Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Вечерва, на првата фестивалска вечер ќе може да се видат реномираните книжевници Зоран Анчевски, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска, како и познатиот скопски состав „Акварела“ (Aquarela)

Илустрација: Литература.мк

Првото издание на новиот фестивал за литература и општа култура „ВИДИК“ ќе трае од 16 мај до 16 јуни 2024 година, соопшти Литература.мк.

„На публиката ќе ѝ се понуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори и проекти од областа на културата. На програмата се промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарски изведби, изложби на слики и илустрации, проекции на документарци и мултимедијални презентации“, велат организаторите.

Вечерва, на првата фестивалска вечер ќе може да се видат реномираните книжевници Зоран Анчевски, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска, како и познатиот скопски состав „Акварела“ (Aquarela).

На следните фестивалски вечери дел од програмата ќе бидат реномирани книжевни имиња, меѓу кои Никола Маџиров, еден од најпознатите и најпреведуваните македонски поети во светот, црногорскиот писател Никола Николиќ и македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска, како и Јована Матевска Атанасова, добитничката на книжевната награда „Пегаз“ за 2023 година, младата авторка Маја Мишевска и авторот Зоран Спасов-Ѕоф.

За концертната програма „Литература.мк“, во партнерство со радиото „Џез ФМ“, ги носи Мухамед Ибрахими – македонскиот скриен гитарски бисер, групата „Шлиц“ (Schlitz) – која ја предводи Џијан Емин, групата на лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија – „Фамилија Металковци“, еден од најнадежните македонски музички состави „Мојра“, џез-составот „Парусион груп“, еден од првите блуз-состави во Македонија – „The Wild Bunch“, фанк-диџејот Џорџ Цветковски и Дарко Марковски, кој повеќе од 30 години е препознатлив диџеј, радиоводител, продуцент и промотор.

Од театарскиот свет доаѓа македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец – Александар Микиќ, популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски, како и режисерката Тамара Стојаноска и алтернативниот актер и музичар Лео Поповиќ.

Целосните детали за програмата се објавени на овој линк.