fbpx

Израел ги информираше САД за планот за евакуација на палестинските цивили пред потенцијалната операција во Рафах

Планот на Израелците не го променил ставот на американската администрација дека продолжувањето со операцијата во Рафах може да доведе до премногу невини палестински жртви

-

Израел оваа недела ги информираше претставниците на администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден за планот за евакуација на палестинските цивили пред потенцијалната операција во јужниот град на Газа, градот Рафах, објави Асошиејтед прес. Како што додаваат, целта на операцијата според американски претставници запознаени со разговорите, е справување со милитантите на Хамас.

Официјалните лица, кои за Ројтерс зборувале анонимн, велат дека планот на Израелците не го променил ставот на американската администрација дека продолжувањето со операцијата во Рафах може да доведе до премногу невини палестински жртви.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе изврши воена операција во Рафах и покрај предупредувањата од претседателот Џо Бајден и други западни официјални лица дека тоа ќе резултира со повеќе цивилни смртни случаи и ќе ја влоши и онака страшната хуманитарна криза.

Администрацијата на Бајден објави дека може да има последици за Израел доколку продолжи со операцијата без кредибилен план за заштита на цивилите.

„Ако нема таков план, не можеме да поддржиме голема воена операција во Рафах, бидејќи штетата што таа би ја направила е над она што е прифатливо“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен доцна во петокот на Форумот Седона, настан во Аризона организиран од Институтот Мекејн.

Околу 1,5 милиони Палестинци се засолнати во градот на југот од Газа, бидејќи територијата е опустошена од војната што започна на 7 октомври откако милитантите на Хамас го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.

Агенцијата за хуманитарна помош на Обединетите нации во петокот соопшти дека стотици илјади луѓе ќе бидат „во непосредна опасност од смрт“ доколку Израел продолжи со нападот во Рафах. Пограничниот град е критична влезна точка за хуманитарна помош и е полн со раселени Палестинци, многумина во преполни шаторски кампови.

Официјалните лица додадоа дека планот за евакуација што го споделиле Израелците не е финализиран и двете страни се согласиле да продолжат да разговараат за ова прашање.

Прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во петокот им рече на новинарите дека Израелците не споделиле „сеопфатен“ план за потенцијална операција во Рафах. Операцијата, сепак, беше дискутирана за време на неодамнешните разговори меѓу Бајден и Нетанјаху, како и за време на неодамнешните виртуелни разговори со највисоките израелски и американски претставници за национална безбедност.

„Сакаме да се погрижиме тие разговори да продолжат бидејќи е важно да се заштитат тие палестински животи – тие невини животи“, рече Жан-Пјер.

Откритието за континуираниот притисок на Израел да изврши операција во Рафах дојде откако директорот на ЦИА Вилијам Барнс пристигна во петокот во Египет, каде преговарачите се обидуваат да потпишат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Хамас го разгледува последниот предлог за прекин на огнот и ослободување на заложниците, изнесен од посредници од САД, Египет и Катар, кои се обидуваат да ја спречат операцијата во Рафах.

Тие јавно го притиснаа Хамас да ги прифати условите од договорот што ќе доведе до продолжен прекин на огнот и размена на израелски заложници заробени на 7 октомври и палестински затвореници во израелските затвори.

Хамас соопшти дека во наредните денови ќе испрати делегација во Каиро за понатамошни дискусии за понудата, иако не прецизираше кога.

Израел и неговите сојузници се обидоа да го зголемат притисокот врз Хамас за преговорите за заложниците. Сигнализирањето дека Израел сепак планира операција во Рафах може да биде тактика да се поттикнат милитантите да го финализираат договорот.

Нетанјаху претходно оваа недела рече дека израелските сили ќе влезат во Рафах, за кој Израел вели дека е последното упориште на Хамас, без оглед на тоа дали ќе се постигне договор за примирје за заложниците. Неговите коментари се чини дека имаа цел да ги смират неговите националистички партнери во власта, и не е јасно дали тие ќе имаат некакво влијание врз некој нов договор со Хамас.

Блинкен го посети регионот, вклучително и Израел, оваа недела и го нарече последниот предлог „извонредно дарежлив“ и рече дека „време е да се дејствува сега“.

Во петокот во Аризона, Блинкен ги повтори забелешките што ги даде претходно оваа недела дека „единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот е Хамас“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Недоследно е по 2016 година ДУИ да зборува за волјата на граѓаните

Не може волјата на гласачите еднаш да се толкува на еден начин, а другпат на друг. Токму така се однесува ДУИ кон волјата на гласачите од 2006 година досега,...