Радикалната десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) за првпат успеа да се искачи на анкетите со поддршка од 24 отсто од германските граѓани, покажува истражувањето на институтот Југов, јавува германската новинска агенција ДПА.
Ова е потврда на трендот за раст на поддршката на АФД од изминатите месеци, бидејќи партијата веќе подолго време на анкетите на различни истражувачки куќи котира на 20 отсто или повеќе.
За разлика од порастот на АФД, на најновата анкета за демохристијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ би гласале 29 отсто од Германците, што е за еден процент помалку во споредба со декември.
Владејачките социјалдемократи на канцеларот Олаф Шолц имаат поддршка на анкетата од 15 отсто. Втората по големина владејачка партија – Зелените на анкетите има 12 отстотна поддршка од гласачите, додека за најмалиот партнер во владата либералната ФДП би гласале шест отсто од германските граѓани. Најмалата партија во парламентот – Левица би добила поддршка од пет отсто од избирачите.
Во меѓувреме, претседателот на Службата за заштита на германскиот Устав, Томас Халденванг оценува дека многумина Германци недоволно сериозно ги сфаќаат заканите за демократијата со растот на популарноста на одредени политички партии и со пристапот кон антисемитизмот.
Германската демократија е под поголема закана отколку што политичкиот центар на општеството верува во тоа, изјави Халденванг за политичкиот магазин на телевизијата АРД. Според неговите зборови, тоа се искажува со рамнодушноста кон зајакнувањето на одредени партии, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Халденванг не кажа на кои партии мисли, но веројатно првенствено е насочен кон радикално десничарската АФД. Неговата служба во три германски покраини ја класифицираше АФД како екстремистичка, и покрај порастот на нејзината популарност на анкетите.
Халденванг изјави дека се надева оти молчечкото мнозинство во Германија ќе се разбуди и конечно ќе заземе јасен став против екстремизмот во земјата. Притоа, тој додаде дека безбедносните служби можат само под одредени услови да тргнат во акција против заканите за демократско уредување.
Тој додаде и дека антисемитизмот во земјата квантитативно и квалитативно преминал во нова димензија. Имено, властите во 2022 година регистрирале повеќе од 2.600 кривични дела поврзани со антисемитизмот, додека од терористичкиот напад на Хамас на Израел на 7 октомври бројот на ваквите напади се зголемил на повеќе од 1.200.
„Срамота е, срамно е колку во земјата од каде потекна Холокаустот сега отворено да се покажува антисемитизам“, изјави Халденванг.