fbpx

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Битиќи повика на поведување постапка за „олигополско здружување“. Побара осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени да им се компензираат средствата

-

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција, соопштија денеска од Националното биро за осигурување (НБО) по информацијата дека од вчера осигурителните полиси поскапеа за 15 отсто.

Цената за осигурување од автомобилска одговорност е непроменета изминативе 15 години и е единствена категорија во државата која не претрпела зголемување на цена, велат од НБО. Посочуваат дека општиот раст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто, а дека претходната цена на задолжителното автоосигурување била непазарна и меѓу најниските во регионот.

„Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за осигурителните компании да работат со цени на ова ниво“, велат од Националното биро за осигурување.

Објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на повеќегодишни анализи кои покажувале дека бизнисот на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.

Во меѓувреме, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи реагираше на одлуката на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените за осигурителната полиса за регистрација на возила.

Според него, станува збор за манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании наоѓаат начин да ги зголемат цените на грбот на граѓаните.

„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница“, напиша Битиќи на Фејсбук.

Тој ги повика Министерството за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да поведат постапка за „олигополско здружување“ и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени да им се компензираат средствата.

Претходно, и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) соопшти дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возила за 15 отсто

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.