fbpx

Мета факт: Во тек е вклучувањето на државните инспекторати во Е-инспектор

Пред два месеца, вицепремиерката Грковска и претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, најавија дека од март сите државни инспекторати се приклучуваат на дигиталната платформа, која беше најавена како можност за елиминирање на корупцијата. Со оглед на тоа што е почната реализацијата, ова ветување заклучуваме дека е во тек 

-

Единаесет државни инспекторати се веќе дел од системот Е-инспектор, додека пет чекаат да им се обезбедат технички услови во текот на следните десетина дена. Дигитализацијата на инспекторатите ќе треба да опфати уште 12 инспекциски служби, кои се внатрешни организациски единици на органи на државната управа, но тие ќе се вклучат во електронскиот систем во зависност од реорганизацијата и оптимизацијата на институциите од кои се дел.

Пред два месеца, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, најавија дека од март сите државни инспекторати се приклучуваат на дигиталната платформа, која беше најавена како можност за елиминирање на корупцијата. Со оглед на тоа што е почната реализацијата, ова ветување на Грковска и Рендевска, заклучуваме дека е во тек.

„Со поддршка на Европската банка за обнова и развој, од крајот на март 2024, сите инспекторати кои се под ингеренции на Инспекцискиот совет ќе бидат дел од Е-инспектор“, посочи Рендевска на брифингот со новинарите во февруари годинава.

Грковска, пак, истакна дека една од примарните цели на дигитализацијата на овие процеси е јакнење на антикорупциските механизми.

„Инспекторите се лицето на институцијата, затоа што тие се во секојдневен контакт со граѓаните, и во таа насока, зголемувањето на контролата и поголемата ефикасност и ефективност во работењето, скратувањето на времето за вршење инспекциски надзор и поголемата транспарентност е важно за јакнење на интегритетот на службениците, за индивидуализирање на одговорноста, но и за подобрување на генералната перцепција за корупцијата на сите нивоа“, посочи тогаш Грковска.

Како што информираат од Инспекцискиот совет, во моментов, Е-инспектор функционира на две околини, продукциска и тесна околина. На продукциската околина веќе работат Државниот пазарен и управен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Девизниот инспекторат, Комуналниот инспекторат, Инспекторатот за употреба на јазиците, за локална самоуправа, транспорт, градежништво и урбанизам и Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Останатите пет инспекторати, за животна средина, за земјоделство, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за техничка инспекција и Инспекциската служба на Агенцијата за храна и ветеринарство на продукција ќе бидат ставени до крајот на идната работна недела, односно откако ќе се направи ажурирање на податоците од регистрите.

Пред две години, Е-инспектор стартуваше со само три инспекторати – Државниот  пазарен инспекторат, трудовиот инспекторат и за Државниот управен инспекторат, а тогаш беше најавено дека пристап и за сите преостанати инспекциски служби се планира за 2023 година.

Од Инспекцискиот совет велат дека примарната цел на постоење на овој систем е борба против корупцијата, подобрување на бизнис климата и развој на процесот на дигитализација. Тоа треба да се реализира преку елиминирање на човечкиот фактор и субјективниот пристап при спроведување на инспекцискиот надзор, намалување на бројот на инспекциските надзори, подобар увид во податоците, скратување на времето потребно за спроведување на надзорот, намалување на административните процедури, спроведување на заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време, точна евиденција и формирање на електронска база на податоци. Посочуваат дека ќе се зголеми и транспарентноста, а јавноста ќе добие увид во работењето на инспекторите.

„Според Законот за инспекциски надзор, инспекциските акти, записникот и решението, кои се изготвуваат во рамки на инспекциската постапка се генерираат директно во системот е-инспектор, веднаш по завршувањето на надзорот, а инспекциските служби имаат обврска да ги објавуваат на својата веб страницата во рок од пет дена од денот на донесувањето на актите. Дополнително инспекциските служби имаат обврска своите шестмесечни извештаи да ги објавуваат на нивните веб-страни. Инспекцискиот совет за својата работа и работата на инспекциските служби поднесува Годишен извештај до Владата и истиот го објавува на својата веб страница. Сето погоре наведено е во насока на информирање на јавноста за спроведените инспекциски надзори од секоја инспекциска служба поединечно“, посочуваат од Инспекцискиот Совет.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски потврдува дека сè уште чекаат податоци да бидат внесени во системот, за да можат да го користат. Тој вели дека инспекторите веќе се регистирирани таму, а во прво време ќе ги внесуваат само вонредните надзори, кои се вршат по претставки од граѓани, а за неколку месеци и редовните. Стојковски очекува делови од инспекциската процедура да бидат многу олеснети, како на пример доаѓањето до податоци за субјектите кои се контролираат, но и соработката помеѓу повеќе инспекторати.

„Преку Е-инспектор ќе имаме увид во податоци од УЈП, Централен регистар, Службен весник и други институции, што на инспекторите ќе им заштеди многу време. Исто така, со колегите од другите инспекторати веќе нема да мора да комуницираме преку пошта, туку преку системот“, вели Стојквски и додава дека инспекторите за животна средина веќе имаат и електронски потписи, со што целата постапка ќе може да се заокружи дигитално.

Со оглед на тоа што процесот не е целосно завршен, но се најавува негово континуирано спроведување, може да се заклучи дека ова дадено ветување од државните власти е во тек.

 

ИЗВОРИ:

А1он.мк, 29.02.2024 – Од март сите државни инспекторати се приклучуваат на Е-инспектор (проверено на 11.04.2024)

Плусинфо.мк, 29.02.2024 – ОД КРАЈОТ НА МАРТ ЌЕ ПРОФУКЦИОНИРА Е-ИНСПЕКТОР Ќе се намали можноста за корупција кај инспекторите (проверено на 11.04.2024)

Мета.мк, 22.11.2021 Софтверот „Е-Инспектор“ ќе ја елиминира субјективноста при инспекциските надзори и контроли (проверено на 11.04.2024)

Писмени одговори добиени од Инспекциски Совет за Мета.мк на 11.04.2024

Усна изјава од Државен инспекторат за животна средина за Мета.мк на 11.04.2024

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Лажна реклама за чај ги злоупотребува аналитичарот Петар Арсовки и доктор Драган Даниловски

Објавата шири морбидна лага дека починал политичкиот аналитичар Петар Арсовски, чијашто фотографија е злоупотребена. Кога ќе го отворите линкот за да ја дознаете вистината, тој ве води на страница...