Годинава ќе се бара концесионер за чистење на арсенот во Лојане

Ако не се најде заинтересиран приватен инвеститор годинава, алтернатива ќе биде пронаоѓањето на странски фондови со домашна контрибуција на принципот по кој во моментов се решава проблемот со линданот во ОХИС

Арсенот во Лојане во непосредна близина на основното училиште; Фото: Архива на Мета.мк

Државата во 2024 година ќе го распише јавниот повик за пронаоѓање концесионер што ќе го исчисти арсенот и другите отпадни минерални суровини во Лојане и Табановце. Ако не се најде заинтересиран приватен инвеститор, алтернатива ќе биде пронаоѓањето на странски фондови со домашна контрибуција на принципот по кој во моментов се решава проблемот со линданот во ОХИС.

Вакво објаснување дава државата на прашањето на Мета.мк што ќе се случува со расфрланиот арсен во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“ што е лоцирано на 100-тина метри од основното училиште „Рилиндја“, како и на втората локација во непосредна близина на железничката станица во Табановце каде треба да се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.

Од Министерство за животна средина и просторно планирање за Мета.мк објаснуваат дека има заинтересираност од инвеститори за да учествуваат на јавниот повик за давање под концесија на арсенот и другите минерални суровини. Постапката, односно јавниот повик за избор на концесионер, треба да се спроведат годинава и да се пронајде идниот концесионер.

„Министерството за економија ја има започнато постапката за издавање на депонијата под концесија, согласно Законот за минерални суровини која е и најсоодветно решение за отстранување на овој вид на отпад. Оваа постапка треба да се реализира на почетокот на 2024 година“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Идниот концесионер треба да го отстрани опасниот отпад од Лојане и Табановце и да го одложи на друга локација надвор од државата, за понатамошно искористување на металите кои се сега расфрлани на двете локации во Лојане и Табановце. Од Министерството за животна средина велат дека други активности за времено покривање и оградување на арсенот нема да го решат проблемот со загадувањето, со кое се соочуваат жителите од населените места во општините Липково и Куманово.

Подрачјето на поранешниот рудник за арсен „Лојане“ е идентификувано како еден од контаминираните индустриски подрачја и во Националниот план за управување со отпад во Република Северна Македонија за периодот 2021-2031 година, за што е потребно да се преземаат мерки за ремедиација. Извезувањето на арсенот и другите отпадни минерални суровини засега се гледаат како реална опција од државата за реализација што би започнала годинава.

„Ние сме во континуирана соработка со Министерството за економија за јавната набавка за концесија, а доколку истата нема да може да се реализира, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги разгледува опциите за трајно решавање преку донаторски фондови со домашна контрибуција, како што е случајот со отпадот во ОХИС“, е одговорот на Министерството за животна средина како објаснување за можната алтернатива за решавање на проблемот со оваа жешка еколошка точка во Лојане и Табановце.

Најпрво треба да се пронајде инвеститор што ќе пронајде економски интерес од извозот на арсеновиот концентрат кој содржи 50 отсто арсен и е во количества од 5.000 тони на локацијата во Лојане и Табановце, како и преостанатиот отпад од 450.000 тони во чиј состав има од 1 до 2 отсто арсен и антимон. Доколку ова не се случи годинава, тогаш ќе се примени случајот со линданот во ОХИС, односно државата ќе бара странски фондови за да се изврши ремедијација на теренот, односно извоз и уништување на опасниот отпад во странство.

Од Министерството за животна средина се повикуваат на физибилити студијата за рудникот „Лојане“, каде се предлагаат технологии за затворање, чистење и ремедијација, за идно користење на земјиштето, вклучувајќи ги и потребните средства за ремедијација. Опцијата која што чини најмалку е покривањето на депонијата, но таа е краткорочно решение и според цените на пазарот кога била правена физибилити студија ќе чини 3 милиони евра.

„Треба да се нагласи дека Студијата треба да се ревидира бидејќи е стара и веројатно потребните финансиски средства ќе бидат далеку поголеми. Долготрајното решение за ремедиација на контаминираните локалитети е секако отстранување на отпадот и одлагање во депонија за опасен отпад“, велат од Министерството за животна средина.

Од таму додаваат дека во земјава моментално нема депонија за опасен отпад од ваков вид, а и не е лесно да се определи точна локација за депонирање на ваквиот отпад, земајќи го предвид и искуството со формирањето на регионалните комунални депонии. Поради ова, најбезболното решение е извозот на арсенот и другите минерални суровини надвор од земјата.

Што ќе се случува со заедничкиот железнички граничен премин во Табановце?

Она што може да го искомплицира целиот проблем со расфрланиот арсен во Табановце е проектот за изградба на заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија. На веб-страницата на Европската банка за обнова и развој е објавена информацијата дека во јануари ќе биде распишан тендерот за изградба на овој објект, во кој во иднина треба да се сместат цариниците, полицајците, инспекторите, железничките работници и другиот персонал од двете земји за гранична контрола на сообраќајот.

Имплементатор на овој проект ќе биде Министерството за транспорт и врски, од каде не ни дадоа прецизен одговор што ќе се случува со расфрланиот арсен и другите отпадни материи кои се наоѓаат во непосредна близина на локацијата каде во иднина треба да се наоѓа заедничкиот железнички граничен премин во Табановце. Нема јасен одговор какви мерки ќе се преземат во иднина за заштита на здравјето на идните вработени, но и на патниците кои ќе минуваат покрај депонијата со арсен во Табановце.

Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк накратко објаснуваат дека годинава ќе започне изградбата на заедничкиот железнички граничен премин со Србија, а објектот ќе се вклопи во рамките на регионалниот проект за изградба на брзата пруга меѓу Ниш и Скопје, со крак до скопскиот аеродром.

Зошто арсенот во Лојане и Табановце е жешка еко-точка?

Мета.мк и Порталб.мк од 2021 година во континуитет пишуваат за проблемот со расфрланиот арсен во Лојане и Табановце, којшто е една од најопасните жешки еколошки точки во земјава. Жителите на Лојане пред нашите камери предупредија за загадувањето со тешки метали со кое се соочуваат секојдневно, како и за опасноста со која се соочуваат учениците од основното училиште кое се наоѓа непосредно до јаловиштето од рудникот.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Пензионираниот професор на Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов на неодамнешниот вебинар „Жешките еко-точки низ новинарска призма“ предупреди дека арсенот е докажано оти е еден од најтоксичните хемиски елементи што предизвикува рак кај луѓето.

Пензионираниот професор рече дека ветерот го разнесува арсенот во околината, а преку дождот се загадуваат водите од Кумановска река и Пчиња со арсен и антимон. Во кумановскиот регион е контаминирано подрачје од дури 10 километри квадратни поради расфрланиот арсен, а професорот Стафилов смета дека час поскоро најпрво треба да се извезе арсеновиот концентрат надвор од земјава, како и да се изврши ремедијација на целиот терен.

Тендерот за оградување на депонијата со арсен во Лојане ќе се објави најдоцна нареден месец