петок, 23 јануари, 2026
Meta.mk

Годинава ќе се бара концесионер за чистење на арсенот во Лојане

Државата во 2024 година ќе го распише јавниот повик за пронаоѓање концесионер што ќе го исчисти арсенот и другите отпадни минерални суровини во Лојане и Табановце. Ако не се најде заинтересиран приватен инвеститор, алтернатива ќе биде пронаоѓањето на странски фондови со домашна контрибуција на принципот по кој во моментов се решава проблемот со линданот во ОХИС.

Вакво објаснување дава државата на прашањето на Мета.мк што ќе се случува со расфрланиот арсен во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“ што е лоцирано на 100-тина метри од основното училиште „Рилиндја“, како и на втората локација во непосредна близина на железничката станица во Табановце каде треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.

Од Министерство за животна средина и просторно планирање за Мета.мк објаснуваат дека има заинтересираност од инвеститори за да учествуваат на јавниот повик за давање под концесија на арсенот и другите минерални суровини. Постапката, односно јавниот повик за избор на концесионер, треба да се спроведат годинава и да се пронајде идниот концесионер.

„Министерството за економија ја има започнато постапката за издавање на депонијата под концесија, согласно Законот за минерални суровини која е и најсоодветно решение за отстранување на овој вид на отпад. Оваа постапка треба да се реализира на почетокот на 2024 година“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Идниот концесионер треба да го отстрани опасниот отпад од Лојане и Табановце и да го одложи на друга локација надвор од државата, за понатамошно искористување на металите кои се сега расфрлани на двете локации во Лојане и Табановце. Од Министерството за животна средина велат дека други активности за времено покривање и оградување на арсенот нема да го решат проблемот со загадувањето, со кое се соочуваат жителите од населените места во општините Липково и Куманово.

Подрачјето на поранешниот рудник за арсен „Лојане“ е идентификувано како еден од контаминираните индустриски подрачја и во Националниот план за управување со отпад во Република Северна Македонија за периодот 2021-2031 година, за што е потребно да се преземаат мерки за ремедиација. Извезувањето на арсенот и другите отпадни минерални суровини засега се гледаат како реална опција од државата за реализација што би започнала годинава.

„Ние сме во континуирана соработка со Министерството за економија за јавната набавка за концесија, а доколку истата нема да може да се реализира, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги разгледува опциите за трајно решавање преку донаторски фондови со домашна контрибуција, како што е случајот со отпадот во ОХИС“, е одговорот на Министерството за животна средина како објаснување за можната алтернатива за решавање на проблемот со оваа жешка еколошка точка во Лојане и Табановце.

Најпрво треба да се пронајде инвеститор што ќе пронајде економски интерес од извозот на арсеновиот концентрат кој содржи 50 отсто арсен и е во количества од 5.000 тони на локацијата во Лојане и Табановце, како и преостанатиот отпад од 450.000 тони во чиј состав има од 1 до 2 отсто арсен и антимон. Доколку ова не се случи годинава, тогаш ќе се примени случајот со линданот во ОХИС, односно државата ќе бара странски фондови за да се изврши ремедијација на теренот, односно извоз и уништување на опасниот отпад во странство.

Од Министерството за животна средина се повикуваат на физибилити студијата за рудникот „Лојане“, каде се предлагаат технологии за затворање, чистење и ремедијација, за идно користење на земјиштето, вклучувајќи ги и потребните средства за ремедијација. Опцијата која што чини најмалку е покривањето на депонијата, но таа е краткорочно решение и според цените на пазарот кога била правена физибилити студија ќе чини 3 милиони евра.

„Треба да се нагласи дека Студијата треба да се ревидира бидејќи е стара и веројатно потребните финансиски средства ќе бидат далеку поголеми. Долготрајното решение за ремедиација на контаминираните локалитети е секако отстранување на отпадот и одлагање во депонија за опасен отпад“, велат од Министерството за животна средина.

Од таму додаваат дека во земјава моментално нема депонија за опасен отпад од ваков вид, а и не е лесно да се определи точна локација за депонирање на ваквиот отпад, земајќи го предвид и искуството со формирањето на регионалните комунални депонии. Поради ова, најбезболното решение е извозот на арсенот и другите минерални суровини надвор од земјата.

Што ќе се случува со заедничкиот железнички граничен премин во Табановце?

Она што може да го искомплицира целиот проблем со расфрланиот арсен во Табановце е проектот за изградба на заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија. На веб-страницата на Европската банка за обнова и развој е објавена информацијата дека во јануари ќе биде распишан тендерот за изградба на овој објект, во кој во иднина треба да се сместат цариниците, полицајците, инспекторите, железничките работници и другиот персонал од двете земји за гранична контрола на сообраќајот.

Имплементатор на овој проект ќе биде Министерството за транспорт и врски, од каде не ни дадоа прецизен одговор што ќе се случува со расфрланиот арсен и другите отпадни материи кои се наоѓаат во непосредна близина на локацијата каде во иднина треба да се наоѓа заедничкиот железнички граничен премин во Табановце. Нема јасен одговор какви мерки ќе се преземат во иднина за заштита на здравјето на идните вработени, но и на патниците кои ќе минуваат покрај депонијата со арсен во Табановце.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк накратко објаснуваат дека годинава ќе започне изградбата на заедничкиот железнички граничен премин со Србија, а објектот ќе се вклопи во рамките на регионалниот проект за изградба на брзата пруга меѓу Ниш и Скопје, со крак до скопскиот аеродром.

Зошто арсенот во Лојане и Табановце е жешка еко-точка?

Мета.мк и Порталб.мк од 2021 година во континуитет пишуваат за проблемот со расфрланиот арсен во Лојане и Табановце, којшто е една од најопасните жешки еколошки точки во земјава. Жителите на Лојане пред нашите камери предупредија за загадувањето со тешки метали со кое се соочуваат секојдневно, како и за опасноста со која се соочуваат учениците од основното училиште кое се наоѓа непосредно до јаловиштето од рудникот.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Пензионираниот професор на Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов на неодамнешниот вебинар „Жешките еко-точки низ новинарска призма“ предупреди дека арсенот е докажано оти е еден од најтоксичните хемиски елементи што предизвикува рак кај луѓето.

Пензионираниот професор рече дека ветерот го разнесува арсенот во околината, а преку дождот се загадуваат водите од Кумановска река и Пчиња со арсен и антимон. Во кумановскиот регион е контаминирано подрачје од дури 10 километри квадратни поради расфрланиот арсен, а професорот Стафилов смета дека час поскоро најпрво треба да се извезе арсеновиот концентрат надвор од земјава, како и да се изврши ремедијација на целиот терен.

Тендерот за оградување на депонијата со арсен во Лојане ќе се објави најдоцна нареден месец

Лани регистриран рекорден увоз на нови возила во земјава [инфографик]

Продажбата на возила во С.Македонија лани достигнала рекордни бројки во делот на новопроизведените автомобили, камиони и автобуси, а голем раст е забележан и кај увозот на половни возила, покажуваат податоците на Царинската управа на РСМ. Во 2023 година во земјава биле увезени вкупно 47.050 возила, при што 35.832 биле увезени на старо, додека 11.218 биле импортирани како нови возила.

Споредено со податоците од минатите години, лани увозот на нови возила достигнал бројки кои не се регистрирани никогаш претходно од 2009 година. Ова првенствено се должи на набавката на нови автомобили, кои во 2023 година биле увезени вкупно 9.999 на број. Минатата година биле увезени и 1.202 нови товарни моторни возила и 17 нови автобуси. Процентуалниот удел на новопроизведените возила што се увезени во 2023 година изнесувал 23,1 отсто.

И покрај зголемениот интерес за набавка нови возила од македонските граѓани, и минатата година доминирал увозот на половни возила. Мнозински 76,9 отсто од сите возила увезени во 2023 година бил стар возен парк, кој бил претходно користен во странски земји. Притоа, лани биле увезени во С.Македонија 33.213 половни автомобили, 2.355 тешки моторни возила и 264 автобуси.

Најпозитивен сооднос при увозот на возила има кај камионите, каде што процентот на импортиран возен парк кој е новопроизведен е најголем. Наспроти ова, најлоша е состојбата со возниот парк кај автобусите, каде лани се увезени само 17 нови автобуси и дури 264 кои биле импортирани како стари.

Инаку, податоците за увозот на возила од Царинската управа покажуваат дека бројот на автомобили, камиони и автобуси лани бил значително зголемен во споредба со 2022 година. Од друга страна, интересот за набавка на возила кај македонските граѓани доаѓа во период кога централната власт во земјава нема намера да ги заостри мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани импортирањето на оние возила кои се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите.

Кога станува збор за регионот, од 1 јануари годинава Србија требаше да го забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии на издувни гасови, а идентичната мерка веќе ја спроведоа Албанија и Србија. Црна Гора најавува дека ќе спроведе идентична мерка – забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди кои се произведени пред 2009 година. Поради ова, постои ризик во С.Македонија да завршат постарите возила од соседните земји преку каналите на продажба на дилерите.

Она што Владата го усвои во октомври 2023 година беа измените на Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила поради потребата од примена на нова методологија за пресметување на износот на издувните гасови од моторните возила. Повисоките даноци при увозот владата одлучи да важат за луксузните возила, како и за оние постари возила што повеќе го загадуваат воздухот.

Од Владата минатата есен информираа дека зголемените давачки за увоз на дел од возилата во земјава се во насока на заштита на животната средина, исполнување на обврските од потпишаниот Климатски договор од Париз за намалување на нето-емисијата на стакленички гасови, како и усогласување со најновите ЕУ стандарди.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на регистрирани возила во 2022 година изнесувал 569.871, од кои над 483.000 се патнички автомобили со македонски регистарски таблички. Притоа, во 2022 година Скопје ја надминал бројката од 200.000 возила на улиците според бројот на издадени регистарски таблички. Податоците за 2023 година треба допрва да бидат објавени од Државниот завод за статистика.

За луксузни возила и оние што повеќе загадуваат ќе се плаќаат повисоки давачки при увоз

Скопјани во декември се изнадишаа позагаден воздух во споредба со 2022 [инфографик]

Скопје го одбележа екстремно загаден воздух на крајот на 2023 година, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека квалитетот на воздухот во декември 2023 бил полош во споредба со истиот месец од 2022 година.

Како и во сиот изминат период, квалитетот на воздухот минатиот месец бил најзагрижувачки на мерната станица Лисиче во Општина Аеродром. Само четири дена во изминатиот месец нивото на концентрации на ПМ-10 честички во воздухот во „Лисиче“ било во рамките на максимално дозволените среднодневни концентрации од 50 микрограми на метар кубен. Опасен воздух со дневни концентрации од над 150 микрограми на метар кубен имало во текот на 11 дена во декември, додека загадување на воздухот меѓу 50 и 150 микрограми на метар кубен е регистрирано во текот на 12 дена.

Притоа, резултатите од мерењата покажуваат дека четири дена во текот на декември не функционирале мерните инструменти на мерната станица во Лисиче, па така во овој период не се добиени податоци за концентрациите на ПМ-10 честички во воздухот.

Кога станува збор за опасните ПМ-2.5 честички, на мерната станица во Лисиче во дури 23 дена од месецот било измерено присуство во воздухот над максимално дозволените среднодневни концентрации од 25 микрограми на метар кубен. Притоа, неколку дена од минатиот месец вредностите на ПМ-2.5 честички во воздухот биле и над четири пати над дозволените граници. Од друга страна, за четири дена во декември 2023 година нема податоци за присуството на ПМ-2.5 честички во воздухот поради нефункционалноста на мерните инструменти.

Големо загадување со ПМ-2.5 честички е регистрирано речиси секој ден во декември 2023 година и на мерната станица „Гази Баба“. Дури 27 дена од месецот концентрациите на ПМ-2.5 биле над дозволените граници, покажуваат резултатите од месечните извештаи објавени на веб-страницата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во декември 2023 година не биле ставени во функција инструментите за мерење на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерните станици Центар, Карпош и Ректорат, така што за овие локации во Скопје не се познати резултатите од нивото на аерозагадување на воздухот. Поради ова, речиси е невозможно да се направи споредба на концентрациите на ПМ-2.5 честички во воздухот во декември 2023 во однос на идентичниот месец од претходната година.

Кога станува збор за присуство на ПМ-10 честички во воздухот, може да се увиди дека во различни денови од декември 2023 не функционирале одделни мерни станици. Па така, во Центар не работеле 7 дена, во Карпош 6 дена, 4 дена во Лисиче, како и 23 дена во декември 2023 не функционарала мерната станица во Ректорат.

Поради ваквите недостатоци во мерењата, аерозагадувањето со ПМ-10 честички во декември 2023 година во Месечниот извештај на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање прикажува нецелосни резултати. Онаму каде што има податоци за цел месец, во мерната станица „Гази Баба“ минатиот месец во текот на 22 дена била надмината 24 часовната гранична вредност на ПМ-10 честички. Во декември 2022 година во 15 дена биле надминати максимално дозволените среднодневни вредности на оваа загадувачка супстанца.

И на мерната станица „Лисиче“ во Општина Аеродром во текот на 23 дена од декември 2023 година било измерено загадување на воздухот над максимално дозволените граници. Последниот месец од минатата година биле надминати концентрациите на ПМ-10 честички во текот на 17 дена во Карпош, 16 дена во Центар, како и 8 дена на мерната станица Ректорат. Сепак, како што веќе посочивме, Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање нема податоци за концентрациите на ПМ-10 честички во текот на целиот месец.

Аерозагадувањето е горлив проблем за жителите на Скопје секоја зима, а досегашните преземени мерки на централната и на локалните власти не го подобрија квалитетот на воздухот што го дишеме. Наместо ова, високите концентрации на загадувачки супстанци во воздухот продолжуваат да предизвикуваат проблеми, особено во периоди на мирно и тивко време без ветер и врнежи, а со присуство на магла во скопската котлина.

Во Центар и Карпош 15 месеци се расипани инструментите што мерат ПМ-2,5 честички [инфографик]

За Центар и Карпош есенва нема податоци за загадениот воздух со ПМ-2.5 честички [инфографик]

Мета факт: Орце Ѓорѓиевски подзаборави на еколошките проекти против аерозагадувањето

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски пред локалните избори во 2021 година вети општински субвенции за реализација на еколошки проекти со кои ќе се намали аерозагадувањето, нагласувајќи дека загадувањето е еден од најголемите проблеми во општината. Ваквото предизборно ветување е во тек на реализација, иако средствата што ги издвојува Општина Кисела Вода за решавање на проблемот со загадениот воздух се прениски и се далеку од доволни за надминување на проблемот со загадувањето.

Во предизборната програма „За Кисела Вода гарантираме. Создади нова иднина“, на страница 11, градоначалникот Ѓорѓиевски го има наведено следново ветување: „Загадувањето е еден од најголемите проблеми. Со цел намалување на загадувањето, Општината ќе субвенционира еколошки проекти кои ќе придонесат за намалување на штетната емисија на јаглероден диоксид, ПМ 10 честички и други емисии од штетни гасови“.

Мета.мк во три наврати на 26, 29 декември 2023 година, како и на 4 јануари годинава, по електронска пошта се обрати до Општина Кисела Вода за да добие одговори на прашањата колкави средства досега издвоила локалната власт од општинските буџети за 2022 и 2023 година како субвенции за реализација на еколошки проекти за намалување на аерозагадувањето, како и колкави средства се предвидени за субвенционирање на вакви проекти годинава. Прашавме и какви еколошки проекти се имплементирани преку инвестираните средства од субвенциите досега, а со кои се придонесува за намалување на загадувањето на воздухот. Воедно, се обидовме да дознаеме и какви се конкретните резултати од ваквите еколошки проекти што биле субвенционирани и реализирани со општинска поддршка. Одговори од Општина Кисела Вода не добивме.

За да го утврдиме степенот на реализација на предизборното ветување, направивме увид и во Отчетот за периодот 2021-2023 година „Орце Ѓорѓиевски, големи идеи за сериозни промени“. Онака како што е наведена како посебно ветување во предизборната програма, ставката субвенции за реализација на еколошки проекти не може да се пронајде како засебна ставка во Отчетот на градоначалникот на Кисела Вода како остварена активност.

Наместо тоа, она што би можело да се смета како субвенција за реализација на еколошки проекти за намалување на аерозагадувањето се јавните повици кои беа објавени во 2023 година за доделување финансиска поддршка за набавка на печки за пелети, за набавка на пелети како енергенс за загревање на домовите, како и за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради во Кисела Вода. Од општинскиот буџет во 2023 година беа издвоени средства во висина од 3 милиони денари за оваа намена.

Идентични субвенции од Општина Кисела Вода биле доделени и во 2022 година, кога пак за кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради биле издвоени 3 милиони денари, а 1 милион денари биле издвоени како субвенции за набавка на печки за пелети.

Ова значи дека во досегашниот мандат на градоначалникот Ѓорѓиевски во Кисела Вода се издвоиле само 7 милиони денари како финансиска поддршка на еколошки проекти со кои треба да се намали загадувањето со јаглерод диоксид, ПМ-10 честички и загадувачки супстанци во воздухот. Колку за споредба, оваа сума е далеку помала од тендерот којшто го склучила самата општинска администрација за набавка на настрешници и тезги за пазар од 12.985.310 денари склучен во октомври 2022 година.

Врз основа на ваквите податоци, можеме да утврдиме дека предизборното ветување за доделување на субвенции за еколошки проекти кои ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето во Кисела Вода, формално е во тек на реализација. Сепак, доколку се изземе формалниот аспект и се земе во предвид сумата која е доделена за ваквите субвенции, извесно е дека средствата што ги издвојува општината се симболични и далеку пониски од други проекти што се реализираат во оваа општина, иако градоначалникот и во самата предизборна програма има наведено дека „загадувањето е еден од најголемите проблеми“ во Кисела Вода. Следствено на ова, и средствата од општинскиот буџет на Кисела Вода во иднина треба да бидат насочени првенствено кон спроведување на проекти и на мерки за справување со аерозагадувањето.

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма „За Кисела Вода гарантираме. Создади нова иднина“, проверено на 04.01.2024 година;

Отчетот за периодот 2021-2023 година „Орце Ѓорѓиевски, големи идеи за сериозни промени“, проверено на 04.01.2024 година;

Телма (15.7.2022 година): Од општина Кисела Вода ќе даваат субвенции за печки на пелети и материјали за фасада, проверено на 04.01.2024 година;

МИА (05.07.2023 година): Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети, проверено на 04.01.2024 година;

Електронски систем за јавни набавки: Договор за поставување на урбана опрема-настрешници и тезги за пазар, проверено на 04.01.2024 година.

Вештачката интелигенција и правата на интелектуална сопственост – тешките битки претстојат

Американските актери и сценаристи во 2023 година се впуштија во штрајк, во кој еден од главните барања им беше да се регулира користењето на творбите генерирани од вештачката интелигенција. Најголемиот американски синдикат за актери (SAG-AFTRA) бараше поголема заштита при реплицирањето на лицата и гласовите на актерите со помош на вештачка интелигенција, додека сценаристите од САД здружени во синдикатот на сценаристите (WGA) бараа заштита од користење на материјалот на сценаристите како тренирачки податоци на алгоритмите кои користат вештачка интелигенција.

Неколкумесечните штрајкови на американските актери и сценаристи ја актуелизираа темата за тоа како содржината (фотографии, видеа, аудио, сценарија, книги и други креативни содржини) која што ја создаваат алгоритмите кои користат вештачка интелигенција, како што се ChatGPT и MidJourney, ќе влијаат врз заштитата на правата на интелектуална сопственост.

Што претставува интелектуална сопственост?

Пред да преминеме на актуелните трендови за регулирање на користењето на вештачката интелигенција во креативната индустрија, би било корисно да дефинираме што претставува интелектуална сопственост.

Според Светската организација за интелектуална сопственост, интелектуалната сопственост се однесува на широк спектар на умствени креации, како што се пронајдоци, литературни и уметнички дела, симболи, имиња, слики што се користат во трговијата, дизајни и слично.

Интелектуалната сопственост е заштитена со закон преку патенти, авторски права и трговски марки, кои им овозможуваат на луѓето да добијат признание или да имаат финансиска корист од она што го создаваат или иновираат. Постигнувајќи ја вистинската рамнотежа помеѓу интересите на иноваторите и поширокиот јавен интерес, системот за интелектуална сопственост има за цел да поттикне средина во која креативноста и иновациите можат да процветаат.

Притоа, најголемото внимание што во моментов се посветува во делот на влијанието на вештачката интелигенција е токму делот на почитувањето на авторските права. Канцеларијата за авторски права на САД ги дефинира авторските права. Авторското дело е поединечна и интелектуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и од други области на творештвото, независно од видот, начинот и формата на изразување. Притоа, авторското право е вид на интелектуална сопственост што ги штити оригиналните авторски дела, веднаш штом авторот ќе го направи делото во опиплива форма на изразување.

Под групата на авторски дела влегуваат најразновидни видови, поаѓајќи од уметнички слики, преку фотографии, илустрации, музички композиции, звучни снимки, компјутерски програми, книги, песни, објави на блогови, филмови, архитектонски дела, драми и многу други дела.

Вештачката интелигенција и творбите на актерите и сценаристите

Помина речиси една година откако беше објавено во јануари 2023 година дека менаџерот за дизајн на производи Амаар Реши ја напишал и дизајнирал првата книга за деца во рок од 72 часа, користејќи ги ChatGPT и Midjourney. Иако Амаар беше возбуден поради тоа што успеал да направи книга за толку кратко време, користењето на вештачката интелигенција за создавањето на оваа книга предизвика лавина од негативни реакции кај уметниците. 

Беа потребни само неколку месеци за негативните реакции на уметниците да преминат во отворени негодувања и иницирање на штрајкови, кои со месеци ја блокираа најголемата креативна индустрија во светот – онаа на САД.

Создавањето креативни содржини генерирани од технологијата за вештачка интелигенција и прашањето за регулација на ова прашање во САД беше темата за која што најмногу се дебатираше меѓу Синдикатот на актерите со Алијансата на филмски и телевизиски продуценти. Договорот кој беше постигнат изминатата есен меѓу двете страни предвидува усвојување на резолуција, со која се штитат глумците од репродукциите на лицата и гласовите на актерите со помош на вештачката интелигенција. Имено, ваквите репродукции ќе можат да ги користат филмските и телевизиските компании единствено со добиена согласност од самите актери.

Сепак, дел од американските истакнати актери, како што се Џастин Бејтман и Метју Модин, се спротивставија на постигнатиот договор, додавајќи дека тој ќе ја загрози независноста и финансиската иднина на актерите.

Прашањето за генерирањето креативни содржини со помош на вештачката интелигенција беше тема за договор и за време на штрајкот на американските сценаристи со Здружението на филмски и телевизиски продуценти.

Договарањето со сценаристите се одвиваше многу поглатко, при што беше договорена поголема заштита на интелектуалните права на сценаристите преку усвојувањето на Правилата за користење на вештачката интелигенција. Договорот не ја забранува употребата на алатките за вештачка интелигенција во процесот на пишување сценарија, но поставува заштитни мерки за да се осигураат дека новата технологија останува под контрола на работниците, наместо да се користи од нивните шефови за да ги заменат сценаристите.

Со договорот, студијата не можат да користат вештачка интелигенција за пишување сценарија што се веќе напишани од автор, а филмските и телевизиските студија се спречени да ја третираат содржината генерирана од вештачка интелигенција како оригинален материјал – роман или други книжни дела.

На пример, со постигнатиот договор на студијата им е забрането да го користат ChatGPT за да генерираат роман од 100.000 зборови, а потоа да побараат од сценаристите да го приспособат романот за создавање на филмска или телевизиска содржина. Британскиот весник Гардијан пишува дека овој договор ќе може да претставува фер-основа за договарање на другите креативни индустрии во однос на употребата на вештачката интелигенција.

Американските сценаристи се договорија со работодавачите како авторите можат да користат ChatGPT ако сакаат и ако самите компании се согласат на тоа, но и дека писателите не можат да бидат принудени да користат технологија за вештачка интелигенција од страна на филмските и телевизиските студија. Исто така, компаниите мора да обелоденат секогаш кога ќе им дадат како работна задача на писателите материјал, кој треба да е генериран од алатките за вештачка интелигенција. На овој начин, наместо работодавачите, условите за користење на вештачката интелигенција при творењето го контролираат работниците.

Регулирањето на вештачката интелигенција во ЕУ

За разлика од досегашната пракса во САД, во ЕУ е предвидено усвојување на Актот за вештачка интелигенција, кој претставува темата за која се водеше интензивна дебата во изминативе месеци. На почетокот од декември 2023 година, Европската Унија постигна договор за правна регулација на вештачката интелигенција. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на 9 декември 2023 година го поздрави политичкиот договор на Европскиот парламент со Советот за Актот за вештачка интелигенција.

„Со гарантирањето на безбедноста и основните права на луѓето и бизнисите, Актот ќе го поддржи човекоцентричниот, транспарентен и одговорен развој, распоредување и преземање на вештачката интелигенција во ЕУ“, стои во изјавата на Урсула фон дер Лајен.

Додека не дојде до целосна примена на законското решение, околу 100 компании веќе го изразиле својот интерес да се приклучат и на доброволна основа да ги спроведат клучните обврски пред законскиот рок, потенцираше претседателката на Европската Комисија.

Според информациите на сервисот Дојче Веле на англиски јазик, законодавците на ЕУ утврдиле дека системите кои создаваат содржина преку анализа на огромни количества податоци, како што е ChatGPT, претставуваат среден ризик. Идните законски правила на ЕУ подразбираат дека компаниите мора да бидат транспарентни за тоа како биле обучени генеративните модели на вештачката интелигенција, како и да откријат кои податоци заштитени со авторски права биле искористени за оваа намена. Па така, содржината генерирана од ChatGPT мора да биде соодветно означена.

Сепак, институциите на ЕУ во наредниот период ќе треба да продолжат да ги финализираат техничките детали на финалниот текст на Актот за вештачка интелигенција, а откога ќе биде договорен финалниот текст ќе треба да биде одобрен од Европскиот парламент и од Европскиот совет во првата половина од 2024 година. Очекувањето е дека законското решение ќе стапи на сила во вториот или во третиот квартал од 2024 година.

Инаку, веднаш по постигнувањето на договор на ниво на ЕУ за идниот Акт за вештачка интелигенција, граѓанските организации изразија резерва и посочија дека ги чекаат сите технички детали што ќе треба да се испеглаат на почетокот од 2024 година. Тие сметаат дека договорот не оди доволно далеку во заштитата на луѓето од штетата предизвикана од системите за вештачка интелигенција.

Актуелната верзија на Актот за вештачка интелигенција на ЕУ беше привремено одобрена од членовите на Европскиот парламент (ЕП) на гласањето во јуни 2023 година, и истата содржи неколку мерки кои ќе помогнат да се утврди што можат, а што не можат да прават технолошките компании со музичките дела заштитени со авторски права. Меѓу нив е и законското барање компаниите што користат генеративни модели на вештачка интелигенција, како ChatGPT или Midjourney, да даваат резимеа на сите дела заштитени со авторски права, вклучително и на музиката, што ги користат.

Ова практично значи дека идното законодавство на ЕУ ќе ги обврзе создавачите на технологијата на вештачката интелигенција да ги објават сите дела на научниците, музичарите, илустраторите, фотографите и новинарите, користени при обучување на програмите. Покрај ова, развивачите ќе треба да докажат дека сè што направиле при обуката на машините е во согласност со законот.

Овие одредби за транспарентност во Актот за вештачка интелигенција на ЕУ беа отворено поздравени од самите автори, но се стравува дека технолошките компании зад сцената во Брисел активно лобираат кај креаторите на политиките на ЕУ за да се обидат да ги ослабат регулативите, тврдејќи дека таквите обврски може да ги стават европските развивачи на вештачка интелигенција во конкурентна предност.

Иако ЕУ е пионер во светот во делот на законската регулација на вештачката интелигенција, сепак финалните технички детали и начините на формулација на термините во Актот за вештачка интелигенција ќе бидат познати единствено откако Европскиот парламент и Европскиот совет ќе го усвојат текстот на самиот Акт во претстојните месеци.

Вештачката интелигенцијата и правата на интелектуална сопственост во новинарството

„Репортери без граници“ во соработка со 16 партнерски организации на 10 ноември 2023 година ја објавија Париската повелба за вештачката интелигенција и новинарството. Изработката на документот започна во јули 2023 година, а на него работеа граѓански организации, експерти во областа на вештачката интелигенција, претставници на медиумите и новинари.

Со Повелбата е определен збир на основни етички принципи за заштита на интегритетот на информациите во ерата на вештачката интелигенција. Меѓу десетте принципи што се вметнати во документот, се поместени следните:

  • Новинарската етика да го предводи патот на користењето на технологијата на медиумите и новинарите;
  • Медиумите да даваат приоритет во користењето на човековиот труд;
  • Системите за вештачка интелигенција кои се користат во новинарството треба да поминат претходно независна евалуација;
  • Медиумите се секогаш одговорната страна за содржината што ја објавуваат;
  • Медиумите ја одржуваат транспарентноста при користењето на системите за вештачката интелигенција;
  • Медиумите ја осигуруваат оригиналноста и можноста истата да се провери;
  • Новинарството повлекува јасна линија на разликување помеѓу автентичната и синтетичката содржина;
  • Персонализираните и препорачаните содржини изведени од вештачката интелигенција ја поддржуваат различноста и интегритетот на информациите;
  • Новинарите, медиумите и новинарството ќе ги поддржуваат групите вклучени во управувањето со вештачката интелигенција;
  • Новинарството ги поддржува своите етички и економски фундаменти во ангажманите со организациите кои ја создаваат вештачката интелигенција.

Париската повелба ја поддржаа еминентни новинарски организации, како што е Европската федерација на новинари, Меѓународниот институт за печат, Фондацијата Томсон, Глобалната мрежа на истражувачко новинарство и други. Основните принципи подразбираат дека етиката мора да управува со технолошките избори во медиумите, но човекот мора да остане централен фактор при донесувањето на уредувачките одлуки. Медиумите мора да направат разлика помеѓу автентичната и синтетичката содржина, но и мора да учествуваат во глобалното управување со вештачката интелигенција и да ја бранат одржливоста на новинарството кога преговараат со технолошките компании.

Останува допрва да се види дали медиумските куќи ќе се придржуваат до Париската повелба за вештачка интелигенција и новинарство при создавањето на секојдневните содржини, регулирањето на работничките права на медиумските работници и менувањето на начинот на донесувањето на уредувачките одлуки во редакциите.

Германскиот медиумски гигант Аксел Спрингер уште на почетокот од 2023 година го предупреди нивниот персонал дека вештачката интелигенција ќе влијае врз кратење на работни места во нејзините медиуми, вклучувајќи ги весниците Билд и Велт. Неколку месеци подоцна, во јуни 2023 година овој гигант сепак ретерираше во изјавата. Од Аксел Спрингер додадоа дека вештачката интелигенција ќе им овозможи на новинарите да посветат повеќе време и енергија во исполнувањето на основните задачи, а досадните работни обврски да ги преземе за реализација токму вештачката интелигенција. Сепак, кратењето на работните места останува во плановите на оваа медиумска компанија.

Навраќајќи се наназад на прашањето зошто вештачката интелигенција би можело да има огромно влијание врз правата на интелектуална сопственост во креативната индустрија, американското научно списание Сајентифик Американ (Scientific American) преку бројчени податоци дава одговор на ова прашање. Големината на податоци која што е неопходна за да се тренираат јазичните модели на вештачката интелигенција е фрапантна.

При пуштањето во употреба на моделот на вештачка интелигенција Стејбл Дифјужн (Stable Diffusion), кој генерира слики од текст, била неопходна негова обука со преку 2,3 милијарди слики за да може овој модел да генерира самостојно финален производ – фотографија генерирана од вештачка интелигенција.

„Расчистувањето на правата за авторското дело може да биде тешко дури и за едноставни проекти, а за многу големи проекти или платформи, предизвиците дури и да се знае кој ги поседува правата е речиси невозможен, со оглед на практичните барања за лоцирање на метаподатоците и евалуацијата на договорите помеѓу авторите или изведувачите и издавачите“, наведува Сајентифик Американ.

Се разбира, во кој правец ќе се развива заштитата на правата на интелектуална сопственост од вештачката интелигенција, особено кај креативната индустрија, е тема која што има многу непознаници, кои ќе останат предмет на сериозни дебати, судски спорови и бранувања на јавноста коишто допрва ќе следат.

ЕУ ќе ги услови милијардите евра нова помош за земјите од Западен Балкан

Земјите-членки на ЕУ се подготвени да дадат поддршка за Планот за економски раст за Западен Балкан во висина од над 6 милијарди евра, но бараат од земјите во регионот напредок во владеењето на правото и ускладеност со надворешната политика на ЕУ, јавува Радио-телевизија Србија по консултација со дипломатски извори од Брисел.

Покрај напредокот во владеењето на правото и вклучувањето на санкциите кон Русија, дополнителен услов за Србија за користење на средствата од Планот за економски раст е нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

„Земјите-членки начелно го поддржуваат предложениот концепт и изнесеното во планот, но инсистираат на цврсти услови. Земјите од регионот кои не напредуваат или назадуваат во владеењето на правото не можат да сметаат на дополнителни средства. Истото важи и за ускладеноста со надворешната политика на ЕУ“, наведуваат дипломатски извори од Брисел.

Земјите-членки веќе започнале интерна расправа за одобрување на Планот за Западен Балкан, а конечна одлука би можела да се донесе во февруари, ако до тогаш биде постигнат договор за ребалансот на буџетот на ЕУ, кој е одложен поради ветото на Унгарија за финансиската помош на Украина.

Белгија, како претседавач со ЕУ, сака дебатата за Планот за Западен Балкан и разговорите за него со Европскиот парламент да бидат завршени пред европските избори во јуни, за примената на планот да не мора да чека на формирање на нова европска администрација, наведуваат изворите во Европскиот совет.

Планот за раст на Западен Балкан е вреден шест милијарди евра, од кои 2 милијарди се неповратни средства за земјите од регионот.

Станува збор за дополнителни средства кои ќе им бидат ставени на располагање на балканските земји, покрај оние со кои веќе располагаат преку претпристапните фондови ИПА на ЕУ.

Планот за Западен Балкан на Европската комисија подразбира и постепена интеграција на економијата во седум сектори со заедничкиот пазар на ЕУ веќе во фазата на преговорите за членство.

Во случајот со Србија, оваа земја би можела да ја дуплира сумата на неповратни средства што ги добива од ЕУ, кои во моментов се во износ од околу 200 милиони евра годишно. Сепак, поставените услови на Србија мора претходно да бидат исполнети за да може да се искористат средствата од идниот фонд за раст. Дипломатските извори од Брисел велат дека владеењето на правото, ускладеноста со надворешната политика на ЕУ и нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина се условите кои веќе ги забавуваат преговорите за членство на Србија во ЕУ.

Ирскиот премиер во посета на Скопје, пречекан од Ковачевски и Маричиќ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска со највисоки државни и воени почести во Скопје го пречека премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој е во официјална посета на земјава. Ова е прва официјална посета на ирски премиер на нашата држава, која со Ирска годинава одбележува 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Ирска е еден од најголемите поддржувачи за зачленување на нашата земја во ЕУ. Како што информираат од владата, за време на неговата посета се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери.

По тет-а-тет средбата се одржа и билатерална средба на македонската и ирската делегација, на којашто присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Македонскиот и ирскиот премиер ја нагласија потребата од зајакнување на економската соработка на двете земји, особено во областа на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот.

Премиерот Ковачевски на состанокот се заблагодари за силната и гласна поддршка на Ирска на Северна Македонија на патот кон ЕУ, којашто континуирано трае уште од времето на поднесување на нашата апликација за членство во Унијата токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година.

Двајцата премиери истакнаа дека проширувањето на ЕУ е стратешко и безбедносно прашање коешто е од клучно значење во овој сложен и неизвесен геополитички контекст за европскиот континент.

Вицепремиерот Маричиќ вели дека посетата на ирскиот премиер на Западен Балкан доаѓа во време кога продолжуваат преговорите за проширување на ЕУ.

„Посетата е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и државата. На билатералните средби со премиерот Варадкар ќе разговараме за „локалните и регионалните“ безбедносни прашања, како и за процесите што се во тек за членство во ЕУ“, рече вицепремиерот Маричиќ.

Ковачевски ги потврди најавените санкции за лицата од црната листа на САД

Премиерот Димитар Ковачевски денеска потврди дека со носењето на измените на Законот за рестриктивни мерки ќе се создаде основа за имплементација на санкции за лицата кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД. Тој вели дека со ваквите законски измени се исполнува еден од стандардите на НАТО.

„Законските измени треба да направат практично транспонирање на нешто што го имавме, а се однесуваше на ентитети коишто се санкционирани согласно со ОН, ЕУ и сега тоа ќе се прошири и на САД и на Обединетото Кралство бидејќи се однесува на ентитети коишто се санкционирани согласно со нивното законодавство“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој рече дека не може некој во земјава наутро да се фали дека е најдобар другар со САД, а попладне да прави сè што е спротивно на нив.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера ги претстави измените на Законот за рестриктивни мерки, со кои врз лицата кои се најдоа на „црната листа“ на САД ќе се применат рестриктивни мерки и во С.Македонија.

Лицата кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД за корупција, организиран криминал, злоупотреба на службената должност и хибридни закани ќе се соочат со времено престанување на функцијата која ја извршуваат, ќе им се забрани да учествуваат на тендери до правосилноста на пресудата, а останува во игра и конфискацијата на нелегално стекнат имот.

Инаку, Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, Никола Груевски се само дел од лицата кои во изминатиов период се најдоа на „црната листа“ на САД. Последен на „црната листа“ на САД се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција, како што соопштија во известувањето од Стејт департментот. На него во декември 2023 година му беше забранет влез во САД.

Османи: За лицата од „црната листа“ на САД ќе има рестриктивни мерки и кај нас

Жителите на Тајван утре гласаат на клучни претседателски избори

Во услови на заострени тензии меѓу Тајван и Кина во изминатиов период, тајванските избирачи утре гласаат на клучни претседателски избори, јавува Си-ен-ен. Изборите се одржуваат во услови кога Кина го зголеми своето воено присуство во Тајванскиот Теснец и Јужното Кинеско Море, и покрај предупредувањата што ги доби од меѓународната заедница.

Тајванските гласачи ќе треба да изберат нов лидер кој ќе ја наследи Цаи Инг-вен, првата жена-претседател на Тајван, која го завршува својот втор мандат по победата на изборите во 2016 и 2020 година. Цаи е член на Демократската прогресивна партија, која е омразена од кинеските комунистички лидери затоа што го гледа Тајван како суверена нација – наместо да биде дел од Кина како што бара Пекинг.

Цаи Инг-вен не може повторно да се кандидира поради ограничување на мандатот. Гласачите на Тајван ќе можат да бираат помеѓу тројца претседателски кандидати. Лаи Чинг-те е кандидатот на Демократската прогресивна партија, кој е приврзаник на досегашната цврста политика за зачувување на тајванската независност. Досегашните анкети предвидуваат негова победа, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека дури 63 отсто од жителите на Тајван одговориле дека се приврзаници на тајванскиот идентитет, додека само 31 отсто одговориле дека се чувствуваат како Тајванци и Кинези.

Тајванската опозиција ја сочинува националистичката партија Куоминтанг, чии лидери пребегнаа од Кина во Тајван во 1949 година и владееја со островот со железна тупаница речиси 40 години. Нејзин кандидат на утрешните избори е Хоу Ју-их, кој пак се залага за поблиски односи со Кина во наредниот период. Третиот кандидат од Тајванската народна партија (ТПП) е Ко Вен-је, кој вели дека ќе ја следи надворешната политика на досегашната претседателка, но и дека се залага за разговори со Пекинг.

Двете опозициски партии не успеаја да ги здружат силите за да изберат единствен кандидат во претседателската трка против владејачката партија, откако нивните лидери се скараа во живо на телевизија и на крајот регистрираа одделни претседателски кандидатури.

Право на глас на утрешните избори имаат речиси 20 милиони луѓе од Тајван, а Си-ен-ен пишува дека токму прашањето за идентитетот и тензичните односи меѓу Тајпеј и Пекинг било едно од најзначајните политички поделби што се присутни во Тајван и за време на предизборната трка.

Иако никогаш немале контрола врз Тајван, кинеското државно раководство и Кинеската комунистичка партија го гледаат Тајван како дел од нивната територија и подолго време “ветуваат” дека ќе го “обединат” островот Тајван со кинеското копно, ако е потребно и со примена на сила.

Невладините реагираат на измените во законот за отпад во полза на загадувачите

Невладините организации Гоу Грин и коалиција 02 реагираат на четирите предлог-измени во законите за отпад кои се доставени до Собранието на РСМ во скратена постапка. Тие реагираат на измените што се предлагаат во законите за управување со отпад, кои во пакет беа донесени од парламентот во септември 2021 година. Предлозите доаѓаат од ДУИ, ЛДП, ВМРО-ДПМНЕ и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Собранието ги усвои шесте закони за управување со отпад што ги бараше ЕУ

На иницијатива на партијата ДУИ, доставен е предлог на закон за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, велат невладините организации.

„Со овие измени се предвидува поместувања на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 год. за 65% од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50% и дополнителни 30%, односно 10% зависно од категоријата на производот. Со ова сметаме дека нема да се овозможи адекватно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за скоро 15 години соодветното собирање на овој отпад“, потенцираат од Гоу Грин и коалицијата 02.

Не знаеме колкави количества на електричен и електронски отпад завршува на депониите [инфографик]

Невладините реагираат и на иницијативата на партијата ЛДП за доставениот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.

„Со дел од предлог измените ќе се создаде монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи. Можно е да се предизвика цепкањe на пазарот и појава на нестабилни (фантом) правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе егзистираат неколку години и ќе го нарушат пазарот и предизвикаат нелојална конкуренција и ќе го отежнат процесот на имплементација на воспоставување на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад“, велат невладините организации.

Од Гоу Грин и коалиција 02 реагираат и на иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за предлогот на закон за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад.

„На барање на компаниите кои пуштаат масла на пазарот и со измената се намалува надоместокот за управување со отпадните масла за 50%. Предложената промена на надоместокот (намалување за 50%), значи многу помалку средства за поставување на системот, кој има голем ризик да не биде функционален и да не се исполнат целите. Тоа значи дека ќе продолжи отпадното масло да се отстранува неправилно, неорганизирано, да се користи за греење, горење односно нема да се намали значително негативното влијание врз животната средина“, реагираат невладините организации.

Од Гоу Грин и коалиција 02 реагираат и на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот. Со овој предлог се предвидува поместување на роковите за 3 години за носење на Правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад и за 3 и пол до 4 години за усогласување на други закони во врска со надлежностите на Регулаторна комисија.

„Роковите беа пробиени одамна и редно е да се донесе и Правилникот и усогласувањата без одлагање. Каде е проблемот? Моменталната законска регулатива, донесена во септември 2021 година (која е усогласена со законодавството на ЕУ во областа на управувањето со отпад) беше поздравена како успешна и реална. Притисокот е сега, бидејќи после 3 години дојде време за имплементација на одредени членови на законите кои на одредени страни не им одговара“, алармираат невладините организации.

Најголем дел од ѓубрето лани завршило на депонија, селекцијата учествува само со 18,3% [инфографик]

Тие додаваат дека предложените законски измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите.

Од Гоу Грин и коалицијата 02 бараат поднесителите на предлог-измените да ги повлечат своите предлози час поскоро, а сите измени да бидат консултирани и со граѓанскиот сектор.

„Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани“, потенцираат невладините организации.

Ќе има ли последици за Србија по прославата на денот на Република Српска?

Прославата на денот на Република Српска и учеството на Србија во одбележувањето на овој неуставен празник за Босна и Херцеговина претставува сериозна провокација не само кон регионот, туку и кон меѓународната заедница која силно се залага за зачувување на босанскиот суверенитет и интегритет, пишува српскиот весник Данас.

Весникот ги пренесува реакциите на меѓународната заедница по одбележувањето на денот на Република Српска, на кој продефилираше највисокото српско раководство, вклучувајќи ги српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, спикерот на српскиот парламент Владимир Орлиќ и началникот на генералштабот на српската војска Милан Мојсиловиќ.

Данас пишува дека Европската Унија реагираше преку нејзиниот портпарол Петер Стано по одбележувањето на денот на Република Српска, односно дека суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународната препознатливост на БиХ мора да бидат зачувани.

„Сите активности против тие принципи водат кон сериозни последици. ЕУ константно бара од сите политички партии да се воздржат од провокативна реторика и активности, особено оние во Република Српска кои го доведуваат во прашање суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на државата“, изјави Стано.

Со реакција се јави и претседателот на Одборот за надворешни работи на германскиот Бундестаг Михаел Рот, кој оцени дека учеството на Србија во одбележувањето на неуставниот ден на Република Српска претставува уште еден загрижувачки знак.

„На српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот режим не му е грижа за европските вредности. Тие претставуваат безбедносен ризик за мирот и стабилноста во регионот“, напиша Михаел Рот на социјалната мрежа Х.

Балша Божовиќ, претседател на извршниот одбор на Регионалната академија за развој на демократијата вели дека Србија веќе ги трпи последиците, бидејќи нејзиниот пат кон ЕУ е замрзнат.

„ЕУ е сè поостра во настапите кон Вучиќ и очекуваат заострување на таа реторика во наредниот период. Политиката на Вучиќ претставува создавање на нестабилност и неприлики во регионот. Додик е охрабрен во своите сецеонистички намери, бидејќи режимите во Белград и Москва со нивната сила стојат позади него. Ако ги погледнете изјавите на Вучиќ за БиХ ќе увидите дека тој веќе не говори за суверенитетот на БиХ“, посочува Божовиќ, додавајќи дека началникот на српскиот генералштаб нема што да бара на прославата на неуставниот ден на Република Српска.

„Британскиот шеф за надворешни работи вчера рече дека Србија е руски прокси. Тоа е првпат да е кажано така јасно и гласно“, изјави Божовиќ.

Претседателката на српскиот Хелсиншки комитет, Соња Бисерко вели дека српските граѓани треба да се подготват поради тоа што Вучиќ ја води земјата во нови судири. Официјален Белград отворено ги поддржува сепаратистичките изјави на Милорад Додик, поттикнува рушење на уставниот поредок на БиХ и ги легитимира злосторствата над Бошњаците и Хрватите за време на војната од 1992 до 1995 година.

„Овие цели се содржани и во Повелбата за српскиот културен простор, која е еден од низата документи со кои официјално се работи на обединување на Србија и Република Српска. Александар Вулин како главен портпарол на проектот „Српски свет“ и во оваа прилика повтори дека ‘процесот на обединување на Србите започнал и не може да се сопре’“, изјави Бисерко.

Професорот Жарко Кораќ смета дека Вучиќ испратил бројна делегација од Србија на прославата на денот на Република Српска, која претставува „вообичаената група на луѓе кои не го даваат Косово“.

„И покрај помпата и униформите, собирот беше во суштина фијаско. Ни Вучиќ не се осуди да дојде на прославата, а не дојде ни очекуваниот унгарски премиер Орбан“, наведува Кораќ, додавајќи дека во Бања Лука не дошле ниту државни претставници од Црна Гора.

Додик се заканува со расцеп на Српска, САД му пратија воени авиони

Спасовски и О’Брајан од Вашингтон: Периодот што следи е битен во кој правец ќе се движи земјава

Во американскиот Стејт Департмент министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На средбата се разговарало на повеќе теми, меѓу кои за поддршката од САД за МВР и за државата генерално, за напредокот во борбата против корупцијата, како и за листата на санкции на САД.

„Преку програми за обука, заеднички операции, модернизација на единиците на МВР, направивме значителен исчекор во почитувањето на владеењето на правото и особено во заштитата на нашите граѓани од штетните влијанија на корупцијата. Императив за Владата на Република Северна Македонија и МВР е борбата против корупцијата”, истакна Спасовски.

Притоа, тој сподели статистика за резултатите на МВР во делот на борбата против корупцијата. Воедно, Спасовски истакна дека сите директиви и лицата што се на листата на санкции на САД ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции.

Во оваа прилика, Спасовски го информираше О’Брајан за Mеѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, како и за предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

„Со големо задоволство сакам да ве информирам дека уште еден значаен инструмент за успешно спроведување на борбата против корупцијата и организираниот криминал е и предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се допрецизира делот на постапувањето по усвоени рестриктивни мерки на правни акти на Соединетите Американски Држави“, потенцираше Спасовски.

Спасовски подвлече дека во спроведувањето на мерките на овој Закон ќе ги користи каналите за меѓународна соработка, пред се Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе овозможи непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување на докази и спроведување на своите надлежности согласно Законот за кривична постапка и Кривичниот Законик.

Од страна на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан беше потенцирано дека ова се многу важни чекори кои МВР и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

На средбата меѓу двајцата соговорници, Спасовски и О’Брајан се согласија дека европскиот пат нема алтернатива и периодот што следи е клучен за Република Северна Македонија, во однос на техничката Влада и изборите, а предизвиците коишто доаѓаат се многу битни за тоа во кој правец ќе се движи државата.

Радикалната десница со рекордна поддршка, германските служби со предупредување

Радикалната десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) за првпат успеа да се искачи на анкетите со поддршка од 24 отсто од германските граѓани, покажува истражувањето на институтот Југов, јавува германската новинска агенција ДПА.

Ова е потврда на трендот за раст на поддршката на АФД од изминатите месеци, бидејќи партијата веќе подолго време на анкетите на различни истражувачки куќи котира на 20 отсто или повеќе.

За разлика од порастот на АФД, на најновата анкета за демохристијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ би гласале 29 отсто од Германците, што е за еден процент помалку во споредба со декември.

Владејачките социјалдемократи на канцеларот Олаф Шолц имаат поддршка на анкетата од 15 отсто. Втората по големина владејачка партија – Зелените на анкетите има 12 отстотна поддршка од гласачите, додека за најмалиот партнер во владата либералната ФДП би гласале шест отсто од германските граѓани. Најмалата партија во парламентот – Левица би добила поддршка од пет отсто од избирачите.

Во меѓувреме, претседателот на Службата за заштита на германскиот Устав, Томас Халденванг оценува дека многумина Германци недоволно сериозно ги сфаќаат заканите за демократијата со растот на популарноста на одредени политички партии и со пристапот кон антисемитизмот.

Германската демократија е под поголема закана отколку што политичкиот центар на општеството верува во тоа, изјави Халденванг за политичкиот магазин на телевизијата АРД. Според неговите зборови, тоа се искажува со рамнодушноста кон зајакнувањето на одредени партии, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Халденванг не кажа на кои партии мисли, но веројатно првенствено е насочен кон радикално десничарската АФД. Неговата служба во три германски покраини ја класифицираше АФД како екстремистичка, и покрај порастот на нејзината популарност на анкетите.

Халденванг изјави дека се надева оти молчечкото мнозинство во Германија ќе се разбуди и конечно ќе заземе јасен став против екстремизмот во земјата. Притоа, тој додаде дека безбедносните служби можат само под одредени услови да тргнат во акција против заканите за демократско уредување.

Тој додаде и дека антисемитизмот во земјата квантитативно и квалитативно преминал во нова димензија. Имено, властите во 2022 година регистрирале повеќе од 2.600 кривични дела поврзани со антисемитизмот, додека од терористичкиот напад на Хамас на Израел на 7 октомври бројот на ваквите напади се зголемил на повеќе од 1.200.

„Срамота е, срамно е колку во земјата од каде потекна Холокаустот сега отворено да се покажува антисемитизам“, изјави Халденванг.

СДСМ на јавен повик и преку месни одбори ќе бира претседателски кандидат

Владејачката партија СДСМ ја започна постапката за утврдување на кандидат за претседателските избори што ќе се одржат пролетва. Отворен е јавен повик за самокандидирање преку оглас објавен во дневните весници и на официјалниот сајт на партијата, а во тек е и номинација на можни кандидати преку месните одбори во општинските организации на СДСМ низ земјава.

„Како партија со најголема внатрепартиска демократија во земјава, СДСМ спроведува транспарентна и демократска постапка за избор на најдобриот кандидат. СДСМ го избира победничкиот кандидат кој ќе биде иден претседател на републиката. Даваме можност за самокандидирање и на личности кои не се од СДСМ, но ги споделуваат социјалдемократските вредности“, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од СДСМ велат дека претседателските кандидати треба да исполнуваат критериуми како што се: висок општествен углед и кредибилитет, доверба од членството и од симпатизерите, да ги делат вредностите на социјалдемократијата, да ги почитуваат посебностите на граѓаните без разлика на верска и етничка припадност и да се обврзат на неуморна работа за меѓународниот углед на татковината и членството во ЕУ.

Од СДСМ ги повикаа сите заинтересирани кои ги исполнуваат критериуми да се пријават за претседателски кандидат, а за текот на целиот процес дополнително ќе ја информираат јавноста.

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера изјави дека Стево Пендаровски нема да има предност во трката за претседателски кандидат во СДСМ, информирајќи дека во партијата е почната процедурата за номинација на кандидатите за претседател и оти сите ќе имаат еднаква стартна позиција.

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе информираа дека претседателски кандидат ќе бираат на Изборна конвенција во Скопје што ќе се одржи на 2 март, а сите кандидати кои досега циркулираат во јавноста се неофицијални.

ВМРО-ДПМНЕ на 2 март на Конвенција ќе избере кандидат за претседател

Кога станува збор за албанските партии, Алијанса за Албанците треба допрва да одлучи дали ќе оди со свој кандидат на претседателските избори или ќе го поддржи партнерот во актуелната влада СДСМ или пак Европскиот сојуз за промени. И ДУИ треба допрва да одлучи дали ќе учествува со свој кандидат на претседателските избори или ќе го поддржи кандидатот на СДСМ.

Албанската опозиција околу Европскиот сојуз за промени ќе оди со свој кандидат на изборите, а во моментов тие информираат дека ја бираат најсоодветната личност за претседател. Досега тие разговарале со Руфи Османи, но ќе имаат разговори и со други личности кои би можеле да бидат претседателски кандидати.

Македонците и Албанците на европското дно според коефициентот на интелигенција [мапа]

Населението на Северна Македонија и Албанија со најнисок просечен коефициент на интелигенција во Европа. Поразителните резултати што ги објави World Population Review покажуваат дека просечниот IQ на Македонците е 81,91, а заедно со нас на дното во Европа се жителите на Албанија со просечен коефициент на интелигенција од 81,75.

Просечниот коефициент на интелигенција е објавен за речиси сите земји од World Population Review, при што вкупниот резултат е извлечен од збир на стандардизирани тестови или подтестови наменети за проценка на човечката интелигенција. При изработката на резултатите, во истражувањето се вклучени подтестови за проценка на знаењето по математика и природни науки, како и читање. Меѓу податоците кои се користат за изработката на просечниот коефициент на интелигенција, се и оние од меѓународното тестирање ПИСА.

Во европски рамки, највисоко според просечниот коефициент на интелигенција стојат жителите на Белорусија, Финска, Лихтенштајн и Германија. Јапонците пак се најпаметни во целиот свет, со просечен IQ 106,48. По нив, следат жителите на Тајван (106,47), Сингапур (105,89), Хонг Конг (105,37), Кина (104,1) и Јужна Кореја (102,35).

На самото дно според просечниот коефициент на интелигенција во светски рамки се наоѓа населението на Непал (42.99), Либерија и Сиера Леоне (45,07) и Гватемала (47,72).

Меѓу балканските земји, податоци за просечниот IQ на населението нема за Косово. Блиску до нас според коефициентот на интелигенција се Босанците (88,54), Турците (86,8) и Црногорците (85,78). Повисоко на листата се наоѓаат жителите на Србија (89,6), Грција (90,77), Бугарија (90,99) и Хрватска (95,75).

Шолц предупредува дека радикалната десница сака да протерува имигранти од Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска остро ги осуди плановите на радикално десничарските екстремисти за протерување на имигрантите од Германија, велејќи дека никој не заслужува да се суди за тоа од каде доаѓа или по бојата на кожата, јавува германската новинска агенција ДПА.

„Нема да дозволиме поделби во нашата земја врз основа на тоа дали некој има историја на имиграција или не“, продолжи Шолц, додавајќи дека германската држава ќе ги заштити сите без разлика на потеклото или бојата на кожата.

Забелешките на Шолц дојдоа како одговор на извештајот на истражувачкиот медиум Correctiv, во кој беше опишан неодамнешниот состанок меѓу членовите на радикално-десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) и екстремно десничарската група која се залага за протерување на имигрантите.

Новинарската сторија предизвика огромна реакција во Германија, каде што постои зголемен страв меѓу главните политички партии во врска со порастот на јавната поддршка за АФД. Партијата се наоѓа високо во анкетите во три поранешни источногермански покраини, кои одржуваат регионални избори во текот на годинава.

Според Correctiv, политичарите на АФД учествувале на состанокот во Потсдам, надвор од Берлин во ноември лани, на кој австрискиот радикален десничар Мартин Селнер ја претставил својата идеја за репатријација на потенцијално милиони луѓе со имигрантско потекло.

Тој презентирал идеи за тоа како може да се изврши притисок врз странците да ја напуштат Германија и како луѓето со имигрантско потекло да бидат принудени да се асимилираат. Селнер за ДПА потврдил дека на состанокот презентирал идеи, за како што вели, „преселување на имигранти“.

Османи: За лицата од „црната листа“ на САД ќе има рестриктивни мерки и кај нас

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ги претстави измените на Законот за рестриктивни мерки, со кои врз лицата кои се најдоа на „црната листа“ на САД ќе се применат рестриктивни мерки и во С.Македонија.

Лицата кои ќе се најдат на „црната листа“ на САД за корупција, организиран криминал, злоупотреба на службената должност и хибридни закани ќе се соочат со времено престанување на функцијата која ја извршуваат, ќе им се забрани да учествуваат на тендери до правосилноста на пресудата, а останува во игра и конфискацијата на нелегално стекнат имот.

Владата за законските измени ќе расправа на следната седница во вторник, а ќе треба да се најдат пред пратениците во Собранието на РСМ една недела подоцна.

„Предлагаме со овие измени на законот да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство. Со тоа, покрај Совет за безбедност и Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки“, изјави денеска Бујар Османи.

Со законските измени, обвинителството ќе мора да покрене постапка за лице кое се наоѓа на „црната листа“ на САД, доколку тоа од него го побара владата. Со започнувањето на постапката од обвинителството предвидено е да започне и постапка за конфискација на имотот на граѓаните кои се наоѓаат под санкции од САД.

Османи се надева дека ваквите законски измени ќе бидат усвоени брзо во Собранието од страна на пратениците, но и дека никој нема да си дозволи да го блокира законот, без разлика на тоа дали ќе има европско знаменце или не.

Ваквата изјава на Османи доаѓа по две недели откако владата пред Нова година информираше дека Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал одржало состанок, на кој се разгледувала можноста за зајакнување на рестриктивните мерки во однос на листата на санкции на САД.

„Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство“, информираа од Владата на крајот од декември.

Инаку, Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, Сашо Мијалков, Никола Груевски се само дел од лицата кои во изминатиов период се најдоа на „црната листа“ на САД. Последен на „црната листа“ на САД се најде бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, поради неговата вмешаност во значителна корупција, како што соопштија во известувањето од Стејт департментот. На него во декември 2023 година му беше забранет влез во САД.

Владата со законски измени – за лицата на „црната листа“ на САД ќе се отвораат постапки

Опозиционерот Никола Сандуловиќ делумно парализиран по нападот од српската тајна служба

Семејството на опозицискиот лидер Никола Сандуловиќ, кој наводно бил претепан од српската тајна служба додека бил во притвор вели дека тој е делумно парализиран од нападот којшто се случил откако се извини за злосторствата извршени од Србите врз етничките Албанци во Косово, пишува Гардијан.

Нападот врз опозиционерот Никола Сандуловиќ се случи на 3 јануари, кога тој бил одведен од неговиот дом од страна на припадници на српската тајна служба. Ваквиот епилог следи откако тој се извини за српските злосторства направени во Косово.

На семејството на Сандуловиќ дури по пет дена од неговото грабнување му било дозволено да го посети во болница. Ќерката на Сандуловиќ повика нејзиниот татко да биде префрлен во цивилна болница од воената установа во Белград во која бил сместен.

„Тој е комуникативен, но е целосно парализиран на десната страна, во инвалидска количка и во многу многу лоша здравствена состојба“, рече ќерката на Сандуловиќ во изјавата објавена преку Мајкл Полак, адвокат во Обединетото кралство кој дејствува за политичарот.

Семејството верува дека Сандуловиќ, водачот на Српската републиканска партија и редовен критичар на владејачката Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ можеби бил „отруен“, додаде таа. Адвокатите рекоа дека не можат да потврдат ништо за здравјето на Никола Сандуловиќ или за нападот додека не го одведат во цивилна установа со целосен пристап до лекари и адвокати.

Полак поднесе итен случај до Комитетот на Обединетите нации против тортура и формално побара пристап до цивилна болница. Тој вели дека Сандуловиќ бил заробен од српската разузнавачка служба, а потоа бил произволно приведен и измачуван.

Гардијан побарал коментар и од српската влада за овој случај.

Сандуловиќ беше жестоко критикуван во српските државни медиуми откако објави видео од минатата година во кое го посети гробот на Адем Јашари, основачот на Ослободителната војска на Косово, кој беше убиен од српската полиција во 1998 година заедно со 57 членови на неговото семејство за време на војната во Косово.

Во моментот на неговиот првичен гест, во февруари 2023 година, Сандуловиќ се извини за смртта на Јашари и неговото семејство. Тој повторно го објави видеото заедно со уште едно извинување во изминатите две недели, што предизвика критики од одделни српски медиуми.

„Јас сум единствениот политичар од Србија кој дојде да им оддаде почит на невините албански жртви, семејството Јашари, во Прекази. Се извинив и побарав прошка во име на Србите кои не го сторија тоа“, напиша Сандуловиќ на социјалната мрежа X на 2 јануари.

Се верува дека неговите коментари се причина за нападот врз него.

„Тој беше тешко претепан. Има скршено ребро. Кога го вратија дома, влегуваше и губеше свест и се жалеше дека не може да ја движи десната страна од телото“, вели адвокатот Полак.

И покрај тоа, Сандуловиќ беше уапсен еден ден откако српската полиција го врати во својот дом и неговото семејство не го видело до средата наутро.

Судијата му одреди притвор во времетраење од 30 дена откако беше обвинет, во отсуство, за наводно поттикнување национална, расна и верска омраза, дело според член 317 од српскиот Кривичен законик за однесување кое може да носи затворска казна од шест месеци до пет години.

Полак вели дека обвинението е јасно прекршување на Европската конвенција за човекови права за заштита на политичкиот говор.

Нападот ќе покрене нови прашања за намерата на Србија да се приклучи на ЕУ и ќе ги поттикне стравувањата во врска со нејзините односи со соседните земји, вклучително и со Косово. Нападот врз Сандуловиќ доаѓа во време на наводите дека неодамнешните избори биле наместени во корист на СНС на претседателот Александар Вучиќ, обвинение што Вучиќ го негира.

Во соопштение за нападот на Сандуловиќ во средата се јавија и од Европската комисија, во кое се вели дека е „во контакт со релевантните власти и засегнатите страни“. Од ЕУ велат дека секое притворање мора да биде законски оправдано и „секое веродостојно тврдење за насилство треба ефективно да се следи од страна на релевантните надлежни органи“.

Германија во хаос – по земјоделците, нов штрајк започнаа машиновозачите

Германија деновиве е погодена од серија на штрајкови, кои предизвикуваат големи проблеми во тамошното општество. По блокадите на земјоделците, во Германија денеска стапија на штрајк машиновозачите кои од почетокот на ноември се во спор со раководството на Дојче Бан околу висината на платите, јавува германската новинска агенција ДПА.

Прекинот со работа започна во два часот наутро во среда во патничкиот сообраќај откако претходно во 18 часот во вторникот прекина со работа товарниот железнички сообраќај. Штрајкот ќе трае до петок до 18 часот, објави германската државна железница Дојче Бан. Поради прекинот на работата на машиновозачите, на сила стапи вонредниот возен ред, во кој не се сместени 80 редовни поаѓања.

Дојче Бан вчера не успеа во итна постапка пред судот во Хамбург да го спречи штрајкот, а синдикатот на машиновозачи ГДЛ не одговори на апелот од вторникот навечер да се откаже од штрајкот и да се врати на преговарачка маса.

Истовремено, железницата ги повика германските граѓани да ги прилагодат плановите за патување со напомена дека прекинот на сообраќајот ќе трае подолго од штрајкот на машиновозачите бидејќи дури по крајот на штрајкот ќе може да се подготват возовите за поаѓање.

Штрајкот на машиновозачите се поклопи со протестот на земјоделците против владиниот план да се укинат некои нивни субвенции. Земјоделците ја почнаа акцијата во понеделникот и ќе трае секој ден до 15 јануари, а која вклучува блокада и успорување на патниот и градскиот сообраќај.

Истовремено, ДПА ја пренесува анкетата на институтот Југов, во кој се наведува дека повеќето граѓани имаат разбирање за протестот на земјоделците против укинувањето субвенции.

Така, анкетата изготвена за агенцијата ДПА вели дека 45 отсто од германските граѓани оцениле оти акцијата на земјоделците е целосно оправдана, додека 27 отсто сметаат дека донекаде е оправдана.

Одобрувањето на акциите на земјоделците е најсилно кај повозрасните додека секое петто анкетирано лице смета дека блокадата на сообраќајниците не е оправдана.

Земјоделците од понеделникот со блокадите и со возењата на тракторите низ Германија настојуваат да ја примораат владата целосно да се откаже од укинувањето на субвенциите за гориво на земјоделските машини.

Владата на канцеларот Олаф Шолц поради дефицитот во земјата го усвои предлогот за рестриктивен буџет за годинава, но под притисокот на земјоделците минатата недела се откажа од некои мерки. Ова не ги задоволи организаторите на протестите кои секојдневно организираат блокади во Германија што ќе траат до 15 јануари.

За Курти, Србија е опасност за регионалната стабилност на Балканот

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Србија претставува опасност за регионалната стабилност на Балканот, барајќи од српските власти да ги ослободат поранешниот припадник на ОВК Хасан Дакај и уште двајца косовски државјани кои беа уапсени на почетокот од месецов, пренесува Радио-телевизија Косово.

Во својот говор, премиерот Курти го спомена апсењето на косовски граѓани од страна на Србија, за кое верува дека претставува опасност за народот на Косово и стабилноста на регионот.

Премиерот Курти истакна дека приведувањето на двајца граѓани на српската граница не е изолиран инцидент и ја обвини Србија за злонамерно однесување што е во спротивност со меѓународните конвенции за човекови права.

Косовскиот премиер потсети дека Петрит Дулај и Незир Мехај остануваат во притвор во Србија и покрај официјалното барање за екстрадиција од министерката за правда, Албулена Хаџиу.

Хаџиу денеска побара меѓународна реакција за апсењата на косовски граѓани од страна на српската држава, пренесува Радио-телевизија Косово.

„Минатата недела двајца граѓани беа приведени и уапсени на границата со Србија. Таму Хасан Дакај и денеска продолжува самоволно да се држи. Ова не е првпат нашите граѓани да бидат мачени и држени во српските затвори“, изјави косовската министерка за правда Хаџиу.