Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски пред локалните избори во 2021 година вети општински субвенции за реализација на еколошки проекти со кои ќе се намали аерозагадувањето, нагласувајќи дека загадувањето е еден од најголемите проблеми во општината. Ваквото предизборно ветување е во тек на реализација, иако средствата што ги издвојува Општина Кисела Вода за решавање на проблемот со загадениот воздух се прениски и се далеку од доволни за надминување на проблемот со загадувањето.
Во предизборната програма „За Кисела Вода гарантираме. Создади нова иднина“, на страница 11, градоначалникот Ѓорѓиевски го има наведено следново ветување: „Загадувањето е еден од најголемите проблеми. Со цел намалување на загадувањето, Општината ќе субвенционира еколошки проекти кои ќе придонесат за намалување на штетната емисија на јаглероден диоксид, ПМ 10 честички и други емисии од штетни гасови“.
Мета.мк во три наврати на 26, 29 декември 2023 година, како и на 4 јануари годинава, по електронска пошта се обрати до Општина Кисела Вода за да добие одговори на прашањата колкави средства досега издвоила локалната власт од општинските буџети за 2022 и 2023 година како субвенции за реализација на еколошки проекти за намалување на аерозагадувањето, како и колкави средства се предвидени за субвенционирање на вакви проекти годинава. Прашавме и какви еколошки проекти се имплементирани преку инвестираните средства од субвенциите досега, а со кои се придонесува за намалување на загадувањето на воздухот. Воедно, се обидовме да дознаеме и какви се конкретните резултати од ваквите еколошки проекти што биле субвенционирани и реализирани со општинска поддршка. Одговори од Општина Кисела Вода не добивме.
За да го утврдиме степенот на реализација на предизборното ветување, направивме увид и во Отчетот за периодот 2021-2023 година „Орце Ѓорѓиевски, големи идеи за сериозни промени“. Онака како што е наведена како посебно ветување во предизборната програма, ставката субвенции за реализација на еколошки проекти не може да се пронајде како засебна ставка во Отчетот на градоначалникот на Кисела Вода како остварена активност.
Наместо тоа, она што би можело да се смета како субвенција за реализација на еколошки проекти за намалување на аерозагадувањето се јавните повици кои беа објавени во 2023 година за доделување финансиска поддршка за набавка на печки за пелети, за набавка на пелети како енергенс за загревање на домовите, како и за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради во Кисела Вода. Од општинскиот буџет во 2023 година беа издвоени средства во висина од 3 милиони денари за оваа намена.
Идентични субвенции од Општина Кисела Вода биле доделени и во 2022 година, кога пак за кофинансирање при набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради биле издвоени 3 милиони денари, а 1 милион денари биле издвоени како субвенции за набавка на печки за пелети.
Ова значи дека во досегашниот мандат на градоначалникот Ѓорѓиевски во Кисела Вода се издвоиле само 7 милиони денари како финансиска поддршка на еколошки проекти со кои треба да се намали загадувањето со јаглерод диоксид, ПМ-10 честички и загадувачки супстанци во воздухот. Колку за споредба, оваа сума е далеку помала од тендерот којшто го склучила самата општинска администрација за набавка на настрешници и тезги за пазар од 12.985.310 денари склучен во октомври 2022 година.
Врз основа на ваквите податоци, можеме да утврдиме дека предизборното ветување за доделување на субвенции за еколошки проекти кои ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето во Кисела Вода, формално е во тек на реализација. Сепак, доколку се изземе формалниот аспект и се земе во предвид сумата која е доделена за ваквите субвенции, извесно е дека средствата што ги издвојува општината се симболични и далеку пониски од други проекти што се реализираат во оваа општина, иако градоначалникот и во самата предизборна програма има наведено дека „загадувањето е еден од најголемите проблеми“ во Кисела Вода. Следствено на ова, и средствата од општинскиот буџет на Кисела Вода во иднина треба да бидат насочени првенствено кон спроведување на проекти и на мерки за справување со аерозагадувањето.
ИЗВОРИ:
Предизборна програма „За Кисела Вода гарантираме. Создади нова иднина“, проверено на 04.01.2024 година;
Отчетот за периодот 2021-2023 година „Орце Ѓорѓиевски, големи идеи за сериозни промени“, проверено на 04.01.2024 година;
Телма (15.7.2022 година): Од општина Кисела Вода ќе даваат субвенции за печки на пелети и материјали за фасада, проверено на 04.01.2024 година;
МИА (05.07.2023 година): Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети, проверено на 04.01.2024 година;
Електронски систем за јавни набавки: Договор за поставување на урбана опрема-настрешници и тезги за пазар, проверено на 04.01.2024 година.