fbpx

Стара вест злоупотребена за ширење невистини дека „цело Косово е запишано во нашиот пензиски систем“

Не е точно дека цело Косово е запишано во македонскиот пензиски систем и дека на косовските државјани им е додаван стаж до полна пензија, иако воопшто не работеле во земјава

-

Уште од 2014 година, има договор меѓу С. Македонија и Косово со кој двете земји се обврзани да го признаат стажот на граѓаните од двете држави сè до стекнување на минималната пензија. Како што беше тогаш објавено, станува збор за околу 2.500 македонски граѓани кои ќе можат да се стекнат со право на пензија доколку им се признае стажот од работата во Косово, а околу 2.000 косовски граѓани би оствариле ова право доколку им се признае работниот стаж од Македонија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Сè си е покриено додека една вечер некој не затропа на врата! Е тогаш ќе биде куку ноне!

Потоа се споделува фотографија од медиумски напис со наслов:

Договор за соработка за раземна на пензиски податоци со Косово.

Вистиномер го пребара овој наслов на пребарувачот Гугл и печатната грешка која постои во насловот, исфрли текстови објавени на повеќе медиуми кои датираат од 11 јуни 2019 година.

Во текстот се наведува дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на С. Македонија потпишал Договор за соработка со Департментот за пензии при Министерството за труд и социјална политика на Република Косово.

Со оглед на тоа што во објавата што ја рецензираме не е наведен датум, се добива лажен впечаток дека веста е нова, од 2023 година што не е така. Текстовите, како што напоменавме, се од пред четири години – од 2019 година. Во продолжение се наведува и дека Договорот го потпишале директорот на Департментот за пензии при Министерството за труд и социјална политика на Косово, Бахри Џафери и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, Шаип Зенељи.

Меѓутоа, во склоп на објавата што е предмет на нашата рецензија, од десната страна долу на црвената позадина додаден е пасус во кој се изнесени низа невистини:

Жална Македонија. Цело Косово запишано во нашиот пензиски систем. Додавано стаж на сите полна пензија а воопшто не работеле овде. Кој како влегува во чеверија вработува армија и тоа се во Скопје. Другите градови се празни. МК не заслужува да постои како држава.

Не е точно дека овој Договор за соработка за размена на пензиски податоци меѓу Северна Македонија и Косово овозможува „цело Косово да биде запишано во македонскиот пензиски систем“ , ниту пак, дека „додавано е стаж на сите полна пензија а воопшто не работеле овде“.

Договорот за соработка има цел да обезбеди помош и поддршка при електронската размена на податоците во областа на пензиското и инвалидското осигурување меѓу двете институции и воспоставување на меѓусебни односи, за да се оствари правото пензија без прекин за корисниците на пензија во овие две земји.

Договорот за соработка ќе овозможи електронска размена на податоци во областа на пензиското и инвалидското осигурување и ќе придонесе за олеснување на остварување и користење на правата од пензиското и инвалидското осигурување, а со цел намалување на административните трошоци, спречување на незаконски исплати на пензиите и други приходи од областа на пензиското и инвалидското осигурување, како и контрола на податоци кои се предмет на размена, соопштиjа тогаш од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Инаку уште од 2014 година, има договор меѓу С. Македонија и Косово со кој двете земји се обврзани да го признаат стажот на граѓаните од двете држави сè до стекнување на минималната пензија. Како што беше тогаш објавено,  станува збор за околу 2.500 македонски граѓани кои ќе можат да се стекнат со право на пензија доколку им се признае стажот од работата во Косово, а околу 2.000 косовски граѓани би оствариле ова право доколку им се признае работниот стаж од Македонија.

Поради сите горенаведени факти, оваа објава ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека цело Косово е запишано во македонскиот пензиски систем и дека на косовските државјани им е додаван стаж до полна пензија, иако воопшто не работеле во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Србин измамен во центарот на Скопје, одземени му биле 300 евра

С.А.(63) од Србија вчера во полициска станица пријавил дека бил измамен од две лица од кои бил пресретнат околу 10.30 часот на подрачјето на Центар, информира МВР. Според пријавеното, едното...