Пендаровски по повод 11 Октомври: Носители на НОБ беа младите

Претседателот посочува дека младите борци сонуваа за слободно, праведно и солидарно општество во коешто секој негов член ќе има достоинствен живот

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Денот на народното востание – 11 Октомври го честиташе и претседателот Стево Пендаровски, потенцирајќи дека носители на Народноослободителната борба беа младите луѓе.

„Слободата и правдата се идеали што ја придвижуваат човековата историја. Понесени од овие идеали, на 11 октомври 1941 година, 16 млади борци од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ги нападнаа симболите на фашистичката окупаторска власт и го означија почетокот на македонската народноослободителна и антифашистичка борба“, соопшти кабинетот на претседателот.

Како што посочува понатаму претседателот, со овој чин, македонскиот народ и македонските граѓани станаа дел од големата антихитлеровска коалиција. Тој додава оти граѓаните од сите етнички, верски, социјални и идеолошки позадини се обединија во широк народноослободителен фронт во кој се бореа и изборија за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот.

„Носители на таа праведна борба беа младите луѓе. Од првите партизански одреди, па сè до државотворниот АСНОМ, младите споделуваа специфична визија за општото добро што ја вградија во темелите на државата“, вели Пендаровски.

Претседателот посочува дека младите борци сонуваа за слободно, праведно и солидарно општество во коешто секој негов член ќе има достоинствен живот.

На крајот од честитката, Пендаровски повикува да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, градејќи ја Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин.

„Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот“, соопшти кабинетот на претседателот.