fbpx

Ветувања во партиските изборни програми: во здравството ќе тече „мед и млеко“

Од плати по 180.000 денари, преку зголемен број вработувања, до дигитализација, вработувања на најдобрите студенти и бенефиции за секој доктор што ќе се врати во државата - на хартија, според изборните програми на партиите, здравствениот систем во наредниве четири години буквално ќе процвета. Во реалноста, пак, барем досега, ветувањата останувале само таму - на хартија

-

Од плати по 180.000 денари, преку зголемен број вработувања, до дигитализација, подобри услови за пациентите, нов Клинички центар… Програмите на политичките партии во делот на здравствениот систем на хартија навистина даваат надеж, а за тоа како и дали ќе се спроведат во практика, ќе мора да се почека по изборите, со очекување дека некоја владејачка гарнитура ќе успее да ја помести од мртва точка „рак-раната“ во македонското општество – здравството. Според она што досега може да се посведочи, а со оглед на тоа што и за краток период се менуваа повеќе министри, она што е напишано на хартија, многу тешко ќе се види во реалноста.

Користејќи ја веб страната на Центарот за управување промени (ЦУП) – Oдговорна Влада, каде што се наведени програмите на политичките партии пред изборите, поделени според области, ги претставуваме најголемите ветувања во областа на здравството.

 

СДСМ: За секој доктор кој ќе се врати во државата, ќе се обезбеди веднаш работно место

Коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ во својата програма најавува удвојување на квотите на Медицинските факултети, на Стоматолошките факултети и на Фармацевтските факултети. Понатаму, ветувањето е дека сите студенти ќе бидат ослободени од трошоците кои ќе ги плаќа Владата од Буџетот на МОН, а бројот на годишни специјализации ќе се зголеми двојно.

„Ќе се изедначи статусот на специјализантите и ќе се изедначи статусот помеѓу „државните и приватните“ специјализанти. Специјализантите ќе ги остваруваат сите права за текот на својот стаж, преку целосно вкупно здравствено осигурување, и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари“, се вели во програмата.

Ветувањето е дека за секој доктор кој ќе се врати во државата, ќе се обезбеди веднаш работно место, и ќе се доделат средства за стимулација.

Коалицијата „За европска иднина“ во својата програма ветува дека ќе се доекипираат болниците и здравствените домови со медицински и немедицински персонал, преку олеснување на административниот процес за вработување по основ на испразнети работни места од претходната година, без согласност од Министерството за финансии.

Основна нето плата за медицинскиот персонал од секундарно здравство со цел да се зачува медицинскиот персонал во државното здравство, според Коалицијата, Ќе изнесува:

Доктори специјалисти 140.000 денари (3,5 просечни нето плати)

Општи доктори 120.000 денари (3 просечни нето плати)

Медицински сестри со ВСС 80.000 денари (2 просечни нето плати)

Медицински сестри со ССС 60.000 денари (1,5 просечна нето плата).

Основна нето плата за медицинскиот персонал од терциерно здравство:

Доктори специјалисти 180.000 денари (4,5 просечни нето плати)

Општи доктори 120.000 денари (3 просечни нето плати)

Медицински сестри со ВСС 90.000 денари (2,25 просечна нето плати)

Медицински сестри со ССС70.000 денари (1,75 просечна нето плата)

ВМРО-ДПМНЕ ветува целосна дигитализација во здравството

Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ветува дека доколку дојде на власт, ќе има 500 нови вработувања за решавање на проблемот со работниот однос на здравствените работници и двојно зголемување на бројот на специјализации од дефицитарни области.

Понатаму, во програмата се вели дека ќе се воведат постапки за 50 нови методи и интервенции и основање Центар за едукации на медицинскиот кадар за најнови современи методи.

Коалицијата ветува можност за медицинскиот кадар да работи во различни здравствени установи со особен фокус на јавното здравство и стимулативни мерки за поттикнување на здравствените работници да работат во руралните средини низ државата.

Во програмата се вели дека ќе има најмалку 100 нови возила, соодветен медицински персонал и проширување на мрежата на пунктови за итна медицинска помош во Скопје и регионалните центри низ државата.

Во однос на електронизацијата на услугите ветувањата се следните:

Воспоставување на целосно електронско работење на Фондот;

Потполно интегриран здравствен електронски систем со унифицирани бази на податоци, заедно со информатичкиот сектор на ФЗОМ од едната страна и сите приватни комерцијални даватели на услуги од областа на здравството;

Е-медицински здравствен регистар на болести;

Интегрален и интегриран регистар за сите пациенти во форма на Е-медицинско досие;

Целосна дигитализација на медицински рецепти, упати, извештаи и резултати;

Целосна дигитализација на системот со цел избегнување на фиктивно издавање на лекови, фиктивно факту рирање, фиктивно лекување на лица, како и лекување на лица кои не влегуваат во здравствениот систем на Република Македонија.

ВЛЕН: Во регионите каде живеат Албанци ќе се отворат шест болници

Коалицијата ВЛЕН ветива дека во регионите каде живеат Албанци ќе се отворат шест болници со кои ќе стопанисуваат општините. Инвестицијата за овие болници треба да биде или од јавниот буџет, или како ЈПП. Во програмата се ветува и отворање на Универзитетски клинички центар во Тетово за терцијарна нега за целиот западен дел на Македонија и отворање на центар за лекување на рани и изгореници, бидејќи во моментов пациенти се испраќаат во Бугарија.

Понатаму, докторите кои сакаат да одат на работа во селата ќе имаат бонус во платите.

На примарно ниво на секои 5.000 жители, вклучително и во руралните средини, ќе се отвораат клиники за семејна медицина и на секои 20.000 жители. На секундарно ниво имаме за цел да имаме модерна болница за секои 100.000 жители, се вели во изборната програма на ВЛЕН.

Во програмата е наведено дека ќе има бесплатен општ здравствен преглед еднаш годишно за сите граѓани, без разлика дали се вработени или не и дека секоја албанска општина ќе се опреми со ургентен центар и амбулантни возила.

Левица ветува изградба на нов Универзитетски клинички центар во Скопје

Партијата Левица во својата програма ветува дека ќе обезбеди здравствена заштита за сите македонски државјани, без исклучок – преку обезбедување право на здравствено осигурување на сите граѓани.

Понатаму, партијата тврди дека ќе се дуплираат цените за странци кои користат здравствени услуги во Република Македонија, а не плаќаат здравствено осигурување.

Креирање специјален Солидарен фонд за брзо обез­бедување средства за лекување во странство, кога лекувањето не е возможно да се изврши во земјата и упростување на процедурите за одобрување на леку­вање во друга држава – по итна постапка, гласи едно од ветувањата на Левица.

Понатаму, во програмата на партијата се ветува дека ќе се укинат економските директори во јавните здравствени установи, а директорите на клиниките ќе се именуваат по пат на „интерно гласање“. Левица ветува и дека ќе се изгради нов Универзитетски клинички центар во Скопје, на источниот дел од главниот град, а ќе има и хелиодроми во сите болници.

Во однос на набавката на храна за пациентите, партијата се залага за воведување болнички кујни со разработен систем на функционирање – набавка, готвење, пакување, дистрибуција и транспорт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Од почетокот на израелската операција во Рафа од територијата побегнале 800.000 луѓе

Од почетокот на израелската копнена операција во Рафах на 6 мај, од градот побегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА)...