Желките и натаму побрзи од пругата кон Бугарија [видео+галерија]

Мета.мк беше на идентичните локации во септември 2020 година и на 17 септември 2023 и преку видео компарација ја прикажува динамиката на изградба на пругата која треба да биде готова до 2024 година

Изградба на пругата Куманово-Бељаковце, 17 септември 2023 година; Фото: Мета.мк

Бавно тече изградбата на пругата кон Бугарија, која е придружена со протести на месното население од Куманово и нетранспарентност кон новинарите од страна на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ-Инфраструктура. На дел од трасата, степенот на изведба на железничката делница меѓу Куманово и селото Бељаковце изгледа идентично како и пред три години, кога Мета.мк последен пат излезе на терен.

На почетокот на изградбата на пругата Куманово-Крива Паланка, премиерот Димитар Ковачевски на 29 октомври 2022 година изјави дека е свесен за скептицизмот на народот за завршување на овој проект, но дека ќе работат напорно за овојпат да се завршат сите работи како што треба.

Сепак, од обиколката на дел од трасата на пругата од Куманово до Бељаковце, можевме да заклучиме дека извесни градежни работи се одвиваат на терен, но и дека пуштањето во функција на оваа железничка делница е далеку од завршено. Кога бевме на терен на 17 септември 2023 (недела), на терен забележавме градежни машини на трасата, но не и работници кои работат.

Прагови и шини на железничката траса кај Куманово не се поставени, иако ги минавме првите неколку километри од пругата, која токму кај Куманово се одвојува од постојниот Коридор 10. Стојалиштето Перо Чичо и железничката станица Куманово Ново не се изградени во целост, а на дел од трасата по стојалиштето Перо Чичо во моментов се градат сливници кои треба да ги примааат атмосферските води од околниот рид.

Мета.мк беше на идентичните локации и пред три години, во септември 2020 година, кога на терен воопшто не се одвиваа никакви градежни работи на оваа пруга. Сепак, тогаш за изведба на пругата долга 30,8 километри не беше избрана компанија како изведувач на трасата, за разлика од денес. Она што можевме да го увидиме на терен три години подоцна е дека градежните работи напреднале, но се поставува прашањето дали ќе бидат завршени во предвидениот рок од две години, односно до октомври 2024 година.

Мета.мк на 15 јуни 2023 година испрати барање до Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ за издавање на дозвола за снимање на терен на изградбата на пругата кон Бугарија. Иако по телефонски пат од ова јавно претпријатие летово добивме потврда дека го добиле нашето барање, до средината на септември нашата редакција не доби дозвола за снимање на изградбата на овој капитален проект во земјава, кој воедно ја има добиено и најголемата финансиска поддршка од ЕУ.

Заедно со барањето за издавање на дозвола за снимање, испративме прашања до ова јавно претпријатие, на кои исто така не добивме одговори. Прашавме кои градежни работи се завршени во текот на изминативе неколку месеци на терен, кои активности допрво претстојат за реализација на трасата, колкав процент од целокупниот проект е довршен на двете делници – од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Одговор не добивме ниту на прашањето дали е испочитувана планираната динамика на реализација на градежните работи.

Покрај молкот кон новинарите, изминативе денови почна проблематизирање на изградбата на пругата кај кумановската населба Прамакови. Жителите на 13 септември годинава излегоа на протест за да бараат поместување на мостот и намалување на косината на патот кој треба да води кон нивната населба, а којшто ќе претставува алтернатива на постојниот пат кој минува преку пругата. Жителите од оваа кумановска населба се заканија дека ако не се прифатат нивните барања нема да дозволат да продолжат градежните работи. Инаку, овој мост против кого протестираат жителите веќе е целосно изграден, единствено треба да се постави ограда и да се асфалтира патот.

Инаку, пругата Куманово-Бељаковце ја изведува австриската компанија „Штрабаг“ (Strabag AG), додека турската компанија „Ѓулермак“ (Gülermak) ја гради втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Вкупната инвестиција во пругата Куманово-Крива Паланка изнесува 200 милиони евра.

Пругата долга 30,8 километар меѓу Куманово и Бељаковце чини 40 милиони евра, треба да се изгради во рок од две години, односно до 2024 година. Железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка со должина од 34 километри чини 155 милиони евра, а ќе треба да биде завршена до 2025 година.

Она што е исклучително важно за овој капитален проект е поддршката која што тој ја добива од Европската Унија. Па така, од владата на почетокот на градежните работи на пругата Куманово-Крива Паланка беше напоменато дека за нејзината изведба се обезбедени неповратни финансиски средсва од 75 милиони евра од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Дополнително, во август 2022 година беше соопштена веста дека ЕУ во рамките на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан има обезбедено неповратни финансии за последната железничка делница од Крива Паланка до границата со Бугарија од дури 149,2 милиони евра.

Во Македонија досега не постои друг проект којшто добил толку големи финансии од ЕУ за да се спроведе неговата реализација. Но, заедно со средствата, постојано пристигнуваат и критики од европските власти за брзината на реализација на пругата кон Бугарија. Европската комисија во минатогодишниот Извештај за напредокот на Северна Македонија во европските интеграции критикуваше дека лани имало значително одложување кај изборот на изведувачи за изградба на пругата Куманово-Крива Паланка, како и на тендерската постапка за изведба на последната фаза од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Европската комисија тогаш напиша дека ваквите доцнења се извор за загриженост за финансирањето на овој проект од фондовите на ЕУ. За помалку од еден месец, нашата земја од ЕУ ќе го добие новиот годишен Извештај за напредокот во евроинтеграциите за 2023 година.

Идната пруга кон Бугарија ќе минува на околу еден километар од центарот на Куманово, а градот ќе добие нова железничка станица и стојалиште на трасата, коишто би овозможиле зголемување на атрактивноста за патување со воз меѓу Куманово и Скопје. Но, во меѓувреме, единствената „новина” која што е спроведена во изминатава година е укинувањето на патничкиот железнички превоз на релација Скопје-Куманово-Скопје, кое стапи на сила од почетокот на 2023. Мета.мк на 17 септември годинава праша на скопската железничка станица за тоа дали има патнички возови меѓу Скопје и Куманово, на што добивме повратен одговор дека тие се укинати.