недела, 10 мај, 2026
Meta.mk

Регионалната депонија во Новаци ќе затвори 16 депонии што работат без никакви стандарди

Граѓаните во сите 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион годинава ќе добијат канти за одложување и селекција на отпад, а јавните комунални претпријатија камиони во различни големини за ефикасно собирање на отпадот. Инвестициите се претходница на реализацијата на Регионалниот центар за управување со отпад, кој, за потребите на 350.000 жители од двата региони ќе се гради во Општината Новаци. Освен една централна депонија, центарот ќе има и четири претоварни станици, како и повеќе собирни центри. Регионалниот центар ќе треба да затвори 16 депонии што во моментов работат без никави стандарди.

Денеска во Скопје во присуство на амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска и министерот за локална самоуправа Златко Перински, се одржа Регионалниот форум за управување со отпад „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“ на кој заменик-министерката Лашкоска истакна дека нелегалните депонии, недоволната инфраструктура и ограничените ресурси општините не можат ефикасно да ги надминат поединечно, заради што е неопходен регионалниот пристап.

„До крајот на 2026 година и сите комунални претпријатија ќе бидат комплетирани со потребните возила коишто ги побараа, со што условите за реализација се поставени, а клучниот фактор во периодот што следи е посветеноста, координацијата и одлучноста на локално ниво“, рече Лашкоска.

За проектот се веќе обезбедени финансиски средства преку заем од ЕБРД, како и од грантови од Шведска и од Швајцарија. Формиран е и Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во кој се сите 18 општини од двата региони, а во наредниот период ќе треба да се формира регионално комунално претпријатие.

„Дистрибуцијата на кантите и возилата е веќе започната, граѓаните ќе добијат канти за селекција на отпад во две различни бои, а додека да се изгради регионалниот центар селектираната пластика, метал и друга суровина ќе се предава директно на компаниите кои работат со тоа“, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за отпад во Министерството за животна средина.

Градоначалникот на Општината Новаци, Стевче Стефановски посочи дека општината, во која се наоѓа РЕК Битола и во која има десетици хектари деградирана почва како резултат од работата на комбинатот, е одбрана како локација со најголема економска оправданост за изградба на регионалниот центар што ќе треба да ги покрие потребите на околу 350.000 граѓани од Пелагонискиот и Југозападниот регион и ќе треба да ги затвори 16 локални депонии, кои во моментов функционираат без никакви стандарди.

Во следниот период ќе треба да се изработи и Регионален план за управување со отпад за двата региони (2027–2032), со поддршка од САЛАР Интернационал, кој ќе овозможи поефикасна координација, подобро користење на ресурсите и постепено воспоставување на модерен систем усогласен со европските стандарди и поквалитетни услуги и почиста животна средина за граѓаните.

Според Емил Ангелов од САЛАР Интернационал, во наредниот период ќе треба да се изградат собирни центри, кои засега ги нема во ниту една општина, а ќе треба и да се мапираат сите ѓубришта и да се направи ефикасен план да не се повторуваат.

„Ќе треба да се затворат и 16 депонии кои се користат во моментот и неколку кои не се веќе во употреба, но се жешки точки за кои треба решение. Отпадот е опасност која не е видлива, но со влијанието врз почвата и подземните води последиците се огромни. Заради тоа изградбата на Регионалниот центар ќе има големи придобивки и за животната средина и за квалитетот на услугата која ќе ја добијат граѓаните“, рече Ангелов.

Репрогласувањето на Маврово тапка во место, раководството на националниот парк бара намалување на зоната за строга заштита

Репрогласувањето на Националниот парк „Маврово“ никако да мрдне од мртва точка. Откако Студијата за ревалоризација беше дополнета и усвоена во декември 2023 година, после десетина години од нејзината првична верзија, процесот е заглавен пред почетокот на изработка на предлог-законот. Од Министерството за животна средина велат дека новото раководство на паркот бара ревизија на Студијата бидејќи има забелешки на опфатот на зоната на строга заштита. Се бара прво да се направи Социо-економска студија која ќе ги разработи можностите за локалното население, пред да се репрогласи паркот. Новите барања повторно ќе го одолговлечат процесот, на кој се чека повеќе од две децении. Во меѓувреме, домот на балканскиот рис и многу други загрозени видови стана дом на десетици мали хидроцентрали, а

Според најновата Студија, повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ треба да биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Тоа требаше да биде зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата утврди и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.

Министерот за животна средина Муамет Хоџа вели дека Министерството е во преговори со раководството на националниот парк за да продолжи постапката која застана во 2024 година. Освен изработката на предлог-законот за репрогласување, не започна ниту подготовката на Планот за управување, со кој требаше да се прави и Социо-економската студија, а во меѓувреме фондацијата Глобална конзервација се откажа од финансирање и си ги повлече парите, затоа што немаше прогрес во постапката за прогласување.

Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски вели дека со ова раководство имаат разлики во делот што треба да биде опфатен како зона на строга заштита на националниот парк „Маврово“, која, според најновата Студија е околу 26 отсто од територијата на паркот.

„Фактот дека Маврово долги години не е репрогласен како национален парк е минус за нашата држава, а особено за населението и за природата на паркот. Репрогласувањето ќе значи и донесување на План за управување, можности за донации и инвестиции и можности за развој. Студијата за ревалоризација е направена од претходното раководство на паркот, но со сегашното раководство се појавија разлики во поглед на тоа што е определено како зона на строга заштита. Во моментов се бара решение како да се продолжи постапката“, вели Никоски.

Тој вели дека во наредниот период ќе треба да се одржат јавни расправи со локалното население и локалните власти на кои ќе треба да се видат нивните ставови и забелешки за зонирањето кое го предвидува студијата. Никоски вели дека проблематичното подрачје е многу мал процент и дека е оптимист дека брзо ќе се надминат разликите и процесот ќе продолжи.

Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими вели дека инсистираат да се изработи Социо-економска студија за да може да се предвидат сите потреби за нормално функционирање на населението кое живее во рамките на паркот, пред да се усвои голема површина како зона на строга заштита во која нема да смеат ниту да се движат, а не пак да работат.

„Зона на строга заштита значи дека луѓето кои живеат во паркот ќе мора да се пријавуваат кај ренџерите доколку сакаат да се движат таму. Нема да можат да ги користат ливадите за напасување на стоката, ниту пак да преземаат било какви активности. Доколку се случи тоа, од овие 25 отсто население што е останато, нема да се задржат ниту 10 отсто“, вели Ибраими.

Тој смета дека студијата треба да се работи врз основа на предлозите на населението за што треба да се направат средби на кои ќе се слушнат нивните барања. Очекува да се посочат точките каде што ќе може да се развива земјоделството, сточарството, туризмот и тоа да се земе во предвид пред да се забранат сите активности. Проблематични се неколку точки, најчесто околу селата, но Ибраими вели дека треба да се размисли и за површината на зоните на заштита околу ендемичните видови, кои смета дека се многу големи.

Репрогласувањето на Маврово, врз основа на законот за природа донесен во 2004 година е закочено со години. Студија за валоризација на заштитеното подрачје беше изработена и во 2012 година, но процесот на репрогласување беше запрен заради реакции на јавноста во врска со планираните изградби на енергетски објекти во заштитените зони.

Процесот продолжи во 2023 година, кога студијата Студијата беше надополнета за што се спроведоа и научни истражувања. Тие потврдија присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Националниот парк има најголема популација на диви кози и стабилна популација на срна, најважни за исхраната на загрозениот рис. Според податоците од Студијата, во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.

Ќе се изолираат над 3000 електрични столбови за да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари

Царскиот орел и египетскиот мршојадец ќе се заштитат од струјни удари со изолација на инфраструктурата на ЕВН во земјава. Во проектот „Безбедни жици за загрозени птици“, кој е дел од Програмата Лајф на Европската Унија, Македонското еколошко друштво и ЕВН Македонија ќе работат на обезбедување на заштитна изолација на електричната мрежа која ќе треба да спречи електрификација на птиците која резултира со угинување и со намалување на популациите на овие загрозените видови.

Проектот ќе се реализира до 2030 година во Македонија, Бугарија и Турција, на коридори важни за движењето на овие птици. Во земјава, ќе се работи на четири локации, на површина од 120.000 хектари во Овче Поле, потегот Градско-Росоман-Неготино, Тиквешкото езеро и Тиквешкиот регион. Заштитени ќе бидат околу 3000 столбови, што е една четвртина од вкупниот број во дистрибутивнта мрежа во овие четири региони.

Како што информираше Хрисанти Ангеловска од ЕВН Македонија, покрај изолирањето на столбовите, на мрежата ќе се поставуваат и рефлектирачки уреди кои ќе ја прават повидлива за птиците да можат да ги избегнат судирите и електрификацијата која резултира со смрт.

Фото: Мета.мк

Проектот ги опфаќа овие две птици заради ризикот што го носат со големиот распон на крила, над 1,5 метри, и со тоа опасноста од судири со електричната мрежа. Над 80 отсто од популацијата на царскиот орел живее во овие четири региони, каде има 35 до 40 гнездечки парови и половината од популацијата на египетскиот мршојадец, кој има многу помала популација.

Според Данка Узунова, орнитолог од Македонското еколошко друштво струјниот удар е најчестата причина за смртност кај царските орли и втора причина за смртност кај египетскиот мршојадец, кој најмногу страда од труења.

„Царските орли се најчесто жртви бидејќи тие столбовите од дистрибутивната мрежа ги користат и за гнездење и за набљудување. Египетските мршојадци не се многу зависни од инфраструктурата кога се однесува на гнездењето, но сепак доаѓаат во контакт со неа. Тие имаат  многу мала популација и спаѓаат во групата на загрозени видови,“ вели Узунова.

Во рок од две години, од 2018 до 2020 година се откриени шест случаи на угинување на царски орли од струен удар во земјава, но Узунова вели дека случаите кои остануваат неоткриени се многу повеќе.

Независните иницијативи побараа да учествуваат во креирањето на Изборниот законик

Независните граѓански иницијативи кои учествуваа на изборите денеска побараа да бидат вклучени во работната група која работи на измените на Изборниот законик, но и да се имплементираат нивните 15 барања, кои денеска му ги доставија на министерот за правда, Игор Филков. Тринаесет иницијативи, меѓу кои и „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Независни заедно“, „Подобро за Тетово“, „Ред за Куманово“, „Стига е“ и други денеска побараа нивни претставник да биде дел од работната група којашто веќе работи на Изборниот законик, покрај тие од политичките партии. Тие информираа дека имаат свои предлози кои се во согласност со добрите меѓународни практики, за кои очекуваат да се спроведат и во нашата држава и на тој начин да обезбедат еднаков, правичен и ефективен пристап на независните кандидати и листи на локалните и парламентарните избори.

„​Во работната група во моментов работат претставници на политичките партии, но само парламентарните политички партии, што исто така сметаме дека не е во ред, заради тоа што има и други политички субјекти коишто се на локално ниво. А бидејќи законот ќе важи и за централно и за локално ниво, сметаме дека треба да има пошироко учество. ​Нашето барање ќе го поднесеме на писмено и се надеваме дека ќе ни биде прифатено“, вели Билјана Ивановска од „Шанса за Центар“.
Независните иницијативи бараат во иднина прецизно и јасно да се именуваат независните листи на гласачкото ливче и наместо да стои група избирачи, да стои името на независната група. Тие очекуваат да се прецизира прагот потребен за собирање потписи во согласност со меѓународната практика, но и продолжување на рокот за собирање потписи, кој во развиените земји е речиси двојно подолг од нашиот. Граѓанските листи треба да добијат и рамноправност во рекламирањето со останатите политички субјекти во распределбата на средства за изборните кампањи, а законот за финансирање на политички партии да се преименува во закон за финансирање на учесниците во изборниот процес и финансирањето да се определува согласно процентот на добиени гласови и освоени советнички или пратенички места.
​„Треба да се обезбеди фер конкуренција, бидејќи изборите се финансираат од буџетот на сите граѓани. Ние со нашата поддршка што ја добиваме во низа на локалните избори бележиме постојан раст и сметаме дека нашиот глас треба да се слушне и почитува. ​Очекувам дека ќе имаме разбирање од министерот за правда, бидејќи ова е во насока на јакнење на духот на демократијата и е содржано во препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Бараме фер настап на изборите, фер застапеност во медиумите и фер распределба на средствата“, рече Иванова.

Искуството од локалните избори, кога се поднесуваа измени на Изборниот законик во последен момент на веќе распишани локални избори, според Јана Белчева наложува независните иницијативи да мораат да учествуваат во процесот на измени на Изборниот законик за да не се дозволи политичките учесници да го монополизираат просторот на делување.

„На граѓаните треба да им се овозможи да имаат свои независни претставници, бидејќи според македонскиот Устав, секој граѓанин има право да бира и да биде избран. Ние го застапуваме првенствено интересот на граѓаните и мислам дека институциите и министерот мора да имаат разбирање“, рече Белчева.

Еко свест: Владата да креира можности за граѓаните да користат обновливи извори на енергија

Поголеми инвестиции во обновливи извори, отколку во гас, како и развој на децентрализирани решенија со поголем бенефит за граѓаните, како што се енергетските заедници, треба да се целите на Националниот план за енергија и клима 2025-2030, бараат граѓанските еколошки организации.

Елена Николовска од „Еко свест“ вели дека го поздравуваат усвојувањето на Националниот план за енергија и клима со голем број на значајни мерки како важен чекор, но нагласува дека неговите цели мора да бидат поамбициозни и целосно усогласени со обврските од Енергетската заедница.

Сметаат дека фокусот треба да се пренасочи кон забрзано инвестирање во обновливи извори, складирање и модернизација на мрежата, како и кон развој на децентрализирани решенија со поголем бенефит за граѓаните. Клучно е да се поддржат активните потрошувачи и енергетските заедници, како и трансформација на греењето и ладењето преку обновливи извори и високо-ефикасни технологии. Сите мерки треба да бидат проследени со јасни, мерливи и прогресивни цели до 2030 година и систем за редовно следење на напредокот, со цел да се обезбеди реална и одржлива енергетска транзиција.

„Тоа значи ревизија на целите за намалување на емисиите, уделот на обновливи извори и енергетската ефикасност, како и прилагодување на мерките за нивно реално исполнување. Особено загрижува предвидениот висок удел на гас, поради што сметаме дека изградбата на нови гасни капацитети треба строго да се ограничи, имајќи предвид дека системот може стабилно да функционира и без нив, со постепено зголемување на обновливите извори и управуван увоз на електрична енергија“, вели Николовска.

Владата неодамна го усвои новиот Национален план за енергија и клима 2025-2030, кој содржи нови мерки за декарбонизација, енергетска ефикасност, енергетска безбедност, внатрешен пазар на енергија и за истражување, иновации и конкурентност.

Документот, како што информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ја трасира патеката на државата кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Во наредниот период, посочуваат, државата ќе преземе конкретни чекори за засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.

Депонијата на Југохром му се заканува на Рашче, подземните води имаат 50.000 пати повеќе шестовалентен хром од дозволеното

Подземните води во околината на депонијата на Југохром се загадени и до 100.000 пати повеќе од дозволените вредности на шестовалентен хром, покажува Студијата изработена од ГИМ за изнаоѓање на трајно решение за оваа жешка индустриска точка во земјава. Над 7300 тони од овој исклучително канцероген отпад кои се складирани на само еден километар од селото Јегуновце, се закануваат трајно да го загадат изворот Рашче и да го остават Скопје без чиста вода за пиење. Индустрискиот отпад, фрлан со децении на површина од 7,5 хектари е растворлив во вода, но и покрај тоа се уште стои необезбеден.

Депонијата, која е вбројана во индустриските жешки точки во Македонија има 2.2 милиони тони отпад депониран во периодот од 1963 до 2016, од кои околу 7388 тони се шестовалентен хром. Еколошката катастрофа е само прашање на време доколку не се преземат итни активности за трајно решавање на проблемот. Депонијата се наоѓа на само 50 метри од реката Вардар на 80 метри до карстниот аквифер кој го прихранува Рашче, извор на питка вода кој е од стратешки државен интерес, во неговата заштитна зона. Содржи голема количина на опасен отпад кој е лесно растворлив во вода, но и покрај тоа е незаштитена и на површината и на дното.

Пречистителната станица на Министерството за животна средина, во која треба да се собираат и пречистуваат подземните води е неадекватна и нема доволен капацитет, а и функцијата на дренажниот систен е дискутабилна. Заради тоа, многу често се случува излевање на контаминирана вода од депонијата во реката Вардар, во огромни количини, кои се движат и од 50 до 100 кубни метри дневно. Концентациите на шестовалентен хром во подземните води достигнуваат од 10 до 500 милиграми на литар, па и до 1.000 милиграми на литар во дренажниот систем, иако дозолените вредности се 0,01 милиграм на литар. Во овие периоди, како резултат на мешањето со подземните води, во реката Вардар се случува да завршуваат и по 40 до 70 килограми шестовалентен хром дневно. Анализи на квалитетот на водите на реката направени од 2019 година покажуваат дека во текот на Вардар непосредно после депонијата има седумпати повисоко загадување со шестовалентен хром од дозволените количини.

Професорот Трајче Стафилов вели дека овие резултати се очекувани, врз основа на испитувањата на водите кои во околината на Југохром се прават во последните триесетина години. Тој вели дека во моментов квалитетот на водата во Рашче е одличен и дека мора да се преземат сите мерки да не се доведе во ризик од загадувње.

„Никој не може да каже дали или кога би можело да се случи води контаминирани со шестовалентен хром да дојдат до изворите кои го напојуваат Рашче. Знаеме дека шарските води поминуваат под депонијата и ризикот секогаш постои. Особено што капацитетот на пречистителната станица е многу помал од реалната потреба и според мене тоа е првата и најитната инвестиција која мора да се направи“, вели Стафилов.

Фото: Мета.мк

Студијата, иако е завршена во 2024 година, се актуелизираше деновиве по предупредувањето од граѓанската организација „Еко свест“ за опасноста од одложувањето на изнаоѓање на трајно решение за опасниот отпад во Југохром. Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Еко свест“ вели дека Министерството за животна средина документот го има повеќе од една година и во него се анализирани ризиците и решенијата за токсичниот отпад кои се поткрепени со мерења и анализи на водите во околината.

„Владата мора да донесе одлука врз основа на резултатите на оваа Студија, каков тип на решение ќе примени за трајно да се отстрани отпадот и да се елиминира ризикот од загадување на изворот на чиста вода“, вели Чоловиќ Лешоска.

Студијата предлага седум можни решенија за депонијата на Југохром, но само некои од нив се трајни. Тие се однесуваат на третман на отпадот на самата локација, кои се оценуваат како најбрзи и најевтини, но и краткотрајни. Предложено е преместување на отпадот локално, регионално или на некоја друга локација во државата, а меѓу најскапите, но и најдолгорочни решенија е и изнесување на шестовалентниот хром од земјата.

Со решението за покривање на депонијата и инсталација на дренажи, кое би чинело околу 20 милиони евра, проблемот долгорочно не се решава, но би можел да обезбеди дополнително време за имплементација на трајно решение. Преместувањето на депонијата, пак, на блиска локација на која ќе се напарави и физичка изолација на отпадот и спречување да се меша со поземните води е подолготрајно решение, кое би чинело околу 54 милиони евра и би можело да се реализира за пет до шест години, а проблем е што, иако обезбеден, отпадот и понатаму ќе остане во заштитената зона на Рашче. Дислокацијата, пак, надвор од државата е трајно решавање на проблемот, но проценката е дека тоа би чинело околу 90 милиони евра.

Од Министерството за животна средина велат дека согласно анализите, како најприфатливи решенија се издвојуваат варијантите за локално поместување на депонијата и за покривање со дренажи.

„За наведените приоритетни решенија се направени индикативни финансиски проценки, првата варијанта чини околу 50 милиони евра, а втората околу 20 милиони евра. Во моментов, Министерството формира работна група составена од релевантни институции и експерти, која ќе изврши детална анализа и ќе предложи најсоодветна и одржлива варијанта за трајно решавање на проблемот“, велат од Министерството.

Посочуваат дека се спроведува континуиран мониторинг во следењето на состојбата со водите и се прават дневни анализи на водата од депонијата и околината на фабриката. Пред третманот, анализите кои се вршат во лабораториски услови во рамки на Југохром, покажуваат дека водите содржат повисоки концентрации на загадувачи, кои потоа се третираат во пречистителната станица. Постојан мониторинг има и на водата во изворот Рашче, што го прави Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, а досегашните резултати покажуваат дека нема надминување на дозволените вредности на шестовалентен хром во водата од изворот. Мониторингот опфаќа вкупно 63 пиезометри на подрачјето на Полошката и Скопската котлина, како и бунарскиот систем Нерези–Лепенец.

Од Министерството велат дека пречистителната станица е постојано во функција, но и дека за годинава се превидени финансии само да тековно одржување, а не и за инвестиции за подобрување.

„Буџетот за функционирање на пречистителната станица во Југохром за 2026 година изнесува 17 милиони денари. Овие средства се наменети за континуирано и непречено работење на системот за третман на отпадните води. Од нив 6 милиони денари за набавка на хемикалии, 1,5 милиони денари за одржување на опремата и 600.000 денари за одржување на СКАДА автоматиката. Во рамки на предвидениот буџет се опфатени и трошоците за плати на вработените кои се ангажирани за одржување и управување со пречистителната станица, со што се обезбедува нејзино редовно и стручно функционирање. Дополнително, Министерството обезбедува финансиски средства и за интервенции по потреба, во случаи на непредвидени дефекти или специфични технички предизвици“, велат од Министерството.

Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години

Малата депонија со линдан во Охис ќе се чисти уште најмалку три години, а во моментов се подготвува тендер за избор на изведувач кој ќе треба да го заврши чистењето. Досега целосно се исчистени два и поголем дел од третиот базен на депонијата, а остануваат уште два. Од Министерството за животна средина велат дека на крајот на декември е потпишан нов договор со УНОПС за обезбедување на средствата за чистење на малата депонија во висина од 750 милиони денари. Со овие пари ќе треба да се заврши чистењето на сите пет базени на депонијата и да се ревитализира просторот.

„Првата транша е веќе префрлена од државниот буџет и се подготвува тендер за избор на компанија која ќе продолжи да чисти. Владата донесе заклучок дека во следните три години ќе се обезбедат сите потребни средства за да се заврши овој проект, што значи дека ова ќе биде последниот тендер кој се распишува. Претпоставуваме дека се останати, не повеќе од 1.000 тони отпад од ХЦХ, но мора да се има во предвид дека ќе треба да се отсранат и бетонските базени, кои исто како и почвата се контаминирани“, велат од министарството.

Во мај лани беа направени анализи од страна на холандската компанија ТАУ, кои покажаа дека во малата депонија во Охис има 50 отсто повеќе линдан од првичните пресметки. Во неа има и 70 тони жива, која исто така ќе треба да се извади и уништи на безбеден начин. Резултатите од анализата ќе влијаат и на временскиот рок и на цената на расчистувањето на депонијата, иако во текот на испитувањето беше констатирано и дека количините на контаминирана земја се значително пониски од оние во првичните пресметки. Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци.

Во малата депонија, според испитувањата, се преостанати 636 тони линдан, 2.613 тони контаминирана земја, 1.120 тони контаминиран бетон и околу 70 тони жива. Околу 1.781 тони земја која се наоѓа помеѓу базените, поради нискиот степен на контаминација, не се препорачува да се третира термички и истата ќе остане во малата депонија.

Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, или околу 60 отсто од отпадот. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките. Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Цената на нафтата падна под 100 долари за барел, откако САД и Иран се согласија за прекин на огнот

Цената на нафтата утрово падна под 100 долари за барел откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се согласил на двонеделно примирје со Иран, кое е предмет на итно и безбедно повторно отворање на Ормускиот теснец.
Фјучерсите на Брент паднаа за 14,51 долари, или 13,3%, на 94,76 долари за барел, додека WTI падна за 17,16 долари, или 15,2%, на 95,79 долари за барел.
Пресвртот на Трамп дојде кратко пред неговиот рок за Иран да го отвори Ормускиот теснец, каде што транзитира 20% од светската нафта, или да се соочи со широки напади врз неговата цивилна инфраструктура. „Ова ќе биде двостран прекин на оган!“, напиша тој на социјалните мрежи, откако претходно во вторникот објави дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“ ако неговите барања не бидат исполнети.

Иран изјави дека ќе ги запре нападите ако престанат нападите против него и дека безбедниот транзит низ Ормускиот теснец ќе биде можен две недели во координација со иранските вооружени сили, според изјавата на министерот за надворешни работи, Абас Аракчи.
Сепак, повеќе земји од Персискиот Залив идентификуваа лансирања на ракети и напади со беспилотни летала или издадоа предупредувања до цивилите да се засолнат.
„Дури и со мировен договор, Иран може да се охрабри почесто да се заканува на Ормускиот теснец во иднина, а пазарот ќе го процени зголемениот ризик за Ормускиот теснец во иднина“, рече аналитичарот на MST Marquee, Саул Кавоник.
Војната меѓу САД и Израел со Иран го забележа најстрмниот месечен пораст на цената на нафтата во историјата во март од повеќе од 50%.
„Сè уште постои простор за вкоренување на значителна геополитичка премија за догледна иднина, врз основа на деталите за „сеопфатен договор“, рече аналитичарот на Комонвелт Банк, Вивек Дар, во белешка.
Трамп рече дека САД добиле предлог од 10 точки од Иран, кој го нарече функционална основа за преговори и рече дека страните се многу далеку од постигнување дефинитивен договор за долгорочен мир.
„Тоа е добар почеток и може да го отвори патот за потрајно повторно отворање – но има уште многу „ако“-и што треба да се решат“, рече аналитичарот на IG, Тони Сикамор.
WTI ја задржа својата ценовна премија во однос на Брент, во пресврт на типичните ценовни шеми поради тоа што неговиот договор за испорака е за мај, додека Брент е за јуни, што одразува дека барелите со претходен датум на испорака имаат повисока цена.

Институциите и граѓанските организации заедно ќе го креираат новиот акциски план за Партнерство за отворена власт

„Партнерството за отворена власт не е само процес, тоа е модел на работа кој покажува дека кога институциите и граѓанското општество работат заедно, резултатите се подобри, поконкретни и покорисни за граѓаните. Можам да кажам дека овој процес низ годините се покажа како еден од ретките механизми во кои постои вистинско, рамноправно партнерство каде граѓанското општество и институциите седат на иста маса, со еднаков број претставници, со еднаков глас и со заедничка одговорност за постигнување на резултатите“, рече Данче Даниловска-Бајдевска, координаторка на Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт од Фондацијата Метаморфозис, на денешната Конференција за отпочнување на процесот на ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026 – 2028, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со Министерството за јавна администрација и Центарот за граѓански комуникации.

На Конференцијата учествуваа министерот за јавна администрација, Горан Минчев, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, националната координаторка за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска и претставници на повеќе институции и граѓански организации.

Даниловска-Бајдевска, како дел од партнерството го посочи воспоставувањето на Отворен трезор, преку кој се следат буџетските трошења, потоа Регистарот на вистински сопственици и најави дека привршува процесот за овозможување и дигитализирање на финансиското известување од страна на политичките партии.

„Партнерството за отворена власт се стреми кон поголема иновативност и технолошки напредок, искористувајќи ги стручноста и креативноста на граѓанското општество за користење на технологиите за добро управување“, рече Даниловска-Бајдевска и посочи дека со почетокот на ко-креацијата на седмиот Национален акциски план се отвора можност процесот да биде уште поамбициозен, поинклузивен и повеќе ориентиран кон граѓаните.

Таа, моќта на партнерството ја илустрираше преку примерот од проектот на Метаморфозис, во кој поставената цел на заложба за 30 општини да објават минимум пет збирки податоци, била надмината со вклучување на 61 општина и објавување на повеќе од 300 збирки на податоци.

Според министерот за јавна администрација, Горан Минчев, Партнерството за отворена власт е важен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во креирањето политики, а она што го прави особено значаен е фактот дека не е иницијатива на една институција, туку заедничка заложба која ги обединува извршната власт, парламентот, судството и граѓанското општество.

„Новиот Национален акциски план за периодот 2026–2028 претставува значајна можност да ги насочиме реформските заложби во клучни области, како што се антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност; граѓански простор, учество и слободи; дигитално управување; клима и животна средина; како и отворен парламент и отворено судство. Преку овие приоритети, акцискиот план ќе придонесе за поголема транспарентност во работењето на институциите, подобра достапност на информациите, поактивно учество на јавноста и развој на иновативни решенија во јавниот сектор“, рече Минчев.

Тој информира дека е подготвен и нов, унапреден дизајн на онлајн платформата за Партнерство за отворена власт, кој обезбедува појасна прегледност на процесот и дополнително го отвора просторот за учество. Преку платформата, покрај учеството на физичките состаноци, ќе се овозможи континуиран онлајн придонес, доставување предлози и активно вклучување на сите засегнати страни во текот на целиот процес на ко-креација. Посочи дека Советот за Партнерство за отворена власт и Мрежата на граѓански организации се активно вклучени од фазата на планирање и во текот на целиот процес на ко-креација, придонесувајќи со експертиза, дијалог и заедничко утврдување на приоритетите, што е основа за инклузивен и транспарентен процес.

За Мичев, успешноста на процесот зависи од институциите и нивната посветеност за спроведување на преземените заложби, но позитивниот притисок од граѓанските организации претставува додадена вредност, која придонесува за поголема амбиција, транспарентност и отчетност во спроведувањето на реформите.

Гордана Гапиќ-Димитровска, националната координаторка за ПОВ истакна дека ко-креацијата на новиот Национален акциски план дава можност да се креираат нови заложби и приоритети.

„Партнерството за отворена власт е повеќе од иницијатива, тоа е платформа каде институциите и граѓанското општество заеднички ги дефинираат реформите, а додадена вредност е што заеднички работат на нивна имплементација. Работевме на унапредување на веќе воспоставените реформи, имаме институции кои од почетокот работат на промена на културата на работење и на ставање на поголем број информации достапни на јавноста. Работевме на отворените податоци, зголемување на процесот на консултации, пристапот до правда, транспарентноста на локално ниво и имаме примери дека процесот прави промени во нашето општество“, рече Гапиќ-Димитровска.

фото: Мета.мк

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации ги потенцираше институциите кои секогаш се однесувале партнерски во процесот и ги посочи конкретните резултати од таа соработка.

„Значењето на Партнерството за отворена власт се гледа преку владиниот сајт дата.гов.мк кој е заложба од еден акциски план. Само што беше отворен сајтот енер.гов.мк имаше заложба да се оптимизира и да се направи алатка за консултација за донесување на прописите, што денеска постои. Советот за соработка на Владата со граѓанскиорт сектор е исто така една од зложбите, Стратегијата на владата се изработува со учество на граѓанскиот сектор, а податоци за сите граѓански организации се јавно достапни во Централниот регистар. Иницијатива од Акциски планови се и законот за укажувачи, системот за интегритет на институциите, регистарот на избрани и именувани функционери, електронското доставување на изјави за имотна состојба и други“, посочи Филков.

Нагласи дека благодарение на овој процес, денеска за сите фирми постојат јавно достапни информации на Централниот регистар, јавно се објавени сите здравствени програми и нивното спроведување, а како едни од најважните промени кои се резултат на партнерството ги посочи Отворениот трезор и јавното објавување на имињата на вистинските сопственици кои склучуваат договори преку Бирото за јавни набавки.

Државата мора да почне од своите оџаци, вели министерот Хоџа за промената на системите на греење со поеколошки горива

Дваесет и еден државен објект добиле нови еколошки системи за затоплување, а уште педесетина се во процедура. Се работи за државни градинки, училишта и болници кои се веќе енергетски ефикасни објекти, а преку проект на Министерството за животна средина, финансиран со средства во видина од 5,4 милиони евра, обезбедени од европски фондови, ќе ги заменат нафтата и мазутот како гориво со приклучување на гасоводна или топловодна мрежа или со инсталирање на топлински пумпи, и со тоа ќе го намалат загадувањето на воздухот.

Досега, замена на системите на затоплување е направено во три градови, Куманово, Скопје и Битола. Во Куманово нов начин на затоплување добиле 12 објекти на девет локации, меѓу кои 7 се градинки и училишта, како и на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Агенцијата за вработување, Секторот за внатрешни работи, како и Основниот суд во Куманово.

Во Битола, еколошки системи се воведени во два објекти, градинка и основно училиште и во три објекти во Скопје, во градинката „25 Мај“, во Гази Баба и во два објекти на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров.

Како што информираат од Министерството за животна средина, во различна фаза на имплементација, проектирање, ревизија, изведба, надзор, се наоѓаат уште над педесет објекти на 24 локации.

„Државата мора да почне со своите оџаци и да биде пример за сите“, рече министерот за животна средина Муамет Хоџа и информира дека замената ќе продолжи штом заврши грејната сезона.

Веќе е изготвена проектна документација за нови 39 објекти во Скопје, Тетово и Битола, кои ќе бидат завршени во текот на оваа и идната година, а во изработка е за уште 27 објекти во Куманово и Скопје.

Според планот на Министерството, во Скопје замена на системите за затоплување до идната година ќе заврши во уште пет училишта, една спортска сала, како и во четирите поликлиники во Ченто, Драчево, Шуто Оризари и Ѓорче Петров, како и во четири објекти на Геронтолошкиот завод во Скопје и во 12 објекти на Психијатриската болница во Скопје. Во Тетово еколошко затоплување ќе добие едно основно училиште и 7 објекти на Клиничката болница, а во Битола три објекти на едно основно училиште.

По изготвувањето на документацијата, проектот ќе треба да ги опфати и уште училиштето „Златан Сремец“, Гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир, Универзитетот „Мајка Тереза“, спортска сала и една зграда на Општината Чаир, како и 15 градинки и училишта во Скопје. Исто така, еколошко греење ќе добијат и градинка, училиште и Здравствениот дом во Куманово.

„Замената на системите се прави во рамки на проектот “ЕУ за чист воздух“ финансиран од Европската Унија со 10 милиони евра, кој се фокусира на подобрување на квалитетот на воздухот во поголемите градови Скопје, Битола, Тетово и Куманово – како едни од најзагадените и тоа преку преземање на мерки за намалување на загадувањето од системите за греење, намалување на загадувањето од јавниот транспорт и создавање на зелени појаси“, велат од Министерството.

Ќе се прави нов регистар на загадувачи, индустријата ќе мора редовно да објавува што испушта во воздухот, водата и почвата

Сите компании кои имаат А-интегрирана дозвола издадена од Министерството за животна средина ќе бидат дел од нов регистар на загадувачи, во кој ќе мора да ги споделуваат со јавноста сите податоци поврзани со мерењата на емисиите во воздухот, водата или почвата кои се обврзани да ги прават. Регистарот, според министерот Муамет Хоџа ќе треба да ја зголеми транспарентноста во работењето на компаниите, а на јавноста да и обезбеди навремени и релевантни податоци.

„Во следниот период ќе одржиме средби со сите компании кои имаат А-интегрирани дозволи со цел да ги информираме за новините од законот за индустриски емисии кој стапува во сила од септември 2027 година на кои ќе треба да се адаптираат. Една од темите на средбата ќе биде и дигиталната платформа во форма на регистар на која ќе треба да ги објавуваат податоците“, рече Хоџа.

Тој вели дека не се работи за едноставно техничко решение, туку мерка за зголемување на одговорноста на компаниите. Посочува дека системски ќе се собираат и јавно ќе се објавуваат податоци за емисиите на индустриските загадувачи, за преносот на отпад надвор од локацијата, за загадувањето на отпадните води како и за потрошувачката на енергија, вода и суровини.

„Барањата за известување за испуштање и пренос на загадувачи се усогласени во условите во дозволите кои ги имаат капацитетите, што овозможува регистарот да озбезбеди сигурни и споредливи податоци за емисиите и користењето на ресурсите од страна на загадувачите. На тој начин притисокот е поголем, а со тоа и одговорноста за почитување на стандардите“, рече Хоџа.

Регистарот ќе биде отворен за јавноста, а секој заинтересиран ќе може да го отвори и да ги види резултатите од лабораториските анализи кои се должни да ги направат загадувачите. Мониторингот на работењето, посочуваат од Министерството, е обврска на компанијата, која треба да го сноси и трошокот за направените анализи, а државните органи, како Државниот инспекторат за животна средина, контроли ќе прават само кога ќе постои сомнеж во резултатите кои ги доставиле компаниите или видливо загадување, што е практика воспоставена и во Европската унија.

Ќе се бара нов концесионер што ќе треба да ја расчисти депонијата со троска од Топилницата во Велес

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе распишува нов јавен повик на кој ќе бара концесионер што ќе ја расчисти троската од велешката Топилница. Минатиот месец заврши десетгодишната концесија на компанијата „Кепс Монт Груп“, која во тој период не успеа да ја извезе минералната суровина и со тоа да реши голем еколошки проблем, што граѓаните на Велес ги држи во заложништво повеќе од четири децении.

Од Министерството информираат дека во моментов во тек е постапката за раскинување на концесијата на „Кепс Монт Груп“, која ќе треба да биде одобрена од Владата. На компанијата пред две години не и беше обновена ниту Б-интегрираната дозвола од Општината Велес, бидејќи сакаше да вметне обработка на троската на лице место, што локалните власти не го дозволија.

„Компанијата „Кепс Монт Груп“ во текот на минатата година достави барање за продолжување на концесијата за експлоатација на троската од депонијата на поранешната Топилница во Велес. Министерството донесе решение со кое барањето беше одбиено, по што компанијата поднесе жалба која исто така беше одбиена. Во моментов, Министерството е во фаза на подготовка на одлука за престанок на концесијата, која ќе биде доставена до Владата“, велат од Министерството за енергетика.

Со новиот повик, посочуваат од министерството, ќе се овозможи транспарентен процес и потенцијално вклучување на други заинтересирани компании, кои строго ќе ги почитуваат законските и еколошките стандарди, а од концесионерот ќе се бара да исполнува најсовремени критериуми за заштита на животната средина, да применува најдобри достапни технологии и да обезбеди одржливо и безбедно управување со материјалот.

Троската од Топилницата повторно ќе се квалификува како техногена минерална суровина, а не како опасен отпад, иако депонијата на Топилницата со децении се смета за една од жешките еколошки точки.

Фото: Мета.мк

„Министерството ќе постапи согласно Законот за минерални суровини и релевантната европска регулатива за критични минерални суровини, и ќе распише јавен повик за доделување концесија. Во врска со  класификацијата на троската – дали таа се смета за минерална суровина или за отпад – се применува комплексен пристап во согласност со важечките национални прописи и ЕУ регулативата, вклучително Critical Raw Materials Act (CRMA), кој ги дефинира стратешките суровини со висок економски и стратешки значај, Законот за минерални суровини, Законот за животна средина, како и Директивата за отпад (2008/98/EC) и нејзините измени“, посочуваат од Министерството.

Велат дека при донесувањето на сите идни одлуки поврзани со депонијата на троска, приоритет ќе имаат заштитата на животната средина, јавниот интерес и можностите за примена на напредни технологии за третман, рециклирање и искористување на овој материјал, во согласност со принципите на циркуларната
економија и стратешкото снабдување со критични суровини пропишани во CRMA.

Од Општината Велес посочуваат дека ќе очекуваат идниот концесионер да ги користи најдобрите достапни практики и навистина да се грижи за животната средина и за здравјето на жителите на градот, додека работи на локацијата. Во моментов, посочуваат, до Општината нема стигнато барање за доделување на мислење или за геолошки истражувања на локацијата, но нагласуваат и дека стојат на ставот дека троската ќе треба да се натовари и изнесе од Велес, а не да се обработува на лице место.

Расчистувањето на депонијата повеќе од две години е заглавено во македонските институции и судови, откако поранешниот концесионер „Кепс Монт Груп“ се жалеше на одлуката на Општина Велес, да не му ја продолжи Б-интегрираната дозвола и да му овозможи троската, освен да ја ископува и да ја дроби и меле, пред да ја извезува. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на почетокот на 2024 година, одлучи да не ја потпише Б-интегрираната дозвола за компанијата и изјави дека смета дека е грешка што остатоците на депонијата се третираат како техногена минерална суровина. Тие, посочи тогаш Колев, треба да се гледаат како опасен отпад, како што е линданот во ОХИС.

Концесионерот, од своја страна, тогаш тврдеше дека ги има сите потребни документи и мислења од повеќе институции меѓу кои и министерствата за економија, за животна средина, за транспорт и врски, за здравство, за култура и за финансии, неколку јавни претпријатија, како и од експерти од Технолошко-металуршкиот факултет, Институтот за хемија, Шумарскиот факултет и Градежниот институт, по што се жалеше на Второстепената комисија за управни постапки. Комисијата ја отфрли жалбата на „Кепс Монт Груп“, по што постапката продолжи пред Управниот суд.

Се претпоставува дека депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која, покрај цинк и олово, содржи и кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Тешките метали, оставени на отворено без никаква заштита, се разнесуваат со децении наназад, а висината на загадувањето ја докажаа и испитувањата на професорот Трајче Стафилов и Министерството за здравство.

Според анализите на Стафилов направени на прашината во три зони во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон, а особено се високи нивоата на кадмиум во домашната прашина, 21 милиграм на килограм и на кровните греди, 240 милиграми на килограм.

Испитувањата на Министерството за здравство, пак, докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.

Владата го намали ДДВ на горивата од 18 на 10 отсто, Мицкоски очекува цената на бензинот да остане иста, а дизелот да поскапи најмногу за 3,5 денари

Данокот на додадена вредност на горивата се намалува од 18 на 10 отсто, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако Владата одржа вонредна седница на која ја разгледуваше состојбата со кризата во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Мицкоски вели дека со потегот на Владата очекува цената на бензинот да остане непроменета, а на дизелот да се зголеми најмногу до 3,5 ден за литар. Намалувањето на данокот ќе трае две недели, а ќе стапи на сила во понеделник на полноќ.

„Врз основа на анализите на Регулаторната комисија за енергетика и состојбите на глобалниот пазар и берзите се очекува на утрешната седница да предлжат ново зголемување на цените на горивата и тоа за бензинот од 6,5 денари, а за дизелот од 10,5 денари за литар. Тоа би значело дека, доколку не донесевме одлука за намалување на ДДВ, Еуросупер БС 95 ќе поскапеше на 93 денари, Еуросупер БС 98 на 95 денари, досека дизелот на 102,5 денари, рече Мицкоски.

Тој најави дека освен веќе договорениот попуст од два денари за литар, ќе се разговара со ОКТА за зголемување на попустот кон трговците, но најави дека очекува и тие да намалат дел од својот профит додека трае кризата.

„Со мерката која ја усвоивме граѓаните и фирмите ќе можат да заштедат 200.000 евра на ден или 1,5 милиони евра за една недела, со оглед на тоа дека потрошувачката се движи околу 1,2 милиони литри дизел и 400.000 литри бензин“, рече Мицкоски и потенцираше дека Македонија и понатаму има најниски цени на горивата во регионот.

Од таа причина во последниот период е забележанио зголемување на побарувачката на горива од девет отсто во пограничните региони, каде доаќаат граѓани од соседните земји, а дневната потрошувачка е зголемена за 150.000 литри.

Во Србија, рече Мицкоски, Еуросупер БС 95 бензин  чини од 1,6 до 1,83 евра за литар, а дизел 1,8 евра за литар. Во Хрватска дизелот се продава од 1,55 до 2 евра, а во Косово 1,6 за литар.

Мицкоски нагласи дека електро-енергетскиот сектор е стабилен и дека земјава има резерви да се потрпре на сопствено производство за еден месец. Сепак, посочи дека за АД ЕСМ е предизвик цената на мазутот, која ќе биде точка на дневен ред на следната седница на Владата

„Размислуваме да интервенираме кон ЕСМ со одредена количина мазут за да не се зголемат трошоците на компанијата, со што се очекува да не се зголемува цената и да се задржи ниското ниво на инфлацијата“; посочи Мицкоски.

Тој образложи дека се одлучиле за намалување на данокот, а не на акцизата, како побрза и поефикасна мерка, која ќе може да даде резултати на краток рок и да го намали товарот од зголемените цени кај граѓаните и компаниите.

Истовремено се градат повеќе објекти од пречистителната станица на Скопје, институциите оптимисти дека ќе биде готова идната година

Пречистителна станица за отпадни води на Скопје се гради, а завршени се една четвртина од предвидените градежни работи. Еден од најважните инфраструктурни објекти за главниот град, кој треба да обезбеди пречистување на отпадните води, кои завршуваат во реката Вардар, започна да се гради пред точно една година. Планиран рок за завршување на изградбата е ноември 2027 година, по што е следуваат две години на пробна работа и обука на операторите, по што со објектот ќе управува градското јавно претпријатие „Водовод и канализација“.

Пречистителната станица, која е лоцирана во северо-источниот дел на градот, во Трубарево, веднаш покрај Вардар, ќе биде комплекс на разни технолошки целини со кои ќе се врши третман на отпадните води од градот. Според проектот, ќе се врши примарно механичко пречистување и секундарно биолошко пречистување на отпадната вода. Тињата создадена во процесот ќе биде обработена со издвојување на биогас, а остатокот ќе биде согоруван. Целиот процес ќе предвидува згуснување, варење, сушење и согорување на тињата на лице место.

Од „Водовод и Канализација“ велат дека постројката содржи повеќе од 50 различни објекти кои ја сочинуваат целината на технолошките процеси. Во моментот е во тек изградба на повеќе објекти паралелно, а реализацијата во моментот изнесува е околу 25 отсто.

„Ќе бидат применети сите европските директиви за да се исполнат највисоките еколошки критериуми, и ќе се имплементираат напредни технологии за енергетска ефикасност преку искористување на биогасот, отпадната топлина од согорувањето и сончевата енергија, со цел да се обезбеди висока енергетска ефикасност и ниски оперативни трошоци при експлоатацијата,“ велат од Водовод.

Процесот на третман на отпадните води дополнително ќе вклучува контрола на мирисите и оптимизација на енергијата, а во рамките на проектот ќе треба да се изведат и приклучоци до главниот канализациски систем, заштита од поплави до локацијата, трафостаници, приклучоци до мрежата и резервни постројки за производство, како и обука на персоналот за работа и одржување на постројките.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека одобрението за градење на Пречистителната станица, која треба да ги опслужи сите десет скопски општини и е димензионирана за над 620.000 жители, беше издадено во март 2025 година, по што во април започна изградбата. Очекуван рок за завршување на изградбата е ноември 2027 година, по што е следуваат две години на пробна работа, до ноември 2029 година, како и период од 12 месеци за известување за дефекти.

Финансирањето на проектот е обезбедено со заеми од ЕИБ во висона од 68 милиони евра и од ЕБОР од 58 милиони евра, како и инвестициски грант од 69 милиони евра. Вкупната вредност на договорот за проектирање и изградба изнесува 184 милиони евра, од кои досега се исплатени 54 милиони евра за градежни работи и 1.4 милиони евра за надзор. Изведувач е германската компанија ВТЕ и македонскиот подзиведувач „Жикол“.

Првичниот краен рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше оваа година, а тендерот за изградба беше отпочнат во летото 2020 година, но го следеа бројни застои и одолговлекувања, обвинувања, смени на директори, што предизвика и одложување на почетокот на градежните работи на терен.

За пренесување на отпадните води до пречистителната станица се предвидени две колекторски линии на левиот и десниот брег на Вардар. Проектот до 2022 година го реализираше француската компанија НГЕ, која изгради 90 отсто од трасата, на десниот брег на Вардар се градеше мрежа од 3,4 километри од булеварот „Србија“ до Железничкиот мост, во која треба да се прибираат и отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“, а на левиот брег се изгради систем од 4,5 километри. Договорот беше раскинат бидејќи компанијата не сакаше да работи заради наводно присуство на медицински отпад на депонијата Варадариште. Обврска да се изградат поледните 900 метри, до спојувањето со пречиститената станица во Трубарево, ја презема државата.

Во моментов, фекалиите на жителите од главниот град се испуштаат како непречистени директно во реката Вардар, а помали пречистителни станици за отпадни води се изградени во Сарај за реката Треска и во Ново Село за реката Лепенец, преку кои треба да се врши третман на отпадните води од населените места кои гравитираат околу овие реки.

Два нови балкански риса снимени на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина е побогат за уште два риса. Од таму информираат дека на камерите при вршење на редовен мониторинг, се забележани две нови единки, со што бројот на рисови кои живеат на територијата на паркот од три се зголемува на пет.

Од НП „Шар Планина“ велат дека новите рисови се забележани на дел од територијата кој припаѓа на Општина Врапчиште.
„Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина. Благодарение на заложбите на тимот на ЈУ Национален Парк Шар Планина, бројот на дивите животни, а особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата. Продолжуваме посветено да се залагаме за заштита на дивиот свет и унапредување на екосистемите на Шар Планина,“ посочуваат од Националниот парк.

САД уништија 16 ирански бродови за поставување мини во Ормускиот теснец

Американската војска соопшти дека нападнала и уништила 16 ирански бродови за поставување мини во близина на Ормускиот теснец, по извештаите дека Иран почнал да поставува експлозивни направи во стратешки виталниот воден пат.

Повикувајќи се на разузнавачки извори, Си-Ен-Ен во вторникот објави дека Иран поставил неколку десетици мини во теснецот во последните денови и има капацитет да посее уште стотици.

Околу една петтина од светската нафта поминува низ теснецот, а Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран претходно оваа недела изјави дека нема да дозволи ниту еден литар нафта да го напушти регионот ако продолжат нападите на САД и Израел.

Во вторникот, Доналд Трамп во објава на Truth Social изјави дека „доколку Иран поставил какви било мини во Ормускиот теснец, а немаме извештаи дека го сториле тоа, сакаме тие да се отстранат, веднаш“ Помалку од два часа подоцна, американската војска објави некласифицирани снимки од своите напади врз бродови за поставување мини.

Пратките со нафта од Блискиот Исток се блокирани да минуваат низ тесниот воден пат откако САД и Израел ги извршија нападите врз Иран пред 11 дена, предизвикувајќи скок на цените на нафтата и предизвикувајќи хаос на глобалните пазари.
Суровата чувствителност на нафтените пазари на вестите за теснецот беше нагласена во вторник попладне кога брзо избришана објава на социјалните мрежи од американскиот секретар за енергија предизвика диви флуктуации на пазарот.

Зголемувајќи надежи дека Ормускиот теснец е повторно отворен за активност, Крис Рајт објави на X: „Американската морнарица успешно придружи танкер за нафта низ Ормускиот теснец за да се осигури дека нафтата ќе продолжи да тече кон глобалните пазари“. Како одговор, референтните фјучерси на американската сурова нафта паднаа до 19%, а берзанскиот фонд поврзан со фјучерси на нафта доживеа 84 милиони долари од својата пазарна капитализација, објави Волстрит џурнал.

Но, објавата беше брзо отстранета, а претставници на администрацијата на Трамп го негираа тврдењето на Рајт, разјаснувајќи дека таква експедиција не се случила. Портпарол на Министерството за енергетика изјави дека објавата на Рајт била неправилно титлувана од страна на вработените во агенцијата.

Коментирајќи ја објавата на Рајт, портпарол на Иранската револуционерна гарда негираше дека нафтен брод бил придружуван. „Секое движење на американската флота и нејзините сојузници ќе биде запрено од нашите ракети и беспилотни летала“, рече Али Мохамад Наини во коментарите што ги објавија иранските државни медиуми.

На брифингот на Министерството за одбрана, високиот американски генерал, Ден Кејн, се осврна на можноста американската морнарица да ги придружува бродовите низ теснецот. „Разгледуваме низа опции таму и ќе откриеме како да ги решиме проблемите кога ќе дојдат кај нас“, им рече тој на новинарите.

Заедно со Кејн, шефот на Пентагон, Пит Хегсет, рече дека ако „Иран направи нешто за да го запре протокот на нафта во Ормутскиот теснец, тие ќе бидат погодени од Соединетите Американски Држави 20 пати посилно отколку што биле погодени досега“.
Иран постојано ја таргетира енергетската инфраструктура со напади кои се чини дека имаат за цел да создадат доволно глобална економска болка за да извршат притисок врз САД и Израел да ги прекинат своите напади.

Протокот е широк само 34 километри во најтесната точка, а бродската лента е широка само 3,2 километри во двата правци. Во 1980-тите, Иран го минираше за време на војната со танкери со Ирак.

Во вторник, Амин Насер, претседател и извршен директор на нафтената компанија „Арамко“ на Саудиска Арабија, изјави дека танкерите се пренасочуваат за да се избегне протокот и дека цевководот исток-запад на компанијата ќе го достигне својот полн капацитет оваа недела од 7 милиони барели дневно што ќе се носат во пристаништето Јанбу на Црвеното Море.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), исто така, предложи најголемо ослободување на резерви на нафта досега за да се спротивстави на зголемувањето на цените на суровата нафта, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на службеници запознаени со ова прашање.

Ослободувањето би ги надминало 182 милиони барели што земјите-членки на ИЕА ги пласираа на пазарот во 2022 година по руската инвазија на Украина, објави весникот. Предлогот беше дистрибуиран на итен состанок на енергетските претставници од 32-те земји-членки на ИЕА во вторник, а одлуката се очекува во среда.

Глобалните цени растат со ескалацијата на конфликтот со Иран, барел нафта надмина 100 долари

Глобалните цени на нафтата продолжија да се искачуваат над 100 долари за барел, бидејќи ескалацијата на американско-израелската војна со Иран ги поттикнува стравувањата од продолжено прекинување на испораките преку Ормускиот теснец. Утрово во Азија, цената на суровата нафта Брент беше речиси 24% повисока на 114,74 долари, додека Nymex light sweet беше зголемена за повеќе од 26% на 114,78 долари.

Околу една петтина од светските резерви на нафта обично се испорачуваат преку Ормускиот теснец. Но, сообраќајот низ тесниот премин е речиси запрен откако започна војната пред една недела.

Големите прекини во снабдувањето со енергија од регионот се закануваат да ги зголемат цените за потрошувачите и бизнисите низ целиот свет.
Како знак за тоа како растечките цени на енергијата влијаат врз големите економии во Азија, Јужна Кореја вели дека властите ќе ги ограничат домашните цени на горивата за прв пат по речиси 30 години.

Зборувајќи на вонреден состанок на кабинетот, претседателот Ли Џе Мјунг рече дека владата брзо и решително ќе спроведе систем на максимални цени на нафтените производи.

Земјата е во голема мера зависна од увоз за речиси целата своја енергија, суровини и земјоделски производи.

Како што известувавме, референтната цена на нафтата помина 100 долари за барел порано за прв пат од 2022 година, иако оттогаш малку се намали.

Сега, „Фајненшл тајмс“ објавува дека министрите за финансии на Г7 ќе одржат итен состанок во понеделник за да разговараат за можно заедничко ослободување на резервите на нафта за справување со порастот на цените.

Резервите на нафта се координирани од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), при што 32 членки на групата поседуваат стратешки резерви како дел од колективен систем за вонредни состојби дизајниран за кризи на цените на нафтата.

Три земји од Г7, вклучувајќи ги и САД, досега ја изразија својата поддршка за можно заедничко ослободување, според луѓе запознаени со разговорите, објавува „Фајненшл тајмс“.

Жителите на виничко Блатец со стража ја чуваат реката од инвеститор на мала хидроцентрала, велат без неа нема живот, ниту храна

Жители на виничкото село Блатец повеќе од една деценија се борат за да ја зачуваат својата река Блатешница од изградба на мала хидроцентрала. Тие велат дека животот во селото, во кое живеат над 1.200 жители зависи од водата во реката која ја користат за пиење и за наводнување на нивите. Градинарството и призводството на јагоди, пченка и компир се главните дејности кои ги одржуваат овие домаќинства и кои се директно зависни од пристапот на вода.

Жителите стравуваат дека со изградбата на мала хидроцентрала и заробувањето на водата во цевка и кај нив ќе се повторат сликите на опустошени речни корита, уништен биодиверзитет и напуштени земјоделски површини како и кај други веќе изградени енергетски објекти. Тие веќе подолг период наназад организираат стража на патот кон планината Плачковица каде треба да се гради хидроцентралата, а неодамна го блокираа и патот Виница-Берово.

„Бараме од Владата повеќе да не ја продолжува концесијата на инвеститорот. Мала хидроцентрала не треба да има и добро би било властите да ја увидат грешката и да ги послушаат барањата на луѓето, бидејќи ние зависиме од нејзината вода“, вели Блаже Анакиевски, жител на Блатец и дел од иницијативата за заштита на реката „За чист Блатец“.

Тој посочува дека грешката е направена од локалните и од државните власти при првичната проценка дека на таа река воопшто може да има мала хидроцентрала, бидејќи не било земено во предвид дека на тој потег поминува водоводната цевка за селото, а дека над местото каде што е предвидена машинската зграда има зафати на вода кои служат за наводнување во летниот период.

Анакиевски посочува дека иако цевководот е долг два километри, тој ќе зафати три до четири километри река, ќе сруши дел од патот и ќе зафати дел од крајбрежјето каде има значаен биодиверзитет. Од друга страна, пак, енергетскиот објект што е предвиден, посочува тој, нема голема моќност и нема да направи никаква разлика во производството на електрична енергија.

„Проблемот е што низ годините никој не дошол кај нас да направи анкета или пак да спроведе јавна трибина на која ќе се разговара за потребата да се прави мала хидроцентрала на нашата река. Дознавме сосема случајно, ја најдовме документацијата на инвеститорот и заклучивме дека има многу пропусти“, вели Анакиевски.

Тој вели дека иако инвеститорот нема ништо изградено на посочената локација, сепак не се откажува од дозволата, заради што месната заедница организира стражи за да не дозволи поминување на механизација. Неодамна рампата на патот им била извадена, заради што населението се собра на протести, како предупредување дека жителите не се откажуваат од намерите да ја стопираат градбата.

Концесионерот, Енерџи Лукс од Кочани, со Владата има склучено Договор за концесија за вода за изградба на мала хидроелектрична централа „Блатечка река“, во март 2012 година. Досега изградбата не е почната, а од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека се работи за застој кој не е по вина на концесионерот.

Тој минатата година побарал и добил од Владата ново продолжување на рокот за дополнителни 236 дена бидејќи било утврдено е дека концесионерот бил објективно спречен да изведува градежни активности. Анексот на Договорот за концесија, го продолжил рокот за почеток со комерцијална работа до 7 март годинава, што значи дека на концесионерот му остануваат уште неколку дена за да отпочне со работа.

„Согласно Договорот за концесија за вода, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има надлежност да го следи спроведувањето на проектот, односно изградбата на објектот, и врз основа на доставена релевантна документација да склучува анекси за продолжување на рокот за почеток со комерцијална работа во случаи на констатиран застој што не е по вина на концесионерот“, посочуваат од Министерството.

Сепак, од таму не посочуваат која е всушност причината за застојот, како и дали воопшто може да се отстрани, ниту пак чија е вината што постои таков застој. Од Министерството не одговорија ниту дали продолжувањето на доволата може да оди до бесконечност, се додека постои причина за застој.

Фото: За чист Блатец

Градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски ги поддржа граѓаните во новните заложби да ја сочуваат реката слободна. Тој неодамна информираше дека одобрението за градење на хидроцентралата, кое било донесено од општинската власт во 2015 година престанало да важи во август минатата година, како и дека за тоа го известиле инвеститорот кој доколку сега преземе градежни дејствија, тие ќе бидат дивоградба.

„За истото го известив и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да има во предвид за понатамошно продолжување на договорот за концесија кој истекува наскоро“, вели Костадиновски.

Тој додава дека инвеститорот во моментов нема поднесено ново барање до општината.

„Инвеститорот може да бара обнова на градежната дозвола, но со овој елаборат нема да ја добие. Треба да направи нов елаборат во кој ќе биде внесена сегашната фактичка состојба, бидејќи претходниот не ја отсликува состојбата на терен врз основа на која добил концесија. Ако ја изменат трасата, но и ако разговараат со населението и од нив добијат согласност, општината нема да има проблем да им даде градежна дозвола“, посочува градоначалникот.

Костадиноски вели дека во документот не се земени во предвид водоводните цевки за пиење и за наводнување кои се точно на трасата на цевководот на малата хидроцентрала, иако постојат уште пред да биде правен проектот.

Од Министерството за животна средина, пак, не одговорија зошто за малата хидроцентрала се барал елаборат, а не Студија за оценка на влијанијата врз животната средина, ниту пак информираа дали некогаш била спроведена јавна расправа со населението и да се слушне нивното мислење и забелешки пред да се усвои документот.

Пакистан бомбардира цели на талибанските милитанти во авганистанските градови

Пакистан бомбардираше цели на талибанската влада во поголемите градови во Авганистан во текот на ноќта, соопштија во петокот официјални лица од двете земји, а пакистанскиот министер за одбрана го нарече конфликтот отворена војна.
Безбедносни извори во Пакистан изјавија дека нападите вклучувале напади со ракети воздух-земја врз воени канцеларии и пунктови на талибаните во Кабул, Кандахар и Пактија, како и копнени судири во повеќе сектори по должината на границата меѓу исламските земји.
Талибанците изјавија дека започнале, како што ги опишаа, одмазднички напади врз пакистански воени инсталации.
Двете страни пријавија големи загуби, објавувајќи остро различни бројки што Ројтерс не можеше независно да ги потврди.
„Нашата чаша трпение се прелеа. Сега е отворена војна меѓу нас и Авганистан“, изјави во петокот пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Мухамед Асиф.
Односите меѓу Кабул и Исламабад се затегнати поради долготрајниот спор околу обвинувањата на Пакистан дека Авганистан засолнува милитанти кои вршат напади преку границата. Талибанците го негираа обвинението и рекоа дека безбедноста на Пакистан е внатрешен проблем.
Нападите врз владините објекти на Талибанците се голема ескалација и се закануваат со продолжен конфликт по должината на границата од 2.600 километри.
Портпаролот на Талибанците, Забиула Муџахид, потврди дека пакистанските сили извршиле воздушни напади во делови од Кабул, Кандахар и Пактија, но не даде детали.
Кандахар е седиште на Талибанците и град каде што се наоѓа врховниот духовен водач Хаибатула Ахунџада.
Видеото споделено од пакистанските безбедносни претставници покажа блесоци светлина во ноќта од пукање по границата и звук од тешка артилерија. Видеото од нападите врз Кабул, за кое Ројтерс можеше да ја потврди локацијата, покажа густи облаци од црн чад што се издигаат од две локации и огромен пожар во дел од главниот град.

Друго видео покажа зграда во пламен, за која официјалните лица рекоа дека е штаб на Талибанците во покраината Пактија.
„Пакистанските контранапади врз цели во Авганистан продолжуваат“, рече портпаролот на пакистанската влада, Мошараф Заиди, во објава на X, опишувајќи ја акцијата како одговор на неиспровоцирани авганистански напади.
Сведоците на Ројтерс во Кабул изјавија дека по гласните експлозии и звукот на авионите можело да се слушнат многу сирени на амбулантни возила.

Заиди рече дека 133 авганистански талибански борци биле убиени, а повеќе од 200 ранети, со уништени 27 позиции и заробени девет.
Муџахид, портпаролот на талибанците, рече дека 55 пакистански војници биле убиени, а 19 позиции заземени, додека осум талибански борци биле убиени, 11 ранети и 13 цивили повредени во покраината Нангархар.
Воените капацитети на Пакистан се многу подобри од оние на Авганистан. Сепак, талибанците се вешти во герилска војна, зајакната со децении борби со силите предводени од САД, пред да се вратат на власт во 2021 година.
Судирите меѓу Пакистан и Авганистан во октомври убија десетици војници сè додека преговорите олеснети од Турција, Катар и Саудиска Арабија не донесоа крај на непријателствата.
Министрите за надворешни работи на Пакистан и Саудиска Арабија разговараа во петокот за да разговараат за намалување на тензиите, соопшти Министерството за надворешни работи на Ријад, без да даде детали за тоа дали Ријад бил вклучен во посредувањето за прекин на огнот.
Русија, единствената земја што формално ја признава владата на Талибанците, повика на прекин на непријателствата и рече дека ќе разгледа посредување во разговорите доколку двете страни го побараат тоа, објавија државните медиуми, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи на Москва.

Пакистан е во состојба на висока безбедносна готовност откако започна воздушни напади претходно оваа недела, за кои Исламабад рече дека целеле кампови на Техрик-е-Талибан, или пакистански Талибанци, и милитанти на Исламска држава во источен Авганистан.

Кабул и Обединетите нации соопштија дека во нападите загинале 13 цивили и повторија дека не им дозволува на милитантите да дејствуваат од нивна територија. Талибанците, исто така, предупредија дека ќе има силен одговор.

САД и Иран на последна рунда преговори нуклеарниот спор да се реши без војна

Иран и САД денеска ја одржуваат последната рунда разговори во Женева, со цел решавање на нивниот долгогодишен нуклеарен спор и спречување на нови американски напади врз Иран по обемното воено засилување.
Двете земји ги обновија преговорите овој месец, надевајќи се дека ќе се справат со деценискиот застој околу нуклеарната програма на Техеран, за која Вашингтон, другите западни држави и Израел веруваат дека е насочена кон изградба на нуклеарно оружје. Техеран го негира ова.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ќе присуствуваат на индиректните разговори со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави американски функционер за Ројтерс. Разговорите следат по дискусиите во Женева минатата недела и ќе бидат посредувани од министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, накратко го изложи својот аргумент за можен напад врз Иран во својот говор за состојбата на Унијата пред Конгресот во вторник, велејќи дека неговата преференција е проблемот да се реши преку дипломатија, но дека нема да дозволи Техеран да има нуклеарно оружје.
Во среда вечерта, Аракчи и Албусаиди разговараа за предлозите што Иран ќе ги предложи за постигнување договор, според соопштението објавено на X од Министерството за надворешни работи на Оман.

Албусаиди треба да се сретне во четврток наутро со преговарачкиот тим на САД за да ги пренесе ставовите на Иран и да ги чуе ставовите на Соединетите Американски Држави, се додава во соопштението.
Во среда, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, го подвлече аргументот на Трамп.
„Иран не може да има нуклеарно оружје. Тоа би била крајната воена цел, ако тоа е патот што Трамп го избрал“, рече Венс во интервју за Фокс њуз.
САД собираат огромна воена сила на Блискиот Исток – нивните најголеми воени распоредувања во регионот од инвазијата на Ирак во 2003 година – предизвикувајќи стравувања од поширок регионален конфликт. Во јуни минатата година, САД му се придружија на Израел во напаѓањето на иранските нуклеарни постројки. Иран се закани дека ќе возврати жестоко ако повторно биде нападнат.
Трамп на 19 февруари изјави дека Иран мора да постигне договор за 10-15 дена, предупредувајќи дека во спротивно ќе се случат навистина лоши работи.
Иако разговорите ќе се фокусираат на нуклеарната програма на Иран, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека одбивањето на Иран да разговара за неговата програма за балистички ракети е голем проблем на кој на крајот ќе мора да се одговори, бидејќи ракетите се дизајнирани исклучиво да ја нападнат Америка и претставуваат закана за регионалната стабилност.
„Ако не можете да постигнете напредок ниту во нуклеарната програма, ќе биде тешко да се постигне напредок и во балистичките ракети“, изјави Рубио за новинарите во Сент Китс доцна во среда.
Цените на нафтата се зголемија во четврток, бидејќи инвеститорите проценуваа дали разговорите меѓу САД и Иран би можеле да спречат воен конфликт што ризикува прекини во снабдувањето, иако добивките беа ограничени од зголемувањето на американските залихи на сурова нафта.
Аракчи во вторникот изјави дека неговата земја има за цел да постигне фер и брз договор, но повтори дека нема да се откаже од своето право на мирнодопска нуклеарна технологија. Вашингтон го гледа нуклеарното збогатување во Иран како потенцијален пат до нуклеарно оружје.
„Договор е на дофат, но само ако дипломатијата има приоритет“, рече Аракчи во изјава за X.
Ројтерс објави во неделата дека Техеран нуди нови отстапки во замена за отстранување на санкциите и признавање на неговото право да збогатува ураниум, додека се обидува да избегне напад од САД.
Сепак, двете страни остануваат остро поделени – дури и околу обемот и редоследот на олеснување од санкциите на САД – изјави за Ројтерс висок ирански функционер.
Во Иран, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи се соочува со најтешката криза во неговиот 36-годишен мандат, со економија која се бори под товарот на заострените санкции и обновените протести по големите немири и крвавото задушување во јануари.
Се очекува и шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, да биде во Женева за време на разговорите за да разговара со двете страни, како што направи минатата недела.