Опозицијата на два пати преку посредници барала од Пендаровски помилување за одредени политичари

„Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, соопшти Кабинетот на претседателот

Фото: Веб-страница на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски, соопшти дека оваа година, на два наврати опозицијата преку посредници му упатила „предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни или поранешни политичари“.

„Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, соопшти Кабинетот на претседателот.

Ваквото соопштение е реакција на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која портпаролот Наум Стоилковски го праша претседателот Пендаровски кој од него барал амнестија за бегалецот од правдата и поранешен премиер и претседател на партијата, Никола Груевски.

Реакцијата, пак, на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по изјавата на претседателот во емисијата „Трилинг“ дека пред седум-осум месеци неформално било побарано од него да го помилува Груевски.

„Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш бидејќи тоа би било рушење на правната држава“, рече Пендаровски додавајќи дека „има судски постапки, низ судски постапки, за ‘мерцедесот’ се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите“ алудирајќи на двата случаи во кои е правосилно осуден Груевски.

Коментарите на претседателот на државата и на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат откако беа донесени измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за одредени кривични дела за кои се гонети поранешни политичари.

Според Пендаровски, и со овие измени Никола Груевски не може да се врати во државата како слободен човек. Воедно, Пендаровски рече оти не верува дека Груевски може да влијае врз гласањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот како предуслов за отварање на поглавјата во преговорите за членство во ЕУ.