Илјадници трактори во Берлин – почеток или крај на протестот?

Владата ги брани мерките за штедење и ветува некои други олеснувања, но отворено е прашањето дали е завршен протестот на земјоделците

Илјадници земјоделци дојдоа со трактори пред Бранденбуршката порта на седмиот и последен ден од протестот против укинувањето на субвенциите за дизелот. Сега прашање е дали сообраќајните блокади се завршени. (dpa - стандардни права на користење) Фото: Моника Сколимовска/dpa

Илјадници земјоделци го блокираа Берлин со трактори во понеделникот, во екот на еднонеделните протести против владата и укинувањето на субвенциите за дизелот, објави германската агенција ДПА. Според објавата, Владата ги брани мерките за штедење и ветува некои други олеснувања, но отворено е прашањето дали е завршен протестот на земјоделците.

Според проценките на полицијата, околу 8.000 земјоделци со 6.000 трактори влегле во авенијата кај Бранденбуршката порта.

Ним им се придружија илјадници симпатизери и други незадоволни здруженија, како она од Превножице. Претседателот на националната организација на фармери, Јоаким Руквид, го процени вкупниот број на учесници на околу триесет илјади.

„Повлечете го предлогот за зголемување на даноците, и ние ќе се повлечеме“, рече Руквид, опишувајќи ги предлозите на владата – која се откажа од другите мерки пред две недели – како „нефер и поган“.

„Тоа нема да го прифатиме“, вети тој.

Во обид да го одбрани планот за прекин на субвенциите, Министерот за финансии Кристијан Линднер им се обрати на насобраните, но се соочи со извици „губи се“ и свирежи. Тој најави дека е отворен да разговара за некое друго олеснување.

Укинувањето на стимулациите за дизелот за трактори „не е и не смее да биде посебна жртва на земјоделците, туку само праведен придонес“, рече Линднер, додавајќи дека „легитимниот и мирен“ протест успеал бидејќи се слушнал гласот на земјоделците.

Тој посочи дека на селаните им останува отписот на данокот на работните возила, како и надежта дека во следните две години постепено ќе се укинува субвенцијата за дизелот.

„Кога ќе истече таа субвенција, ќе истечат и некои оптоварувања“, додаде министерот, мислејќи на надоместоците за администрација, екологија и чување животни. Понатаму, рече тој, Владата треба да ја испита можноста за даночни олеснувања во лоши години за земјоделството.

Исто така во понеделникот во Берлин, водачите на земјоделците се сретанаа со шефовите на пратеничките групи на трите владејачки партии.

Во писмото за покана, политичарите најавуваат разговор не само за финансискиот товар, туку и за „неизвесноста во планирањето и економската перспектива на земјоделските претпријатија“.

Протестот со блокирање и забавување на сообраќајот низ Германија започна седум дена претходно. На завршниот состанок во главниот град, сојузот на земјоделски и еколошки организации повика на натамошни протести.

Алијансата Ние сме презаситени! (Wir haben es satt!) бара посилна државна поддршка преку низа мерки, како што се минимални цени за одгледувачите и финансиска помош за прилагодување на законските услови за чување животни, како и поеколошки користење на земјиштето.

Синдикатот повика на нови демонстрации во Берлин на 20 јануари, паралелно со Аграрниот саем и конференцијата на федералните и покраинските министри за земјоделство.

„Мора да заврши застојот на аграрната политика од претходната деценија“, рече портпаролката на алијансата, Инка Ланге.

Клаудија Герстер, земјоделец и член на националниот одбор на заедницата на фармери, ја осуди децениската ориентација на земјоделската политика кон извоз и намалување на цените, што ги уништи фармите и остави многумина без бизнис.

На фармерите им е потребна, рече таа, рамка на политика што ќе ги заштити од прехранбената индустрија и трговците на мало, како и сигурен план за прилагодување на условите за сместување на животните.

„Заштита на климата, благосостојбата на животните и различноста, сето тоа можеме да го постигнеме, но таа работа мора да биде профитабилна за нас“, рече Герстер.