Рускиот воен персонал влезе во воздухопловната база во Нигер каде се сместени американски војници, по одлуката на нигерската хунта да ги протера американските сили од земјата, пишува Гардијан.

Воените офицери кои владеат со западноафриканската земја им порачаа на САД да ги повлечат своите речиси 1.000 воени лица, кои до лани беа клучен партнер за борбата на Вашингтон против бунтовниците кои убија илјадници луѓе.

Висок претставник на американската одбрана, кој сакал да остане анонимен, изјавил за новинската агенција Ројтерс дека руските сили не се мешаат со американските трупи, туку користат посебен хангар во воздухопловната база 101, која се наоѓа веднаш до меѓународниот аеродром Диори Хамани во Ниамеј, главниот град на Нигер.

Потегот на руската војска ги става американските и руските трупи во непосредна близина во време кога военото и дипломатското ривалство меѓу двете земји е сè пожестоко поради конфликтот во Украина.

Покрај претстојното заминување од Нигер, американските војници го напуштија и Чад во последните денови, додека француските сили беа исфрлени од Мали и Буркина Фасо.

Во исто време, Русија се стреми да ги зајакне односите со африканските земји.

Мали, на пример, во последниве години стана еден од најблиските африкански сојузници на Русија,

Американската војска пресели дел од своите сили во Нигер од воздухопловната база 101 во воздушната база 201 во градот Агадез.

САД ја изградија воздухопловната база 201 во централен Нигер по цена од повеќе од 100 милиони долари. Од 2018 година се користи за употреба на вооружени беспилотни летала против борците на Исламската држава и огранокот на Ал Каеда Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин.

Потегот на Нигер да побара отстранување на американските војници дојде по состанокот во Ниамеј во средината на март, кога американски претставници изразија загриженост за очекуваното пристигнување на руските сили и за извештаи за Иран кој бара суровини во земјата, вклучително и ураниум.

Според официјалниот анонимен претставник на САД, иако пораката до нигерските власти не била ултиматум сепак било јасно дека американските сили не можат да бидат во база со руските сили.

Не се донесени никакви одлуки за иднината на американските војници во Нигер, но официјалниот претставник кажал дека планот е да се вратат во матичните бази на американската команда во Африка и Германија.