На врвните готвачи во македонската Влада, заедно со некои странски експерти по гастрономија, се чини дека им успеа да ни ги наполнат пиперките со фил од евтино идентитетски мелено месо, ситно сецкана пропаганда и секако, неизбежниот кинески ориз. Кочанскиот го избегнуваат во последно време.
Сето тоа фино се запржува со српско брашно па се остава да се крчка на тивок оган. Потоа се полнат македонските пиперки и како капак се додаваат парчиња од бугарски домати. Прсти да излижеш. Највкусно е да се топне со унгарско лепче. Само, треба да се внимава да не се преполнат пиперките па од сето тоа на крајот да излезе еден голем бучкуруш, или, пак, уште полошо, руски борш.
Изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос околу македонската ориентално-медитеранска традиционална кујна вчера и денес е тема на денот. Најпрво, му отвори можност за пенал на премиерот Христијан Мицкоски, кој едвај дочека да поентира дека освен храната, идентитетот е и во големите македонски јунаци, Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Дамјан Груев, Јане Сандански итн итн. Домашните медиуми и Фејсбук експертите беа во екстаза, премиерот е во право, еврокомесарката мисли дека сме пинџур. Министерот за надворешни Тимчо Муцунски, пак, изјави дека е срамно да се редефинира нашиот идентитет во Европскиот парламент и дека сè почесто нашиот напредок во евро-интеграциите се мери не според објективни критериуми туку по билатерални условувања. И тука нема компромис, вели Тимчо.
Уште порадикална е реакцијата на про-руската Левица, која ја обвини Кос дека македонскиот идентитет го сведува на „манастири, погача, пинџур и полнети пиперки“, а и потсети на „колонијалниот однос“ на Унијата кон Македонија.
Но, дали е баш така. Домашната специјално изградена фурна за идентитетскиот специјалитет изгледа дека ја запали извештајот на известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. Не станува збор, како што објавија некои домашни медиуми, за годишен извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон Европската унија, туку за извештај на репортерот на Европскиот парламент во однос на двата претходни извештаи за напредокот, од 2023 и 2024 година. Но, тоа не значи дека голем дел од овој извештај нема да се најде во извештајот на Комисијата кој се очекува наесен.
Главниот фокус во домашната ни кујна во однос на овој извештај на Вајц, беше на споменувањето на македонскиот идентитет и јазик. Во првичната верзија тие не се спомнуваа, но пред расправата во Комисијата за надворешни работи на ЕП, беа поднесени 313 амандмани, од кои во неколку се наведени македонскиот идентитет и јазик. Меѓу останатите амандмани беше и сега фамозниот амандман на бугарскитe европратеници за додавката „модерен“ или „современ“ кој не помина поради противењето на еден унгарски европратеник.
За среќа, Европскиот парламент практикува исклучително високо ниво на транспарентност, па сите верзии на извештајот, амандманите па и расправата може да се најдат на нивната веб-страница. Во финалната верзија која помина на Комисијата, на почетокот на извештајот покрај останатото е додадена реченицата која гласи: „ЕУ доследно демонстрираше признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Ова тука беше прикажано како огромен успех, на кој премиерот, министерот за надворешни и Владата работеле 11 месеци. Но, да видиме што друго пишува во извештајот, и на што Владата не работела во овие 11 месеци.
Медиуми и граѓанско општество
Најпрво за медиумите и граѓанското општество. Извештајот „го поздравува континуираниот напредок“ на државата во однос на медиумските слободи, но експлицитно вели дека потребна е реформа на правната рамка што ги регулира и офлајн и онлајн медиумите и целосно усогласување со Европскиот акт за медиумски слободи (ЕМФА). Ова конкретно значи дека Европската унија не е задоволна со измените на Законот за медиуми кои се изгласаа и со кои се формира Регистар на онлајн медиуми. Оваа забелешка е во согласност со оценката на Фондацијата Метаморфозис на измените на Законот за медиуми, кои се окарактеризирани како само делумен чекор кон европските стандарди.
Исто така, Вајц во овој дел од извештајот „ја потенцира итната потреба од спротивставување на злонамерното странско влијание во медиумскиот пејзаж, вклучително и дезинформации дистрибуирани од актери поврзани со Русија и Кина“ за веднаш потоа да се повикаат властите итно да усвојат правни механизми за заштита од стратеши тужби против јавно учество (SLAPP), и да ги спроведат одредбите од Анти-SLAPP директивата на ЕУ.
Извештајот понатаму со загриженост забележува на повторното воведување на владино рекламирање во комерцијалните медиуми во Северна Македонија, ја истакнува зголемената опасност оваа мерка да доведе до нарушување на медиумскиот пазар и несоодветно политичко влијание со што се загрозува медиумската независност и плурализам.
Повторно, ЕУ бара сеопфатна реформа на државното финансирање и политичкото рекламирање во медиумите, укажувајќи на недостиг на транспарентност, тековна злоупотреба на државни средства за политичко рекламирање и постојан ризик од компромитирање на медиумската независност преку нетранспарентни механизми за финансирање.
Фалениот извештај на Вајц недвосмислено повикува овие реформи да бидат усвоени и спроведени пред локалните избори планирани за оваа есен.
Занемарувањето на заштитата од дезинформации во овој извештај кој е на дневен ред на Европскиот парламент е потенцирана повеќе од кога било претходно. Се повикува на построги правила за транспарентност во сопственоста на медиумите со цел откривање на прикриено влијание, вклучително и содржини спонзорирани од странство, и на воспоставување на механизми за идентификување и справување со координирани странски дезинформациски мрежи.
Особено е значајно да се потенцира дека извештајот на Вајц посочува дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платена содржина и мислењa во македонски медиуми без јасно обележување. Таму, исто така, се потенцира дека според една анализа од 2023 година, актери поврзани со руската држава користеле српски медиумски прокси актери за ширење наративи непријателски кон НАТО и тврдења дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да „се откаже од својот идентитет“.
Забелешките се огромни, и вклучуваат загриженост за напади врз новинарки, говор на омраза, злосторства од омраза, заплашувања и слично.
Се посочува и на пораст на говорот на омраза и растечките закани од дезинформации во онлајн медиумите, и се повикуваат властите да преземат засилени мерки за поддршка на истражувачкото новинарство, капацитетите за проверка на факти и медиумската писменост.
Повторно, уште еднаш, во извештајот е наведена загриженост поради раширените кампањи на дезинформации што ги доведуваат во прашање демократските вредности и целта на земјата за членство во ЕУ.
Во овој контекст, извешајот ги повикува и институциите на ЕУ да ѝ помогнат на земјата да ги ублажи овие злонамерни ефекти, ги поздравува иницијативите на граѓанското општество кои промовираат проверка на факти во медиумите, дигитална писменост во училиштата и борба против ширењето на говорот на омраза, и забележува дека речиси половина од граѓаните на Северна Македонија прифатиле лажни наративи за меѓународни настани, особено во врска со војната во Украина, што ја потенцира итноста за зајакнување на општествената отпорност против злонамерна манипулација со информации.
Европскиот парламент бара од Министерството за внатрешни работи заедно со граѓанскиот сектор да изработи безбедносен протокол при напади на бранителите на човековите права со цел нивна заштита од закани од недржавни актери, силно повикува на понатамошно унапредување на улогата на граѓанското општество преку обезбедување на негово суштинско вклучување во процесите на донесување одлуки и преку консултација со Венецијанската комисија пред усвојување на ново законодавство поврзано со невладините организации.
И тоа е само делот за медиумите и граѓанското општество. Останатата содржина во извештајот на Томас Вајц е исто толку ако не и „попозитивна“.
Човекови права, владеење на правото и животна средина
Репортерот Вајц предупредува на, како што вели, постојаната политичка поларизација која сериозно ги кочи реформите. Се потенцира потребата од конструктивен политички дијалог за клучните прашања, вклучително и уставните измени.
Во делот Фундаментални права, Вајц пишува дека иако Северна Македонија ги има ратификувано најголемиот дел од меѓународните инструменти за човекови права, имплементацијата е слаба. Тој предупредува на порастот на анти-родовите движења и недоволна заштита на ранливите групи, особено ЛГБТИ заедницата, Ромите и лицата со попреченост. Тој повикува на итно усвојување на Законот за родова еднаквост, подобрување на условите во казнено-поправните домови, и ефективна имплементација на стратегиите за заштита од насилство врз жените. Посебно се нагласува потребата од подобрување на пристапот до здравствени и социјални услуги за маргинализираните заедници.
Во однос на борбата против корупцијата, особено на високо ниво, во извештајот се вели дека таа назадува, при што се истакнува дека измените во Кривичниот законик кои ги донесе претходната власт, ја поткопаа правната рамка и доведоа до прекин на повеќе истраги.
„Потребна е ревизија на овие измени, како и засилување на независноста и капацитетите на судството и обвинителството“, потенцира Вајц. Репортерот бара политичките елити да се воздржат од мешање во судските институции, и посочува дека довербата на граѓаните во правосудниот систем останува на многу ниско ниво. За решавање на случајот со трагичниот пожар во Кочани се бара транспарентна истрага и засилување на законодавната рамка за јавна безбедност.
Што се однесува до социо-економските реформи, во извештајот се поздравува усвојувањето на Реформската агенда, со акцент на човечкиот капитал, дигитализацијата и поддршката за мали и средни претпријатија. Се препорачува унапредување на пазарот на труд, подобрување на условите за работа и плати, особено за младите и жените. Вајц апелира за итна имплементација на политиките за спречување на иселувањето, поддршка на повратничка миграција, и интегрирани политики за демографска одржливост. Покрај тоа, се поздравува вклучувањето на земјата во SEPA и препорачува структурни економски реформи за долговна стабилност.
Во делот животна средина, енергетика и транспорт, иако го поздравува новиот Закон за енергетика, Вајц истакнува дека клучните закони за климатска акција сè уште не се донесени. Тој бара итно усогласување со ЕУ законодавството за заштита на природата, подобрување на управувањето со отпад, води и воздух, и спречување на еко-криминалот. Особено загрижувачки е проблемот со аерозагадувањето, особено во Скопје. Вајц бара итно репрогласување на Маврово за национален парк, како и подобра заштита на Балканскиот рис. Исто така, се поздравува напредокот на Коридорот 8, но се апелира на забрзување на инфраструктурните проекти со европска поддршка.
Ако нашите познати мастер шефови сакаат да ја вметнат македонската кујна во европското гастрономско мени, тогаш мора уредно да го следат рецептот, да ги подготват сите состојки, да се држат повеќе до квалитетното домашно месо, да ја исфрлат пропагандата и ПР-от и да намалат на зачините. Оти не е секој специјалитет деликатес.
Извештајот на Вајц не е ниту највкусен, ниту горчлив, тоа е фер и детално напишан список на состојки што не се користат. Одличен рецепт кој треба да почнат да го следат, по можност уште пред локалните избори.
Ако во него видите само една реченица за „македонскиот идентитет“, а ги игнорирате сите предупредувања за дезинформации и штетни влијанија, корупција, нетранспаретност, (не)владеење на правото, негрижа за животната средина, партиски медиуми и пропаганда тогаш, за жал, навистина наместо полнети пиперки, ќе добиеме едно големо политичко вариво што мириса на… борш. Бон апетит!