fbpx

Израел ги интензивира нападите врз бегалскиот камп Џабалија

Само околу една третина од 36-те болници и центри за примарна здравствена заштита во Газа работат и сите се соочуваат со сериозен недостиг на лекови, основни медицински материјали, гориво и работна сила

-

Египет ќе го поддржи случајот на Јужна Африка пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој го обвинува Израел за геноцид во војната во Газа, пишува Гардијан.

Во соопштение на Министерството за надворешни работи на Египет, се вели дека поддршката на случајот доаѓа откако израелските напади врз палестинските цивили во Појасот Газа се влошиле.

Понатаму, укажуваат на израелското систематско „таргетирање на цивили и уништување на инфраструктурата“ и „туркање на Палестинците во раселување и протерување“.

Јужна Африка го поднесе својот случај пред МСП во декември, повикувајќи го судот на ОН да му нареди на Израел да ги прекине своите воени операции во Газа. Израел потоа ги отфрли наводите изнесени од Јужна Африка.

Хамас ја изрази својата благодарност до Египет во изјавата во неделата навечер, повикувајќи ги сите земји ширум светот да преземат слични чекори за поддршка на палестинската кауза со приклучување кон тужбата.

Во меѓувреме, жителите и медицинските лица на бегалскиот камп Џабалија денес изјавиле дека неколку луѓе се убиени и повредени во серија воздушни напади врз кампот во текот на ноќта.

Лекарите кажуваат дека не можат да испратат тимови во некои од бомбардираните области поради интензитетот на израелското бомбардирање, но имаат извештаи за жртви.

Инаку, Џабалија е најголемиот од осумте бегалски кампови во појасот Газа, кои датираат од војната во 1948 година при основањето на Израел.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека здравствениот систем низ енклавата би можел да пропадне за „неколку часа“ без гориво за болничките генератори.

„Неколку часа не делат од колапсот на здравствениот систем во Појасот Газа како резултат на неуспехот да се внесе горивото неопходно за работа на генераторите на електрична енергија во болниците, амбулантите и вработените во транспортот“, беше кажано од Министерството.

Само околу една третина од 36-те болници и центри за примарна здравствена заштита во Газа работат и сите се соочуваат со сериозен недостиг на лекови, основни медицински материјали, гориво и работна сила.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.