
Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата, напиша претседателот Стево Пендаровски, во својата честитка по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Пендаровски во честитката до сите православни верници и до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и до припадниците на Евангелско – методистичката црква порача дека тоа ќе го постигнеме со секој чин на солидарност кон ранливите и грижа за природата, со заложбите за слобода, правда и мир, со борбата за социјална правда и за достоинствен живот на нашите сограѓани.
„Враќајќи ни ја надежта во општото добро, овој празник нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други. Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен“, стои во Велигденската порака на Пендаровски.
Претседателот на Владата, Талат Џафери во честитката до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан напиша дека Велигден е симбол на надежта и најрадосниот празник во христијанството, а на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат им посака добро здравје, спокој и среќа на сите.
„Симболиката на Велигден е значајна и во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба. Потребни се повеќе од кога било пораки на надеж, единство и верба во заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит. Со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија“, напиша премиерот Џафери.