fbpx

Германска локална лидерка на АфД казнета 6.000 евра поради говор на омраза, а не за споделена статистика

Во спорната објава Кајзер споделува фотографии – принтскринови од напис на конзервативниот таблоид Билд, во којшто се прикажани статистики околу стапката на силување и класифицирање по потекло или етничка припадност на сторителите. Ниту фотографиите, ниту статистиките не се причината зошто Кајзер беше казнета, туку описот – текстот испишан на самата објава

-

Локалната лидерка на Алтернатива за Германија (Alternative für Deutschland – AfD) Марија-Тереза Кајзер беше прогласена за виновна бидејќи ширела говор на омраза и треба да плати казната во сума од 6.000 евра. Во спорната објава Кајзер споделува фотографии – принтскринови од напис на конзервативниот таблоид Билд, во којшто се прикажани статистики околу стапката на силување и класифицирање по потекло или етничка припадност на сторителите. Ниту фотографиите, ниту статистиките не се причината зошто Кајзер беше казнета, туку описот – текстот испишан на самата објава, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Минатата недела регионалниот суд во Вреден, Долна Саксонија ja потврди одлуката од окружниот суд со која лидерка на партијата Алтернативa за Германија – АзГ (Alternative für Deutschland – AfD) Марија-Тереза Кајзер била прогласена за виновна за говор на омраза. На Кајзер ѝ било пресудено да плати казна во износ од 6.000 евра, односно казна по дневна тарифа од 60 евра (100 дена).

Главната мисконцепција што се шири е тоа дека Кајзер била казнета само заради споделување на статистики, а не заради тоа што објавата содржела говор на омраза. Иако во нејзината објава има фотографии од текст кадешто се цитираат статистики, спорното во објавата е што Кајзер пишува: „#Добредојде културата на #групно силување. [На] 8 јуни 2021 година Хамбуршки Вечерен Лист [пишува]: „Еден од тројца жители на Хамбург има странско потекло [корени] (…)“. Со што јасно алудира на тоа дека во Хамбург има голем број мигранти ги етикетира како „силувачи“ и во јавноста потпалува антимигрантски чувства. Дополнително, Кајзер ова го прави во предизборен период, со што уште повеќе ја разгорува целата атмосфера.

Кај нас, Оф Нет вака ја врамија веста:

Поранешна Мис и фотомодел и сегашна локална лидерка на партијата АфД […] е прогласена за виновна и казнета со 6.000 евраНејзиниот грев? Цитирала статистички податоци за несразмерниот удел на дојденците од Авганистан во силувањата во земјата. Тоа да ти било поттикнување омраза и нетрпеливост.

Но, конкретно заради формулацијата во нејзината објава Кајзер е осудена според член 130 од германскиот кривичен законик, под наслов „поттикнување на масите“ или „поттикнување омраза“.

Законот предвидува дека лица кои поттикнуваат омраза против одредени групи врз основа на националност, раса, религија или етничка припадност, или кои го напаѓаат достоинството на луѓето преку навреди или клевети, може да се соочат со затворска казна од три месеци до пет години. Слично е предвидено и за оние кои дистрибуираат, прикажуваат или произведуваат материјали коишто поттикнуваат омраза или го нарушуваат достоинството. Односно тие може да се соочат со затворска казна до три години или парична казна.

Контекст

Кајзер ја споделува објавата уште во август 2021 година. Во тоа време градоначалникот на Хамбург е еден од првите што понуди помош, т.е. да прифати 200 авганистанци по падот на Кабул и преземањето на државата од талибанците во 2021 година. Понатаму, првичната судска одлука за објавата на Кајзер била донесена во 2023 година на окружниот суд, по што таа ја спори оваа одлука и минатата недела одлуката била повторно потврдена.

Објава којашто таа ја има споделено на социјалните мрежи е статистика од стапка на сексуалните напади извршени од авганистански имигранти, проследена со овој опис:

Текстот може да се преведе како:

#Добредојде културата на #групно силување. [На] 8 јуни 2021 година Хамбуршки Вечерен Лист [пишува]: „Еден од тројца жители на Хамбург има странско потекло [корени] (…) Она што е впечатливо е големиот дел од младите луѓе имаат #мигрантско потекло. (…) 53,4% од сите жители на Хамбург помлади од 18 години имаат странско потекло [корени](…)“

Во рамките на објавата се прикажани три принтскринови од напис на конзервативниот таблоид Билд, на кои пишува дека повеќе од 700 случаи на групно силување се случиле во Германија, а најчесто сторителите биле со мигрантско потекло од муслимански земји, дека 6 отсто од сторителите биле авганистанци, иако сочинуваат само 0,6 отсто од популацијата на Германија.

 

Нов бран реакции

Поради тоа што една од централните политики на АзГ е тоа што се против имиграција и против Ислам, ова објава на Кајзер е дел од партиската реторика. Но, она што го одвои овој случај од останатите, особено по минатонеделната одлука на регионалниот суд, е тоа што побуди интерес кај разни англиски портали и големи Х (Твитер) профили.

Бидејќи оваа судска одлука се темели на правото на говор наспроти говорот на омраза, а предметот на расправа е миграција – две теми што се дел од репертоарот на т.н. „културолошка војна“, не е чудно што оваа вест беше пренесена речиси исклучиво од конзервативни портали. Примери може да се најдат тукатукатука и тука.

А, дополнително, веста прво беше споделена од Х профилот „Енд Воукнес“ („End Wokeness“), каде истата броеше над 66 милиони прегледи. Потоа, дури и шефот на Х, Илон Маск, (кој има над 183 милиони сведачи), ја реобјави веста зачудено прашувајќи:

Сакаш да кажеш дека казната е за повторување точна владина статистика? Имаше ли нешто неточно во она што таа го кажа?

Ова е само една од низата на онлајн „битки“ коишто ги води Маск каде што брани реакционерски и конзервативни политичари или Х профили. Од друга страна, лицемерието на самопрогласениот „апсолутист за слободна на говор“ го ставија на тапет неколку аналитичарикои бележат дека активно го ограничувал правото на говор (односно можноста на користење на Х) на своите критичари.

Настрана дебатата за тоа колку е строг германскиот кривичен законик, или дали им се ограничува правото на говор на Германците, овој случај е пример пар екселанс за тоа како може да се разгорат страстите кај публиката со пренесување на дезинформации.

Последно, целата оваа ситуација мора да се контекстуализира преку работата на АзГ партијата. Треба да се каже дека и покрај незанемарливата бројка на пратеници во германскиот Бундестаг, на почетокот на годинава имаше масовни протести против партијата во повеќе градови. Дотолку беа значајни овие протести, бидејќи не само сентиментот кај нардот, туку сега и државата има јасен став за АзГ. Завчера (13.05.2024) имаше нова судска пресуда каде АзГ официјално се сомничи за екстремизам. Што значи дека се препознава како екстремистичка група и безбедносните служби ќе може детално да ги следат активностите и комуникациите на истата.

Иако оваа судска одлука ги допира прашањата за правата и слободните на политичките партии, како што пишуваат во еминентниот Вашингтон Пост:

„[…] фактот дека ваквиот надзор се толерира во случаи како што е оној на AfD, е само реакција на нацистичкиот режим. Ова резултира со особена чувствителност на опасноста нешто како [Третиот Рајх] да се случи повторно, така што уставот создаде еден вид „милитантна демократија“ – систем што ги ограничува демократските права на непријателите на демократијата за да не ја уништат истата, сподели Либе-Волф за Вашингтон Пост.
Пишува: Матеј Тројачанец

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...