fbpx

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување

-

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во рамки на Министерството за финансии на денешната седница донесе одлука за враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на нивото од пред 25 април годинава, кога цените на овие полиси пораснаа за 15 отсто.

Од Министерството за финансии соопштија дека Комисијата утврдила потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготвила Предлог-измени и дополнувања во насока на заштита на корисниците.

Одлуката за донесување на нова тарифа се заснова на Анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) со која се укажува дека на 23 април годинава, 11 друштва за осигурување доставиле известување до неа дека ги зголемуваат премиите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, при што се повикале на одредбите од Тарифата за премии објавена во Службен весник, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата, односно т.н. режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување.

Притоа, велат од Министерството, известувањата на осигурителните компании не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент на кој се повикале друштвата биле растечките трошоци од работење, за кои од финансии велат дека не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети.

„Дополнително, ставот на Комисијата е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на Друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила“, соопштија од Министерството за финансии.

Денешните предложени измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Дополнително било утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година треба до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.

Предлог-одлуката на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност е доставена на усвојување до Владата. Од Министерството за финансии најавуваат дека ќе ги следат состојбите на пазарот и во наредниот период ќе преземаат соодветни одлуки врз основа на анализи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Манипулација со снимка од инцидент во Киев на 9 Мај

Полицајци во Киев спречија пензионерка да положи цвеќе на споменик посветен на антифашистичката борба, но не заради некаков наводен неонацизам, кого сега некои им го припишуваат, туку затоа што...