fbpx

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

Пендаровски изјави дека нема да има никаков договор за „механичко пренесување на гласовите“ од кандидатите кои не влегоа во вториот круг од претседателските избори

-

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори, разликата е многукратно повисока на сметка на Силјановска, иако тогаш имаше тројца кандидати, наспроти сега – седум.

Според досега избројаните гласови од Државната изборна комисија (ДИК), што претставува речиси 80 отсто, Силјановска Давкова е во водство пред Пендаровски со над 140.000 гласови.

Фото: Принтскрин, ДИК

Веднаш зад Силјановска и Пендаровски е кандидатот на „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи (104.625 гласови), кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари (73.932 гласови), кандидатот на „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски (61.414 гласови), кандидатката на Левица, Билјана Ванковска Цветковска (31.605) и кандидатот на Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски (5.147).

Пендаровски изјави дека нема да има никаков договор за „механичко пренесување на гласовите“, и дека не сака да покаже малодушност, бидејќи во моментов „не се чувствува така“.

Фото: Тим за комуникации, Стево Пендаровски

„Немаме ниту еден договор за механичко пренесување на гласовите, никогаш не сум го правел тоа, механички да преземам гласови од било која етничка заедница, општина или социјална категорија“, рече Пендаровски, додавајќи дека утре е нов ден и практично сè почнува од нула, иако не очекувал ваков изборен резултат.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека му е јасно дека „луѓето ги казниле и дека тоа го прифаќаат“.

„Но, не е доцна да се смени правецот. Имаме уште две недели. Ние никогаш нема да се откажеме од европската иднина на Македонија и во следниот период ќе ги убедиме граѓаните дека вистинскиот пат е европскиот“, изјави Ковачевски.

Силјановска Давкова во својот говор ги спомена новинарите, жените, како и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, без чија партиска поддршка рече дека „нема да го запознаела народот, ниту тој неа“.

„Посебна сум горда на жените во Македонија. Мислам дека е време за идентификација на жена со жена без гоглед на кој општествена категорија, идеологија, партија и политичка опција припаѓа, жените беа моја инспирација, мислам дека и јас нивна. Ќе покажеме и докажеме дека без оглед каде и да сме, имаме во себе знаење, ум, енергија, креација и дека е време ова општество да го искористи сето тоа“, рече Силјановска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва ја побара поддршката од сите граѓани во вториот круг од изборите. Тој рече дека имал телефонски разговор со Арбен Таравари и му честитал за изборните резултати, но не сакаше да прецизира дали тоа ќе значи и идно коалицирање.

„Се слушнав со албанската опозиција, со г-динот Арбен Таравари му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори, идна влада во Македонија. Сакав само да му изразам поддршка, да им изразам поддршка на сите оние кои се обединија против лошите политики на ДУИ и СДСМ, а се дел од албанската опозиција. И ние како ВМРО-ДПМНЕ со сите оние кои се против на овие политики кои значат корупција и криминал, подготвени сме да разговараме за иднината на Македонија“, изјави Мицкоски и наведе дека не може да даде повеќе детали за тоа.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Заедно ќе сме посилни и ќе направиме многу повеќе. Нема да има освета кон било кој, јас нема да водам таква политика. Повеќе никој не смее да нè плаши, единствено треба да се плашат тие што се огрешиле, а со тоа, се огрешиле и кон народот“, рече Мицкоски.

Судбината ќе ја одлучуваат албанските гласови 

Максим Димитриевски изјави дека по денешното гласање, ЗНАМ ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена.

„Се роди третата политичка сила во Македонија која во наредниот период имаме намера да ја надоградиме и граѓаните да имаат можност да гласаат за нешто ново. Денеска победи демократијата и победи Македонија. Треба да продолжиме да обединуваме, а не да разединуваме“, рече Димитриевски.

Кандидатот за претседател Таравари рече дека во сите изборни единици каде доминираат Албанци односно во првата, втората и шестата изборна единица разликата е три-четири илјади гласови. Таравари изјави дека немаат одлучено на кого ќе му дадат поддршка во вториот круг.

Прашан дали ќе даде оставка доколку изгуби од Османи, Таравари рече дека за тоа ќе се разговара во органите на партијата.

„Да завршат прво изборите, следат парламентарните избори. Ова се први избори како претседател на партија, во органите на партијата ќе разговараме за ова“, рече Таравари.

Од друга страна, ДУИ вечерва славеше победа. Претседателскиот кандидат на коалицијата на ДУИ – Европски фронт, Бујар Османи вечерва објави голема победа над противкандидатот, Арбен Таравари. Тој наброја редица општини каде е извојувана победа, наведувајќи го и Гостивар, каде Таравари е градоначалник, потоа Чаир, кое важи за центар на опозицијата, но и Струга, Тетово, Кичев

„Европскиот фронт стана локомотива за европскиот пат на земјава“, рече Османи.

Тој истакна дека коалицијата ги чека резултатите на ДИК, но додаде дека од статистиката на изборниот штаб може да се заклучи дека општеството е поделено по етничка основа, затоа што не секаде се гласало според политичката понуда.

„Сепак, смеам да кажам дека ние ја лансиравме пораката за заедништво кон европскиот пат. Ние покажавме и заедништво со помалите етнички заедници во рамки на фронтот. Волјата на Турците, Бошњаците, Ромите и на другите кои се дел од коалицијата Европски фронт преку нас ќе биде спроведувана низ нашата политика, тие во нас ќе имаат цврста поткрепа“, рече Османи.

На 8 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори, заедно со парламентарните избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...