fbpx

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Ветувањето на социјалдемократите за електрификацијата на пругата кон Косово, содржано во плановите и на оваа и на претходната Влада предводена од СДСМ, досега не е исполнето. Освен што пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Република Косово) не е електрифицирана, веќе три години не сообраќа ниту возот за Приштина

-

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина – Скопје, кој беше единствената меѓународна железничка линија од С.Македонија. Електрификацијата на оваа пруга воопшто не се споменува во новата изборна програма  на СДСМ, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

ВетувањеЕлектрификација на пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Република Косово)

Изработка на проектна техничка документација за електрификација на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и заеднички железнички граничен премин со Република Косово

[Извор: Програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр. 76, 191 и 245 – датум: декември 2016Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ стр.57 – датум: јули 2020]

 

Образложение:

Ветувањето на социјалдемократите за електрификацијата на пругата кон Косово, содржано во плановите и на оваа и на претходната Влада предводена од СДСМ, досега (26.04.2024) не е исполнето. Освен што пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Република Косово) не е електрифицирана, веќе три години не сообраќа ниту возот за Приштина.

 

Десет години се ветува електрификација на пругата кон Косово

Електрификација на оваа железничка пруга СДСМ ветуваше уште пред да дојде на власт, поточно може да се најде во изборната програма (стр.48) на социјалдемократите  за парламентарните избори во 2014 година. Потоа, со истото ветување излегоа и за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“, каде што го има на повеќе места – на стр.76,  стр.191, стр.246. А, откако на почетокот на летото 2017 година успеаја да формираат Влада, стана дел и од Програмата за работа на Владата (2017 -2020) стр.41.

 

Електрификација на пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Косово), пишува на на страниците 76, 191, 246 од предизборната програма на СДСМ и на страница 41 од владината програма (2017-2020)

Сепак, ветената електрификација не се случи, па заложбите за модернизација на железничката инфраструктура, станаа дел и од последната изборна програма на СДСМ, „Можеме“ (2020-2024) стр.57, а потоа и од  Програмата за работа на Владата во периодот 2020-2024 година (стр.10). Но, и во двата документа е наведено дека допрва треба да се прави проектна техничка документација за електрификација на пругата:

 Изработка на проектна техничка документација за електрификација на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и заеднички железнички граничен премин со Република Косово

Меѓутоа, впечаток е дека изминативе години пругата кон Косово падна во заборав. На две недели пред парламентарните избори (08.05.2024), ниту на официјалната страница на Министерството за транспорт и врски, ниту на веб-страницата на Владата, не може да се најдат какви било информации околу ветената електрификација на железничката пруга кон Косово. Ниту пак, таму има некаква информација за изработка на проектна техничка документација за електрификација на пругата. Ниту пак, некој медиум објавил вест за активности околу реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект.

Во меѓувреме, додека се чека ветената електрификација на пругата, беше укинат и возот кој сообраќаше за Приштина (март 2021 година).

На веб-страницата на „Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД Скопје“ на листата на возови кои поаѓаат од скопската железничка станица, за оној кон Приштина го пишува следното:

За возен ред 2022/23 година на оваа релација не се предвидени возови.

Овој воз го нема ниту на возениот ред на Македонски железници кој важи до 14 декември 2024 година.

Ова може да се потврди и во објави во медиумите, каде може да се прочита дека иако Скопје – Приштина беше единствена меѓународна железничка линија од С.Македонија, од почетокот на 2021 година и таа е укината.

Возот од Скопје за Приштина поаѓаше секојдневно во 16:10 часот, додека од косовскиот главен град  тргнуваше во 7:10 часот.

Вреди да се каже дека ова ветување воопшто не се споменува во изборната програма на СДСМ за 2024 година, каде само се наведува дека ќе има „изградба на нова заедничка железничка станица меѓу Северна Македонија и Косово.“

Според гореизнесените факти ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како неисполенето.

 

Извори:

 

Оценил: Матеј Тројачанец

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Жена од кочанско Оризари пронајдена удавена во канал за наводнување

Осумдесет и деветгодишна жена од селото Оризари, Кочанско, утрово била пронајдена удавена во канал за наводнување во близина на селото, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР). Удавената жена ја пронашол...