fbpx

Можеме ли да слушнеме што мислат другите

Репортажа од Берлин: "Das Unbeschreibliche, hier ist's getan” (Неописливото, се случи овде)

-

Салата во Берлинската филхармонија таа вечер беше исполнета речиси до последното место. Беа присутни луѓе од сите генерации, средовечни, млади, тинејџери, беа во групи, во двојки или сами, но најинтересни ми се чинеа повозрасните парови. Иако не постои некое особено правило на облекување, секој може да дојде на концерт во некоја секојдневна обична облека, сите повозрасни парови кои ги сретнав, што беше навистина впечатливо, беа дотерани баш како за на концерт. Како да ја носеа на своите лица таа душевна подготвеност да посведочат на едно мало волшепство. Секако, тие беа и оние кои најмногу ракоплескаа таа ноќ.

Дрес код нема, но има други правила во филхармонијата. Во 20 часот се затвoраат вратите и концертот почнува. Кој е внатре во осум часот може да го проследи концертот, кој не е, ќе почека до паузата, ако има таква пауза. Снимање на кој било дел од изведбата на симфонискиот оркестар со мобилни телефони е забрането. Во моментот кога ќе го извадите телефонот да снимите кратко видео „за на Инста“, некој ќе ве прекори.

Германскиот симфониски оркестар Берлин во Берлинската филхармонија | Фото: Мета.мк, април 2024 г.

Таа ноќ во центарот на вниманието беше изведбата на „Ноктурно“ од Морфид Овен. Вратите се затворија точно во осум, а десетина секунди подоцна влегоа членовите на оркестарот. Кога по нив се појави јапонскиот диригент Казуки Јамада, следеше громогласен аплауз. На Јамада ова му беше прв настап заедно со Германскиот симфониски оркестар Берлин, иако повеќе години наназад настапува како диригент со симфонискиот оркестар на градот Бирмингем. Изведбата на ремек-делото на Овен беше дел од заложбата на Берлинската филхармонија – „Нема концерт без женски композитор“.

Животната приказна на Морфид Овен е завиена во генијалност, а нејзината смрт во мистерија. Родена е кон крајот на 19 век во гратчето Трифорест во јужен Велс. Пораснала во преубава девојка која уште од млади години го покажала својот раскошен талент за музика. Добила стипендија на Универзитетот во Кардиф, а подоцна се приклучила и на Кралската академија во Лондон. Но, една година откако се омажила за познатиот психо-аналитичар Д-р Ернест Џоунс, Морфид починала од воспаление на слепото црево. Имала само 26 години, а веќе креирала над 180 композиции. Била оперирана и починала како резултат на компликации по операцијата, која патем, била изведена во семејниот дом во близина на градот Свонси. Џоунс не дозволил да се изврши аутопсија. На надгробната плоча во нејзиното вечно почивалиште тој изгравирал цитат од „Фауст“ на Јохан Волфганг Гете и тоа во оригинал, на германски јазик: “Das Unbeschreibliche, hier ist’s getan” (Неописливото, се случи овде).

„Гласајте за мене, ќе си фатите девојка“

Во Берлин бевме во организација токму на Гете институтот, германска непрофитна организација кој го промовира германскиот јазик и културна размена со светот. Во групата имаше 15 новинари и претставници на граѓанскиот сектор од 15 земји од повеќе континенти. Од секоја земја по еден, вклучувајќи ги Македонија, Албанија, Романија, Молдавија, Турција, Казакстан, Чиле, Аргентина, Парагвај, Мјанмар, Нигерија, Гана, Јужна Африка, Либан и Јордан.

Целта на нашата посета таму беше да се запознаеме подетално со напорите на германскиот граѓански сектор, но и на тамошните власти во справувањето со дезинформациите. Речиси сите со кои позборувавме беа загрижени за состојбата со т.н. манипулирање со информации од надворешни актери, што најчесто значи Русија и Кина. Токму за време на нашето присуство во Германија беше уапсен еден од советниците на Максимилјан Крах, европски пратеник на крајно-десничарската партија Алтернарива за Германија (АфД). Неговиот советник Џиан Г. е осомничен дека бил ангажиран од кинеската тајна служба со која споделувал доверливи информации.

Крах е, секако, кандидат на АфД за европски пратеник на следните избори во јуни годинава. На овие избори, за прв пат во Германија ќе можат да гласаат и 16 и 17 годишните граѓани. Затоа политичарите масовно отвораат профили на популарната мрежа за млади ТикТок. Крах, на пример, стана популарен на оваа мрежа по неговото видео во кое вели нешто во смисла „Еден од тројца млади мажи никогаш немал девојка. Дали си еден од нив? Не гледај порно, не гласај за Зелените… и пред сè, не дозволувај некој да ти каже дека треба да си убав, мек, слаб и левичар. Вистинските мажи се десничари, вистинските мажи се патриоти. Гласај за АфД, ќе си фатиш девојка“.

Изборите не се најголемиот проблем

Но, изборите и лажните вести не се најголемиот проблем, велат претставниците на германското граѓанско општество. Најпрво затоа што постојат многу погрешни информации или т.н. мисинформации за самите дезинформации со што всушност се изобличува впечатокот на граѓаните за дезинформациските кампањи и за која цел се спроведуваат. Во германските или поточно во европските експертски кругови, повеќе ги преферираат изразите како: манипулации со информациите и мешање од странство или Foreign Information Manipulation and Interference (FIMI), односно нарушување на информацискиот интегритет, наместо дезинформации.

Хумболтовиот универзитет, најстариот универзитет во Берлин, оснoван во 1810 година | Фото: Мета.мк, април 2024 г.

Она што за нив е позагрижувачко од изборните влијанија и лажните вести е странското влијание врз широк опсег на општествени фактори, од хибридното војување и засилувањето на постојните контроверзии во општеството, фокусот на радикализацијата и поделбите, нападите и малтретирањето на политички фигури и маргинализирани групи, преку влијанието врз медиумите, лажните тврдења за цензура, заплашувањето на истражувачите, до сеењето недоверба во институциите на системот.

Кога станува збор за технолошките фактори, голема грижа претставуваат алгоритмите на познатите социјални мрежи, поточно нивните системи за препорака на содржини и модерација на коментари.

Во справувањето со овие технички аспекти Германците, или подобро речено дел од нив, голема надеж полагаат во новиот европски закон кој неодамна почна да се применува наречен Закон за дигитални услуги или Digital Servies Act (ДСА). Со целосната примена на овој закон, на која се чека повеќе месеци, социјалните мрежи би требало да бидат поодговорни во однос на ширењето на манипулации со информациите. Во спротивно се соочуваат со казни до 6 отсто од годишниот обрт.

Братски бакнеж

Гостин на германскиот канцелар Олаф Шолц, додека ние бевме во Берлин, беше британскиот премиер Риши Сунак. Двајцата најавија драстично зголемување на државните вложувања во одбраната во наредните години. Воената поддршка на Украина за да се одбрани од безумната воена инвазија на Русија ќе продолжи сè додека е потребно, повторија тие речиси во еден глас. Сунак, меѓу останатото, како оправдување за зголемените вложувања во одбраната, рече дека светот не бил во полоша состојба уште од крајот на Студената војна.

Контролен пункт „Чарли“ на некогашната граница меѓу Источен и Западен Берлин | фото: Мета.мк, април 2024 г.

Се чини дека нема град во светот каде што има повеќе сеќавања и споменици на ужасите од Студената војна од Берлин. Од една страна имавме среќа што програмата на оваа посета даваше можност за прошетка низ туристичките атракции на градот токму од овој период. Така, неизбежно беше да се види „Чек поинт Чарли“, односно контролната точка на границата меѓу Западен и Источен Берлин. На оваа крстосница, тенковите на Сојузниците во одредени моменти биле директно соочени со руските тенкови на само неколку метри оддалеченост.

Графитот на Дмитри Врубел со наслов „Господи, помогни ми да ја преживеам оваа убиствена војна“ во рамки на Галеријата на источната страна во Берлин | Видео: Мета.мк, април 2024 г.

Уште подраматична е Галеријата на источната страна, каде сè уште стојат познатите ремек-дела од графити и мурали на остатоците од Берлинскиот ѕид. Меѓу нив е и „Татковинскиот бакнеж“ или „Братскиот бакнеж“ (Bruderkuss). Всушност станува збор за интерпретација на фотографија од тогашниот Генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот сојуз, Леонид Брежнев и лидерот на Германската демократска република (Источна Германија), Ерих Хонекер.

Инаку, „братскиот бакнеж“ бил практикуван од страна на тогашните комунистички лидери како специфичен начин на поздравување. Се состоел од прегратка и три бакнежи во образ. Во одделни случаи, кога постоела голема блискост меѓу двајцата лидери што се поздравуваат, тие се бакнувале во уста. Така, и Брежнев и Хонекер, на фотографијата која е интерпретирана на овој графит, навистина се бакнуваат во уста. Самото дело, кое го насликал источно-германскиот уметник Дмитри Врубел во 1990 година, е насловено „Господи, помогни ми да ја преживеам оваа убиствена војна“. Оригиналната фотографија од овој бакнеж е направена во 1979 година, на прославата на 30 годишнината од основањето на Германската демократска република.

Фирербункер

„Треба да научиме да разговараме едни со други. Тоа значи дека не треба само да го повторуваме своето мислење, туку и да слушнеме што мислат другите. Не треба само да потврдуваме, туку и да размислуваме за контекстот, да ги сослушаме причините и да бидеме подготвени на нови гледишта. Треба во себе, повеќе да се обидеме да ги согледаме нештата од туѓ агол, отколку да бараме спротивставени ставови од нашите. Пронаоѓањето на заедничкото и спротивставеното е поважно од фиксирањето на взаемно исклучивите гледишта, со што разговорот се прекинува како безнадежен“.

Ова е цитат од студијата на германскиот филозоф и психијатар Карл Јасперс, со наслов „Прашањето на вината“ која е објавена во 1946 година во атмосфера на воено опустошена и духовно уништена Германија како резултат на 12 годишното владеење на Третиот Рајх.

Меморијалот на Холокаустот во Берлин | Фото: Мета.мк, април 2024 г.

Недалеку од Бранденбуршката порта во Берлин се наоѓа Меморијалот на Холокаустот, или како што оригинално се нарекува Меморијалот на убиените Евреи од Европа. Отворен е во 2005 година, а во него се претставени 2711 сиви мермерни плочи во форма на вечни почивалишта со различна големина. Под нив се наоѓа и информативен центар каде може да се научи повеќе за злосторствата на нацистичкиот режим кон Евреите.

Недалеку, пак, од Меморијалот на Холокаустот се наоѓа и бункерот на фирерот Адолф Хитлер, каде тој ги поминал последните денови од својот живот и извршил самоубиство пред војниците од Црвената Армија да пробијат внатре. Неговото тело е запалено, а на местото на бункерот сега има паркинг и мала табла која ја прикажува структурата на подземната градба.

Таблата на местото на бункерот на Адолф Хитлер каде што тој ги поминал последните денови од својот живот. На ова место сега има паркинг | Фото: Мета.мк, април 2024 г.

Покрај справувањето со дезинформациите, темата која сама по себе се наметна на средбите со претставниците на германските институции беше израелско-палестинскиот конфликт. Колегите од Либан, Јордан, Јужна Африка и Гана беа меѓу најревносните и најемотивните во прашањата за страдањето на Палестинците. Во нападот на милитантната екстремистичка палестинска организација Хамас на 7 октомври минатата година беа убиени околу 1200 Евреи, а 250 беа киднапирани и станаа заложници на Хамас. Воениот одговор на крајно десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху е уште покрвав. Се смета дека до сега за овие седум месеци напади во Појасот Газа загинале над 34.000 Палестинци меѓу кои илјадници деца.

Објаснувањата на германските претставници дека тамошните власти имаат емпатија кон страдањето на Палестинците, но дека и Израел претрпе голем терор на 7 октомври не наидуваа на разбирање. Но, се поставува прашањето, зар е можно Германија како држава во својата надворешна политика да се постави против Евреите.

Наместо тоа, Германија се чини дека се обидува да се постави колку што е можно по неутрално во однос на војната во Газа. Германците како да се држат до препораките на Јасперс по Втората светска војна: да разговараме еден со друг и да слушнеме што мислат другите, да размислиме околу контекстот.

Вечерта по концертот на Германскиот симфониски оркестар Берлин не заспав до доцна во ноќта. Го преслушував „Ноктурно“ на Морфид Овен повеќе пати, барем единствената снимка што можев да ја најдам на Јутјуб, читав написи и слушав подкасти за нејзиниот живот и дело. Зар е можно еден таков гениј да почине на само 26 годишна возраст од слепо црево.

Размислував и за целокупното искуство во Берлинската филхармонија, за германската култура, прецизност, дисциплина и точност, но и за повозрасните германски парови кои дотерано и свечено ја впиваа уметноста таа ноќ. Сигурен сум дека поголем дел од нив лично ги искусиле трагедиите на Студената војна и поделбата на германското општество. Инаку, во Германија биле изградени два ѕида во тоа време, еден меѓу Источен и Западен Берлин и уште еден кој ги делел Источна и Западна Германија. Исто така, сигурен сум дека некои од нив ги искусиле и ужасите на Холокаустот и Третиот Рајх. Мора да е навистина неописливо да се живее на тој начин.

Се враќам во Македонија меѓу нашите „sидови“ кои нè делат. Можеме ли да ги срушиме. Карл Јасперс одамна напишал дека е можно ако слушнеме што мислат другите, но прво треба да научиме да разговараме едни со други, да го бараме заедничкото, а не исклучивите спротивставени гледишта, со што разговорот станува безнадежен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

В понеделник ќе биде врачена наградата „Роман на годината“

Во понеделник, на 20 мај, во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 19 часот и 30 минути ќе се одржи свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за...