ЕУ со исти критики како и лани: Да се забрза изградбата на Коридорите 8 и 10д и реформите во железницата

Фото: Архива на Мета.мк

Критиките во транспортниот сектор од Европската комисија се речиси идентични како и лани, односно остануваат како барања за исполнување од власта. Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија во европските интеграции за 2022 година се критикуваат истите проекти како и лани – изградбата на пругата кон Бугарија, патниот Коридор 10-д од Градско до Прилеп, заедничките железнички гранични премини, недостигот на кадар кај Државниот транспортен инспекторат и други инспекциски тела во транспортот.

Во делот на кракот Д од патниот Коридор 10, забелешката е дека се одложени градежните работи на неговата изградба, при што се мисли на експресниот пат Градско – Прилеп. Според првичните најави, целокупниот експресен пат требаше да се заврши до крајот на годинава, но имаше двегодишен застој поради потребата од избор на нови изведувачи на трасите од Дреново до Фариш и од Градско до Дреново. Во моментов се одвиваат градежни работи долж целиот експресен пат, но тендерските постапки за нови изведувачи го пролонгираа рокот за негово пуштање во употреба.

Кинески „Синохидро“ и австриски „Штрабаг“ ја презедоа изградбата на патот Градско-Прилеп

Значително одложување имало кај изборот на изведувачи за првата и втората фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, како и тендерската постапка за изведба на третата фаза на железничкиот Коридор 8, секцијата меѓу Крива Паланка и Деве Баир. Македонските власти ќе немаат простор за грешки во натамошниот период, бидејќи од Европската комисија во Извештајот се наведува дека ваквите доцнења се извор за загриженост за финансирањето на проектот од ЕУ фондовите.

Пред само неколку дена, токму директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец најави дека на 29 октомври официјално ќе започне изградбата на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија, во делот меѓу Куманово и Крива Паланка. Австриската „Штрабаг“ и турската компанија „Ѓулермак“ летово беа избрани за изведувачи на двете фази од изградбата на железничкиот Коридор 8.

Австриски „Штрабаг“ и турски „Ѓулермак“ ќе ја градат пругата Куманово-Крива Паланка

Локвенец на 7 октомври годинава информираше дека двете компании работите на терен ќе ги започнат веќе на 18 октомври, но и вети дека нема да има пречки во изградбата на пругата од Куманово до Крива Паланка. Финансиските средства за пругата се обезбедени, експропријацијата на земјиштето е завршена, археолошки наоѓалишта и локации на трасата не се присутни, а квалитетот и посветеноста на избраните изведувачи е добар, изјави Локвенец.

„Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија, до Крива Паланка“, изјави директорот на ЈП за железничка инфраструктура.

Во однос на третата фаза за секцијата од Крива Паланка до Деве Баир, директорот Хари Локвенец информираше дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година. Изборот на изведувач за најсложената фаза треба да биде завршен до крајот на следната година, кога би требало да биде означен и почетокот на изградбата.

„Земајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга кон Бугарија“, изјави Локвенец.

Извештајот на ЕК упатува критики и за заедничките гранични премини, односно олеснувањето на процедурите за премин на патници и стоки преку границите.

„Договорот за железнички граничен премин со Грција сè уште не е усвоен, додека некои активности се преземени за спроведување на преостанатиот протокол за граничен премин со Косово. Се охрабрува и двата да се финализираат без понатамошно одлагање“, се наведува во Извештајот за реформскиот напредок во делот на заедничките гранични премини. Од Европската Комисија потсетуваат дека не е обезбедено целосното финансирање и за изградбата на заеднички железнички граничен премин кај Табановце.

Заеднички железнички граничен премин со Србија ќе се гради во Табановце, решение за арсенот нема

Во транспортниот сектор, Извештајот за реформскиот напредок на ЕК нагласува дека земјава е умерено подготвена, а во текот на извештајниот период за 2022 година е направен ограничен напредок во делот на реформите.

„Сè уште недостасува политичка посветеност за реализација на неопходните секторски реформи“, се наведува во Извештајот на Европската комисија.

Притоа, три точки се посебно наведени дека Северна Македонија треба да ги исполни во претстојниот период. Првата е зајакнувањето на оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и развивање на капацитетот за спроведување на намалување на жртвите во делот на патната и железничката инфраструктура. Тука е акцентирана потребата од формирање на Агенција за безбедност на патиштата, но и зајакнувањето на капацитетите на Државниот транспортен инспекторат.

Државниот инспекторат за транспорт со години се жали дека има недостиг на инспектори

Идентично како и минатата година, второто барање на ЕУ е да се спроведе реформа во железничкиот сектор, односно да се отвори пазарот за влез на други компании во железничкиот транспорт, каде што монополот во моментов го држи Железници на РСМ-Транспорт. Либерализацијата во делот на железничкиот превоз е барање на ЕУ и од минатите години.

Либерализацијата на железничкиот превоз се одложува до крајот на 2022 година

Третото акцентирано барање во најновиот Извештај за 2022 година е донесување на законодавството за интелигентни транспортни системи (ИТС) и за комбиниран транспорт, како и да се направат понатамошни напори за имплементација на ИТС и основните мрежи.

„Во однос на комбинираниот транспорт, сè уште е потребен напредок во изведбата на мултимодален јазол во близина на Скопје. Нема напредок во усвојувањето на конкретно законодавство усогласено со правилата на ЕУ. Напредок
треба да се направи за донесување релевантна легислатива и поставување системи за електронска размена на информации за товарниот транспорт“, се наведува во Извештајот на ЕК во делот на транспортот.