Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и во наставниот календар за основците, па така, учебната година за нив ќе заврши на 17 јуни, додека средношколците последниот час ќе го имаат на 10 јуни

Photo by Taylor Flowe on Unsplash

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст.

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и во наставниот календар за основците, па така, учебната година за нив ќе заврши на 17 јуни, додека средношколците последниот час ќе го имаат на 10 јуни.

Учениците ќе се вратат во училишните клупи на 7 мај, а веќе следниот ден, 8 мај (среда), училиштата нема да работат поради одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Според најавата од Министерството за образование и наука, наставата од двата неработни дена поради изборите ќе биде надоместена и одработена во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата.

Дополнително, училиштата во Скопје треба да надоместат и за пропуштената настава поради одржувањето на Самитот на ОБСЕ на 30 ноември минатата година.