АНАЛИЗА: Младите во партиските програми за парламентарните избори

Мета.мк истражува колку и на кој начин се застапени младите во предизборните програми на шест коалиции и политички партии

илустрација: Мета.мк

Додека земјава се подготвува за парламентарните и вториот круг од претседателските избори кои се закажани за 8 мај (среда), во центарот на обликувањето на политичката агенда, повеќе или помалку, се најдоа и младите.

Среде налетот на убави говори и предложени политики во официјалните програми, но и на митинзите и средбите со граѓаните, очигледно е дека гласот на младите не само што се слуша, туку активно влијае на дискурсот. Прашањата околу младинскиот стандард, образованието и студентските права се појавија како фокусни точки во предизборните програми на повеќе од главните партии.

На претстојните парламентарни избори се поднесени 17 кандидатски листи, од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. Севкупно, на изборите учествуваат 61 партија – од нив 50 настапуваат во коалиции, а 11 самостојно.

Мета.мк анализираше колку и на кој начин се застапени младите во предизборните програми на шест коалиции и политички партии. Во анализата на улогата на младите во политичката арена, се фокусиравме на ветените заложби за правата на младите, учениците и студентите, но и за реформите во образованието.

Впечатокот е дека заеднички за поголем дел од партиите се најавите за зголемување на државниот буџет за образование и наука, институционално преструктурирање (формирање нови министерства за млади со разни имиња), подобрување на условите во ученичките и студентските домови, зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, фокус на наставничката професија и педагошките факултети, регулирање и даночно олеснување за фриленсерите и младите кои сакаат да започнат свои бизниси, но и нови политики за домување.

Младински манифест на Социјалдемократите

Во „Програмата за европска иднина“ на коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), младите се споменуваат во речиси секоја од точките – во деловите кога се зборува за економијата, доброто управување, животната средина, културата, безбедноста. Фокусот, сепак, е ставен во последната, седма точка насловена „Младите – столб на општеството“ каде што се наоѓа своевиден „Младински манифест“ на подмладокот на Социјалдемократите.

Преку манифестот, доколку ја формира новата влада, СДСМ најавува квалитетни работни места на конкурентен пазар на труд, универзален минимален приход и Концепт – Плата за живот.

„Се залагаме за еднакви можности за квалитетен и достоинствен живот и просперитет и се бориме за достапни квалитетни јавни услуги и сервиси за граѓаните – домување, здравство, образование, транспорт, кои мора да бидат универзално достапни за сите граѓани, а не само за оние со највисоки примања“, се вели во предизборната програма.

Коалицијата за европска иднина најавува формирање на Министерство за млади – посебна институција која ќе има сопствен буџет и ќе го стави младинското прашање „на повисоко ниво на сериозност во државата“.

Во овој дел од програмата се и заложбите на коалицијата предводена од СДСМ околу младинскиот стандард, образованието, борбата со корупцијата, младинското домување, еднаквоста и климатската акција.

Коалиција за европска иднина

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека доаѓа „Време на младите“

И Коалицијата Твоја Македонија предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, фокусот на младите го става во последната, шеста точка на својата програма, во делот „Права и слободи“. Тука за младите се предвидени заложби под името „Време на младите“.

Наместо „празна реторика и ветувања“, ВМРО-ДПМНЕ вели дека нуди „визија за создавање на неопходни услови за младите да градат иднина дома, нивно зајакнување преку образование и развој на вештини, поттикнување на младинско учество и промоција на претприемништвото и иновациите“.

Меѓу главните економски мерки на оваа партија и нејзините коалиционери се „загарантирана понуда за работа на 500-те најдобри студенти секоја година“, законски измени за студентите да можат да работат на скратено работно време, создавање правна рамка за трговија со криптовалути, како и воведување на глобални платежни процесори во Македонија.

И ВМРО–ДПМНЕ предлага реорганизација на надлежностите на неколку министерства, па така најавува дека сегментот за млади ќе добие секторско значење и приоритизација во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Во делот образование се најавуваат модерни студентски и ученички домови, нови категории на стипендии, е-библиотеки на факултетите и кариерни центри за професионално кариерно советување на младите.

Коалиција Твоја Македонија

„Активни млади и еднакво општество“ на Европскиот фронт

Во изборната програма „Европа 2030“ на Европскиот фронт предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), за младите е предвиден посебен дел „Активни млади и еднакво општество“ каде се наведени заложби за унапредување на младинското учество, политики за забавување на миграцијата, промоција на спортот и спортски ваучери.

Во делот на образованието, пак, се најавува подобрување на позицијата на земјава на меѓународните тестирања, подобрување на образовната инфраструктура и дигитализација на наставниот процес.

Европски фронт

Левица со фокус на образованието и работничките права

Политичката партија Левица најавува укинување на Агенцијата за млади и спорт и нејзина инкорпорација во ново Министерство за култура, туризам и спорт.

Во делот „Образование и наука“ во предизборната програма на Левица се предвидуваат неколку радикални промени, а меѓу нив: забрана на основните и средни приватни училишта, пократка учебна година, укинување на деветолетката и повторно воведување на осмолетката, укинување на Концепцијата за основно образование, забрана на мобилни телефони во училиштата, воведување на задолжителни и бесплатни ученички униформи.

Левица најавува и дека ќе се залага за намалување на бројот на државни универзитети на четири (Скопје – УКИМ, Битола – УКЛО, Штип – УГД и Тетово – ДУТ), за повторно воведување приемни испити на факултетите и постепена забрана на приватните факултети.

Покрај ова, партијата најавува зголемени студентски стипендии и субвенциониран оброк, изградба на нови студентски домови.

Во делот на трудот и социјалната правда, Левица најавува здравствено и пензиско осигурување за млади фриленсери, социјални станови за младите, разни бенефиции за младите земјоделци.

Левица

„Вреди“ со нови гимназии и поголема соработка со Косово и Албанија

За младите граѓани, движењето „Вреди“ составено од Алијанса за Албанците, Алтернатива, БЕСА и Демократското движење, најавува поволни кредити за млади парови, како и даночно ослободување за бизнисите предводени од млади.

Меѓу образовните реформи се програми за формални и неформални обуки за дигитални вештини, државен испит за прием во средно гимназиско образование, нови гимназии за технологија и дигитални науки.

Вреди најавува и поголема соработка со Албанија и Косово во повеќе делови од образованието – наставни програми со исти текстови како во овие две земји, формирање на своевиден „Албански Еразмус“ и Албански јазик како факултативен предмет во дијаспората каде што има „многу албански ученици и студенти“.

Движење ВРЕДИ

Скромна младинска понуда на ЗНАМ

Во прилично кратката пишана предизборна програма „Проглас за достоинствена Македонија“ на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, младите и образованието не се споменуваат често. Всушност, младите директно се споменуваат само еднаш  – во економските приоритети, каде се најавени „долгорочни кредити за новоформирани компании од страна на млади, чии камати ќе ги субвенционира државата“.

Во делот на образованието и науката за кои во Прогласот се вели дека се „столбот на општеството“, најавени се три мерки: зголемување на платите на професорите и наставниците за 100 отсто, стипендии во износ од 500 евра месечно за најдобрите студенти и обезбедено вработување на најдобрите 200 студенти во научните и во институциите на системот.

ЗНАМ – За наша Македонија

Додека се одбројува до парламентарните избори, застапеноста на младите во партиските програми најавува некаква промена на политичкиот и општествен пејзаж. Сепак, вистинскиот тест не лежи само во ветувањата кои се повторуваат и интензивираат секој изборен циклус, туку во активностите што ќе се преземат потоа за исполнување на дадените ветувања.

Пред партиите, коалициите и политичарите што ќе ја формираат новата македонска Влада, ќе се најде предизвикот реториката во кампањата да ја преточат во акција, особено во контекст на подобри младински политики. Степенот до кој ќе успеат да се справат со овој предизвик, не само што ќе ја одреди нивната легитимност во очите на електоратот, туку ќе ја обликува траекторијата на иднината на нацијата која повеќе од две децении се соочува со масовна миграција и одлив на мозоци.