата на командантите на Јужното крило на НАТО, која се одржа на 19 и 20 ноември во Здружената команда на НАТО силите во италијанскиот град Неапол, соопшти Министерството за одбрана (МО).

На годинашнава координативна Конференција беа дискутирани повеќе теми од стратешко значење за Алијансата, како регионалните планови на НАТО и активностите под надлежност на Здружената команда на НАТО силите во Неапол.

Генералот Лафчиски ги сподели придонесот и ангажманот на Северна Македонија, пред сѐ во операциите, вежбите и иницијативите кои се од заеднички интерес на сојузничките и партнерските земји, кои се дел од Јужното крило на НАТО.

„На Конференцијата беа разгледани резултатите од Самитот на НАТО во Вашингтон, трансформацијата на командните структури, справувањето со секаков облик на безбедносни предизвици, меѓу кои и терористичките закани во зоната на надлежности на Здружената команда на НАТО силите, како и можностите за унапредување на регионалната соработка помеѓу сојузниците и земјите партнери со цел зајакнување на безбедносната состојба“, велат од МО.

Бајден ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети на руска територија

Американскиот претседател Џо Бајден одобри да ѝ се дозволи на Украина да користи американски оружја за напади врз руска територија, пренесува „Си-би-ес њуз“. Конкретно, Кијив ќе смее да Армискиот тактички ракетен систем или ATACMS за да погоди цели во Русија.

Потегот претставува сериозна промена во американската политики во врска со конфликтот меѓу Украина и Русија. Украина со месеци бара од САД и од западните сили да одобрат да се користи нивно оружје за напади врз руска територија, велејќи дека истите се клучни за нивната одбранбена стратегија.

Советот за национална безбедност на Белата куќа одби да коментира за „Си-би-ес њуз“.

Оваа одлука исто така доаѓа непосредно откако излегоа вести дека 10.000 севернокорејски трупи биле пратени во регионот Курск, помагајќи ѝ на руската армија.

Одлуката на Бајден доаѓа кратко пред да почне мандатот на Доналд Трамп, кој вети дека ќе ја „реши“ војната со тоа што ќе ја намали американската поддршка за Украина. Сепак, Зеленски неодамна во интервју изјави оти Кијив сака „на дипломатски начин“ да стави крај на војната во текот на следната година.

„Сигурно е дека војната ќе заврши побрзо со политиката на тимот што сега ќе ја води Белата куќа. Ова е нивниот пристап, нивното ветување за нивните граѓани“, рече Зеленски.

„Приказни од плакарот“: урбана уметничка инсталација која го прикажува животот на ЛГБТИ+ лица

Граѓаните кои денес се шетаат по улица Македонија во главниот град ќе можат да видат една активистичко-уметничка инсталација, во форма на плакар. Целта на оваа инсталација, наречена „Приказни од плакарот“, е визуелно и низ приказни да ги претстави искуствата со криење, отфрленост, насилство и процесот на самоприфаќање и прифаќање од околината на ЛГБТИ+ луѓето. Инсталацијата е креирана како заеднички продукт од учесниците на Летната школа за ЛГБТИК+ млади и сојузниц(чк)и на Здружението за едукативен развој „Еквалис“.

Минувачите можат да влезат во плакарот и да прочитаат анонимни приказни од речиси триесет млади ЛГБТИ+ лица, но и, на момент, да почувствуваат и да замислат како изгледа животот меѓу четири ѕида.

Фото: Еквалис

Поставениот плакар алудира на англиската фраза „in the closet“ („во плакарот“), која се однесува на сите оние што се идентификуваат како лезбејки, геј, бисексуални, трансродови и квир лица, а коишто не можат целосно или до крај да бидат свои, автентични и отворени за своите идентитети.

„Терминот ‘во вашите четири ѕидови’ или „во плакарот“ честопати се користи и како црвена линија кога општеството смета дека ЛГБТИК+ луѓето може да постојат, но само затворени, надвор од очите на јавноста, никогаш во јавниот простор, туку засекогаш изолирани“, велат од Еквалис.

Во овие интимни исповеди од плакарот, публиката се соочува со приказни на тоа како е да се живее и менаџира сопствениот живот во услови кога тоа станува прашање на опстанок.

„Пред некој ден ми беше многу лошо. Најверојатно некој стомачен вирус, што не ми дозволи цел ден да го напуштам домот. Тамам помислив ситуацијата се подобрува, почувствував ужасни болки во стомакот. Не можев да се помрднам. Бидејќи живеам во друг град, далеку од моите, им се јавив на телефон плачејќи за да им кажам колку ми е лошо. Се слушнавме, ми направија муабет и ме смирија преку телефон. Малку подоцна ми се јави само мајка ми и ми рече дека вечерта пред сонувала лош сон, та знаела дека нешто ќе се случи. Кога ја прашав, ми одговори: „Те сонував тебе. Во сонот ми кажа дека си се заљубила во жена.“ – молчев, а таа продолжи. „Ту, ту, ту, не дај Боже, па ти не си лезбејка. Штом го сонував тоа, знаев дека нешто лошо ќе ти се случи!“ Се одлучив да не ѝ велам ништо. Најубаво е да не знае ништо за мојот љубовен живот“, вели една од приказните поставени во плакарот.

Фото: Еквалис

Но, покрај пораката на отфрлање, плакарот со приказни поставен од Еквалис дава порака и сигнал кон сите оние коишто до крај не се аутирани или свои, дека сепак постојат мали кругови на поддршка кои и во овој плакар може да ги направат да се почувствуваат сакано, поддржано и да продолжат да бидат она што се.

„Иако плакарот може да е загушлив, неподнослив и гневен во моменти, има и мигови во кои понекогаш се отвора и Ве обвива топла прегратка. Иако има луѓе во животот што Ви се вртат со грб, ве омаловажуваат, ве игнорираат, има и луѓе коишто ќе Ви ја отворат вратата без да мора да се објаснувате. Како млад тинејџер, моето секојдневие поминуваше криејќи се во соба, барајќи други лица кои се чувствуваат на ист начин како мене – додека од тенките ѕидови ги слушав моите родители како ги осудуваат емисиите што ги вклучуваат ‘обратните’. Но откако почнав со моите студии, најдов луѓе кои ме прифаќаат и ме гледаат како личност, без разлика кого сакав. Можеби нема повеќето луѓе во мојот живот да ме поддржуваат ако дознаат, но фактот дека ги имам тие неколку ми е повеќе од доволно“, вели една од приказните.

Оваа уметничка инсталација ја поставува Здружение за едукативен развој Еквалис во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД- USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со Здружение за едукативен развој – Еквалис, Хелсиншки комитет за човекови права и ХЕРА.

Израел изврши обемен воздушен напад врз Бејрут

Израел изврши обемен взодушен напад врз Бејрут, главниот град на Либан. Нападот доаѓа по предупредување од претставник на израелската армија за евакуација на тој регион, пренесува Гардијан.

„Се наоѓате во близина на објекти на Хезболах, против кои израелската армија ќе дејствува насилно во блиска иднина. За ваша безбедност и безбедноста на членовите на вашето семејство, мора веднаш да ги евакуирате овие згради и оние во непосредна близина до нив и да се држите подалеку од нив, на растојание не помало од 500 метри“, напиша Авичај Адраи од Израелските одбранбени сили (ИДФ) на X.

Ал Џазира извести дека биле забележани експлозии во населбата Гобеири во Бејрут. Либанската државна новинска агенција (ННА) пренесува дека имало и истрели и пукоти во населбата. ННА исто исвестува дека имало „масакр“ во јужнолибанскиот град Арабсалим, каде биле убиени шестмина, петмина од кои биле болничари.

Овие напади доаѓаат само ден откако Израел беше обвинет за користење на наредбите за евакуација за да продолжи со „намерно и масовно принудно раселување“ на палестинските цивили во Газа, се тврди во новиот извештај на „Human Rights Watch“. Според меѓународната невладина организација, оваа политика на Израел е злосторство против човештвото.

Дополнително, специјален комитет на Обединетите нации соопшти дека политиките на Израел во Газа „се конзистентни со карактеристиките на геноцид“. Се потенцира дека изгладнувањето на палестинското население, преку блокирањето на соодветна хуманитарна помош, се користи како „војно оружје“.

Израел обвинет за злосторства против човештвото поради принудното раселување во Газа

Израел ги користи наредбите за евакуација за да продолжи со „намерно и масовно принудно раселување“ на палестинските цивили во Газа, се тврди во новиот извештај на „Human Rights Watch“. Според меѓународната невладина организација, оваа политика на Израел е злосторство против човештвото, пренесува Гардијан.

„Human Rights Watch“ соопшти дека собрала докази кои сугерираат дека Израел го извршило „военото злосторство на насилен трансфер на цивилното население“. Оттаму велат дека постапките на Израел во Газа претставуваат „сериозно прекршување Женевските конвенции, како и кривично дело според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд“.

Извештајот доаѓа откако се собираат сè повеќе докази дека Израел ги забрзува своите напори да го пресече Појасот Газа на два дела со тампон-зона и дека гради нова инфраструктура за да осигури континуирано воено присуство во појасот.

Жителите во северна Газа велат дека израелските сили ги опсадуваат раселените семејства и преостанатото население, кое некои сметаат дека се има сведено на неколку илјади, наредувајќи им да се упатат кон југ преку контролен пункт. Мажите биле задржани на испрашување, додека на жените и децата им било дозволено да продолжат кон градот Газа, велат жителите и палестинските медицински лица, според Гардијан.

„Human Rights Watch“ го повика Меѓународниот кривичен суд да ги истражи израелските постапки во северна Газа, и апелираше да се имплементираат санкции против Израел, кои би вклучувале прекин на продажбата на оружје.

Започнува нова реставрација на сликата „Ноќна стража“ на Рембрант

Започна досега најобемната реставрација на славната слика „Ноќна стража“ на холандскиот уметник Рембрант ван Рајн. Посетителите на Државниот музеј на Холандија во Амстердам ќе можат во живо да го гледаат процесот на реставрирање на сликата, која била завршена во 1642 година, пренесува Би-би-си.

Сликата, најпозната како „Ноќната стража“, била и претходно реставрирана – најмалку 25 пати во својата историја. Таа била и двапати „нападната“ со нож, а еднаш и со киселина. За да биде заштитена од вакви напади и каква било штета, во 1975-6 година таа била покриена со лак. Но, токму овој лак ја има направено сликата да изгледа потемна од што вистински е. Таа всушност не ни прикажува ноќна сцена, како што називот „Ноќна стража“ (што не е нејзиното официјално име) би укажал.

Новиот проект за реставрација доаѓа по пет години истражување со помош на техники како дигитално сликање и мапирање на сите детали на сликата со помош на вештачка интелигенција. Осум „реставратори“ ќе започнат со отстранување на лакот од сликата.

„Со отстранувањето на лакот ќе се открие богатата историја на ‘Ноќната стража’. Ќе биде уникатно искуство за јавноста да го следи овој процес одблизу“, рече Тако Дибитс, директорот на Државниот музеј.

ЕК: Северна Македонија подготвена за изградба на Коридорите 8 и 10д, но не е забележен прогрес

Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во полето на Трансевропските транспортни мрежи (ТЕН-Т), но не е забележан значителен прогрес во изминатиот период.

На кратко, ова е заклучокот на извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, во однос на состојбата на меѓународната транспортна инфраструктура.

Во извештајот стои дека постои загриженост околу нетранспарентноста во процесот на доделување на тендери за јавните набавки за Коридор 8 и Коридор 10д.

„Проектот Коридор 8 и 10д продолжува да предизвикува загриженост, особено во тоа како е искористен Законот за стратешки инвестиции за да се заобиколат регулативите за јавни набавки. Договорот за изградба на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата беше директно доделен на меѓународен конзорциум без процес на конкурентно наддавање. Дополнително, договорот е означен како доверлив и не е објавен во јавноста“, стои во извештајот на ЕК.

Пошироко, од ЕК велат дека реформите за модернизација на правната рамка за јавно-приватни партнерствата стагнираат.

„Правната рамка за јавните набавки во голема мера е усогласена со правото на ЕУ. Но, сè уште е присутна практиката одредени компании да се ставаат на „црна листа“, што не е во согласност со правилата на ЕУ“, пишува во извештајот на ЕК.

Во извештајот се изразува загриженост за пречекорување на предвидениот буџет за изградбата на Коридор 8 и 10д. Предвидени се 1,3 милијарди евра, односно 11,5 отсто од БДП на Северна Македонија во 2023 година.

Според извештајот, предвидениот буџет за изработка на повеќе од десетте проекти кој се дел од ТЕН-Т не е доволно висок за да се покријат сите трошоци.

„Повеќе од половина од патната мрежа во државата не е во согласност со регулативата за ТЕН-Т. Сепак, Коридорот 10 е понапреден во овој аспект од Коридорот VIII. Националната транспортна стратегија (НТС) за 2018-2030 година е во согласност со развојот на ТЕН-Т. Но, не постои конкретен акциски план за изведување на истата“, стои во извештајот.

Во однос на железничката инфраструктура, иако се забележува напредување во изградбата на пругите на Коридор 8, во извештајот на ЕК се истакнува дека третата фаза од проектот, односно делот од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, беше прекината од владата.

Вечер премиера на претставата „Снег“, во продукција на независното театарско здружените „Штрих“

Денес и утре во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се игра претставата „Снег“ на францускиот автор Максанс Фермин, во продукција на здружението „Штрих“.

Таа е режирана од Зоја Бузалковска, текстот е преведен од оригиналниот француски од Владимир Мартиновски, а извршен продуцент е Андреа Маркоска.

„Снег“ се одвива во Јапонија и го следи патот на младиот поет Јуко Акита.

„За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела ‘Снег’ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот“, велат од „Штрих“.

Од здружението „Штрих“ велат дека работата на претставата била провокација и предизвик за креативниот и актерскиот тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од својата. Подготовката вклучувала усвојување на одредени боречки вештини, што се постигнало во соработка со Тенрју-Сора Доџо.

Инаку, за сценографијата е одговорен Ненад Тонкин, а за костимографијата Роза Трајчевска. Композиторот на музиката е Давид Ангелевски, а Иванчо Горјанин стои зад сценски движења и консултациите околу Бушидо културата. Чие Нагашима е консултант за јапонска култура и јазик. Асистенти на режија биле Бојана Василевска и Моника Ставревска, а Павле Игновски нудел техничка поддршка. За дизајнот на плакатот и програмата се одговорни Румена Најчевска и Павле Игновски. Играат Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Мазнев. Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам на РСМ.