Објавена е програмата на четвртиот Скопски поетски фестивал

Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги и ликовна изложба. Ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастерклас за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа

фото: Скопски поетски фестивал

Поети од Норвешка, Ирска, Словенија, Грција, Хрватска и Србија, како и дваесетина домашни поети ќе бидат дел од годинешното, четврто издание на Скопскиот поетски фестивал што ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни.

Официјалното отворање е закажано за 30 мај во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Мотото на годинешниот фестивал е „Борба. Не војна!“, а автор на постерот е Андреј Павлов.

Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги и ликовна изложба. Ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастерклас за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа.

Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи на неколку локации во главниот град и тоа во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје (кино „Фросина“), градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и кафе-книжарницата „Буква“.