fbpx

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Над 300 тела се најдени изминатата недела во гробниците откриени во близина на болниците Насер и Ал-Шифа во Газа

-

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си.

Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа откриени преку 300 тела во текот на изминатата недела.

„Жртвите наводно биле закопани длабоко во земјата и покриени со отпад. Меѓу загинатите, наводно, има постари луѓе, жени и ранети, додека други тела биле пронајдени со врзани раце и соблечени“, изјави претставник за ОНХЦР.

Израелските одбранбени сили имаат извршено рации во двете болници во текот на шестмесечната војна, која започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Турк апелира да се изврши детална, транспарентна и независна истрага.

„Болниците имаат посебна заштита во меѓународното хуманитарно право. А намерното убивање на цивили, затвореници и други кои не учествуваат во воените дејствија е воено злосторство“, изјави Турк.

Болничари од двете болници имаат претходно кажано дека тие биле принудени да закопуваат тела во дворот на болницата бидејќи не можеле да стигнат до гробишта.

Според палестински медиуми, израелските сили ги преместиле телата од болницата Насер во гробниците.

Израел ги негира обвинувањата дека нивните сили ги погребувале Палестинците во гробниците. Тие биле свесни за некои од гробниците, бидејќи ги испитувале за да видат дали меѓу мртвите има израелски заложници.

Израелските сили тврдеа дека ги извршувале рациите поради тоа што оперативи на Хамас се криеле во болниците. Некои од ослободените заложници заробени на 7 октомври рекле дека биле задржани во болницата Насер.

Израелските одбранбени сили тврдат дека во своите рации избегнувале да повредат пациенти. Но, директорот на болницата Ал-Шифа за Светската здравствена организација (СЗО) рекол дека условите биле мизерни и дека најмалку 20 пациенти загинале поради немањето пристап до вода и струја.

Откако израелските сили се повлекоа од Ал-Шифа, мисија на СЗО доби пристап до болницата и изјави дека речиси сите згради во болницата биле урнати и оти опремата била во неупотреблива состојба. Забележале и плитки гробници околу болницата, каде се гледале полузакопани тела, чии екстремитети се истакнувале од земјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.