Објавен тендерот за последната делница од пругата кон Бугарија – рокот за изградба е 5 години

Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунели во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри

Изградба на пругата Куманово-Бељаковце, 17 септември 2023 година; Фото: Мета.мк

Утрово, на веб-сајтот на ЕУ, беше објавен тендерот за третата фаза од изградбата на железничката пруга од Куманово до границата со Бугарија (Деве Баир), како дел од Коридорот 8. Станува збор за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, додека изградбата на останатите две делници од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка сè уште е во тек.

Рокот за доставување на понудите е 28 март 2024 година, додека рокот за изградба на оваа делница е 5 години. Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунели во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри. Исто така, треба да се изгради и железничка станица во Крива Паланка, како и станица во с. Жидилово.

Парите кои се потребни за изградбата на оваа делница, над 500 милиони евра, се веќе обезбедени: по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 149,2 милиони евра како инвестициски гранд од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) и  60,2 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ.

Во Македонија досега не постои друг проект којшто добил толку големи финансии од ЕУ за да се спроведе неговата реализација. Но, заедно со средствата, постојано пристигнуваат и критики од европските власти за брзината на реализација на пругата кон Бугарија.

Желките и натаму побрзи од пругата кон Бугарија [видео+галерија]