Бизнис идеите на младите презентирани на првиот ден од Стартап Викенд Охрид

Викендов, од 26 до 28 април се организира второто издание на Стартап Викенд Охрид, настан кој е најголем од ваков тип во државата, а кој започна вчера попладне и ќе трае до утре (недела) вечер

Фото: Стартап Македонија

Викендов, од 26 до 28 април се организира второто издание на Стартап Викенд Охрид, настан кој е најголем од ваков тип во државата, а кој започна вчера попладне и ќе трае до утре (недела) вечер. Идејата е учесниците да ги преточат своите идеи во бизнис решенија, односно прототипи.

Организатор е Стартап Македонија, а Универзитетот за информатика „Св.Апостол Павле” е домаќин на настанот.

Младите професионалци презентирале околу 20 идеи пред менторите и останатите учесници на настанот.

Откако сите ги презентирале своите идеи, следувало гласањето, а учесниците чии идеи отпаднале, се приклучиле на учесниците чии идеи продолжиле понатаму, при што се формирале тимови.

Фото: Стартап Македонија

„Откако беа формирани тимовите, се одржа работилница за Бизнис модел канвас, на која што се разговараше за важнста и суштината на овој модел. Тимовите започнаа со работа на своите идеи во текот на ноќта, сѐ до финалното гласање, кое што е закажано во недела попладне. Нивната задача е да ги преточат своите идеи во бизнис решенија, односно прототипи“, раскажуваат организаторите.

Фото: Стартап Македонија

Во текот на вториот ден, тимовите ќе имаат и менторска поддршка од различни области кои ќе ја понудат својата експертиза, со цел да им помогнат на тимовите да дојдат до подобри прототипи.

„Нашата идеја е Omnilyst, воглавно тоа ќе биде платформа специјализирана за контент креатори и инфлуенсери. Искуството на целиов стартап викенд е доста едукативно, поради тоа што има многу голем број на информации на интернет, што може да ги најдеме и што може само да нè збунат во процесот на самата креација на бизнис. Фасилитаторот беше тука за да нè насочи и да ни помогне полесно да креираме еден квалитетен стартап бизнис“, вели Милента Петковска, учесник на Стартап Викенд и дел од тимот на Ommn.